Владимир Костов „Свадбата на Мара“ Станот на Мара е на самиот врв од една висококатница. Тој има приемна соба, прилично просторна, кујна одделена од собата со завеса, претсобје и тоалетна просторија. Во поседството на Мара практично спаѓа и една многу голема тераса со која нејзиниот стан е поврзан преку врата, дополнително отворена на ѕидот од претсобјето. Терасата, според станарското право, им припаѓа на сите станари, но никој од нив не ја користи. Ретко кој има стапнато на неа, и само од слушање се знае како е таа уредена. На децата строго им се забранува да се искачуваат горе. Некои родители одат дотаму што ги заплашуваат дека Мара е вештерка и дека таму сешто може да им се случи. Инаку, терасата е уредена на многу необичен и интересен начин – со очевидна намера да се наложи што е можно понепосредно како дел од природата. Целата е послана со дебел слој земја. Како земјата е донесена горе, тоа никој не може да го објасни. Тука успешно вегетираат различни треви, жита, неколку корени пченка и сончоглед; исто така по неколку корени пиперки и домати; потоа, многу цвеќиња, повеќето полски, дури и трње; покрај оградата – џунџулиња, шебои, перуники; на едниот крај – една лозница, прилично разгранета; во нејзината сенка нешто како колиба од трски, долу послана со слама, а еден нејзин дел и со парче рогузина; на друг еден крај сосема примитивни кошари за пчели; потоа, еден кокошарник; па дупки за зајаци и други некои пребивалишта за животни и птици; рамките од двата широки прозорци што гледаат од собата во градината, начичкани се со ластовичини гнезда; на нив се изобесени и кошнички со цвеќиња. Зградата во која живее Мара е во центарот на градот, меѓутоа до нејзиниот стан не допира градската врева; едно поради тоа што станот и е на врвот од големокатницата, а друго поради бујниот растителен свет на терасата кој ги задушува шумовите што доаѓаат оддолу. Понекојпат, сепак, допира нејасен звук од трубењето на некое моторно возило. На неколку места во градината домаќинката поставила и едноставни дрвени клупи, како и неколку пенушки за седење зашто нејзе секојдневно и доаѓаат гости. Најмногу уметници. Потоа филозофи, професори и разни други. А многу често и питачи, скитници, пијаници. Но никојпат не и станарите од зградата. Напротив, тие презедоа и с# уште преземаат мерки за да се ослободат од неа и од нејзините пријатели. Особено во тој поглед е ангажиран секретарот на куќниот совет, Ситниџиев, кој прв алармираше дека Мара ја претворила терасата во зоолошка градина и дека во неа, покрај многуте опасни животни, сместила еден див човек и еден луд. Нешто подоцна тој рашири гласови дека во Мара се крие опасна подводаџивка, дека во нејзиниот дом наоѓале удобно засолниште многу распуштени мажи и жени, дека на терасата се приредувале оргии. Требаше тоа на лице место да се констатира со свидетели, па да се преземат правни мерки против неа заради заштита на угледот на станбената зграда. Една врева, според Ситниџиев - „бесна оргија", беше повод група станари, отпорано овластена од куќниот совет, заедно со чуварот на ноќниот ред да влезат во станот на Мара и да направат записник за затекнатата таму положба. Наидоа на незаклучени, дури малку подотворени врати, и влегоа без секакво најавување. Мара љубезно ги пречека и ги покани да седнат до нејзините гости - маж и жена, многу убаво облечени, и двајца други, одвај ли не распарталени. Меѓутоа, најмногу изненадени дојдените останаа од еден голем библиотечен рафт кој зафаќаше цел ѕид и кој беше преполн со книги. Таков амбиент не очекуваа. Тоа ги збуни и им ја затапи острицата на лутината. Се покажа дека вревата доаѓала поради разгорените литературни расправии. Домаќинката љубезно им се извини на состанарите и им вети дека во иднина таа и нејзините пријатели ќе бидат повнимателни. После тој случај луѓето од Куќниот совет му ставија во задача на Ситниџиев, како секретар на Советот, а и како судски службеник, да дојде до веродостојни податоци за необичната состанарка. И се покажа дека таа била библиотекарка во Универзитетската библиотека, дека, според мислењето на нејзините претпоставени, на своето работно место покажувала способност и уредност, дека во работниот колектив важела за добродушна, натпросечно интелигентна, културна и строго морална, но дека во приватниот живот правела по малку чудни ексцентрични постапки. Луѓето од Куќниот совет по добивањето на овие податоци не само што не го изменија својот однос спрема неа, туку, напротив, уште повеќе ја замразија. Нејзините натпросечни квалитети на работник и човек останаа за нив без никакво значење. Тие само ја предизвикаа нивната пакост. Затоа решија да продолжат со напорите да ја отстранат од зградата. Наоѓајќи ја со благ карактер, Ситниџиев почна да врши врз неа притисок, да ја прогонува, да ја застрашува, со цел да ја присили сама да го напушти станот. Нејзината преголема трпеливост со која ги поднесуваше неговите навреди, љубезноста со која му враќаше, го фрлаа во бес. Повеќе пати против неа беа поднесувани и пријави до судијата за прекршоци, божем за нарушување на јавниот ред и морал. Подоцна, беше товарена и за наводно вршење надрилекарска практика. Кога се дозна, пак, за претворањето на терасата во градина и за одгледувањето на животни во неа, а особено кога преку Ситниџиев пукна глас дека во колибата од нејзината градина живееле еден див и еден луд човек со кои божем експериментирала, таа беше прогласена за вештерка, а во петицијата до судијата за прекршоци, потпишана од сите станари, окарактеризирана како ментално растроена и опасна по животот на станарите. Овојпат судијата беше принуден лично и поподробно да го испита случајот, да ангажира за таа цел дури и вешто лице – психијатар. Меѓутоа, нивните испитувања не најдоа кај Мара ништо што би можело правно да ја товари; најдоа дека кај неа се работи за повисоко изразен степен на филантропија. Заради тоа што кај неа доаѓале боеми, разни авантуристи и морално пропаднати луѓе, и заради тоа што таа нив ги помагала материјално и морално, не можела, се разбира, да биде казнета. Напротив, нејзината дејност заслужувала пофалба и награда. Што се однесува до „дивиот" и „лудиот" човек со кои експериментирала, тоа било груба клевета. „Дивиот" бил филозоф, а „лудиот" - поет. А тоа што терасата ја претворила во градина на фауната и флората, во секој однос хигиенски одржувана, тоа не било ништо друго освен една повисоко изразена приврзаност кон природата; а можеби и еден бунт против техницизираниот свет. И сето тоа, пак, од човекољубиви побуди. Не пишувало во нашиот законик до кој степен е дозволена филантропијата, а од кој степен нагоре е забранета, па луѓето што ја практикуваат да се казнуваат. Луѓето од куќниот совет, меѓу кои имаше и угледни граѓани, не беа задоволни од решението на судијата за прекршоци. Тој го навреди нивното самољубие, им ја засегна честа. Затоа, уште повеќе ја засилија кампањата против Мара. Нивните мерки против неа беа прифаќани од најголемиот број станари. Имаше две-три семејства што не го делеа мислењето на Куќниот совет, но кои, сепак, не можеа јавно да се солидаризираат со својата необична состанарка зашто во таков случај би го навлекле непријателството од мнозинството и би го ставиле на коцка сопствениот углед. Со самото тоа што тие деликатно ја одбегнуваа кампањата против неа, во моментот најдобро и помагаа и прилично и ја олеснуваа положбата. Нив таа ги чувствуваше на своја страна, но наполно ги разбираше што тоа јавно не го покажуваа. Имаше други две-три семејства кои, пак, беа наполно незаинтересирани за случајот. Тие воопшто не сакаа да знаат што станува во зградата. Не признаваа никакви норми што ги налагаше колективниот живот. Не одржуваа врски дури и со најблиските соседи. Интересирањето на соседите за нив го сметаа за мешање во нивниот интимен живот. Во таа смисла тие не пречеа никому и не сакаа да им се пречи. Таквите меѓусебни односи на станарите во зградата и, посебно, односите на сите нив спрема Мара, ја доведоа неа во положба на изолација. Тоа сепак не значи дека Куќниот совет по пет години борба, откако ја жигоса и ја издели, престана да се интересира за неа и да ја гони. Таа и понатаму остана како редовна тема на дискусии. Се озборуваше наголемо. Она што се случуваше во нејзиниот стан и во нејзината градина постојано беше на увид и беше предмет на жестоки критики. Информации за тоа се добиваа преку Ситниџиев, а и преку Методија, најугледниот и најавторитетниот граѓанин што живееше во станбената зграда и единствен што можеше да си дозволи пристап во нејзиниот стан, а притоа да не го ризикува својот углед. Навистина и Ситниџиев влегуваше кај неа, но „службено", како овластено лице на Куќниот совет. Изнесувајќи ја положбата во домот на Мара, Методија никојпат не си дозволуваше да заземе критички, и, воопшто, личен став спрема, како што тој велеше, нејзиниот стил на живеење; уште помалку, пак, да си дозволи да изнесува епизоди што би ги потхранувале малограѓанските апетити на средината. Но и покрај тоа што угледниот Методија јавно не се изјаснуваше против Мара, со самото тоа што не се изјаснуваше и против кампањата што се водеше против неа, луѓето од Куќниот совет го сметаа за „свој" и се повикуваа на неговиот авторитет. Методија одвреме навреме ја посетуваше Мара, секојпат сам, а никојпат со жена си, и се задржуваше со неа и со нејзините пријатели во срдечен разговор. Сметаше дека негова должност е да ја посети како што ги посетуваше и сите други станари. „Јас си ги знам своите должности! " – имаше обичај да каже, при што мислеше не само на своите обврски што ги имаше како нивни претставител во Општината, туку, воопшто, на своите граѓански и човечки должности. И секој треба да си ги знае и да си ги врши! – велеше. Начините на кои ќе се извршат можат да бидат различни. Секој според можностите и способностите! Кога зборуваше така, наидуваше на одобрување и кај Мара и кај нејзините противници. Притоа имаше обичај да го наведе и примерот како тој за време на окупацијата, имајќи положба на чиновник во едно комесарство на окупаторот, не можел да не си ја исполни својата патриотска должност. И си ја исполнил на тој начин што, ризикувајќи го животот, својата дејност во комесарството тајно ѝ ја подредил на револуционерната организација. Вршејќи ги своите должности, Методија еднаш годишно заедно со жена си ги посетуваше дури и оние станари што го бојкотираа колективниот живот. И тие го примаа без приговор. Не можеше да замисли да го одбијат. Тој со својот благ израз, со својата вечно присутна насмевка и најзлонамерниот го разоружуваше и го придобиваше. Општо земено, во неговите посети, вклучувајќи ги тука и посетите што ѝ ги правеше на Мара, сите гледаа со благонаклоност како што во патријархалните времиња епархијаните благонаклоно гледаа на посетите од својот благочестив поп, вклучувајќи ги и посетите што тој им ги правел и на „заблудените овци" за да ги врати во „стадото". Но, интересно, „благочестивиот" Методија ги посетуваше станарите, ама тие него не го посетуваа, ниту пак тој ги покануваше да го посетат. Неговиот личен живот беше во сенка на неговиот јавен живот и не предизвикуваше интерес. Мара сметаше дека тој малку живее за себе и за своето семејство зашто постојано е обземен со мислите за другите луѓе. Таа дури наоѓаше дека нејзините и неговите животни цели се исти – да им помагаат на луѓето, но дека методите им се различни. Нејзе ѝ годеше што еден толку благороден и умен човек има разбирање за нејзиниот начин на живеење и го одобрува. Тоа тој никојпат отворено не ѝ го кажал, но таков заклучок сам по себе се наметнуваше од неговиот однос спрема неа, од дискусиите што ги имаше со неа и со нејзините пријатели. Нејзе ѝ правеше чест што тој ѝ е пријател. Мара живее во својот стан веќе пет години. За цело тоа време кампањата против неа непрекинато се одвива, при што час се засилува, час спласнува, во зависност од расположението на секретарот на куќниот совет Ситниџиев. Кога тој е нерасположен, умее лесно да ги предизвика станарите против неа; тогаш со посебно задоволство ја озборуваат, и дофрлаат навредливи зборови, а Ситниџиев ѝ се заканува и ја заплашува дека нејзината судбина е во негови раце, дека тој може да издејствува да биде исфрлена од станот без оглед што ја ужива наклонетоста на судијата за прекршоци кого очевидно го има маѓепсано; дека може да ја смести во некој казнен дом зашто јавно практикувала работи законски забранети; дека, на крајот од краиштата, може да ја смести дури и в лудница! Оправданоста на еден таков потфат таа ја потврдувала со секоја своја постапка. Мара трпи и живее во надеж дека с# ќе тргне на подобро. Таа верува дека благородниот Методија постојано се залага да и ја олесни положбата, да ги вразуми луѓето од станбената зграда, да го скроти нивниот бес, да ги облагороди. Но од сопствениот опит знае дека против глупоста и злобата човекова не се постигнува лесно победа. Но не губи надеж. Не губи надеж дека ќе дојдат подобри денови за луѓето, а тоа значи и за неа. Сепак, тоа не значи дека Мара досега немала среќни денови. Напротив! Заобиколена со многу јавни непријатели и лажни пријатели, таа имала многу среќни часови со вистинските пријатели. Меѓутоа, никојпат не била толку среќна колку за последниве две-три недели, односно по свршувачката со Величко. Денешниот ден, пак, таа очекува да ѝ донесе многу радост, најмногу отсекојпат, зашто денес е нејзината свадба. Зората ветува убав ден. Почнува да се обденува. Светилките на небото веќе се изгаснати. Уште само Деницата светка. Жителите на градината се во последниот, најсладок сон. Сè уште спијат и пчелите и мравките, дури и Петелко. Петелко е ранобудец и никојпат досега не му се случило да го најде сонцето заспан. И денес нема да му се случи, и никојпат нема. Денес особено не, зашто денот што доаѓа треба да се поздрави и да се прогласи како ден кога ќе се венчава неговата царица. Ама додека сонцето го донесе денот, има уште време, и затоа тој спокојно спие. Сите спијат. Не спијат само Секула и штркот Силјан. Тие двата ова лето немаат редовен и цврст сон; Силјан поради тоа што е стар; Секула, зашто тагува по својата Разделинка која ненадејно му умре. Секула и Силјан не спијат, ама се преправаат дека спијат, внимателно следејќи ги движењата на еден за нив непознат човек кој пред кратко време влезе во градината. Тој има огромна става, на себе носи кожувче без ракави, преку градите престилка, на нозете високи гумени чизми. Преку прозорчето од кујната човекот е следен од Мара. Тој нешто се спрема да прави, ама како да внимава и да не ги разбуди домашните. Одеднаш в раце му блеснува нож што почнува да го точи од една челична направа што му е обесена на појасот. Мара не може повеќе да гледа. Ги покрива со рака очите, се завртува и се пласнува ничкум покрај Величко, нејзиниот свршеник, кој исто така е во длабок и сладок сон. Човекот во градината е касап. Покрај неговите огромни нозе во чизми, испрскани со крв, лежи малечко бело јагне. Тој се наведнува над него и со своите големи, тешки, влакнести раце го фаќа јагнето многу внимателно, дури нежно, го положува настрана, му ја подзавртува главата нагоре за да му ја оптегне гушата, накратко – го спрема за колење. Јагнето не се противи. Дури како да го помага касапот во намерата. Кога овој констатира дека положбата на јагнето е згодна, само со еден рез на големиот нож му го пресекува грлото. Тоа сетува страшна болка, потоа болката престанува и започнува да чувствува како крвта се излива од него, како животот му бега. И јагнето прета, сака да се откине од рацете на убиецот и да потрча по животот, да си го врати, ама касапот не му дава. Нему му е доволно само со два прста, без никаков напор да го држи. Само уште неколку пати јагнето со задните нозе ќе спрета и ќе се стресе на дватри пати. И толку. Тоа е сè. Повеќе не постои. Во градината уште с# спие. Само мачката и кучето го чувствуваат мирисот на крвта и сакаат да се разбудат, ама магијата на сонот не ги пушта. Кога по извесно време ќе замириса и на месо, ништо не ќе може да ги додржи – тие ќе се разбудат. Единствени свидетели на сцената се само Секула и Силјан. И двајцата ја оценија постапката на човекот спрема јагнето како злочин. Ама тоа нема да им попречи на едниот да проголта црево од јагнето, а другиот подоцна да изеде парче печено месо. Касапот без да има чувство дека прави злочин, туку, напротив, дека прави добро дело, со посебна љубов ја применува својата касапска вештина во спремањето на јагнето. Кучето и мачето лакомо ги јадат отпадоците. Штркот би проголтал уште едно парче црево, ама кучето не му дава. Доаѓа до спор меѓу него и мачката. Ама мачката покажува неочекувана храброст и спремност да се бори за своето право, така што кучето е принудено да ѝ отстапи еден дел од отпадоците. Касапот со подготвеното јагне од кое сè уште се цеди по некоја капка крв, внимавајќи да не предизвика шум; со нечистите чизми влегува во приемната соба со намера преку неа да влезе во кујната за да го стави таму јагнето во некоја тава и, без да ја разбудува Мара, без да ѝ се јавува, да си оди. Во приемната соба неочекувано наидува на Благородна која, легната на отоманот и покриена со чаршав, спие втоната во длабок сон. Нејзиното преубаво лице го заслепува како сонце. Покрај главата немарно, однаопачки, зафрлена ѝ е левата рака, гола до мишката. За извесно време касапот е збунет, потоа, откога се созема, се колеба дали да продолжи кон кујната или да се врати назад. Ама Мара ја поддава главата од кујната и со гест го повикува. Касапот минува покрај заспаната Благородна со лесни чекори одвај допирајќи го подот, со притаен здив и речиси со завртена глава настрана, плашејќи се со поглед да не ја осквернави нејзината убавина додека таа спие. Во кујната, како на стара жена според патријархалниот обичај, се наведнува и ја бацува на Мара раката. Мара не се противи. Кога потоа зад неа го открива Величко, исполин легнат на подот под еден мал отоман, истркалан на легалото кое Мара за преку ноќта си го имаше подготвено за себе, заспан, речиси гол и откриен, тој малку се збунува. Забележувајќи го тоа; Мара го покрива својот свршеник со чаршав, а потоа од едно мало чанте што го зема од шкафот вади пари за да му го плати на касапот јагнето. Тој не ги прима. Таа настојува, ама тој енергично одбива. – Ова е нашиот подарок за твојата свадба – ѝ вели. Таквото внимание на Мара ѝ е пријатно, Таа прашува како е Ќифка и новороденчето. Добри; се. Ќифка многу ја поздравува, ѝ го честита бракот и ѝ пожелува многу среќа. Таа многу жали што не е во состојба да присуствува на нејзината свадба и да ѝ помогне во подготовките. Во овие поздрави и добри желби Мара ја подразбира и вечната благодарност на Ќифка спрема неа, зашто таа го тргна нејзиното момче од лошиот пат, од пијанството, и му го врати на семејството. Веќе сосема е обденето. Згасната е и Деница. Низ пустите улици на градот кој сè уште спие, кон станот на Мара брза писателот Чуле, низичок човек, шишкав. Иако е лето, оди во палто, износено, излитено и долго. Едната пола одвај што не му се влечка. Подвиткан е, стуткан, поради утринскиот студ. Рацете ги има пикнато во џебовите од палтото. Под мишка стиска голем тефтер, Едно прилично парче од левото уво му е скинато. Носи очила – тркалезни, плоски, врамени со тел. Неуреден е и нечист во алиштата, а изгледа има и вошки, зашто одејќи само се збира, ги крева рамената – се чеша. Касапот сè уште е кај Мара. Тој го положи јагнето во една тава, самиот го посоли, го подготви и го стави во електричната печка. – Е, сега збогум! – ѝ вели на Мара штом ја сврши сета таа работа. Мара го замолува да остане, да присуствува на венчавката, ама тој ѝ вели дека не ќе умее сам да се снајде меѓу гостите, зашто е прост човек, а нејзините пријатели се учени, дека, воопшто, без Ќифка секаде слабо се снаоѓа зашто по природа е срамежлив; а постои можност неговата сопруга уште денес да ја пуштат од Родилниот дом зашто сосема добро се чувствувала; во таков случај тој ќе треба да и се најде при рака. – Штом е така, не те задржувам. На поаѓање касапот пак се наоѓа опседнет од сликата што ја има за заспаната Благородна. Тој и сега не може да си дозволи да ја погледне, иако чувствува несопирлива желба. Но живо си го претставува нејзиното лице, главата зафрлена настрана и раката покрај неа, совршено складна, полна и гола до мишката. Него уште долго ќе го следи и ќе го измачува таа слика. Мара го допратува до скалите. На Ќифка ѝ испраќа поздрави, а на новороденчето многу, многу бакнежи. Тие со Величко ќе ги посетат уште утре, зашто таа е нетрпелива да го види бебето. – Ќе ни направите чест. Догледање. – Догледање. Мара се враќа во својот стан, во кујната. Низ улиците на градот остро одекнуваат чекорите на Чуле. Тој носи некакви војнички чевли. Брза. Наспроти него се задава докторот, сопругот на Благородна, заспаната убавица. Тој е стар и немоќен човек, но кој очајно се бори да не ја признае пред себе и пред светот својата старост. Во тие напори се потпира на утринските прошетки, на козметиката и на контешкото дотерување. Косата му е речиси жолта, многу проретчена на темето, мазно зачешлана и светната со лак. Носи летен бел жакет, бела кошула со панделка, во малото џепче – шамиче. Кога писателот му се приближува, докторот го поздравува со „Добро утро". Чуле го отпоздравува со некаков мрмор и, штом го одминува, клекнува покрај еден ѕид, го отвора тефтерот и, погледнувајќи два-три пати накај него, нешто забележува. Сонцето се појавува од зад еден рид како да е фрлено од катапулт и го осветлува градот. Тој величествен момент во градината на Мара, Петелко спремно го дочекува. Скокнува на оградата од терасата и, плеснувајќи со крилјата, започнува да кукурика. Притоа фаќа разни ноти, гласови, менува темпа – ја покажува својата пејачка способност најдобро што може и умее, зашто неговите песни имаат за цел не само да го објават раѓањето на новиот ден, туку на светот да му ја објават и свадбата на Мара. Гласот му е убав, полн, ѕвонлив и продорен. Тој е млад петел, донемајкаде личен и силен. Којзнае дали има друг петел во светот со толку истопорени гради, со толку голема и црвена кикиритка и со таква раскошна опашка. Трите кокошки од градината се приближуваат до него. Негова љубимка е Фросина, една млада кокошка со бели и меки пердуви. Најнапред се вртка околу неа, ја подгалува со крилото и чепка по некое и друго зрно, кокодака со длабоки предизвикувачки грлени звуци – го предизвикува нејзиното топло тело. Фросина не може повеќе да одолее. Тогаш тој ја чапнува со клунот за вратот и ја радува со својата свежа утринска сила. Сонцето свети ама уште не грее. Сите животни, птици и инсекти во градината се на нога. Само љубимчето на Мара, зајачето Ушко, с# уште не е станато. Тоа е разбудено, ама топло му е в дупка и не му се станува. Пополека почнува и да се стоплува, да станува пријатно. Движењата на жителите од градината стануваат с# пободри. Некои од нив започнуваат да се доведуваат во ред за свадбата на Мара. Неколку бумбари, на пример, црни по боја, ама и со нијанса на зелено, испечени од сонцето, дури препечени, со малечки чеканчиња си ги рамнат крилјата кои како да им се од ламарина. Други неколку бумбари, од друг вид, си ги подмачкуваат нозете и другите делови од телото со маст што ја испуштаат од устите преку цевчиња. Стариот штрк Силјан, пак, го раширил и го кренал крилото како платно на јарбол, и го крпи. Пчелите летаат по цветовите и се прпелаат во нивните чашки за да се обојат. Потоа со малечки четчиња си прават шарки по телото. Чуле брза со тефтерот под мишка. Наближува кон својата цел – висококатницата во која се наоѓа станот на Мара. Го упатува погледот кон нејзиниот врв од каде што надникнуваат стеблата од пченките и сончогледите од градината, потоа го симнува надолу и го запира на еден од балконите на првиот кат каде го забележува Методија. Овој е во кошула и со капче за спиење. Најмногу што му паѓа в очи од неговиот изглед е испакнатиот стомак и благата, дури преблага насмевка на лицето која како да му е прилепена. Прикрадувајќи се под неговиот балкон за да не биде забележан, Чуле брзо се мушнува во зградата. Одвај ги искачува скалите. Пред да влезе во станот на Мара, се потпира на ѕидот и се чеша. Потоа низ вратата која нема брава, влегува внатре. Бидејќи занесен, а и кусоглед, за да се увери дека не го згрешил станот, ѕвери наоколу за да открие познат амбиент. И открива: голем и висок библиотечен рам кој зафаќа цел ѕид, по другите ѕидови неколку уметнички слики, две ниски маси со фотелји околу нив, една висока со столици и отоман на кој спие прекрасна жена... „Отоман на кој спие прекрасна жена!" Во свеста на Чуле како да одекнува бомба. Зашеметен, тој ги превртува очите, се клати да падне, но се одржува, доаѓа на себе. Да, на отоманот спие непозната жена. Покриена е со чаршав преку кој има префрлено гола рака. Откриено ѝ е и рамото – голо, ѝ се гледа и дел од голата нога. Очевидно е дека спие гола. Таа е вонредно убава. Чуле ја гледа, ја гледа! Потоа брзо го отвора тефтерот, вади од џебот на палтото мало моливче, клекнува на колено и почнува нешто да пишува. На два-три пати се приближува кон заспаната Благородна напрсти за да не ја разбуди, ѝ го поткрева чаршафот и – пишува во тефтерот. Така с# додека во еден момент не открива дека наспроти него стои Мара. Таа ги прекрстила рацете на градите и го гледа. Чуле брзо го затвора тефтерот и станува. Се чувствува како да е фатен во недело. Во својата збрканост, место да се правда, тој обвинува: – Која е оваа жена овде? И што бара? – Здраво, Чуле! – А, тоа сте вие! Здраво, здраво! Чуле ѝ приоѓа на Мара. ѝ ја зема раката. – Ви честитам! Среќно! И веднаш продолжува како да сака што побргу да се ослободи од зборовите што ги има научено напамет: – Необично се радувам! Многу! Многу! Немам зборови! Ама ќе ги створам. Запален е пламенот за нив и јас ќе ги исковам. Како златници. Значи, ќе добиете една глава од мојот роман. Мара го гледа со сомнение. Таа смета дека тоа не се вистинските зборови што сака писателот да ѝ ги каже. Го зема под рака и го воведува во кујната за да не ѝ пречат на Благородна. Величко пак се отскрил, се оптегнал. Мара одново го покрива. Па го поканува Чуле да седне. Овој одбива. – Јас само дотрчав да ви честитам. Мара, по малку навредена: – Искрено речено, очекував тоа да го сторите уште дента откако телеграфски ве известив за мојата свршувачка. Чуле се брани: – А јас штотуку научив! Мара: – Не! – Да! Веднаш го прекинав пишувањето и еве ме за неполн час пеш од периферијата до центарот. – Значи ли тоа дека не сте ја примиле телеграмата? – Телеграмата јв примив. – И не сигурно денес, не пред еден час?! – Не. – Таа беше испратена пред повеќе од еден месец. – Да. – И вие сте ја прочитале дури денес?! – Ах, не! Ја прочитав уште тогаш. Сега Мара е навредена: – Па, да! И не сте почувствувале потреба уште веднаш да дојдете да ми честитате! Требаше да чекате да помине цел месец! Писателот, изгледа искрено разжалостен: – Ама вие не ме сфаќате! Она што тогаш го прочитав во телеграмата залутало во мојата глава. Денес дури на него наидов. – Ах! – ѝ се испушта еден очаен извик на Мара. Чуле се дообјаснува: – Моето суштество е фрлено во друг свет, Маро! Јас одвај, одвај овде се додржувам! Мара, сочувствително: – Кутриот мој Чуле! Чуле: – Ве молам дозволете ми сега да си одам. Ви ветувам дека ќе се подготвам да бидам во состојба целосно и докрај да сум присутен на вашата свадба кога таа ќе биде. Тој останува необично изненаден кога Мара му соопштува дека нејзината свадба е денес. – Кутриот Чуле! Кутриот Чуле! – загрижено му се обраќа Мара. – Вие многу сте се умориле, сте се изгубиле. Изгледа ни малку не се штедите. До крајност се исцрпувате. – Не. – Ме загрижувате. – Не грижете се. Тоа е занес. Инаку, полн сум со енергија. – Кога би било така! – Така е! Ве уверувам! Бидете спокојна. А сега би си отишол. Би дошол директно во Матичната служба. Во колку часот? – Зошто така? Кај матичарот треба да бидеме во десет и триесет. Искористете го дотогаш времето кај мене и одморете се, здивнете. Ќе се запознаете и со Величко. – Кој е тој? – Мојот свршеник. А готвам и убав појадок. Ќе си поткаснете. Ќе се поткрепите. – Не, не! Благодарам. Морам да одам. Времето ми е скапо. Јас сум под силна инспирација и водам постојана борба со времето за да ги нафрлам впечатоците на хартија. – Во таков случај не сакам да ви пречам. За мене е важно што вие пишувате, што сте во творечки занес. Уверена сум дека ќе напишете добро дело. – Ако сепак до тоа дојде, во голема мера тоа ќе биде ваша заслуга. Ама јас с# повеќе се сомневам дека напишаното ќе ги задоволи вашите барања. Тоа морам да ви го кажам. За да се напише добро дело, според вас, нели, на писателот му е потребно покрај оган, да поседува и вода? – Вие неа ја имате! – Секна изворот и жеден сум! Моето жито гори! Мара веднаш уплашено реагира: – Не смеете! Не смеете! Секаков песимизам треба да биде уништен уште в корен. Зрното треба да го зачувате. По секоја цена да го зачувате такво за да ја има моќта откога ќе згние, одново да се роди! Јас сум постојано до вас. Пијте од мојата вода. Сега писателот докрај се отвора пред неа. Од него само по себе избива она што навистина сака да ѝ го каже. – Зошто е потребно да се мамиме? – ѝ вели. – Вас повеќе ве нема. Вие си заминувате. Мара е вчудовидена, огорчена: – Како така – ме нема?! Кај сум јас? Чуле има готов одговор: – Едноставно, ве нема. Вие сега си имате свој човек. Вие сега си создавате свој дом. А да се создаде дом ништо не е полесно отколку да се создаде едно дело. Значи, потребно е да се има творечка сила. Значи, потребно е да му се даде оган и вода. И јас сум среќен што вие тоа ќе му го дадете во изобилство. Мара сака да го прекине, ама Чуле сака, пак, докрај да се искаже: – Непотребно е, се разбира, – ѝ вели – да ве убедувам дека се чувствтвувам радосен поради радоста во овој дом. Во тоа мора да ми верувате. Ама, сепак, не се работи ли тука за измама? Не ми се даваат ли доволно причини, откако ќе размислам за вашата свадба, да ја почувствувам измамата во сиот нејзин елемент и да паднам во очај? Мара исплашена: – Ништо не ве разбирам! Или, ако ве разбирам, вие сериозно ме загрижувате. Чуле: – Пишувајќи, дојдов до сознание дека с# е измама и дека сите се измамници! Дека царува лагата, лагата! Довидување! Мене страшно ми се брза! – Не! – викнува Мара. – Вие сакате да си одите без да ми дадете можност и јас да се искажам? Тоа е неприлично! Поткренавте важни прашања, фрливте и навреди. Простете што си ја земам слободата, ама јас сметам дека сте дете кое треба да биде искарано. Барам да останете! Писателот, очајно: – Немојте да барате, ве молам! Интуицијата ми кажува дека сè е свршено! Има знаци кои го потврдуваат тоа! Тој покажува на една мртва мува падната на подлошката од прозорецот: – Оваа мртва мува, на пример – вели. – Сè сте исчистиле, сте уредиле во оваа соба заради свадбата, но сте ги оставиле остатоците од оваа мува, мртва уште од лани, или оломнани, или од пред неколку години; сува е; има паднато од рамката на прозорецот, од некоја цепнатинка каде ја нашла смртта и се исушила. Крилцата ѝ се исто онака навезани како кога беше жива, ама никојпат тие нема да летнат, никојпат! Сфаќате ли? Никојпат! И да ве прашам сега: Има ли каква било суштинска разлика меѓу оваа исушена мува и балсамираниот Тутанкамон? Како бедно е измамен фараонот! Во каква стапица наивно паднал! Не, не! Мора да ме ослободите да си одам. Зашто сум преполн со експлозив. Се плашам ќе се распарчам. Го носам во себе сиот грешен живот на луѓето. А немам мир и од зборовите. Водам ужасна борба со нив. На живот и смрт. Им ги разоткривам тајните значења. Сам сум, сам, а сиот свет, полн со проблеми, е во мене! Тоа е товар што не се издржува, од кој се полудува! Чуле прави ужасни гримаси, се стресува. – Кој е овој мртов човек овде? – неочекувано прашува, покажувајќи на заспаниот Величко. Досега се однесуваше како да не го забележува, Зборуваше гласно, додека Мара шепнешкум. А и сега прашува гласно, дури наврекнато, смрачен е во лицето, незадоволен од Мара како таа да има вина за некаква неправичност во земските и вселенските работи. Мара го сожалува поради состојбата во која западнал. – Не е мртов – му одговара на прашањето. – Тој е Величко, мојот свршеник. Спие. Преполн е со живот. Кипи. Чуле цврсто стои на своето: – Сеедно кој е! – ѝ вели. – И сеедно дали спие или е буден, дали е преполн со живот и кипи, тој е мртов. Ништо не значи и тоа што е ваш свршеник и што му претстои свадба! Тој е мртов! На Мара ѝ е непријатно тоа да го слуша. Му се спротивставува, но со благ тон за да не ја повреди неговата пречувствителна и пренапната душа. – Не! – му вели, – Тој е жив. Спие. Чуле, категорично: – Сеедно, сеедно – тој е мртов! Или ако не е, ќе биде. Денес или утре. Зар тоа не е сеедно? Зар тоа битно ја менува работата? А нема да го спаси ни тоа што се потрудил преку вас да го остави своето потомство. Мара останува зачудена. Го погледнува прашално: Од каде тој би можел да знае за нејзината бременост која уште не ѝ се познава. – Интуицијата тоа ми го кажува – и вели Чуле. – Ќе родите син. Ама и тој ќе умре! А и синот на вашиот син, и сите ѓаволски синови на оваа земја! Ете тоа се вели правда! А тоа ќе биде и ваша сатисфакција за неправдата што ќе ви се нанесе! Мара: – Чуле, брате! Сфаќам! Сè сфаќам! Чуле: – Маро, сестро! Привид мој, заблудо моја – ти ништо не сфаќаш! Бидејќи човекот е смртен, глупава е неговата гордост. Тој е апсолутно никој и ништо! Бидејќи него забот на времето го јаде! Вчера, на пример, – читавте ли? – некој антрополог пронашол еден покрај друг, заб на човек и заб на бизон од пред милион години. Човекот веројатно го уловил бизонот и го изел. Му бил можеби свадбена гозба. Милиони години лежеле еден покрај друг! И за каков престиж на човекот воопшто може да се зборува?! За каква победа над природата? За каков победоносен ôд низ времињата? Утре само може да започне атомската војна и да се случи, да кажеме, вам да ви се падне да лежите во урнатините заедно со вашите зајаци; да лежите милион години додека не ве пронајде некој антрополог. Немојте да бидете наивна и да сметате дека имате некакво предимство пред зајаците поради тоа што секојпат можете да ги заколете и да ги изедете. Немојте да бидете наивна! Како оние младите на балконот. Чуле погледнува преку прозорецот. Но таму каде што гледа не може ништо да се види, освен оградата на терасата и небото. Момчето и девојката за кои сега зборува веројатно отпорано ги забележал на некој балкон, па сега ги користи како аргумент во полемиката. – Во моментов ним им се чини дека се вечни! – продолжува тој сега со една злобна ироничност. – Втонале во сладок занес! Да им се влепи по некоја шлаканица, малку би дошле на себе, би се разбудиле! – Ех, Маро, Маро! – пак си дава одлив на тешките и мрачни мисли што го зафатиле. – Ех, привиду мој, сону мој, заблудо моја! Гледаш ли, смртта само на една мува предизвикува во мене бура од немири, човечки и творечки! А на што ли ме предизвикуваат свадбите? При самата помисла на нив ме зафаќа очај, лудило! А паниката морам да ја совладам. Ти знаеш како пишувам. Ќе се затворам во онаа моја малечка соба и ќе го пуштам срцето да ги следи луѓето. Кога се враќам, капнато е од умора. Зошто? Зашто луѓето брзаат, развиваат огромни брзини. Не може да ги стигне. А зошто брзаат? Каде брзаат? Не може да каже. Не може да дојде до здив. Ќе го оставам да се одмори, да се смири, да се земе себеси. И пак: зошто, каде??? Немо е. Свадбата на Мара го онемела! Писателот Чуле завршува. Сега е ред на Мара да му одговори. – Сфаќам! Сè сфаќам! – му вели таа, сега спремна решително да му се спротивстави. – Вие сте разочаран во мене! Ме сметате истовремено и за измамница и за измамена. Насекаде гледате измами! Инспирирани сте од злото и од смртта! Сте се одвоиле од животот и очајно сте осамен! Ве потчинила на својата власт некоја опака, демонска идеја која ве настројува против луѓето! Дури да се луѓето и такви какви што ги гледате – немоќни, слаби, ништожни, да ги предизвикате против забот на времето што ги уништува, ваша е света должност! Да ги предизвикате против злото што ги опфатило е пак ваша света должност! Да ги охрабрите, да ги напоите со морална сила, да ги вдахновите, да ги поведите во бој, мој писателе, а не врз нивниот грб да ја потпишете нивната капитулација! – Чуле! – го предупредува таа, но помирливо, со благ тон. – Освести се, разбуди се! Погледни наоколу, погледни и во мене; јас не сум привид, не сум сон, јас сум Мара, – не ме познаваш ли – обична, најобична жена. Денес се мажам, а утре – интуицијата тоа ви го кажала – ќе имам дете. Тоа веројатно ќе се случи, ако веќе не се случило, и со оние двајца млади што си ги видел прегрнати на оној балкон. Тие одлично ги полагаат испитите пред животот. Животот не би морал да ги потсетува на нивните задолженија со шлаканици. А тебе, извини, можеби – да! Извини! Така би се разбудил, би ги ангажирал своите сили и полесно би го понел товарот што ти е даден да го носиш. Благородна е разбудена, но с# уште лежи. Таа го потслушнува разговорот. И Величко е разбуден, но се преправа дека спие. Со едното полуотворено око преку теснатинката од завесата ја гледа голата рака на Благородна. Мара на Чуле: – Ете, така! А сега можеш да си одиш! И не мора да присуствуваш на мојата свадба; не физички, ама неизоставно испрати го срцето. Испраќај го него по сите жаришта на животот. Свадба не испуштај! Присуствуваш ли на свадба, значи си на изворот на животот! Пиј од изворот, изнапиј се! Гаси го пожарот! Спаси го житото! По секоја цена да ја зачува моќта откога ќе згние, одново да се роди! „Како пченичното зрно, така и ти, о, срце мое, – му рецитира – треба да слезеш во земјата и да умреш. Не трепери. Инаку како ќе можеш да созрееш во класје и како ќе ги нахраниш луѓето што умираат од глад?" Мара и понатаму продолжува страсно да го разуверува писателот во неговото и да го уверува во своето уверување. – Добро, добро! – вели Чуле. – Јас сум можеби навистина дете кое заслужува укор. Тоа го вели сакајќи да остави впечаток дека прилично е разуверен во своето. Ама не е така. Тој си мисли: Нека зборува Мара колку што сака. Зар таа ќе ме научи како треба да пишувам? Зар некој воопшто може да ме научи? Мојата душа е поприште на борби. Мојот роман ќе биде запис на тие борби. Нека си зборува Мара, нека си зборува! Кој ја слуша! Нека си преде на своето вретено. А Мара зборува, го поучува: – Да бегате од секакви идеи! Ваше е да го насликате животот. Да им дадете на луѓето огледало да се видат. Да им подвлечете притоа некои нивни карактеристични добри и лоши црти, но така што и слепите да можат да видат, а глувите да чујат. И само толку. Ништо повеќе. Вашето е свршено. Разбирате? Важно, подалеку од секакви програми, од манифести некакви. Животот тече широко. Не може тој да се смести во коритото на никаква идеологија! Често некои добронамерни пријатели ми префрлаат дека јас во своите напори да им помогнам на луѓето, се разбира според своите скромни можности, не сум поаѓала од одредена концепција на доброто и злото според која би создала своја програма. Зар е нужно филозофско образование за да се има јасна претстава за доброто и злото? Се знае сосема јасно што е добро, а што е зло. Животот на тоа нè учи. Тој секојдневно исфрла по безброј примери. Животот е најдоброто училиште. „Преди Маро, преди! – си зборува во себе Чуле. – Место да ме поучуваш, кога би ми кажала која е онаа прекрасна жена што гола спие во собата!" На Мара, пак, ѝ вели: – Да, да! Божем се согласува со неа. – А сега би си отишол. На свадбата се разбира дека ќе дојдам. Направо во Матичната служба. Догледање. – Ќе ве допратам. Минувајќи покрај Благородна, Чуле, решен да не погледне во неа, тоа сепак не може да не го стори. По скалите ја прашува Мара: – Која е онаа жена што спие во собата? Ми изгледа дека имала бурно минато. Мара како само на тоа негово прашање да чекала. – Мило ми е што во вас е сè уште жив интересот за живите луѓе, – му вели – а не само за идеите што ги носите за нив. Инаку, таа имаше во план еден ден да му раскажува нему за Благородна. А би можела уште сега – зошто да не? – во општи црти да му ја претстави, за да му го предизвика љубопитството. Меѓу нив обајцата вообичаена практика е таа да му раскажува за своите интересни пријатели. Сето тоа тој го запишува со цел подоцна да го искористи како материјал за литературна обработка. Сега му кажува дека заспаната жена за која се интересира е Благородна, нејзината кума. – Има многу интересен живот. Сакате ли да ви раскажувам за неа? – Сакам. И наместо преку излезната врата да излезат на улица, тие свртуваат в лево и преку друга врата влегуваат во дворот на станбената зграда. Величко тајно, преку теснатинката од завесата ја посматра Благородна која сè уште лежи. Во еден момент таа станува. Величко преплашено се тргнува настрана. Благородна почнува да се облекува. Величко пак ѕирка. Потоа тој многу претпазливо, за да не предизвика шум, преку прозорецот излегува во градината; одовде во претсобјето, па по скали со трчаница на улица. Дворното место на зградата сосема е пусто. Еден пес само душка околу кантите со ѓубре. И во околните места, што можат да се видат преку разурнатата ограда, нема жива душа. Мара и Чуле седнуваат на една дотраена клупа. Таа почнува да раскажува, а тој да пишува во големиот тефтер. Благородна била жена со неверојатно богат и комплициран душевен живот. Вонредна убавица, интелигентна, чувствителна, образована, надарена, но и неморална во телесна смисла, според вообичаеното сфаќање на моралот. На младини имала големи и светли мечти и идеали, но и еден немир во себе што ја бунел и ја беспокоел. Набрзо почнала да го чувствува тој немир како определена сила на телото што фатила да ја застрашува и да и ги мати идеалите. Со силата на својот карактер вложувала напори да ги потчини тие сили, да ги стави под своја контрола зашто ја чувствувала нивната разурнувачка моќ. Ама не успевала. Тие постоеле сами за себе. Не ѝ се покорувале на нејзината волја. Имало моменти кога трескаво ја зафаќале. Тогаш се обидувала да ги скрие. Ама и во тоа не успевала. Момчињата со кои доаѓала во допир токму таа страна на нејзината природа ги привлекувала, неа ја барале во Благородна и се стремеле да ја потсилат, да ја предизвикаат целосно да се покаже. Таквиот однос спрема неа ја навредувал. Таа сè почесто и почесто доживувала горчливи разочарувања. Нејзините идеали се уривале. Нејзината нежна душа страдала. Чуле ја погледнува Мара од под око. Сака да дознае од каде таа може да знае подробности од интимниот живот на Благородна. – Благородна во сè ми се има доверено. Вистина не најотворено, но доволно јасно за да можам најреално да си го претставам нејзиниот живот. А се работи за интимен живот на една жена која ја почитувам. Уверена сум дека добро знам кому ги доверувам овие интимности – на еден сериозен писател кој се труди колку е можно повеќе да ги запознае ликот и опачината на животот. Чуле со поглед сериозно ја прекорува: Сака ли збор! Мара му се извинува. Покрај разурнатата ограда од дворот поминува стариот доктор, сопругот на Благородна. Ни тие него го забележуваат, ни тој нив. Неговите раноутрински прошетки се резултат на неговото верување засновано врз тврдењето на еден сензационалистички весник според кој утринските виолетови зраци го подмладувале организмот, предизвикувајќи во него младешки побуди. – Кога во својата дваесетта година – продолжува Мара – за време на своето студирање, Благородна констатира дека ниедна од нејзините младешки мечти нема да се исполни, кога констатира дека нема никојпат да го пронајде својот „принц", дека тој воопшто не постои, обвинувајќи го за тоа грубиот, бесчувствен и несовршен свет, ама не помалку и себеси како дел на тој свет, со истите негови пороци и недостатоци во себе, таа, како за инает на некој, – на кој? – на нејзиниот творец, на творецот на овој несовршен свет, секако, се пушти да живее против своите идеали, да ги урива, давајќи им по волја на поривите на телото. Светот што ја опкружуваше ја поздрави нејзината капитулација и триумфално ја прифати. Веднаш потоа таа сфати дека се работи, всушност, за нејзина лична капитулација. Тогаш жестото си префрли. Не беше во прашање, значи, никаква одмазда спрема некој, тоа беше само изговор, во прашање беше примка на блудната жена што ја носеше во себе. Себеси се сметаше за духот и душата, а телото – тело на друга порочна жена што го носи како ужасен товар. Попадната во примка, направи обид да се извлече. Попусто! Враќање назад немаше. Мораше да ја признае капитулацијата, мораше да ги легализира оние сили во себе против кои толку упорно се бореше. Чуле сè повеќе и повеќе се вовлекува во раскажувањето на Мара. Неговото перо како пиле пее по хартијата. Поттикната од интересот на писателот, Мара продолжува со поголема живост. Причините за расцепот во Благородна, всушност, биле длабоки. Чуле, кој според неа, покажува наклонетост и кон натуралистичкиот метод во литературата, тоа лесно ќе го сфати. Двете половини таа ги понела во себе како наследство од своите родители. Татко ѝ, по професија селски учител, бил човек со благ карактер, со многу нежна духовна и физичка конструкција. Благородна била уште сосема мало дете, а на некој начин доаѓала до сознание дека нејзината мајка вршела нешто недозволено. Таа ја потценила сознајната моќ на својата малечка ќерка и во нејзино присуство си дозволувала поведение кое грубо ги повредувало нејзините чувства што биле во формирање. Иако с# уште сосема мала, на четири-пет годишна возраст, не поголема, Благородна се отуѓила од мајка си, ја замразила. Почнала да живее со една мисла – заедно со татко си да ја напуштат. Ама не ја напуштиле тие неа, туку таа нив со својот љубовник. На татко ѝ тоа делувало поразително. Кога Благородна видела дека тој страда по неа, таа уште повеќе ја замразила, а ги изменила своите чувства и спрема татко си. Продолжила да го сака, но сега нејзината љубов била помешана со жал и презир. Уште од мала покажувала особина на гордост. За казна, ја исклучила мајка си од своите мисли. Ги избришала сите спомени во врска со неа – како воопшто да не постоела. И така без мајка, без ниедна мисла за неа, без ниеден спомен, го минувала своето детство заедно со понижениот татко. Но, отсуството на мајка ѝ беше сепак привидно. Таа се оставила себеси во неа; вистина потисната, но била и с# уште е во неа. Колку повеќе Благородна созреваше, толку повеќе таа се ослободуваше, толку повеќе се јавуваше со свои барања, со свои права на жена што ја родила. Како девојка, борејќи се против мрачните сили во себе, против поривите на своето тело, Благородна, всушност, се бореше против својата мајка, во заштита на својот татко. Но, никојпат немаше смелост да признае пред себеси дека мајка ѝ продолжува да го понижува татко ѝ, дека тоа срамно и подло дело го изведува преку неа. Перото на Чуле драска по рапавата хартија. Тој се наведнал над тефтерот како ѓуптин-острач над тркалото, острејќи нож. Врие од искри. Мара продолжува: – Распарчена на две, Благородна беше маченица. Себеси почна да се смета за грешница со чувство што им прилега на длабоко религиозни луѓе. А не дека беше религиозна. Ама, сепак, чувствуваше потреба да се кае, да се измачува и да се исповеда. Во други времиња сигурно би завршила во некој манастир како калуѓерка со трагичен живот. – Резултат на нејзината желба да се исповеда беа и писмата што ми ги испраќаше мене и во кои се подложуваше на беспоштедни критики; но никојпат не директно и отворено против себе, туку општо против луѓето, против несовршенството нивно, не исклучувајќи се себе од општата заедница. Притоа, користејќи се со сопственото горчливо искуство, не пропушташе можност во секое писмо да ме поучи и да ме посоветува. Беше жена што имаше вроден инстинкт да го зачува своето достоинство, дури и пред оние пред кои ја покажуваше својата нискост. Иако ниско падната, не можеше да не се почитува. На некој начин се имаше разбирање за нејзините постапки; се сметаше дека она што го прави, мора да го прави, дека го прави не своеволно туку под притисок на виша сила, дека нејзина вина во сето тоа нема. Со самото тоа што страдаше, никој не смееше да си земе за право да ја потценува, да ја озборува, да ја третира како лесна жена, иако таа постојано и со сè поголема страст живееше со животот на најниска жена. Перцето на Чуле, обично челично перце од старо ефтино стило, на едно место скршено па заварувано со писа, а на друго лепено со фластер, пишти како змија фрлена в оган. Поставено е прашање за карактерот на врската помеѓу Мара и Благородна. И како дошло до таа врска. Да, да! Мара е готова сè да изнесе. Сега накратко, а од утре, доколку е предизвикано писателовото љубопитство, и во подробности. Само првин требало да се знае за врската меѓу Благородна и докторот. Резулатат на нејзината решеност да страда бил и нејзиниот брак со него, триесет години постар од неа. Меѓутоа, Мара како што цени, на тој брак таа се согласила не без сметка за општествен и материјален стандард што докторот го овозможувал со својата титула, гола титула зашто лекарска практика речиси никојпат не вршел, и со своето наследено богатство. Тој брак, всушност, го побарала итрата сладострасница во неа. И токму за нејзин инает Благородна често го напуштала докторот; често се случувало да побегне со некој свој љубовник, макар што докторот никојпат не се јавувал како пречка меѓу неа и нејзините љубовници. Но, редовно напуштана од нив заради прељуба или сама ги напуштала или најдена на улица слаба, разгалена, ненавикната да се бори за својата егзистенција, пак му се враќала на докторот. Тој, зашто бил болно приврзан за неа, секојпат ја примал, дури повеќе, сам ја молел да му се врати, подготвен за секакви жртви и прифаќајќи најпонижувачки услови. А кои беа нејзините љубовници? А така, де! – си помислува Мара, задоволна од распаленото љубопитство на Чуле. Се разбира, таа ќе му раскаже за големата љубов меѓу Благородна и Илија. Сето ова што досега го изнесе не е она главното што сака да го каже за Благородна. Тоа беше само подготовка за главното. А сака да му зборува на писателот и ќе му зборува – за љубовта меѓу неа и Илија, која била со таква сила што ако завршела среќно можела наполно да ја отфрли превласта на порочните сили во нејзиниот живот и да воспостави во него поредок на мир и благодет. Љубов која не се оствари целосно, но која може допрва да се случи. Така Мара си помислува, а на Чуле му вели: – Ќе ви прикажувам и за нејзините љубовници, ама најнапред, како што и самиот претходно се заинтересиравте, накратко за моите односи со неа. Мара во нејзиниот живот заземала посебно место. Со едно чувство не христијанско, но во суштина такво, само ослободено од религиозноста, Благородна ја сметала Мара како свое добро дело за кое се држела цврсто како за своја единствена можност за спас. Од тие причини таа ја зела како дете од домот за сираци под своја заштита и го овозможила продолжувањето на нејзиното школување во гимназијата. Заедничката љубов спрема убавата литература многу ги зближила. Мара често доаѓала и престојувала во домот на Благородна како нејзин сакан гостин. Кон неа не помалку симпатии имал и докторот. Бидејќи малечка, слаба, запечена во растот, подоцна извишила и зацврснала, но со едно, како што велел докторот, необјасниво животно искуство својствено за постари луѓе, тој на шега ја нарекувал Старомало. Но, кога Благородна побегнала од него со својот љубовник за подолго време, врските олабавиле, ама со Благородна сосема не се прекинале, туку се одржувале преку писма. Штом одново се вратила назад, а тоа се случило на крајот од учебната година кога Мара завршила седми клас, оваа била поканета кај нив да го помине летниот распуст. Во случајов таа се јавувала како еден вид спојница на нивниот брак. Таква улога на неколкупати играла и пред тоа, а и потоа. – И токму тогаш, за време на мојот летен престој кај нив, се случи средбата на Благородна со Илија; се одигра нивната голема љубовна драма. – Кој е Илија? – Не се случило ли да се сретнете со него овде? Сигурно не, зашто вие одамна не доаѓате кај мене редовно, како што доаѓавте порано. А Илија од едно време наваму е мојот најчест гостин и еден од моите најискрени пријатели. Инаку, тој е новинар. Пишува за литературните рубрики. – Чкртало некое? – Не! Во никој случај! Напротив, силен и оригинален талент, само што, за жал, неискористен. Впрочем, ќе имате можност да го запознаете уште денес. Тој ми е кум на свадбата. Во секој однос е силна и оригинална личност, и јас сум сигурна дека во него ќе видите еден од своите најинтересни литературни ликови. Што се однсува до мене, јас нему сум му вечно благодарна зашто тој ми ја овозможи средбата со Величко. – Сега да ви раскажам за она што се случи меѓу него и Благородна – пред колку време? – пред осум години. А тоа што ќе се случи меѓу нив обајцата денес, ќе имате можност лично да го видите. Јас одгледувам голема надеж дека ќе се случи нешто прекрасно. А сега да почнам. Чуле се наведнал над тефтерот со перото в рака како ловџија на пусија. Мара се готви да го започне расказот за љубовта меѓу Благородна и Илија, но веднаш со горчина констатира дека речиси не ќе може ништо да каже, дека прегорела од преголемата желба многу да каже. – Голема љубов! – вели. – Голема љубов! Ама чувствува дека изговара банални зборови, зборови што немаат моќ да го искажат она што всушност сака да го каже. Пак се обидува, ама попусто. На крајот ја признава немоќта. – Речиси не ќе можам ништо да ви кажам – разочарано му вели на Чуле. – Можам да ви кажам само дека нивната љубов беше навистина, навистина голема. Ама со тоа, всушност, ништо не сум ви кажала. – Како се случи да се разделат? – ја прашува Чуле со разбирање за нејзината немоќ со зборови да прикаже една голема љубов. Мара раскажува така како да дава обични податоци. И така како што ѝ било раскажано од Илија. Благородна и тој имале намера да отпатуваат во Италија. Дознавајќи за нивниот план, на неколку часа пред заминувањето, докторот дошол кај Илија и му рекол дека неговата намера била нечесна. Него и други го краделе во бракот, но никој не така бездушно како што намеравал тој. Тоа што Благородна значела за Илија, милион пати повеќе значела за него. Ако ја оствари Илија својата намера, исто е како да направил злосторство спрема еден немоќен човек. Она што била негова, докторова вина во бракот со Благородна, тој бил спремен да ја плати. Да му ја плати нему побргу отколку на секој друг, зашто во него гледал своевидно благороден човек. Илија останал потресен. Докторот го уверил дека не смее да ја оствари својата среќа преку несреќата на друг. Веднаш по тој разговор со писмо се простил од Благородна, ѝ ја објаснил новонастанатата ситуација, и отпатувал сам. Набргу потоа она што му го нудел да го плати за сметка на својата „вина" во бракот со Благородна, докторот морал да им го плаќа на многу други, а едно време и на еден царински службеник по кого таа отпатувала заедно со докторот, кога цариникот добил службено преместување во еден друг град. – Оттогаш поминаа осум години, но врските, главно преку писма, меѓу мене и Благородна не престанаа. Постепено почнаа да се менуваат нашите улоги. Поучувач сè повеќе станував јас, а Благородна онаа која има потреба од совет. Ја исполнував улогата на поучувач што самата ми ја наметна, но внимателно, по заобиколен пат укажувајќи ѝ на грешките, за да не го повредам достоинството и престижот на учителот. За мене таа и понатаму остануваше голема, но на друг, за мене необјаснив начин голема. Сега таа ги наближувала четириесетте. Мир во себе уште немала најдено. Уште траела борбата меѓу двете половини во неа. Имало моменти кога Мара сметала дека таа борба во Благородна ќе трае додека трае нејзиниот век, дека мир и спокој никојпат нема да најде, дека ќе најде со смртта само. Но денес не мислела така. Денес таа одгледувала голема надеж во нејзиниот спас. Чуле го испушта перото од рака. Настапува еден драматичен момент. Тој ја погледнува Мара в очи: – По осум години од разделбата, велите, тие ќе се сретнат денес за првпат? – ја прашува. – И тука? – Да. – Ја очекуваат ли таа средба? – Не. Тука дијалогот за момент се прекинува, а потоа продолжува да се води, но немо: Мара и Чуле со погледи разменуваат мисли што се слушаат како ехо кое оди до небото и се враќа назад: – Значи, така? – Да, така! – Значи вие, покрај вашата, спремате и друга свадба?! – Да. – Ама и растурате една. Едни венчавате, други развенчавате. – Така испаѓа. – А дали е среќа она што се остварува преку несреќата на друг? – Не знам. Едноставно сакам Благородна и Илија да бидат среќни. А сакам и докторот да ги помине човечки достојно своите стари години. – Можеби ќе ги мине, а можеби не! – Јас одгледувам надеж. Овде немиот дијалог завршува. – Е па, довидување! – се огласува Чуле. Мара: – Довидување! И неизоставно ве очекувам на свадбата. – Неизоставно ќе дојдам. Јас не знаев дека на свадбите се плетела најзаплетената животна сплетка. Тие во прав час го завршуваат разговорот зашто во двориштето се појавува Ситниџиев во утринска инспекција. Забележувајќи ги, тој им дава неотповиклива наредба веднаш да се „чистат". Ајде! Ајде! – ги побрзува и со збор, и со гест, и со мимика. Тој е ситен по раст, слаб, со изразит нос – серто куче, џавкало. Мара го допратува Чуле до излезот. Од својот балкон со омразен поглед нив ги следи Методија. Потоа, откога Мара се разделува со Чуле, со наместена љубезност тој неа ја поздравува. – Добро утро! – Добро утро! – Ќе ве служи денес убав ден. Ви пожелувам среќа! – Благодарам. Па повелете присуствувајте на свадбата. – Неизоставно ќе дојдам да ви ја честитам. – Ќе ми направите чест. Сега е сосема разденето. Сонцето сè повеќе го осветлува и го стоплува градот. Се јавуваат еден по друг познати шумови. Тие стануваат сè почести, поразновидни, и доаѓаат од различни страни. По улицата минуваат првите минувачи. Минува и првиот автобус од градскиот сообраќај во својата прва обиколка. По околните згради се отвораат понекои прозорци. Во својата утринска „инспекција" Ситниџиев излегува и пред зградата. Штом го забележува Методија на балконот, заземајќи војнички став, го поздравува: – Добро утро, мој почесен претседателе на Куќниот совет! Како германските фрицеви: „Мој фирере". Методија, не сакајќи да биде претседател на Куќниот совет поради одговорноста на функцијата, да биде „почесен" немаше против. А стана тоа токму по идеја и на предлог од Ситниџиев за кој Методија претставуваше единствен авторитет во зградата. На лицето што ја вршеше изборната функција претседател му признаваше способност и с#, ама за претседател сепак не го признаваше. Единствена причина за тоа беше што тој имаше селско потекло. Преку тоа никако не можеше да мине. – Добро утро, – го поздрави сега Методија – мој почесен претседателе на Куќниот совет! Методија, покровителски: – Добро утро благороден и вреден Ситниџиев! Ситниџиев рапортира: – С# е во исправна состојба. Само една канта за ѓубре најдов превртена. Кучиштата на Мара го сториле тоа. – Ако. Но штом ја спомна Мара, знаеш – денес таа ќе не радува. – Знам, таа вештерка се мажи за еден идиот. – Ќе се свири таму, ќе се пее. Но ако, ако! Ќе потрпиме. Еднаш се мажи нашата Мара. Ситниџиев одлично сфаќа. Заземајќи војнички став, дава свечена изјава: – Ситниџиев нема да дозволи, мој претседателе, да се наруши куќниот ред! Кога Мара се враќа назад, во собата, покрај библиотечниот рафт, со книга в рака, ја затекнува Благородна. Двете разменуваат утрински поздрави и симпатии. Благородна е облечена, дотерана, а го уредила и отоманот на кој спиеше. Изгледа свежа, одморена. Насмевката ѝ е прелесна. Сè е на неа совршено и прелесно – обло, полно, мазно. По очите, очи на срна, ѝ се гледа дека страдала и страда душевно, но тоа на лицето и телото не ѝ се познава. Се чини како нејзиното тело да нема врска со нејзината душа, тоа како да живее свој посебен живот. На него ни годините како да не оставиле трага. Тие му влијаеле, но благотворно и сè до неговата зрелост кога престанале да делуваат и тоа, во зенитот на својата убавина, останало и чиниш ќе остане непроменето засекогаш. – Многу рано се разбудивте – ѝ вели Мара. – Или можеби ве разбуди нашиот разговор со писателот Чуле? – Веќе бев разбудена. Кој е тој интересен човек? – Ќе ви раскажам. А каде би можел толку рано да излегол докторот? Благородна ѝ објаснува дека тој од рано има обичај да прошета. Мара се интересира дали станал Величко. – Не. – Време е да стане. Отидов да го разбудам. А и да подготвам појадок. Во кујната, каде го остави Величко да спие, Мара не го затекнува. Кај може да биде? Во тоалетната просторија го немаше, го нема ни во градината. Ѝ доаѓа мисла дека тој излегол преку прозорчето. И не толку за да не ја разбуди Благородна, колку поради својата срамежливост. Има излезено в градина, а одовде низ претсобјето и преку столбиштето долу на улица. Отишол, као што ѝ вети, да ѝ купи свадбен подарок. Тоа ѝ го соопштува Благородна. – Се срамува од вас – ѝ вели. – Невин е како мома. Нешто подоцна, додека Мара се бави со подготвувањето на појадокот и околу месото што се пече, Благородна се интересира кај неа за сешто. Синоќа не можеше за многу работи да се распраша зашто доцна допатуваа со докторот. Пак прашува за тоа кој ќе биде друг сведок на регистрацијата освен неа. Мара пак не ѝ дава одреден одговор. А кој сè ќе биде во свадбената поворка, покрај младенците и свидетелите? Уште само Секула и Чопела. Кои се тие? Тие се, така да се каже, нејзини домашни луѓе. Ќе ги запознае. И докторот, се разбира. Ќе беше прекрасно во поворката да учествуваше и Вецко Мицев, ама тој е спречен. До единаесет часот има снимање за телевизијата. Веќе во дванаесет ќе биде овде. Со своите песни, со својата гитара ќе створи чудесно расположение. – Сте го слушале ли на некој концерт или преку телевизија? – Да. Зар тој е ваш пријател?! – Во последно време многу често доаѓа кај мене. Ќе се запознаете. Попладне на честитање очекувам и други гости, иако лично немам многу покането. Сакам да се одвива свадбата во кругот на најинтимните. Ама ќе ми дојдат познати, ќе ми дојдат! Многумина имаат научено дека денес се венчавам. Благородна, пак, се интересира за Чуле. Таа и не сакајќи, додека разбудена лежела на отоманот, го потслушнувала разговорот што го воделе в кујна. – Тоа е еден наш бивш службеник. Библиотекар. Многу надарен човек. Можеби генијален. Ама неизлечив песимист. Постојано во депресија. Стаса на работ од самоубиството. Единствен спас за него беше да се зафати со творечка работа, да го обземе творечка треска. Успеав да го наговорам да се зафати со пишување, ветувајќи му неговата скромна издршка да падне на мој товар. А тоа за мене, да бидам искрена, не е товар туку задоволство. Отсекојпат сум била поклоничка на литературата и, ете, ми се даде можност да станам и нејзин мецена. Тоа мое меценаштво изгледа смешно со моите мали заштеди, но ми прави задоволство што сум во состојба, повеќе морално отколку материјално, да му помогнам на еден талентиран човек да дојде до израз. – Ама тој изгледа е разочаран, зашто смета дека по твојата мажачка ќе те изгуби како мецена. – Можеби и поради тоа иако нема зошто да се мисли така бидејќи Величко никојпат не може да има нешто против моите интереси и потфати во литературата или да сака да се укине мојот скромен фонд велам, можеби и поради тоа, ама и уште поради многу други причини. Вие не можете да си претставите колку е тој, колку се сите оние што ја уживаат мојата голема морална и мала материјална помош, колку се сите тие комплицирани и деликатни луѓе. Тие сега се разочарани во мене зашто сметаат дека ме губат не толку како финансиер, колку како херој врз кого морално се потпираа. Тие сметаат дека јас капитулирав, дека паднав во стапицата на лажливиот живот. А јас сметам и сигурна сум дека со бракот што го склучувам не само што не се изменувам, туку токму каква што бев се потврдувам, дури и се надраснувам. За мене бракот не може да биде лажлива форма на живеење. Воопшто не е форма. Тој е суштина. Благородна сега се интересира како Мара се запознала со Величко, кој е тој и како дошло до бракот. Всушност, тоа прашање неа најмногу ја интересира. Мара ѝ кажува, ама криејќи ги интимните подробности. Благородна, пак, токму на нив инсистира. Мара се прашува нема ли кај неа болна љубопитност помешана со малку љубомора на жена во поодминати години? Не! Или можеби таа, нејзината благодетелка, во моментов сака да се јави како застапница на нејзината почината мајка. Благородна, всушност, има токму такви намери, ама не може јасно да ги пројави. Покрај прозорецот од страна на градината застанува Секула. Тој се загледува во Благородна. А и таа му упатува еден поглед. Еден краток поглед на искусна жена што ветува. Секула е строен млад човек, со нежно лице, мазно, по малку бледо, лице на таканаречени судбински поетистрадалници. Русникаво-костенливи меки кадрици му паѓаат на челото. Тој шетка по градината и одвреме-навреме застанува покрај прозорците насочувајќи го упорно погледот кон Благородна. Додека шета по градината замислен е, вовлечен во себе, занесен во некој свој свет. Судирот со убавата жена го враќа во овој свет. Тој се сепнува, очите му живнуваат, цртите на лицето му се разубавуваат. Се отвора како затворен цвет под дејство на животворната сончева светлина. Гледа во Благородна, се насладува на нејзината убавина и истовремено и самиот и се нуди за наслада. Притоа и се смешка како на жена со која има заедничка тајна. Ама по извесно време мислата што го владее, што го јаде како болест, како смрт, пополека му ја брише насмевката, му го гасне жарот во погледот, го отстранува од убавата жена, му го зафаќа целото суштество, страстно се нафрла врз неговата младост, се насладува со неа и истовремено ја уништува. Благородна настојчиво инсиотира кај Мара да ѝ се довери и слободно да и ја открие природата на своите чувства спрема Величко. Сега таа јасно се повикува на улогата што ја има како нејзина заштитница. На Мара ѝ годи таквата поставеност на Благородна. Ама од друга страна се наоѓа навредена зашто во нејзините настојувања забележува, или тоа е можеби нејзин предрасудок, нејзин комплекс на помала вредност, израз на сомнение и недоверба во исправноста на нејзините емотивни сили, особено на оние што се однесуваат на љубовните доживувања. Мара сака да ја разувери, да ѝ каже дека во тој однос чувствува сосема природно, но бидејќи сепак се работи за строго интимни чувства, нешто ја спречува тоа да го стори: – Не, не! Не ќе можам! – вели, откога се уверува дека не ќе може да најде згоден начин да го задоволи барањето на Благородна. Секула, пак, застанува покрај прозорецот и започнува на Благородна да ѝ се смешка и да ѝ дава и различни други знаци. Благородна веќе го има откриено присуството на мислата во него и тој попусто сега се труди. Неговата мисла се јавува како нејзина соперница и таа не е многу расположена со неа да се конфронтира. Сепак, и овојпат му упатува еден краток поглед – не го остава без надеж. Мара е завртена со грбот спрема прозорецот и не може да се досети што се случува меѓу неа и Секула. – Зошто не ќе можеш да ми кажеш што чувствуваш спрема Величко? – ја прашува Благородна кога Секула одминува. На Мара ѝ доаѓа идеја како да одговори. Се присетува дека пред малку кога се обиде на Чуле да му ја претстави нејзината љубов со Илија, беше немоќна тоа да го стори. Се присетува на тоа и веднаш наоѓа начин да се искаже. – Затоа што љубовните чувства не им се подаваат на зборовите! – вели и продолжува: – Тие, зборовите, можат да ме направат смешна или одвратна во желбата да ја искажам со нив силата, убавината и величината на моите љубовни чувства спрема Величко. Посебно мене, зашто не знам поради кои причини, сметана сум за неспособна да доживувам такви чувства. Сметана сум за аскет, натчовек некој, што ли, а ваму испаднувам обична жена. Тоа непријатно ги изненади многумина мои пријатели, дури и ги разочара. Секула, на пример, или писателот Чуле, како што ви кажував. Тоа, можеби, ве изненади и вас. Благородна сака да одрече иако Мара ги погодува нејзините мисли. Ама оваа не ѝ дава да дојде до збор. Мара сега и да сака не може да се запре. Тоа е еден изблик на чувства што се збирале отпорано. – Сите вие – продолжува – ме сметавте за аскет, за светителка некаква, но никој не за жена! А Мара уште од својата дванаесетта година мечтаела за својот свршеник. Секоја вечер заспивала во мислите со него. Го чекала упорно и трпеливо. Во надешта никојпат не се уморила. И тој ѝ дошол. Тој ѝ одговорил на желбите. Ете тоа ве изненади сите вас – што тој ѝ дошол. Што сум била во состојба да го привлечам. Можеби лично вас не ве разочарав, – не, секако, ама ве изненадив, ве изненадив како жена, како човек, воопшто. – Пријатно ме изненади – се правда Благородна. – Верувам. Ама, значи, ве изненадив. А зошто? Затоа што и вие ме сметавте за необичен човек. – Ама во позитивна смисла – се брани Благородна. – Еден вид херој. – Ете, гледате – херој! Значи и вие како и другите – херој! Ама херој не може да биде оној што пред се не е обичен човек и не чувствува обично, човечки. Човештвото многу настрада и страда од лажни херои, од оние што се ставале над него, од хероите демони. Божем угледни граѓани, на пример, го заложуваат сиот свој авторитет за да ме дискредитираат пред управата на Универзитетската библиотека, прикажувајќи ме како божем непогодна за работа со младина. Граѓани од истиот тој „углед" упорно работат да ме исфрлат на улица од овој стан за да не ја компромитирам станбената зграда. „Угледни" граѓани ме претставуваат како вештица. Малограѓанштината како и секојпат и денес се снабдила со у г л е д и, пак како и секојпат, има вид на добродетел. А зошто ме прогласуваат за вештерка? Ако не за таква, тогаш за граѓанка која ненормално постапува! Ако не ненормално, тогаш чудно, необично! Зошто? Затоа ли што, да го земам примерот со касапот, сретнав пијан човек на улица и го прибрав во мојот стан, а подоцна се ангажирав да го ослободам од тој порок? Тогаш необична сте и вие, зашто и вие зедовте под заштита едно сираче и му овозможивте образование. Значи, ненормална сте, опасна по општеството. Можеби степен или сто помалку од мене, ама ненормална и опасна! Така погледнато секое добро дело е ненормално и опасно. Тоа е демонска тактика. Тоа е начин на мислење всаден во главите на луѓето. Луѓето во мене гледаат дух! Некои лош дух, други добар. Разбирате ли? Дух! А не човек, не жена! Дури и сега кога се мажам и кога се најавува можност да бидам и мајка, дури и сега многумина остануваат со старото уверување, со уверување дека чувствата на таа жена не се в ред, односно дека Мара воопшто не е вистинска жена, туку вештерка. Други, пак, само ќе се посомневаат и ќе побараат тоа да го проверат. Благородна реагира на алузијата: – Неправична си спрема мене. Не мислев така. – Така мислевте, ама не бевте свесна. – Тоа е точно. И Благородна знае дека е точно. Таа сега за првпат сознава една заблуда за Мара што како матна вистина ја носела отсекогаш во себе. А сега ќе ви раскажам – и вели Мара – што се случи со мене и со Величко и како се случи. Оваа нејзина спремност да ги довери своите интимни чувства, бидејќи потенцирано искажана, од страна на Благородна лесно би можела да биде сфатена како еден вид нејзина одмазда. – Не мораш – се противи Благородна, не без извесна навреденост што и се чувствува во гласот. – Јас повеќе не инсистирам. Мара сега знае дека погрешно е сфатена. Брза да објасни: – Зошто да не? Зошто да не?! Немојте да мислите дека јас тоа ќе го сторам заради некаква одмазда. Кому да се одмаздувам? Зар вам?! Зар воопшто некому? Ми се даде, значи, прилика и сакам докрај да ја исползувам! Ама така не е! Воопшто не! Јас сум, едноставно, воодушевена. Триумфирам, ама над некој имагинарен непријател. Не воопшто над вас. Како би можела над вас?! Јас ве ценам, ве почитувам, ве чувствувам за своја. Вие бевте, сте и останувате моја добротворка, па според тоа имате право да барате да ви се доверам во најподробни интимности. И кому, ако не вам? Јас мајка немам. Вие со Илија сте мои најблиски. Вам, како на жена, и не само како на жена, ви давам предимство. Да, имате право да барате да ви се доверам. А и јас чувствувам потреба тоа да го сторам. И ќе го сторам. Името на Илија за првпат е спомнато. Во својата разгореност, Мара го спомнува спонтано. – Кој Илија? – ја пашува Благородна, прикривајќи ја лесната возбуда што ѝ ја предизвикуваат далечните спомени за Илија. Мара многу очекува од шокот што, се надева, би го доживеала Благородна од ненадејната средба со него. Таа средба би требало во обилство да им ги предизвика взаемните љубовни чувства. Од тие причини таа не сака да ѝ го открие Илија. – Не го познавате овој Илија – ѝ вели. На тој начин ѝ дава на знаење за својата известеност дека за неа постоел и с# уште постои еден друг Илија. Таа алузија на Благородна ѝ е пријатна. Нејзе ѝ се закануваат да ѝ се обноват спрема саканиот човек некои стари чувства со сета нивна сила, но таа, имајќи искуства со нив, не им дава можност да се развијат, туку брзо ги потиснува, подготвувајќи се да се потсети на него како на нешто многу мило, најмило, но одамна изгубено, па и преболено, нешто што предизвикува во неа благ бол и слатка горчина. – Прикажувај ми – ѝ вели на Мара – за средбата со твојот Величко. Со задоволство ќе те слушам. Мара благонаклоно ја погледнува. Таа го дофаќа нејзиниот пригушен бол. Ѝ сочувствува. – Ќе ви прикажувам – ѝ вели, решена сега колку е можно повеќе да ја отвори својата душа, сметајќи дека тоа благопријатно ќе повлијае врз неа. – Се сретнавме пред три месеци – почнува да раскажува. – И што се случи со нас? Она што се случува со безброј млади луѓе. А ете како: Испадна така што останавме сами во градината. Пред тоа со нас беше Илија. Ама тој си отиде. Изгледа намерно тоа го стори. Сакаше да нè остави сами. Ја погодуваше нашата желба да се најдеме насамо. Подоцна ми призна дека тој намерно и го довел кај мене, сметајќи дека Величко е човекот што ми е потребен, што го барам. Во што не се излагал. Илија него многу доборо го познава. Тој е од неговиот крај. Без родители како и јас. Тоа што сте вие за мене, тоа е Илија за него. Негов добротвор и заштитник. Во големиот град тој би се изгубил доколку не го прифатеше Илија. Дури му најде и убава работа во весникот. – И ви велам – продолжува Мара, – кога се најдовме насамо, ние ништо не зборувавме. Јас по нешто, ама тој ништо. Приглув е, и тешко се произнесува. Особено кога е возбуден. Вие тоа синоќа го забележавте. Нели? – Да. – Но, ништо тоа! Јас ќе го научам да зборува. Веќе почнавме со вежби. Мислам дека најдов и интересен метод. Го терам да чита книги. Избрани од мене. Потоа да ми ги изнесува своите впечатоци. Така се постигнува двојна цел: тој и се образува и се учи течно да зборува. Ќе видите што ќе стане од него! Не само што ќе научи да зборува убаво, но ќе има и што да каже. Меѓутоа, кога Илија не остави сами, како што ви реков, кога ние се најдовме насамо, јас, тој и ѕвездите над нас, а околу нас љубопитните жители на градината, Величко молчеше не зашто тешко зборува, не затоа, туку зашто во тие исклучителни моменти немаше потреба да се зборува. И јас немав потреба ама зборував по нешто туку-така, по навика. А ве уверувам, немав потреба од зборовите. Верувате ли? Ме сфаќате ли? – Да, да! – ја уверува Благородна, смешкајќи и се. – Нам душите ни зборуваа. Затоа и јас набргу престанав со зборување. Тогаш почнавме да си пренесуваме соопштенија преку невини погледи и срамежливи насмевки. И тоа неверојатно комплицирани соопштенија. Неверојатно деликатни состојби на нашите души. Тој ми кажуваше, од периодот на мојата дванаесетта година кога за првпат една пролетна ноќ го видов во моите мисли, па с# до моментот на нашата вистинска средба, кај бил, кај сè ме барал по светот, низ какви искушенија минувал, какви пречки совладувал, додека на крај не ме пронашол. Јас, пак, ништо друго не му кажував, освен дека постојано и верно го чекав. Тоа беа величествени моменти! Една единствена негова насмевка ми ветуваше живот и по смртта! Во тие мигови и во оние бескрајни што следеа по нив таа ноќ, ја спознав јас љубовта и се здобив со такво љубовно искуство што би било можно да умрам прикажувајќи за неа во неможноста да ја прикажам! Благородна со умилна насмевка ја гледа Мара како мајка што гледа во своето дете, горда со неговите дарби и способнссти, но и благодарна на природата што била дарежлива кон него. Секула, пак, е покрај прозорецот. Загледан е во Благородна, но погледот му е отсутен. На неговото лице има само остатоци од заводничката насмевка која се распаднала под дејство на чувствените сили што избиваат од Мара. Очевидно е дека нејзиното прикажување има дејство врз него, но не може од изразот на неговото лице да се разбере дали тој има разбирање и симпатии за она што таа го кажува или, пак, ѝ се потсмевнува. Мара почнува да го чувствува неговото присуство, Таа се завртува спрема него. Насмевката на неговото лице ја толкува како потсмешлива. Потоа погледот го завртува кон Благородна. Присуството на Секула во нејзината близина предизвикува нејзината насмевка да ја донесе во врска со неговата. Ја зафаќа пак излив на чувства. – Смејте ми се! – вели, обрнувајќи ѝ се на Благородна, и не навредена, да не го изгуби расположението, но не и без жичка на разочарување. – Јас тоа требаше да го предвидам! Ама ако! Слободно смејте ми се! Дајте ѝ по волја на смеата! Благородна сака да се оправда, да ѝ каже дека присуството на Секула погрешно го протолкувала. – Маро, мила! Но Мара воопшто не сака да ја слуша. – Не правдајте се, не правдајте се! – вели. – И немојте да се стеснувате. Слободно смејте ми се. Како вас би постапиле многу. Вие обично реагирате, нормално. Јазикот на срцето денес е смешен. А кога не бил? Денес нарочно! Тоа се разбира не чини. Тоа ме загрижува. Поривите на телото ужасно беснеат. Тие се закануваат да го опожарат човештвото и да го изгорат светот. Тоа многу ме загрижува. Ама, сепак, не толку за да паднам во очај. Сè што е добро, одгледувам надеж, ќе победи! Всушност мора да победи. Тука алтернатива нема! Благородна пак се обидува да се оправда, ама Мара не ѝ дава. – Ништо, ништо! – вели. – Не беспокојте се! Ништо не губите во моите очи. Јас ве почитувам и ве сакам не помалку отколку порано. Јас знам, во вас беснеат лоши сили и ве уништуваат. Но толку има во вас прекрасна душа, што не може да биде целосно уништена. И на крајот ќе се заврши така што прекрасното во вас ќе победи. Јас одгледувам голема надеж! Благородна одново се обидува да дојде до збор. – Ама, Маро! Мара никако не ѝ дава. – Не! Не обидувајте се! Немате што да ме уверувате. Јас сè ви верувам однапред. Пуштете ме јас да зборувам. Толку многу имам да кажам! Не знам што е со мене! Мора да сум многу среќна. Ми доаѓа да запеам! Ми доаѓа да ве прегрнам. Верувате? Ми доаѓа се да прегрнам! Сиот свет! Видливо и невидливо. Ова што постои и она што не постои. А ќе постои. Сигурно ќе постои. На секого и на сешто му ја давам својата гвубов! Сакам да го победам злото! Јас сум војник на љубовта! Некои ме прогласуваат за вештерка и сакаат да ме запалат на клада, да ме уништат. Ама тоа нема да им успее. Има добри и силни луѓе што не ме даваат. Па и да ме запалат! Од пепелта одново ќе се родам и ќе триумфирам. Јас велам: Нема да постои зло! Ј а с тоа го велам! Знам дека не мислат така многу генерали кои се токмат да го запалат светот. Па, што? Не им се плашам. Велам – зло нема да постои! Во ниедна форма нема да постои! Сè што ќе постои ќе биде добро, а ќе постои од љубов заради љубов! Сакате ли да ви запеам? Една песна за пчелата! Мара е во транс. Ѝ се внесува на Благородна в лице: – Сакате ли? Инсистира улавечки. Од неа се ослободуваат огромни сили. Жилите од гушата и набрекнуваат – слаба е, ама жилеста, од очите и избива пламен; цела е во сјај, ама црвен сјај со по некое сино пламенче од очите, па доаѓа уште погрда, дури грозна. Благородна се обидува да ја смири. – Седни, смири се! Ама таа не отстапува од својата идеја: – Сакате ли да ви запеам? – инсистира. – Една убава песна за пчелата! Јас сум спремна тоа да го сто рам, Толку сум прерадувана што сте кај мене и што ќе можам со сопствениот пример да ве лечам. Имам намера да ве сместам во мојот дом како во клиника. Нашиот среќен брак со Величко имам намера да го користам во лечебни цели. Брачната идила меѓу мене и него ќе има исцелително дејство на вас. Јас чувствувам дека ќе се случи со вас овде нешто убаво, прекрасно, нешто величествено! Јас многу полагам во вас, одгледувам голема надеж во вашите благородни сили! Особено во вашата убавина! Убавината е сила! Кој е толку убав на светот – која жена – како што сте вие?! Ах, колку имам страдано заради вас, заради вашето страдање! Вие сте разочарана во светот, и во себе како дел од светот. Светот ја злоупотреби вашата убавина, вашата сила! Светот вас ве фрли во очај. Животот ве изневери. Ама не беспокојте се! Сè ќе биде добро. Мојата песна ќе ви ја врати довербата во животот, мојата свадба ќе ви подари мир и блаженство! Мара започнува да пее. Всушност повеќе рецитира отколку што пее. Гласот ѝ е ѕвечлив: Лет, лет, лет од цвет на цвет со лесни крила! Пчеличке мила собирај мед, в овој радосен свет собирај, собирај мед! Мара пее и игра како балерина, подражавајќи лет на пчела, но со многу крути движења. Благородна ја гледа и зачудена и восхитена, и со сожалба и со радост. Неа ја гледаат и некои птички од рамовите на прозорците, малото зајаче, кучето Марко и Петелко. Штом завршува со песната и играта, Мара, с# уште во транс, застанува на среде собата, ја крева гордо главата и, како да му се обраќа на мноштво народ, со свечен и силно продорен глас исфрла парола: „Да живеат луѓето од сите народи и од сите раси! Мир и прогрес за човештвото! Љубов за луѓето! " Истиот момент Петелко од оградата на терасата му ја пренесува на светот добрата желба на Мара. Сега неа ја зафаќа едно чудно спокојство. Едно необјасниво блаженство и еден мир завладува со неа. Таа клекнува покрај Благородна како да е спремна на исповед и како во очекување на благослов. – Ние ќе имаме дете! – ѝ вели со шепот. И продолжува наивно: – Јас сакам да биде ќерка, Величко син. Ама нема да се лути ако биде и ќерка. Од оваа неочекувана вест Благородна останува длабоко трогната. Неколку мига ја гледа Мара со восхитувачки поглед, а потоа ја прегрнува и ја бакнува в чело, па ја гали и нежно ја милува по главата. Мара се кроти на нејзиниот скут. Таа по малку се однесува како разгалена трудница-првостинка. Благородна има разбирање за нејзината расположба. Таа знае дека нејзе ѝ е потребна нежност и закрила. Во прашање е отсуството на мајка ѝ. Тука е и признанието на Мара дека Благородна достојно ја заменува. Тоа нејзе ѝ е по волја. Таа сесрдно ја прифаќа одговорната улога. Трудницата легната на нејзиниот скут, опфатена е од херојско расположение, но истовремено по малку е и збунета, загрижена, дури и застрашена. Во прашање е една голема неизвеснот. Во прашање е извршувањето на еден чин кој го предизвикува големото прашање без одговор: Каков човек ќе се донесе на свет? Таа неизвесност Мара ја носи во себе како второ бреме. Благородна е на висина на својата улога. Таа успокојува, охрабрува, таа дава задоволувачки одговори и на најсложените прашања. И тоа го прави на волшебен начин, како впрочем и секоја мајка, само со нежни допири на раката врз главата на Мара. На тој начин достојно е сожалена оваа како маченица, но и призната како херојка. Петелко пее дали пее! Му ја огласува на светот благата вест. Токму во тоа време од еден луксузен хотел во градот, од хотелот „Слобода", следен од придружба, излегува Моно. Еден парајлија што вртка околу себе разни безделници. И самиот е безделник кој одамна ги заминал триесетте. Студент на академии за разни уметности во Франција, Италија, Америка, но без да дал ни еден испит. Висок е и строен, со женски манири. Облечен е во бел летен костум, направен од тенко, очевидно многу квалитетно платно. Сè е на него од првокласен квалитет. Општо земено, тој прилега на педантен, богат, антипатичен сноб од некое високо општество. Половина чекор зад него оди Рокан еден вид негов телохранител. И тој е богато облечен, во подробности на ист начин како и Моно, само што неговите алишта се од нешто послаб квалитет, колку само да се подвлече разликата меѓу господинот и придружникот. Рокан не е ниту педантен. Напротив, многу несмасен. Инаку е необично јак. Не многу висок, ама набиен. Калеш е, дури црн. Образите му се широки, надуени, мазно избричени и светнати со крем. Усните му се месести. Има навика често да го вади јазикот и да си ги облизнува усните. Моно и Рокан се спуштаат по скалите, минуваат низ паркот на хотелот и доаѓаат до една огромна, отворена луксузна лимузина. Влегуваат во неа. Рокан го зема местото зад воланот и тие поаѓаат кон станот на Мара. Во станот на Мара расположението предизвикано од радосната вест с# уште трае. Тоа ја достигнува својата кулминација со викот на Мара: – Доаѓа! – Кој? – ја прашува Благородна. – Тој! Тој е таткото на детето; детето – плодот на нивнатаљубов; Тој, прекрасен дел од времето и просторот, си шепоти Мара како молитва дел од една своја песна посветена на Величко, заокружен со линиите на своето прекрасно суштествување! При исклучувањето на сопругот од единството со љубовникот, еден ваков љубовен изблик каков што е овој на Мара би бил срамен. Вака, тој е химна на љубовта. Во претсобјето се слушаат шумови. Мара е веќе на нога, Таа се погледнува во огледалото, ја поддотерува косата, се подуредува. Настанува еден момент на очекување. Ама очекуваниот не влегува веднаш. По с# изгледа тој најнапред свратил в нужник. На Благородна и минува една мисла дека тоа би можело да биде смешно. И против волја веќе ѝ се заканува да ја зафати еден смев што би го нарушил свеченото расположение. Меѓутоа, таа бргу го потиснува тоа чувство. Расположението, пак, на Мара, нејзината поетска и љубовна воодушевеност, воопшто не спласнуваат. Таа трпеливо чека Величко да излезе од нужникот. На крајот Величко се појавува во собата. Тој е мошне млад човек. Очевидно помлад е од Мара. Здравјето, силата и младоста му се манифестираат преку целата негова појава, преку бодрите движења, но најмногу преку руменилото на лицето. Тоа му е полно, кожата мазна, оптегната и светната, усните полни, сочни, со завивки по краевите – речиси момински. Машкоста му е во ставата,стројна, силна и со карактеристични машки линии особено потенцирани во обликот на рамената и нозете, подзасилени и со конфекцискиот костум кој му е тесен, особено панталоните, припиени за телото така што тој доаѓа како оние херкуловци извајани од античките вајари со испакнати машки атрибути. Со еден збор, редок примерок кој Мара со право го опеала како „прекрасен дел на времето и просторот, заокружен со линиите на своето прекрасно суштествување." Оддава впечаток на продуховеност, ама се додека не почне да зборува. Тој е речиси полунем. Кога е возбуден, не е во состојба да проговори ни збор. Меѓутоа во такви случаи, бидејќи телесно напнат, убавите негови физички својства уште повеќе доаѓаат до израз, стануваат необично привлечни. Мара му приоѓа. Тој лесно ја прегрнува со левата рака. Во десната држи необична по форма, шапка со голем црвен пердув. Величко, се разбира, не би се сетил да ѝ купи на Мара свадбен подарок на самиот ден на свадбата. Тоа го направи по нејзина сугестија. А таа тоа така вешто го изведе што дури и самата успеа да се залаже дека во купувањето на подарокот нема нејзино влијание, дека тоа е чисто негова желба. А шапката мора да ја купил од тезгињата на циркусот. Денес е недела, и трговските дуќани се затворени. Во близината, пак, има циркус. Дури и самата шапка многу прилега на шапките што ги носат кловновите. Мара му се поднаместува на Величко да ја бакне. Изгледа тоа им е обичај. Тој ја бакнува. Притоа погледот му се судира со погледот на Благородна и се засрамува. Клепа со очите. Присуството на убавата жена го збунува. Мара се поднаведнува за да ја стави шапката на глава. Таа ѝ стои многу грдо и ја прави смешна. Величко испушта неартикулирани гласови кои треба да значат комплимент. Мара му благодари. Ја зафаќа бран од среќа. Сака да се воздржи, ама не може – среќата ѝ бара издишка. Таа го прегрнува својот свршеник и ги прилепува усните на една од завивките на неговите усни. Бакнежот ѝ е звучен и сочен. Со воздишка си дава одлив на големата наслада. Потоа на Величко му приоѓа Благородна. – Како си? го прашува. За да ја чуе, тој мора да ја наведне главата, а таа да го повтори прашањето. Толку блиското присуство на таа убавица го прави да се црви и да се поти. Кога се наведнува над него, таа му испушта в уво топол здив. Тој здив него го скокотка, пријатен му е ама и непријатен. И, воопшто, присуството на таа жена покрај него му е пријатно и непријатно; таа го привлекува и го плаши истовремено. Мара се дотерува со шапката пред огледало. Потоа им се приближува на Благородна и на Величко. Приближувајќи им се, желна за ласки, им го наметнува својот изглед кој ја предизвикува кај Благородна преѓешната желба за смеа. Ама со вонредни напори и овојпат таа ја потиснува, дури успева да ѝ искаже на Мара и неколку комплименти. Оваа ѝ благодари. Благородна продолжува, сега ослободена од пакосната желба да ја уверува дека ѝ е многу мило што ја гледа среќна, алудирајќи притоа на нејзиниот избор на Величко како нејзин свршеник; исто така и тоа дека таа, Мара, наполно ја заслужува среќата, имајќи ги предвид нејзините одлики на жена со кои рамноправно влегува во брачна заедница со Величко. Мара токму така ја разбира. И задоволна е, и мило ѝ е што Благородна го одобрува нејзиниот избор и што има симпатии за нејзиниот брак. Секула како темна сенка минува покрај прозорецот, застанува кратко и одминува. Започнатиот разговор сега е прекинат. Благородна прашува: – Кој е овој млад човек и како се нашол на тераса? – Тој е Секула – објаснува Мара. – Заедно со Чопела Џганов летните месеци спијат в градина. Да не се исплашивте синоќа од нивното присуство? – Не. – Зашто Секула често и ноќе снова по градината како месечар. – Не забележав. А кој е тој, всушност? Кои се тие двата? – Чопела Џганов е филозоф. Секула е генијален поет кој, за жал, досега не напишал ниту една песна. Ама ќе напише. Јас одгледувам голема надеж во него. Тој ќе створи голема љубовна поезија. Нему скоро му умре Разделинка, девојка која силно ја сакаше. Докторот се враќа од својата прошетка. В рака држи букет цвеќиња. Свежо е избричен и намирисан. Изгледа доаѓа право од берберница. На неговото лице јасно се видливи огромните напори да се додржи неговата свежина, ама резултатите се отсутни. На него кожата е млитава, полумртва и никакви козметички средства не можат да ја освежат. Единствен впечатлив белег на неговото лице што напоменува на поминатата бурна машкост се тенките мустаќи, грижливо одгледувани и дотерувани со боја. Штом влегува, докторот најнапред ги поздравува младоженците. – Како се чувствуваш, младо момче? – го прашува Величко. – Топро! Топро! – му одговара Величко. На Мара докторот ѝ го подарува букетот. – На цветот, цвет! – ѝ вели. Ваквиот негов гест нејзе ѝ годи. Таа многу љубезно му благодари и нему и на Благородна. Веднаш по ова следуваат уште порадосни моменти за неа. На желба на Благородна докторот го отвора куферот со кој синоќа допатуваа. Тој е полн со свадбени подароци. Благородна еден по еден ѝ ги подава на Мара. Најважен подарок е еден бел свадбен фустан. Мара е земелушена од радост. Благородна бара од неа да го облече. Ако евентуално не ѝ е по мера, да се повика шивачка која би го. дотерала. Се покажува дека фустанот добро ѝ стои. Сè до појадокот се зборува што било. Мара е многу зборлеста. Ама главен збор, сепак, има докторот. Тој е духовит човек и прикажува досетки. Сите се смеат на неговите духовитости, а најмногу Величко. Тој малку може да чуе од докторовите прикажувања, ама смешни му се неговите гестови и мимики. Величко има симпатии за него и поради тоа што тој; и покрај господскиот изглед, е многу срдечен и воопшто не горд човек. Во него Величко не гледа ништо што би можело да го застраши, да го засрами и да го обеспокои. По сè изгледа и Благородна е срдечна, добра и не воображена, само што во неа сепак има нешто што застрашува и што носи неспокојство во човека. Колата со која се возат Моно и Рокан брзо и лесно се движи по улиците на градот. Моно со двоглед ја разгледува околината. Во еден момент на едно пазариште забележува тепачка. Особено му паѓа в очи еден маркантен човек што сам се пресметува со неколку други. Но колата одминува и таа слика се губи од неговиот поглед. Всушност, тепачката што ја забележа Моно и не траеше долго. Само што започната, таа, еве, завршува. Гледајќи со кого имаат работа, напаѓачите се повлекуваат. Појавувајќи се од зад едно тезге, на маркантниот човек му приоѓа еден друг, ситен, исплашен, со престилка – очевидно трговец. – Ви благодарам за помошта! – му вели. – Ништо. И секој друг би му дал помош на човек нападнат од неколку други. – Ретко кој... Јас немам чест да ве познавам. – Јас сум Илија, новинар. И трговецот се претставува: – Џаџо. Позната фирма. Трговец на патлиџани. – Ги мразам трговците. Тие продаваат расипана стока. – Трговецот е слаб трговец ако не умее да продаде расипана стока. Илија го пронижува соговорникот со замразен поглед. – Бевте ли удрен во тепачката? – го прашува. – Благодарејќи на вас, ниту еднаш. – Ниту еднаш? Не е право еден расипан трговец да не биде удрен ниту еднаш во тепачка со луѓе што ги измамил. Таа неправда јас веднаш ќе ја исправам. Со еден молневит удар Илија го кутнува трговецот под тезге. И си го продолжува патот минувајќи покрај зачудените граѓани, случајно таму затекнати. Во приемната соба од станот на Мара се почнува со појадокот. Тој е многу обилен. Мара ги повикува на трпеза Секула и Чопела Џганов, ама тие одбиваат упорно. Поточно, Секула одбива; Чопела е спремен да им се придружи, ама Секула не му допушта. Тие, како што тој ѝ вели на Мара, не сакаат да ја нарушат интимата на друштвото. Тоа е речено иронично, со зајадлив јазик. Откога Мара е свршена, Секула често во обноските со неа е зајадлив. Тоа неа ја боли. Таа и сега му забележува дека е неправичен и уште еднаш го поканува да се приклучи на трпезата и да се чувствува меѓу гостите еден вид како домаќин, еден вид како нејзин брат. Тој пак одбива. Ѝ вели дека е гладен. Дека два дена нема ништо в уста ставено. Но дека сепак нема да седне на трпезата на која би можел да биде сметан за туѓ. Ако е таа сè уште милосрдна како што беше до скоро, или, поточно, ако случајно сè уште се наоѓа по нешто во неа од нејзиното прочуено милосрдие, со оглед дека се работи за глад, би можела нему и на неговиот професор Чопела Џганов да им подаде по едно парче леб, и тоа да им го подаде така како што им се подава на питачи – преку прозорец, без да им се дозволи да го пречекорат прагот на куќата. Тоа нека биде последна нејзина милост. По свадбата тој и Чопела ќе се требат некаде. Каде? Сеедно каде. В неврат! Мара пак го прекорува дека е крајно несправедлив спема неа, но изразува надеж дека во најскоро време тој во Величко, нејзиниот свршеник кој по два-три часа ќе стане и нејзин законски сопруг, ќе види свој брат, како што во неа гледаше и сè уште гледа своја сестра. – Мавнете ми се сосе него од пред очи! – мрмори Секула. – По цели ноќи не спиете! Ве гледаме со професорот и ве слушаме со каква страст му се подавате на ѓаволот! Мара се преправа дека не го слуша или дека не го разбира. А го разбира и од срам црвенее. – Јас се надевам дека ќе ви се поврати довербата спрема мене – му вели таа и поаѓа да им донесе храна. – Надевајте се! Надевајте се! – со една зајадлива иронија ја испраќа Секула. Потоа тој го менува тонот. – Тешко им и горко им на тие што се надеваат! На крајот ќе бидат измамени! Тоа го вели тешко изговарајќи ги зборовите како пророк што се заканува. Мара се враќа и им подава големи парчиња леб и месо. Повеќето од забите на Чопела му се испаднати, како на стар пес, ама тоа не му пречи да се насладува во јадењето. Јаде лакомо, шлапка со устата, испушта неартикулисани извици и воздишки; уште недоџвакани ги голта залаците. На трпезата владее добро расположение. Само што Величко не може да си даде слобода во јадењето. Тој би јал многу, како и секојпат – по свршувачката со Мара особено; неговото младо и силно тело има потреба од храна. Мара тоа го знае и го поттикнува да јаде, му понудува одбрани парчиња месо, ама тој не може да си даде слобода поради присуството на Благородна. Нејзината близина му носи срам, страв и неспокојство. На Мара ѝ проаѓа грижата предизвикана од однесувањето на Секула откако си даде уверување дека на крајот с# ќе испадне добро. Грижата ја минува како облак и одново ја зафаќа ведро расположение. Таа пак станува зборлеста. Позборлеста дури и од докторот. Јаде со апетит и сè нешто зборува. Го објаснува дури и својот апетит, ама откога се уверува дека Секула не е покрај прозорецот и не ќе може да ја чуе. – Чуден апетит! – вели. – Јас никојпат така многу и така слатко не сум јадела како од свршувачката наваму. Какви обилни оброци! Веќе почнав да ги чувствувам на себе. А и колегите од Библиотеката тоа го забележале, па започнаа да се шегуваат на моја сметка, односно на адреса на мојот Величко. Алузијата ѝ успева. Докторот избувнува во смеа. Весело се смее и Мара, ама и со точно пресметана доза на срамежливост, како божем дополнително да се сетила каде излегла шегата. Мара е разигран дух. Сè ѝ поаѓа од рака. Волшебна е. Благородна има симпатии за неа. Со нежни и благи погледи го опфаќа нејзиното тело и навистина го наоѓа пополно, дрочно некако. „Тоа е и поради нејзината бременост" – помислува. Појадокот завршува и сега се пие кафе. Неочекувано во собата влегуваат двајца за Мара непознати луѓе. Моно и Рокан. Мара им приоѓа. – Повелете! – им вели. – Добредојдовте! – Се извинуваме, ние влеговме без најавување! – ѝ се обраќа Моно со чиста дикција и со прилично силен и ѕвечлив глас, проследен од не многу забележителен, но сепак присутен носов призвук. – Само повелете! – Баравме ѕвонче на вратата – немаше. Гледам: вратите ширум отворени! – Немам потреба од ѕвонче – му објаснува Мара. – Исто така и од клучови. Вратите од мојот дом се отворени за секој и во секое време. Денес нарочно, зашто денес е мојата свадба. Моно испушта еден извештачен извик кој истовремено треба да значи и пријатно изненадување и сочувствување со нејзината радост. Тој ѝ честита на Мара и ѝ изразува сожалување што тоа не го знаел, па дошол без подарок и без цвеќе. Но сепак, со дозвола на нејзиниот свршеник, тој е во состојба нешто да ѝ подари. – Мојот свршеник ќе нема ништо против, како и јас, ако навистина чувствувате потреба да ми подарите нешто и ако подарокот е со добри намери. – Чувствувам вистинска потреба. Сакам да ви подарам еден прстен, со најдобри желби за вашиот брак и со желба тој да ве потсетува на еден случаен намерник. Моно ги раширува прстите на обете раце за да одбере прстен. Тие му се, така да се каже, начичкани со прстења. Некои од нив се неверојатно големи и виртуозно филигрирани. Моно извлекува еден од малиот прст на десната рака многу убаво изработен женски прстен со зелено камче и внимателно ѝ го наместува на Мара на раката. Оваа му благодари. Моно сега се претставува. По професија – уметник, поет и на тоа слично. Го претставува и Рокан кој како поздрав кучешки ги облизнува муцките. Моно ја објаснува и причината на нивната посета, доколку не биле упатени на погрешна адреса. Тој ја бара Мара, библиотекарка во Универзитетската библиотека. – Да, јас сум. Со што би можела да ви се ставам на услуга? – Јас сум богат но несреќен. Речено ми е дека еден од тајните патишта на среќата водел преку овој дом. Многу несреќни отседнале овде како во клиника. – Точно. Тоа го сториле многумина и сметаат дека имаат подобрување. На што конкретно се жалите? Моно упатува поглед кон Благородна, која исто така го гледа и одвај забележително му се смешка – надежно. – Сакам да имам една жена! – вели тој, гласот му ѕвечи, во очите му светка пламен. Иако мошне женствен, не е без извесна машка енергичност, како и без некои други машки признаци. Изразите на лицето, на пример, му се прилично остри и груби, усните тенки, свиткани како кај циници; носот нешто подгрбавен; околу него неколку ситни бенки. Косата – по краиштата малку побелена. – Сакам да имам една жена која не ме сака! Или, поточно, се колеба и не може да се реши. Дали воопшто некојпат ќе ја имам? – Зависи што ве води кон неа, каква идеја, какви чувства – му вели Мара. – Зависи и од тоа колку вие навистина сакате да ја имате, колку сте постојан во чувствата, колку е цврста вашата волја. – Јас сум постојано обземен од неа – објаснува Моно. – Досега безброј пати сум се обидел да ја придобијам, и имам подготвено, така да речам, безброј стапици во кои секоја друга безброј пати би се фатила, ама таа не! – Мора вашите планови слабо да се смислени. Изгледа се потпирате само на умот. Умот е немоќен без срцето. Идејата ќе ви остане неостварена додека не ја оплодите со искрата на чувството. За љубов се потребни двајца. Во стапиците што ги правите првин треба да се уловите себе – ловецот, дури тогаш ќе ја уловите и птицата. – Јас сум одамна фатен. Ама таа никако да се улови! – Не очајувајте. Важно е да се сака цврсто, истрајно и постојано. Притоа да не се очајува. За скоро време таа ќе увиди што губи во вас, и ќе се одлучи. Нема желба што ќе остане неисполнета ако целосно, со максимум волја се сака да се исполни. Јас петнаесет години го чекав Величко, и тој на крајот дојде. Доволно е само да не се очајува. Да се постапува како планинар што освојува врв стапка по стапка. Нема врв во светот што не е освоен. Ќе нема планета што не ќе биде освоена. Тоа луѓето го сакаат и ќе го остварат. Луѓето сакаа да летаат – и летаат. Сакаат да бидат бесмртни – и ќе бидат! Дојдете да ве запознам со моите луѓе. Мара ги запознава новодојдените најнапред со Величко. Потоа им ја претставува Благородна. Оваа одвај забележително му климнува на Моно со главата и пак надежно му се насмевнува, а на Рокан му упатува алчен поглед на што тој одговара на свој, кучешки начин. Кога им се претставени на докторот, овој грубо им го завртува грбот, мрморејќи нешто на нивна сметка. Мара сега се досетува која е „птицата" што ја гони „ловецот". Ѕидниот часовник отчукнува девет. – Ау, времето одминало! – се изненадува Мара. – Да не задоцниме на регистрација! Матичната служба не е така близу. А Илија уште го нема. Ако сакате, можам да ви ја ставам на располагање својата луксузна кола – ѝ понудува Моно... Таа негова понуда е примамлива и Мара се замислува. Но, сепак одбива. Претпочита, како што и планираше, поворка која ќе појде пеш, според стариот обичај. Во тој момент во собата влегува кучето Марко, надавајќи радосен лаеж. – Доаѓа Илија! – радосно објавува Мара. – Неговиот верен пријател Марко го најавува неговото доаѓање. Погледите на сите се насочуваат кон вратата. Благородна ја обзема возбуда. Таа како да претчувствува дека нешто ќе се случи. Бидејќи е седната, станува. Вратата се отвора и на неа се појавува Илија. Тој е снажен човек со темелна градба како Величко и Рокан, само што е повисок и од двајцата. Во споредба со Рокан тој не е толку набиен и снажен, ама е повиток. Неговото лице е лице на кое мислата копала и му дала мрачен изглед, но не успеала да му ги оштети и усните; тие останале во поседство на чувствата – млади и мечтателни, речиси невини. Погледот му е строг, мрачен, страшен. Штом влегува, прво што забележува е Благородна. Таа стои исправена токму наспроти него. Истиот миг тој останува на вратата втрештен, маѓепсан, без здив од наврапитата средба. Истото се случува и со Благородна. Нејзе од градите и се пробива извик, и останува така, без да мрдне, без здив. Ни таа ни тој за подолго време не можат да ги оттргнат очите еден од друг. Погледите им се склештиле и не можат безболно да се одвојат. Пред очите на сите се одигрува една потресна љубовна драма. На крајот Илија со огромни напори сепак успева да го ослободи својот поглед кога докторот му пристапува за поздрав. Она што се случи пред осум години, кога Илија великодушно му ја отстапи Благородна, докторот нема да му го заборави и нема да му остане неблагодарен, па макар постоела можност овојпат тој да не биде така великодушен. Ама, не! Неочекуваната појава на Илија, докторот не само што не го застрашува, туку, напротив, го охрабрува во надежта да ја зачува Благородна за себе, зашто сега со Илија се јавува можност таа, инаку колеблива спрема понудите на Моно, да го измени своето расположение на негова штета и дефинитивно да се одврати од намерата да го прифати неговиот примамлив предлог. Докторот и Илија се распрашуваат еден за друг; Илија однавал, а докторот особено љубезно како да му се обрнува на стар проверен и потврден пријател. Благородна сè уште не може да се соземе. Мара, пак, толку е одушевена од она што се случува во името на љубовта, толку е израдувана, што ја прегрнува Благородна и како ветрушка истрчува – се повлекува во кујната да се дотера за свадбениот церемонијал. Тоа требаше да го стори со нејзина помош, но со оглед исклучителната положба во која сега се наоѓа, ниту помислува да ја викне. Нешто подоцна Благородна сама ќе ѝ се придружи. По првиот бран на изненадувањето, Илија го зафаќе едно необично радосно чувство. Додека разговара со докторот тој во себе носи цврсто решение овојпат да не ја испушти Благородна. Всушност, тоа решение само по себе му се наметнува како сосема природно, едноставно за реализирање и дефинитивно. Тој се уверува себеси дека решението да се соедини со Благородна уште денес не е случајно, не е разултат на моментна воодушевеност, не е игра на чувствата. Тој и таа се два дела природно предодредени да прават животно единство и хармонија. Еднаш беше испуштена можноста да се соединат; ако ја испуштат и сега, значи не го исполнуваат својот животен завет, значи се осудуваат на вечен немир и пропаст. Илија се ужаснува од таквата помисла. Веднаш потоа помислата на нивната брачна заедница го фрла во неописливо блаженство. Да, нивниот законски брак ќе значи враќање во заедницата на луѓето, си мисли, исполнување на животната задача. И нивни подвиг! Сосема така!, констатира. Подвиг! Да бидеш човек, да бидеш обичен човек кој чесно си одговара на своите човечки задачи, значи да си херој! Сега нему одеднаш му станува наполно јасна истоветната мисла на Мара, а и самата Мара која живее во согласност со таа мисла. Колку таа обична жена е голем херој! И колку тој голем херој е обичен човек! Да се живее човечки значи да се прави подвиг! Да се биде мал човек, но чесен, но искрен, значи да си голем. Илија чувствува несопирлива желба заедно со Благородна што побргу да се вклучат во заедницата на луѓето, во човештвото – како тој во тие моменти го замислува него; а го замислува како своето родно место каде луѓето се занимаваат со градинарство, каде луѓето ја обработуваат земјата, меѓу нив и неговите родители, какви што ги запомна од детството, мајка му, посебно сестра му. Го чувствува мирисот на земјата кој, се покажува, го понесол со себе и го зачувал свеж. Сликите на мајка му и сестра му му предизвикуваат топли чувства. Очите сами му ја бараат Благородна. Во нејзините очи што не се оттргнуваат од него тој ги препознава своите мисли и чувства. Чувствува како да е во неа, или таа во него, како тие двата да се едно тело и една душа. Одвај – одвај ѝ се насмевнува, но не и зборнува. Таа исто така. Разменетите погледи и насмевки доволно јасно ја потврдуваат взаемната согласност да нема разделба до смрт. Моно во Илија го препознава човекот кој пред кратко време го виде како вешто се пресметуваше со неколку свои противници. Кој може да биде тој? Бара од Рокан објаснение, но овој само ги крева рамениците. Во секој случај опасен соперник, заклучува Моно. Тој решава да го прекине немиот дијалог меѓу Илија и Благородна. Решава на својот неочекуван соперник да му ги најави своите интереси за неа. Тоа го прави на тој начин што почнува да испушта од грлото предизвикувачки иронични извици за сметка на неговите љубовни планови. Илија не ги познава Моно и Рокан, но забележувајќи ги сега, веднаш проценува кои можат да бидат тие и по кој повод се тука. Веднаш оценува и кој од нив може да биде предизвикувачот. Му испраќа на Моно еден продорен суров поглед. Моно не може да го издржи и затоа се обраќа за помош кај Рокан. Овој со гест на раката го заштитува, лесно отстранувајќи го од „бојното поприште", заземајќи го неговото место самоуверено и надмено. Го погледнува Илија дрско и предизвикувачки. Малку треба да дојде до физичко пресметување уште веднаш и на самото место. Ама сепак до тоа не доаѓа. Со крајни напори Илија се воздржува, за да не го расипе свадбеното расположение. Меѓутоа, од неговото прекрасно расположение, предизвикано од средбата со Благородна, не останува ни трага. Се тргнува завесата од кујната и, водена од Благородна, влегува Мара. Влегува со очевидна намера да предизвика силен впечаток и да изнуди восхит. На себе го има невестинскиот фустан подарокот од Благородна; на главата шапката од Величко; над шапката нешто како воал со сребрено свадбено венче. Лицето ѝ е напудрено, усните нашминкани. Благородна и докторот ѝ аплаудираат. Илија, сега крајно онерасположен поради прусуството на Моно и Рокан, и поради инцидентот со нив, ја погледнува со омразен поглед. Кој би рекол за неа, помислува, дека и таа ги познава вештините за подмладување – тој проклет јазик на половите?! Мара, во прекрасно расположение му приоѓа на Илија и му прикачува на реверот мало сребрено венче. Илија сака да ѝ рече: Прилегаш на стара ороспија која не се откажува од услугите на шминката! Ама со крајни напори се воздржува и не ѝ вели. Мара сега му се понудува да ја земе под рака, држејќи го во истата рака букетот цвеќиња што ѝ го подари докторот. На Илија му се згрозува во душата од нејзината близина. Повторно го зафаќа бес поради нејзината непромисленост. Сака да и рече: Што направи со своето лице, кому се додворуваш несреќнице? Веднаш да си го измила со солзи тој срам од лицето, тој грев, тој порок! – ама пак успева да се воздржи. Ја зема грубо под рака и ја поведува прудолу по скали, предизвикан од желбата да се сврши што побргу со венчавката. Скалите по кои се спуштаат се тесни и не ги бери тројцата – Илија, Величко и меѓу нив Мара. Величко отпаѓа. Мара не може да додржи чекор со Илија кој брза. Нејзе ѝ пречи и долгиот невестински фустан што ѝ се плетка меѓу нозете. На неколку пати се сопнува. Го моли Илија да не брза. Ама тој е бесен на неа, и ова му е начин да ѝ се одмазди. Ја влечка по скалите. Таква каква што е, во неговите очи профанирана, таа е за него згоден објект врз кој го искалува својот бес и поради присуството на Моно и Рокан покрај Благородна, а и поради самата Благородна – не без вина за нивното присуство во нејзината близина. Тој, влечкајќи ја Мара по скалите, мрмори пцовки и сака да ѝ каже дека луѓето без исклучок се грешни. Грешна е и таа која се прави светица. Шминката на нејзиното лице не е случајно ставена. Не и од наивност! На тоа ја поучил нагонот. Со неа се сака да се придобие сопругот, а откога ќе се придобие, да се придобијат симпатии и отстрана, зашто сопругот никојпат не е единствениот маж во светот. Таа е ставена на лицето во прав час, во часот кога се влегува во животот како да се влегува во берза. Снабдувајќи се со шминка, таа се снабдила со оружјето на лагата, без кое во животот и на берзата не се може. Неделен ден е. Претпладне. Многу свет има излезено по улиците. Кафеаните се преполни. Свадбената поворка успешно се пробива меѓу луѓето. На чело оди Марко, еден вид како претходница. Следува Петелко. Зад него Мара, водена од Илија и Величко. Зад овие Благородна и докторот. Благородна прилега на великолепна благородничка покрај својот стар генерал, која е свесна за својата младост и убавина и која постојано на младиот свет му дава на знаење дека не се откажува од делот на младоста што ѝ припаѓа; но тоа го прави така за оние што внимаваат на нејзиното поведение да не можат да ја обвинат дефакто, а оние на кои им се наменува, да можат јасно да ја сфатат. Благородна е облечена во фустан од многу тенка ткаенина со светлонебесна боја и со многу едноставна кројка. Се чини дека ништо друго на себе нема, освен тоа парче лесна ткаенина кое ги засилува возбудливите волшепства на нејзиното тело до крајни граници. Од накит – само една мала брошка со црвено камче кое постојано рефлектира сигнали разбирливи само за младиот свет. Докторовите мустачки напоменуваат дека тој е остарен развратник кој останал само со желбите. Видлив е кај него напорот да ја скрие староста, да ја надмудри природата, ама таа избива преку козметиката и го издава. Тој цврсто ја држи Благородна под рака, сака да остави впечаток дека ја владее, дека ѝ е достоен, но таа во тоа не сака да го помогне, не сака и да го понижи, едноставно не сака да знае дека тој постои. Поголема одмазда којзнае дали може да има. Ама тоа не е нејзина одмазда, тоа е одмазда на природата која си ја тера својата неумесна шега со луѓето. Моно оди веднаш зад Благородна. Тој не ги оттргнува погледите од нејзините облини, од нивните меки брановидни движења. На крајот од поворката одат Секула и Чопела Џганов. Секула е облечен во црн костум. Како да оди на погреб. Висок, строен, убав, повлечен во себе, прилега на оние млади ѓакони или богослови по кои перверзно копнеат порочните жени на модерните велегради. Чопела Џганов е пристар човек, среден по раст, шишко, ќелав, со масна кожа на лицето, неприродно црвен и потечен. На себе има маслосани панталони и жакет, а под жакетот нечиста морнарска блуза. Потсетува на стар морски волк кој долго крстарел по морињата, па морските ветрови му го издувале по малку и умот. По сите овие бавно се движи отворената, огромна луксузна кола на Моно, возена од Рокан. Мара е пресреќна. „Уште Вецко Мицев да беше присутен со својата гитара! " си мисли. Како претходница, често се случува кучето Марко да истрча многу напред. Очевидно импресионирано е од мноштвото народ што ја посматра поворката. На секој агол и на секој столб тоа си го врши својот обичај. Присуството на луѓето, меѓу кои има и многу модерни дами, не му пречи во тоа. На чело на поворката важно чекори Петелко. Со своите жолти нозе тој гази цврсто, отсечно, како по такт на барабан, како капелник на банда. Многу често ја врти главата де на лево де на десно, салутирајќи им на собраните луѓе по улицата; ама не помалку и за да си створи можност да ја мафта кикиритката, цела педа и повеќе голема, црвена – крв. Лево и десно од него, малку поназад потскокнуваат по два зајаци. Тука во близината е и малиот Ушко. Тој ја нарушува симетријата. Но нему никој не смее да му забележи зашто е љубимчето на Мара. Токму над младоженците, многу ниско над нив, да можеш со рака да го дофатиш, лета штркот Силјан. Тој бавно и достоинствено мафта со крлјата и штрака со клунот. Над него кружат десетина ластовици; под него, точно околу шапката на Мара, како околу кошара, зуи рој пчели. Кога уште од далечина ќе се чуе звук како звук на млазни авиони, пчелите се поделуваат на две групи и се тргнуваат настрана; тогаш формација од дванаесет бумбари – оние што си ги потправаа крилјата, брмчејќи, со сета сила прелетуваат сосема над главите од младоженците. Својот стрмоглавечки лет тие го повторуваат многупати. Поворката во почетокот оди по тротоарот. Граѓаните образуваат шпалир. На балконите и на терасите се чичкаат луѓе. Мара воопшто не се збунува. Благородна, свесна за својата предизвикувачка убавина, сега прави сè да остане понезабележлива за да не ја засени невестата. Илија и понатаму е со растроено расположение. Тој сака да го забрза одот на поворката. Ама Мара се опира. Величко по малку е исплашен. Мара одвреме навреме го погледнува и смета дека изразот на исплашеност го оддава во него младоженецот кому семејните обврски веќе му оптежнале. Ама не е така. Величко е плашлив по природа и сега е исплашен од присуството на мноштвото луѓе што ги посматраат. Мара е на нивото на својата голема улога. Таа знае какво значење ѝ се дава. Одејќи меѓу шпалир од луѓе, дели насмевки налево и надесно. Ужасно е грда. Грдотијата уште повеќе ѝ испакнува зашто се наоѓа меѓу Величко и Илија, двајца вонредно убави луѓе. Ама нејзината грдост воопшто не пречи, ниту некој ја забележува. Процесијата сега оди по средината на улицата. Сообраќајот е сопрен. Илје-милје народ: мажи, жени, стари, млади, деца! Некои од присутните мислат дека во прашање е дел од некаква циркуска програма што се прикажува во рекламни цели. Други не мислат така. Боговерните, на пример, сметаат дека се работи за знак божји. Тие шепотат во себе молитви. Неверниците – оние што непромислено се откажаа од бога – се земаат во шубе. Оние неверници, пак, што се такви по убедување, расколебани во своите убедувања, започнуваат да прават знаци со рацете, да се присетуваат на симболите од верата на нивните родители. Но има и такви атеисти што си остануваат спокојни. Нивното безверие е гранитна карпа. – Ова што го гледаме не е она што е – вели еден од нив. Некој од поворката, по сè изгледа невестата, она што го доживува во својата преметната свест има моќ да им го пренесе и на другите. Масовна хипноза. Случај за парапсихологијата. Боговерните и богобојазливите се сепак во најголем број. Некои стари, на пример, се крстат и плачат. Во еден момент се случува дури една баба да легне на среде улица за Мара да ја прескокне. Една мајка, пак, му го соблекува жакетот на своето дете и го постила по патот за Мара да мине преку него. И други потоа се поведуваат по тој пример. Мара знае што се бара од неа – срцето. И на тие што и го бараат, за спас на душата, за здравје, за среќа – им го дава. На насобраните луѓе, пак, по тротоарите и на оние што се начичкани по балконите, по прозорците и по терасите им дели со раката знаци како да е религиозно лице па благословува или како да е месија. Некои лесни жени излезени од кафеаните со своите пиргани, се кикотат бесно и непристојно. Мара и нив ги благословува. Одненадеж во дното на улицата се појавува одред униформисани службеници на безбедноста. Командирот им е парадно облечен – со шлем, оклоп и меч. Тој дава остри команди на неразбирлив јазик. Одредот е насочен кон свадбената поворка. Кучето, петелот, штркот, пчелите, бумбарите се советуваат како да го одбијат нападот. Решаваат да испратат свои курири за да пристигне потсилување. Ама Мара ги спречува. – Нема потреба – им вели. – Бидете спокојни. Непријателот е бессилен. И навистина, колку се приближуваат Римјаните кон поворката, на која ѝ се имаат придружено маса граѓани, толку чекорите им губат од цврстината. Еден од нив, ризикувајќи да биде подложен на ужасни мачења, дезерти и, фрлајќи го мечот, се спушта кон процесијата. Командирот му дава остра наредба да се врати, ама тој не го слуша. Со кренати раце трча кон Мара и кога доаѓа до неа, паѓа на колена пред нејзините нозе. Бара да го покрсти. Мара го благословува и му вели да не се плаши од ништо зашто нема сила што може нему да му напакости, најмалку командирот кој е сосема незначителен човек, во основата плашлив и не така лош како што изгледа. Командирот командува строга заповед да се извлечат мечовите и да се појде во напад. Се прават десетина колебливи чекори и се застанува. Никој нема кураж да оди понатаму. Се прави нов обид. Сега командирот застанува на чело на одредот. Од другата страна процесијата напредува спокојно, како да не ѝ се заканува опасност. Командирот, извлекувајќи го мечот, пак дава заповед за напад. Се истрчуваат неколку чекори и пак се застанува; командирот неколку повеќе ама и тој застанува. Никој не може да се реши да ја растури свадбената поворка. Тогаш дотрчува задишан курир. Изгледа добиена е заповед од повисоко место за повлекување. Одредот се повлекува. Народот го оценува тоа како величествена победа на Мара и ја поздравува со сложни побожни извици: Аве! Аве! Ама не поминуваат ни пет минути, и се задава нов одред со друг командир на чело. Тактиката сега е изменета. Одредот божем се става во служба на свадбената поворка. Новиот командир со многу респект ѝ салутира на Мара и ѝ се става на располагање. Своите потчинети ги распоредува во кордон божем да одржуваат ред. Всушност, тие незабележливо го свртуваат шпалирот од главната улица и ја упатуваат поворката во сè поспоредни и поспоредни улици каде нема движење на граѓани. Поворката, на која ѝ се приклучува сè повеќе народ, наближува кон зградата на Матичната служба. Таму, во ширината пред главниот влез на зградата се забележуваат мноштво граѓани свечено облечени, сите со букети цвеќиња во целофанска обвивка, некои со ленти преку градите. Тука свири и плех-оркестар. Мара свети од радост. Во една споредна улица, пред самата зграда на Матичната служба, чека скриен одред војници со извлечени мечови. Поворката веќе е сосема близу до зградата на Матичната служба. Мара им мафка со рака на граѓаните собрани таму. Таа смета дека тоа се некои официјални лица кои ја очекуваат. Тогаш од споредната улица излегува парадно облечен офицер со шлем на главата кој ѝ приоѓа на Мара да ѝ поднесе „рапорт". – Сè е спремно за свечениот чин на вашата регистрација! – ѝ рапортира. – Повелете со потесната придружба да ме следите! Илија со недоверба гледа во намерите на офицерот. – Каде? – прашува Мара. – Според протоколот – објаснува офицерот, – предвидено е да ги поздравите официјалните гости. Тоа најубаво ќе го сторите од балконот. – Тогаш да појдеме! Мара со придружбата го последуваат офицерот кој ги носи кон задниот влез на зградата. Тука стојат две мали, отворени, скоро амортизирани такси коли. Штркот, ластовиците, пчелите и бумбарите се спуштаат на едно дрво. Кучето и другите животни легнуваат во сенката на дрвото, тешко збивајќи. Сите се уморени од долгиот пат и од горештината. Само Петелко не е уморен. Тој, сметајќи дека церемонијалот со венчавката ќе потрае, заминува да побара во околината некое буниште за да почепка и поколва. Граѓаните од поворката на Мара сакаат да им се приклучат на оние пред зградата. Но тогаш, на даден знак од едно командно лице, тие жестоко и неочекувано се нападнати од скриениот одред. Настанува паника. Народот, гонет од војниците, бега. Плех-оркестарот свири. Мара со придружбата воведени се во еден тесен, мрачен ходник од каде не може да се излезе на никаков балкон. Сепак преку еден прозорец може да се погледне долу во ширината пред главниот влез од каде допираат звуци на свадбен марш. И може да се види како во моментот таму пристигнува поворка од отворени лимузини, накитени со венци од цвеќиња. Насобраните аплаудираат. Од првата кола излегува елегантно дотеран млад човек, очевидно младоженецот. Подавајќи ѝ ја раката, тој од колата изведува една убавица во раскошен свадбен фустан. Оркестарот свири. Мара е разочарана. Повеќе од тоа – таа е огорчена. Се чувствува измамена, понижена, навредена. – Што мислеше ти? – ѝ се обраќа парадниот офицер. – Дека уважените граѓани тебе те очекуваа? Која си ти? Илија го погледнува офицерот со еден опасен поглед. Офицерот се смее. Илија силно замавнува и го удира в лице. Тој паѓа. Шлемот му се истркалува по скалите. Но брзо станува, се исчистува и, обрнувајќи му се на Илија, му вели: – Благодарам! Тоа не е, се разбира, благодарност, тоа е всушност закана на плашлив човек. Веднаш потоа тој со брзи чекори слегува по скали, си го зема шлемот и оддолу му се заканува на Илија дека ќе одговара за напад на службено лице. Илија е спокоен. Како ништо да не се случило. Само лицето нешто му е смрачено. Се отвора врата на една од околните соби каде работи матична служба. Излегува млад брачен пар следен од двајца други млади луѓе. Сите се испотени, изморени, како да се враќаат од борба. Издивнуваат олеснително. Веднаш по нив излегува и самиот матичар – разбушавен во косата. Испиен во лицето, многу грд, со голем нос, со намќорен поглед. Многу е нервозен. Некој серт човек, опак. Гласот му е врескотлив. – Наредните! – вели. Мара со придружбата влегуваат внатре. Собата е осојничава, мрачна, со исчадени ѕидови; најобична канцеларија со едно биро и неколку дрвени столици. Уште младоженците неседнати, без и да ги погледне, матичарот почнува да го чита текстот од законот за бракот. Чита сосема механички, ништо не му се разбира. Не изговара зборови, дури прескокнува и цели реченици. Изгледа многу му се брза. А можеби е и некој мизантроп кој чувствува одвратност за свечености од ваков вид. Со таквиот свој однос тој ја намалува важноста на свадбениот чин, ги потценува младоженците и нивната придружба. Само за минута-две тој успева да ѝ го доубие расположението на Мара, да ја фрли во очај. Таа сега се чувствува сосема безначајна. Престанува да верува дека она што се случуваше по главната улица во врска со нејзината свадбена поворка било вистина. Се чини дека тоа било сон или халуцинација. И минува една мисла дека можеби и ова овде што се случува е сон. Некој морничав сон. Трепка со очите. Очајно врти со главата. Не! Матичарот како суров судија стои спроти неа и немилосрдно ѝ го чита актот на обвинението. Неа ја гуши јад во грлото. Одвај ги додржува солзите. Матичарот ја прашува дали доброволно влегува во брак со Величко. Да не се во прашање некои ниски интереси или што ти знам какви задни намери? Мара не може да го разбере. Очајно и беспомошно ги крева рамениците. Тоа матичарот го нервира. Вилиците му играат од лутина. Од очите му светкаат молскавици. Мара е изгубена. Никако да разбере што ѝ зборува матичарот. Тој ѝ се заканува со прст. Таа смета дека нему некаде му се брза, а таа го задржува. Сака да го задоволи со одговорот, – повеќе заради него да го ослободи од себе отколку себеси од него – ама не знае како. Исплашена, со поглед се обраќа за помош кај луѓето од придружбата. Ама што полза од тоа кога никој не сочувствува со неа. Секој е зафатен со себе. Моно стои исправен покрај Благородна која е седната на столица покрај Величко и со колкот ѝ го допира рамото. Таа не се противи. Се прави како да не го чувствува неговиот допир, дури не и неговото присуство покрај себе. Моно е сиот сконцентриран на тој контакт. Чувствува како една топла струјка од нејзиното тело минува во неговото. Нему му се врти умот од преголемо блаженство; го зафаќаат лесни премирања што му надоаѓаат како бранови, ама ги пребродува. И тој се преправа дека спојот со Благородна е божем случаен и без секакво значење. Се преправа како да е обземен со свадбената церемонија, како да е заслушан во зборовите на матичарот. Онака како што е исправен, по малку вкочанет, со подигната глава, мазно избричен, намирисан, со десната рака цела во болскотен сјај од прстењата, ставена кај срцето, прилега, на Фарисејот од Библијата. Докторот е зад Моно, истиснат од него до самиот ѕид. Тој се стутулил таму, се отпуштил, се подгрбавил. Кога во еден момент погледот му паѓа на местото каде што колкот на Моно и рамото на Благородна прават спој, во својата беспомошност помислува за Моно: Како да краде струја! Илија е седнат покрај Мара. Тој не може да види што точно се случува меѓу Моно и Благородна, но непосредното присуство на неговиот соперник покрај неа му створува неспокој, го предизвикува. Одвај се воздржува да доседи на своето место. Секула и Чопела стојат зад младоженците. Чопела постојано му дава на знаење на Секула за дрскиот грабеж на Моно што го изведува пред очите на сите. Интересот на Секула за тоа час се засилува, час спласнува. Тој постојано е зафатен со своите проблеми. Рокан стои покрај вратата. Тој е сам, отсечен од другите. Немирен е. Насетува дека нешто околу Благородна и во врска со неа и Моно се случува. Прави севозможни планови како да се приближи до местото на случувањето; телото само му се стреми натаму; ама сепак не може да се добере зашто испречени се пред него Секула, Чопела и докторот. Го зафаќа немир. Со јазикот постојано си ги облизнува муцките. Благородна, иако со грбот е завртена спрема Рокан, го чувствува неговиот телесен копнеж. Кучешкиот мирис на неговото тело пријатно и ги дразни ноздринките. Матичарот беснее. Се слуша како крвта му свири по жилите. Бесен е оти Мара не го разбира. Изгледа не е во прашање тоа дека нему му се брза. Изгледа дека нему му е до тоа Мара да го разбере пред да му одговори. Ѝ се внесува в лице и ѝ го повторува прашањето збор по збор, цедејќи ги зборовите низ заби. Очигледно смета дека има работа со малоумна. Сознајната моќ на Мара е парализирана од уплав. Матичарот тоа како да го забележува, па се обидува да го измени објаснувачкиот метод. Ама тој не умее никако, освен да вика... – Има жени – ѝ вели, сè така наврекнато и нервирајќи се, – кои на прашањето од матичарот велат ДА, ама истовремено кроејќи план што побргу да се стават со својот љубовник. Таквите немаат право да речат ДА. Велејќи ДА, тие гласаат за човечката пропаст. Зборот ДА е сомнителен збор. Така како што денес се изговара, тој е страшен збор. Тој има унесреќено милиони луѓе. Ги има фрлено во пропаст. Со негово одобрение беше фрлена атомската бомба во Хирошима. Со него може да започне и атомска војна. Без оглед на тоа што постојано од политичарите се тврди дека нема да започне, немат НЕ! Денес повеќе отколку секојпат во секое НЕ се крие по едно ДА, и во секое ДА по едно НЕ. А тоа не чини! Тоа не е на арно! Тоа е опасно лицемерие! А лицемерието кај мене лесно не проаѓа! Затоа сум овде спореден матичар. Треба да се знае што значи ДА, а што значи НЕ. Тоа кај мене се знае! Мара не може повеќе да ги додржи солзите. Таа не разбира што ѝ се зборува. Таа смета дека матичарот ја обвинува за нешто и дека не е спремен да го регистрира бракот. Плаче. Матичарот се удира в чело. – Зошто? Зошто? – се лути, и вика. И не можејќи повеќе да се контролира, прави некоординирани движења со рацете. – Зошто? Зошто? Не може да се помири. – Зар сум јас некаков џелат, некаков ѕвер? Па јас имам душа на ангел! Одеднаш се смирува и доаѓа до покроток глас. Ѝ вели на Мара: – Јас ве прашувам јасно: Го сакате ли Величко? Дали доброволно влегувате со него во брак? Ама искрено да одговорите. Мара сега сфаќа: – Да, да! – брза да каже. На матичарот му олеснува. Ја брише потта од челото. Пред да се зафати со Величко, сака да здивне. Смета дека еден краток одмор заслужува. Го отвора прозорецот и дише длабоко чист воздух. Всушност воздухот не е чист, тој е поради нешто многу расипан, ама матичарот го голта ненаситно. Полека му се гаси пламенот во очите, се смирува. Кога смета дека е доволно надишен воздух, доволно поткрепен и смирен, го затвора прозорецот, се стегнува во телото, се мобилизира, се сосредоточува и му пристапува на Величко. Овој, сигурно од страв, уште пред матичарот да му го постави прашањето, започнува да мафка со главата и да вели нешто што треба да значи ДА. Матичарот го погледнува со сомнение. Величко постојано мафка со главата и кажува нешто нејасно. Матичарот строго, дури сурово, го устремува својот страшен поглед на него и го присилува да замолчи. Потоа прецизно, чисто службено, му го поставува истото прашање што пред малку ѝ го постави на Мара. – Доброволно ли влегувате во брак со Мара? Тој пак почнува да мафка со главата и многупати да го изговорува своето ДА, со очевидна желба да му угоди на строгиот матичар. Овој воопшто не е задоволен со неговиот одговор. Бара одговорот да биде краток и јасен. Сега се вмешува Благородна. Таа му објаснува дека Величко е полунем и дека од него не може да се очекува јасен одговор. Матичарот го уважува нејзиното објаснување, но нешто пак не му е по волја. Мрморејќи неразбирливо, тој брзо ја завршува постапката и со гест ги повикува младоженците и свидетелите да се потпишат во Матичната книга. Првин се потпишува Мара, по неа Величко. Мара, којзнае каде видела дека така се прави, можеби на филм, смета дека Величко по потпишувањето треба да ја бакне. Му ги понудува усните. Ама бакнежот изостанува. Тој не може да се реши на нешто такво пред матичарот. Овој, повлечен понастрана, ги скрстил рацете на градите и со сомнеж го наљудува, внимавајќи на секое негово движење. Не ја испушта од око ни Благородна. Оваа, откако се потпишува во матичната книга ѝ пристапува на Мара, ја прегрнува и ја бакнува в уста. Матичарот не е задоволен од тој нејзин гест. За да го прекрати бакнежот, испушта од грлото строги, предупредителни гласови. Меѓутоа Благородна воопшто не му обрнува внимание. А и за Мара тој повеќе не е страшилиште. Кога Илија и ја стегнува раката честитајќи ѝ, Мара неочекувано покажува поголема иницијатива – го прегрнува и го бакнува в образ. Во тој нејзин гест вложено е многу од љубовта на сестра спрема брат. Од грлото на матичарот пиштат предупредителни гласови. Пак поради Благородна. Таа честитајќи му на Величко, му ја фатила раката со двете свои, му ја стиска и му зборува некакви љубезности. Величко трепери од страв поради матичарот. Илија е нетрпелив што побргу да се напушти просторијата. Тој ги поттикнува младоженците: Ајде! Ајде! На крајот честитањата завршуваат и сите се спремни за поаѓање. Поаѓаат. Му го завртуваат грбот на матичарот без да го поздрават. Мара се чувствува навредена зашто тој не ѝ го честита бракот. Но пред да излезат матичарот пак се јавува: – Да знаете, – ги предупредува – сето ова е лага! Настанува драматичен момент. Мара останува втренчена на местото. И другите се принудени да застанат и да се завртат. Мара со поглед бара објаснение од матичарот. Овој со задоволство го дава. Пак е нервозен, но со очевидна желба да биде толерантен. – Она што од оваа книга ви го читав – им се обраќа на сите, тоа, се разбира, е глупост. И мојата функција е овде глупост. Глупаво е да се смета дека бракот може да го спои и да го одржи некаков пропис што тука ќе го прочита еден спореден матичар. Меѓутоа, не се има случено досега брак јас што сум регистрирал да се растури. Се надевам дека тоа нема да се случи и со вашиот. И не, се разбира, зашто сум јас, како спореден матичар, поспособен од главниот. Глупост е да се зборува за способни и неспособни матичари, за солидни и несолидни матичарски услуги. Но, може да се зборува за солидни и несолидни луѓе! Јас тврдам дека младоженците што се венчаваат кај мене како кај помалку солиден матичар, зашто јас не сум главен, јас сум сепак спореден, се посолидни како луѓе од оние што ги регистрира главниот матичар. Некој од вас ќе помисли дека во мене зборува злобата и зависта. Не! Горд сум на положбата што ја заземам и не би ја менувал со никого. – Денес нели има навалица од свадби – продолжува матичарот. – Не можат сите церемонии да бидат изведени во свечената сала за венчавки, не и со услугите на главниот матичар. Особено не денес кога во свечената сала се венчава синот на едикојси! Некои ќе треба да се задоволат и со вакви простории, а и со ваков матичар каков што сум јас, матичар од второстепена важност. Но, зар е важно што просторијата е тесна и мрачна? Важно е во срцата на младоженците да биде светло и широко! Велможите имаат потреби од катедрални цркви и свечени сали за венчавка, од патријарси, владици и главни матичари! Со тој сјај и раскош го маскираат своето безверие. Вистинската вера била и е зафрлена во манастири и во вакви тесни собички за брачна регистрација. Вистинската вера е вера во човекот и во доброто што произлегува од него! Сите вистински човекови синови се родиле и се раѓаат, живееле и живеат во колиби, сутерени и мансарди! Матичарот сега им се приближува на Мара и Величко и им честита, цврсто стискајќи им ги рацете. – Јас ви го честитам бракот – им Вели – и ви пожелувам среќа, слога и пород. Но морам да ви кажам дека сум и загрижен со вашиот брак да не се прекине традицијата на среќни бракови венчани кај мене. Уште ви честитам и ве молам причувајте се! Мара, нему: – Ви благодарам за убавите желби и убавите зборови кои ни ги упативте и кои нè трогнаа. Но зошто сте толку загрижен за нас и од што да се причуваме? Матичарот: – Не знам да ви кажам конкретно од што. Но зар малку околу младоженците демнат опасности? И воопшто околу луѓето? Јас сум многу, многу загрижен! И не само во врска со вашиот брак, не само во врска со брачните односи, мене ме загрижуваат човечките односи, воопшто. Во мене влегол еден немир. Сè ми се чини дека зад секого и зад сешто демне лагата. Јас во оваа просторија ја чувствувам постојано. Не можам ниту да ја видам, ниту да ја чујам, ниту да ја фатам. Ама тука е. Таа ми се меша во работата. Јас градам. Таа ми го поткопува темелот. Затоа се лутам, затоа и викам. – Не грижете се – го охрабрува Мара. – Во однос на нашиот брак со Величко можете да бидете наполно спокоен. Таа одново се притиснува до Величко со желба да ја покаже нивната љубов, а со поглед го поканува и него тоа да го стори. Ама тој с# уште не е ослободен од стравот што матичарот му го всади в коски. Сепак наоѓа малку сили да ѝ се насмевне на Мара. – Ние сме многу задоволни од вашите совети – му вели Мара на матичарот. – И воопшто од вашиот однос спрема нас. Ние сме среќни што ни се падна токму вие да нè венчате. И токму во оваа просторија. Ќе ни останете во долго сеќавање како човек со ангелска душа која бдее над младоженците и над сите добри луѓе. Меѓутоа матичарот не се подава лесно да биде одоброволен; уште помалку разуверен во своето, па макар колку Мара да е искрена и блага во зборовите. Тој ги испраќа сè така намуртен, немирен, лут. Еден фотограф упорно настојува да ги фотографира младоженците и поворката. Мара се согласува, ама Чопела Џганов се противи. Тој вели дека фотографиите потсетуваат на тоа дека некојпат постоела младост која повеќе не постои, како што гробовите потсетуваат дека некојпат постоеле луѓе кои повеќе не постојат. Фотографиите како и гробовите предизвикуваат штетни емоции и ги задушуваат виталните импулси на луѓето. Фотографиите и гробовите влечат назад, а човекот оди напред. Ни едното чини ни другото. Ни напред ни назад! И Илија е против фотографирањето. Нему му се брза. – Да бегаме! Да бегаме! – повторува тој. Сепак, на барање од Благородна, направена е една фотографија, ама без Чопела. – Да бегаме! – пак вели Илија, кој го изгубил трпението, па ги зема Мара и Благородна за раце и ги влече по скалите. Пред споредниот влез тој ги ангажира двете мали отворени такси коли. Мара се противи. – Сакам во поворка која ќе оди пеш – вели. – Граѓаните уште еднаш нека нè запомнат: јас и Величко денес се заколнавме на верност, и сите нека не држат за дадениот збор. Тоа беше препорака и на матичарот. А со колите брзо се минува, небаре се бега од општествената обврска на бракот. Додека таа зборува, Илија насилно ја сместува во првата кола, до неа Благородна; на предното седиште, до шоферот, Величко. Тука влегуваат уште птиците, зајаците и бумбарите. Малиот Ушко Мара го зема в скут. Во втората кола влегува Илија со докторот и кучето Марко. Овде има место за уште еден. Се обидува да влезе Чопела, но Илија не му дозволува. Малите такси коли поаѓаат следени од лимузината на Моно во која Чопела и Секула пак не се прибрани. Мара поради тоа се противи, му искажува незадоволство на Илија, бара од шоферот да запрат, го моли Моно да ги земе во својата кола нејзините пријатели, ама неа никој не ја слуша. Неочекувано колоната автомобили зема чудна насока кон споредни улици на градот низ кои големата лимузина на Моно тешко се движи. А тоа е токму и целта на Илија – таа да изостане од поворката. Кога тоа го сфаќа докторот, него го зафаќа бран од воодушевување. Доаѓа и една тесна улица низ која колата на Моно не може да мине. Мора да се враќа назад. Тогаш докторот, зафатен од луда радост, станат од своето седиште и свртен спрема Моно и Рокан, почнува да се кикоти и да им упатува непристојни движења со раката. За тоа време, на пат за кон станот на Мара, Чопела и Секула минуваат покрај аптеката во која работи Лука. Над аптеката е станот во кој тој живее со својата сопруга Ангелина. Лука ги пресретнува на пат и го замолува Чопела за краток разговор. Чопела му вели дека секаков разговор е излишен. Лука пак моли, готов е да се расплаче. Чопела е немилосрден: – Ти си стар ислужен коњ! – му вели. – На коњските гробишта со тебе! Аптекарот си ја наведнува главата и молчешкум се повлекува. Додека се случува оваа сцена меѓу Лука и Чопела, Ангелина двајцата ги мами, од зад прозорецот му дава тајни љубовни знаци на Секула. Секула и Чопела навраќаат и во фризерскиот салон на Фули. Професорот мора да причека пред вратата зашто на фризерката тој ѝ е одвратен и не му дозволува пристап во нејзиниот салон. Преку една од нејзините помошнички таа му испраќа пари колку да може да се почести со едно пиво во соседното бифе. Младоженците, Благородна, докторот и Илија веќе се стигнати в куќи. Мара е огорчена од постапката на Илија. Уште повеќе се огорчува кога тој прави обид да ги затвори вратите од нејзиниот стан. Поради таквата негова намера меѓу нив доаѓа до спор. Таа му вели дека неговите постапки се повеќе ја збунуваат. Според неа, тој се однесува како некој насилник. Ја злоупотребува својата физичка сила и ги напаствува луѓето. – Преѓеска го удри офицерот од службата за безбедност! Зошто? – Чудно прашање! – Можеше со збор да му се спротивставиш. Ама ти во такви случаи не сакаш да се користиш со зборовите. Ти се потпираш на силата, А зборовите што можат, силата не може. Колку само невини луѓе имаат настрадано од тебе зашто си брз, зашто силата ти е нескротена, дива. Колку невини луѓе! – Ниеден! – Многу! А сега сакаш да ги затвориш вратите од мојот дом! Зошто? – За твоите „невини" луѓе да не настрадаат. Мара се преплашува. Илија! Те молам! Не заборавај дека денес е мојот свадбен ден. Најрадосниот ден во мојот живот! Зар сакаш да ми го зацрниш?! Ти многу добро знаеше дека отсекојпат вратите на мојот дом се отворени дење и ноќе и во сите годишни доба. Ако за сето тоа време постоеле причини да бидат отворени, а постоеле, тогаш постојат и денес зашто очекувам мили гости да ми го честитаат радосниот ден! А секој час треба да пристигне и Вецко Мицев. Еден Вецко Мицев се решил да ја удостои мојата свадба со својата песна, и јас да му ја затворам вратата!? Вецко Мицев е пијан од слава, ефтино добиена – ѝ вели Илија. – Тој членува во твојот литературен клуб од снобизам. Како што разни „благородни" типови од бившите времиња, во потрага по бизарности, членувале во масонски организации. Какви ли не типови се збираат околу тебе! А слушна ли на што те предупреди матичарот? Да ги избегнуваш луѓето. Меѓутоа, место тоа, ти широко им ги отвораш вратите! Опасноста постојано и отсекаде демне. Таа може да дојде и оттаму од каде не можеш и да се надеваш. Ако доаѓа од каде што се надеваме, тогаш тоа не е опасност. Затоа постојано треба да бидеме на штрек. На злото треба да се одговори со зло. Клинот со клин се вади. Тоа народот не го рекол туку така. Тоа е вековно искуство кое ти не го почитуваш. На злото ти одговараш со добро и така, наместо да го ништиш, ти го силиш. Мара не му одобрува: – Исплашен човек си ти Илија, – му вели. – Оттебе зборува стравот. А немаш причини да се плашиш. – Како немам причини да се плашам?! – се нервира Илија. – Окружен сум само од непријатели. Јас пријатели, всушност, немам. И прашање е дали еден човек може да ги има. Најголемите и најгрозни злочини вршени се и се вршат од луѓе што биле сметани за најверни пријатели. Историјата е полна со такви случаи. – Имало и има такви случаи непријателството да земе пријателски лик. Но што значи тоа? – Значи дека треба да се биде на штрек! – Но не значи дека треба да се бега од луѓето, да им се затвораат вратите од домовите. Да му оневозможиме на животот да циркулира низ домовите исто е како да не ѝ овозможиме на крвта да циркулира низ клетките. Мојот дом бил и ќе биде една кошара на животот, едно жариште, еден негов пункт. Една ветрометина! Нека удираат лошите ветрови во него, прозорците и вратите им се отворени, нека го уриваат ако можат! Мене да ме урнат не ќе можат! Од мене се разбиваат како од карпа! – Ах, Маро, Маро! – ја прекорува Илија. – Ти си неизлечив случај! Неочекувано Мара му вели: – А што се однесува до Благородна и во врска со неа, непотребно се плашиш. Нема роден што може да те замени во нејзиното срце. Илија не очекуваше да слушне нешто такво, но пријатно му е што слуша. Тој со поглед ја поканува Мара да се доискаже. – Тебе те вознемирува – му вели таа – присуството на оние двајца господинковци во нејзината близина. Но јас ти велам, штом си ти тука, таа е неприкосновена за никого. На Илија му годи тоа да го слушне. На усните одвај забележително му заигрува насмевка. Мара продолжува: – Тие двајцата веројатно скоро ќе пристигнат. Па што? Тоа е дури добро, зашто ќе имаш можност да се увериш колку тие за Благородна ништо не значат, колку никој за неа ништо не значи, зашто ти и значиш с#! Илија е веќе придобиен од Мара: – Ако е така како што велиш... Мара, уверливо: – Во тоа сум уверена! Јас видов, јас почувствував – вашата љубов е љубов на која никој ништо не ѝ може, која не умира, која, макар што и да се случи, останува! Овој разговор се случува во претсобјето. Благородна, Величко и докторот се во приемната соба. – Да влезема сега внатре – му предлага Мара на Илија. – Ти влези, јас ќе излезам малку в градина. Мара е задоволна. Таа смета дека спорот со Илија е решен во нејзина корист. Илија не се согласува со погледите на Мара, по овој спор не е разуверен во своето, ама ете никојпат не може успешно да ѝ се спротиви. И сега, како и другпат, останува разоружан, обессилен. И сега, како и секојпат, својата победа таа ја постигнува не толку со некоја логика, колку со силата на својата верба во она што го зборува и што го прави. Нејзиното мислење дека е незаменлив во срцето на Благородна не е никаков комплимент, тоа е нејзино цврсто уверување. И тоа на Илија му годи, го прави среќен. Сака да дознае како се случи Благородна да е тука. Се присетува за врските на Мара со неа, а му минува низ умот и мислата дека е можно таа нарочно да ја има организирано нивната средба. Мара е веќе влезена в соба, а тој с# уште стои во претсобјето. Би влегол и тој, Благородна го привлекува со огромна сила, ама сепак не влегува, се воздржува – уште не сака да си ја допушти таа среќа. Или, поточно, не смее. Не смее, зашто во тоа го спречува големата и непосредна опасност што ѝ се заканува токму на таа среќа. Илија постојано мисли на Моно и Рокан. Нивното присуство во близината на Благородна го вознемирува и го огорчува. Излегува в градина. Овде го пресретнува неговиот верен пријател Марко. Заедно седнуваат на рогузината покрај колибата, под сенката на лозницата. Илија се впушта во мисли што и како од своја страна е должен да направи за да ја усреќи Благородна, а и себеси со неа, и да обезбеди таа среќа да биде трајна. Мара во собата ги затекнува Благородна и Величко седнати на отоманот, докторот на фотелја покрај една масичка на која се ставени повеќе шишиња со пијалаци. Благородна на отоманот е прилично раскомотена. Величко покрај неа не смее да мрдне. Тој чувствува дека таа има прилично слободна положба. Не ја гледа, не смее да ја погледне, ама јасно си ја замислува. Токму таа нејзина положба го возбудува и истовремено го фрла во срам, го вкочанува. Доаѓањето на Мара го подослободува. Тој со копнежлив поглед ја викнува. Толку е убав и привлечен што таа не може да му одолее. Седнува покрај него. Седнува покрај него како да седнува покрај оган. Истиот момент чувствува несопирлива желба да ја пушти раката, да го допре Величко, да се изгори. Дека истото сака да го направи и тој спрема неа, знае толку сигурно како таа да е тој па го испитува истото чувство. Тие двајцата би си ги фатиле рацете и би си ги стегале до здробување – како што тоа повеќепати тајно го имаат направено под маса додека со пријатели седеле во друштво. Ама сега не можат да си дозволат таква слобода зашто условите не се погодни. Така и двајцата решаваат – да се воздржат, да прегорат во желбата. Ама што корист кога рацете им се непослушни. И додека докторот нешто весело раскажува, Мара, преправајќи се дека многу е привлечена од неговото прикажување, ја доближува својата рака до раката на Величко. Тој, само што го чувствува допирот, веднаш реагира – ѝ ја зграбува и ѝ ја стегнува неверојатно силно. Нејзе и доаѓа да викне од болка и од сладост и викнува, ама, божем предизвикана од докторовите духовитости, го преобразува извикот во смев кој испаѓа многу извештачен. Величко продолжува да ѝ ја стега раката колку што може посилно. Тој знае дека таа негова сила има поразително дејство врз неа, дека токму таа застрашувачка, уништувачка сила таа ја сака и ја бара од него. Тоа што се случува меѓу нив двајцата, колку и да е дискретно, не останува незабележано од Благородна. Тоа предизвикува кај неа телесен немир. За да се смири, станува и оди кон прозорецот. Тогаш, неочекувано го забележува Илија потонат во мисли и седнат на рогузината под лозница. И за еден миг само во неа се случува промена на расположението. Таа брза промена ја чувствува како остар физички бол. Дури извикнува: Ах! Тоа е изнемоштен извик на една несреќна жена, на една маченица. Уште долго потоа таа ќе дише тешко, болно, не можејќи да ги одвои очите од Илија. Овој, предизвикан од нејзиниот извик, исто така очајнички се има загледано во неа, и ужасно страда. „Каква ли е оваа наша љубов, да пекаме еден за друг, да сме на дофат, а да не можеме да се ставиме?! Кое е тоа проклетство што не ни дава?" – мислат обајцата. Уште кога го виде седнат на рогузина и потонат во мисли, таа веднаш почувствува дека тој со мислите е со неа и дека таа му причинува голема среќа, но истовремено му нанесува и голема болка. А и извикот што произлезе од неа беше извик на бол и среќа. „Каква е оваа љубов што со чашата блажина дава и чаша горчина?" – се прашуваат. И како ехо од бескрајните небеса доаѓа одговор: „Макар што оди и со горчина, таа е голема љубов на која никој ништо не ѝ може, која не умира, која што и да се случи, останува!" „Нема среќа без несреќа во овој свет – размислува Илија. – А најголема среќа е да се бориш против несреќата. Оружјето во таа борба е – љубовта. Вооружена со тоа оружје, Мара е сила од која лошите ветрови се разбиваат како од карпа." Илија втонува во слатки мисли со ликот на Благородна пред себе. Минува така некое време, туку одеднаш чувствува дека мислата му станува тешка, не му оди лесно, нешто му ја сопира и му ја мачи. Почнува да бидува неспокоен. И одеднаш се сепнува – станува свесен дека на Благородна ѝ се заканува опасност. Еден период од време поминал, време за кое тој не може да се сети, како да го минал во сон без соништа. Потоа следуваше измачувањето на мислата, полусонот, и конечното сепнување и осознавање дека на Благородна ѝ се заканува опасност. Благородна сè уште стои до прозорецот, ама сега не така близу – направила чекор кон внатрешноста на собата. И што е од значење, го отстранила погледот од него. Илија брзо се пушта по насоката на нејзиниот поглед. Тој го доведува до Моно кој стои на среде собата како кукла од витрина и в рака држи букет бели трендафили. Зад него е Рокан, со рацете зад грбот – снажен, силен, како полицаец во цивилно облекло. Моно ѝ се приближува на Мара и љубезно подавајќи ѝ го букетот, ѝ вели со ѕвечлив глас: – Со најубави желби и за среќа на вашиот брак! – Благодарам! – му враќа Мара. – И на твоја глава. Моно: – Мерси! Живееме во надеж. Откога сме во вашиот дом, живееме во голема надеж! Со краток кос поглед тој ја посочува Благородна. Потоа, испуштајќи тешка воздишка, ги крева очите нагоре, кон бога, смирено како верник. Илија го слуша тој разговор. Го следи секое движење на својот соперник. Не го испушта од очи. Сиот е на штрек. Претчувствува дека тој ѝ подготвува нешто страшно на Благородна. Разговорот меѓу Мара и Моно продолжува. – Проштавајте – му се извинува Мара – за преѓешната непријатна сцена. Илија поради тоа се кае. Моно: – Важно сме тука. Важно го уживаме вашето гостопримство. – Чувствувајте се како дома. – Мерси! – Китката трендафили е прекрасна! Ќе ја ставам во вазна. Моно сега конечно се завртува кон Благородна. На лицето му заигрува насмевка зад која лесно може да се прочита подла намера. Прави чекор, па уште еден кон неа. Рокан стапка по стапка го следи. Моно извлекува од внатрешниот џеб на жакетот бела ракавица и пополека, не испуштајќи ја од погледот Благородна, си ја навлекува на десната рака. Потоа ја подава раката кон Рокан без да го погледне, како хирург кон помошникот. Рокан ја извлекува едната рака од зад грбот. И таа е во бела ракавица. Во неа држи голем трендафил со многу дебели, мовлести и катранесто црвени лисја што испуштаат тежок, опоен мирис. Послабодушен човек тој мирис би го зашеметил, а можеби и би го онесвестил. Трендафилот му е ставен на Моно во десната рака многу внимателно. Држејќи го за врвот на рачката, тој галантно ѝ го понудува на Благородна. Оваа се колеба еден миг, а потоа ја пушта раката и го зема. – Не! – му се испушта на Илија и рипнува откаде што седи. За миг само преку прозорецот се наоѓа в соба. Во моментот кога Благородна се спрема да го мирисне трендафилот, можеби и го мириснала, тој и го извлекува од раката и го фрла преку прозорецот в градина. Бубачките и мравките што се наоѓаат на местото каде што тој паѓа веднаш пцовисуваат. Во градината меѓу животните, птиците, а најмногу меѓу инсектите настанува паника, Еден гулаб се спушта кон отровниот цвет, го фаќа со клунот за гранчето и се извишува со него во воздухот. По неколку мига мртов, со трендафилот приклештен в клун, се урнува надолу и паѓа во реката. Илија, многу огорчен, си тура жесток пијалак во една голема чаша и го испива наискап. Моно се кикоти, ама затскривајќи се зад Рокан. Тој очевидно сака да предизвика инцидент – да ги фрли во борба Илија и својот платеник. Докторот си прави сметка: Ако дојде до тепачка, Илија не е без шанси да го победи Рокан. Ако се случи тоа, сигурно се ослободувам од соперништвото на Моно. Докторот се однесува како човек одамна навикнат друг да ја решава неговата судбина. Сега, како и пред осум години, сите негови надежи пак се свртени кон Илија. Тоа што овој сега ќе остане покрај Благородна, тоа е неизбежно. Но нека! Тој, Илија и Благородна би биле идеална тројка. Моно станува сè подрзок. Се смее предизвикувачки. Рокан спокојно пуши цигара и, посматрајќи го Илија, дрско го испушта чадот во негов правец. И сигурно ќе дојдеше до тепачка, ако токму во моментот прилично вревливо не влегуваат Чопела и Секула. Чопела се однесува како кловн. Се поклонува и почнува да пее: Е-хе-хеј! О-хо-хој! Секула го следи со мала усна хармоника. Изгледа дека и двајцата се поднапиени. Од џебот на Чопела наѕирка шише. – Научивме – вели тој – дека овде има свадба. Спремни да засвириме и да запееме, еве не овде. Не плашете се дека ќе го испиеме вашето вино, имаме свое! Го вади шишето од џебот и го поставува на масата. Мара смета дека двајцата се навредени поради тоа што беа оставени пред зградата на Матичната служба. Ќе биде добро да им се извини. – Не сум јас виновна што ве оставивме на улица им вели. – Тоа воопшто не беше мој план. Можам ли да планирам свадбена веселба без вас?! – А кој е виновен? – сурово прашува Секула, – Илија, во извесна мерка. Тој е озлобен од новодојдените гости и предизвикува инциденти. Мара им зборува со шепот за да не слушне Илија. Им се извинува и во негово име. – Но вие мора да го сфатите! – им вели. – Вие сте му пријатели. Ти, Секуле, посебно. Тој те има како брат. Колку искрено сочувствува со тебе заради смртта на твојата Разделинка. А и вас, професоре. Колку ве почитува! Без оглед што не се согласува со некои ваши идеи. Сепак, да заборави дека беше ваш ученик, тоа нема да му се случи. Мара уште повеќе го снижува гласот: – Секуле, ти не смееш така да се однесуваш спрема мојата заштитница Благородна како што се однесуваше утрово. Не зашто е моја благодетелка, туку зашто таа е големата љубов на Илија. Се работи за една вистинска и голема љубов. Тоа е една цела историја. Во згоден случај ќе ви раскажувам поподробно. Биди Секула повнимателен, те молам. И вие, професоре. Знаете, Илија е раздразлив човек. Постојано предизвикува кавги и тепачки. Ако не преземеме навремени мерки, лесно може да дојде до пресметка меѓу него и новодојдените гости. Во таа смисла јас од вас многу очекувам. Ете толку! Заборавете на навредата. Каков сака нека биде Илија, ама во суштината тој е крајно добар и благороден човек! Мара завршува. Таа смета дека со својот благ глас, со кротките зборови, ги придоби Секула и Чопела, ги скроти. Ама се мами. Истиот момент кога завршува со „Илија е крајно добар и благороден човек", Секула силно и зајадливо се провикнува: – Кој, Илија ли?! Секула воопшто не ги зема предвид, не ги почитува извинувањата, објаснувањата и молбите на Мара. – Тој е благороден будала! Ова му го фрла на Илија в лице; како одамна да го имал смислено и сега во прав час го кажува. Да ја пропушти приликата ниту помислува. Поради некакви молби на Мара, да се откаже од тоа задоволство не доаѓа предвид. Навредата за Илија доаѓа неочекувано, и оттаму од каде што не се надевал – од пријател. Не знае веднаш како да реагира. Секула е невообичаено зајадлив. Од него не зборува само алкохолот, туку и неговата разочараност во животот која под дејство на алкохолот зела многу зол вид. – Сите благородни луѓе се будали! – вика колку го држи глас, не испуштајќи го од вид Илија. – Благородноста е обична глупост на која наседнуваат наивните. Илија ли? – уште посилно се провикнува. – Тој е будала над будалите. Будала на квадрат. Од внатрешниот џеб на жакетот Илија извлекува еден железен бокс и почнува згодно да си го наместува на раката. Не се брза, давајќи му можност на Секула да го повлече она што го кажа. – Секуле! – предупредително му се обраќа. – Кого удирам, – му вели – на лицето за спомен му ја отпечатувам буквата И. – Кога велев! – ликува Секула, ама како поулавен. – Слушате ли што зборува? Цитира будалштини од петпарачки романи. А ваму има амбиции да стане литературен критичар! – Секула! – пак го предупредува Илија. Раката му е спремна да замавне. Ама Секула сака да си игра на работ од опасноста. Таа игра пресметана е на Благородна која постојано љубовнички ја обгледува. Предупредувањето на Илија не го уважува. Со потценувачко движење на раката ја отстранува неговата вооружена рака, сега истопорена пред неговото лице и, обраќајќи ѝ се на Благородна, вели: – Се слушаат гласови за некаква божем судбинска врска меѓу вас и овој овде Илија. Тој бил вашата голема надеж, а и вие негова. Само во која смисла? Ха, ха, ха! Дали вие него го познавате како човек на кого му е потребна духовна преродба? Дали вам ви е познат фактот дека Мара го има запишано под број еден во нејзиниот список на препородот? Таа кутрата верува дека човекот, со големо Ч како што вели, може и треба да се прероди! – Илузија! – дофрла Чопела. Себеси се замислува како мисионерка на Големата преродба. Што се однесува конкретно до Илија, си има ставено во задача од него да створи име во литературата. Тој е нејзина голема надеж! Само каква надеж тој би можел да биде за вас?! – ја прашува Благородна. – Тој е за вас наполно изгубен случај! Моно избувнува во смев. Тој негов смев е повеќе извештачен отколку спонтан. Илија без голема возбуда, – барем надворешно не манифестирана – ладнокрвно, со краток, секавичен удар го кутнува Секула на подот. – Секуле! – извикнува Мара и се стрчува кон него да му помогне. Илија по ударот веднаш погледнува налево, надесно, спремен да се пресмета со секого, доколку има некој таков што би го искористил случајот како повод да го нападне. Всушност, ако од некој очекува да биде нападнат, очекува само од Рокан. Меѓутоа, Рокан ниту се помрднува од своето место. Тој се смешка. Не може да се рече дека е уплашен. Напротив, оддава впечаток дека е наполно спокоен. И понатаму згодно си е навален во фотелјата, без некаква промена во расположенитето. И понатаму си пуши цигара, со таа разлика што сега чадовите не ги пушта во насока на Илија, туку ја има подигнато главата нагоре и со нив се обидува да прави кругови. Мара го повикува напомош и Величко. Ама тој не може да се реши да стане од своето место. Парализиран е од страв. На Мара ѝ помага Чопела. И нему рацете му треперат од страв. Со совети помага и докторот. Тој се чувствува бодро и ликува. Како тој да демонстрирал физичка сила. Советува под носот на онесвестениот да се стави крпа со алкохол. Му ставаат. Секула доаѓа на себе. Погледнува наоколу и ја прима стварноста со еден здодевен израз на лицето. Веднаш сака да се повлече во градината. Мара и Чопела му се понудуваат да му помогнат, ама тој одбива. Поминува покрај Илија како воопшто да не го забележува. Илија пуши цигара. Спокоен е како ништо да не се случило. Ниту си дава некаква важност ниту пак се кае. Го направи она што мораше да го направи. Бидејќи стои простум, бара место каде што би седнал. Погледот му паѓа на Благородна која не ги оттргнува очите од него, која постојано го вика да ѝ се приближи, да биде до неа. Тој решава да ѝ пристапи. Пристапувањето кон неа како кон некој свој, некој мил, некој што има разбирање не само за оваа негова постапка спрема Секула, туку за сите негови животни постапки, за неговото постоење воопшто. Седнува покрај неа. Таа го дочекува со благонаклонета насмевка. Тој одамна, одамна не бил така близу до неа. Забележува познати предели околу нејзините усни, толку нежни и совршени. – Здраво, Лола! – за првпат ѝ се обраќа со збор по цели осум години, за првпат ѝ го изговара името, и тоа скратено и изменето по негово. – Здраво, Илија! – му одговара таа. Нејзиниот здив! Нејзиниот глас! Во него тој открива безброј нему познати мили значења. Се чувствува осветлен од среќа. А и неа ја гледа озарена. – Како си? – ја прашува. Таа ги крева рамената. Ах, тој разбира што значи тоа нејзино движење. С# му е кажано. Во прашање е голема среќа и голема несреќа. Ама с# ќе биде добро, с# ќе биде добро! Исправно постапува Мара, одгледувајќи надежи за добрата иднина на луѓето. Сега во собата настанува пријатна тишина. Допира само брмчењето од пчелите во градината со кое тишината станува попријатна. Илија и Благородна молчат. Ним им е пријатно да седат еден покрај друг и да молчат. Всушност, така молчејќи и само одвреме навреме упатувајќи си симболични погледи и насмевки, тие си разговараат за својата љубов – си доверуваат слатки тајни. Моно не ги одделува очите од Илија, полни со завист и злоба. И Рокан омразно го набљудува. Величко се повратува од стравот. Благиот израз на лицето од Илија го охрабрува. Мара е седната до него и нежно му ја милува раката. Таа е занесена од среќа. Докторот ги затвора очите впуштајќи се во слатко дремкање. Тој е задоволен од идилата на Благородна и Илија. Повеќе од тоа – тој е среќен! Минува време. Никој времето не го чувствува. Одеднаш од градината доаѓа тажен, совршено изработен звук од мала усна хармоника. Секула свири. Минува време. Сè така минува како во прекрасен сон. И сè така. Секула свири една и иста мелодија – едноставна, ама пренатопена со тага. Бувнувајќи ја силно вратата, влегува секретарот на Куќниот совет, Ситниџиев. Прилега на строг службеник од некоја полициска држава. В рака држи стапче како симбол на власт. Влегува енергично, со строг израз на лицето. Ги изгледува сите со недоверлив поглед. Ги третира како сомнителни луѓе што згрешиле пред законот, како луѓе од дното,. џганот. Прави една обиколка по собата, се загледува ваму и таму. Мара веќе по третпат го поканува да седне. Ама тој не ја удостојува ниту со поглед. Дури откога завршува со „инспекцијата", застанува покрај неа. – Значи, свадба? – ја прашува строго како да ја обвинува. – Да! Повелете седнете! – Да не сум чул никакво пеење, никакво дерење! И оној идиот што свири онаму, веднаш да престане! Јасно? Се вмешува Илија. – Зошто да нема пеење? – прашува.– И зошто оној прекрасен човек што толку тажно свири го нарекувате идиот? Ситниџиев се обидува да се спротивстави. Но Илија станува: – Надвор, мувало едно! Ситниџиев останува стаписан. Тој никако не можеше да очекува ваков отпор. Бидејќи е уплашен, се задоволува само да му заврти заканително со главата на Илија, – значи: Ќе ми платиш ти за ова! – а на Мара, гласно: „Ти да се држиш!" И со брзи чекори излегува. Прекрасното расположение кое долго време траеше во собата, сега е нарушено. Непријатноста да биде поголема, Ситниџиев пак се појавува: од пакост и за одмазда, истура во собата еден голем сад со вода. И побегнува. Илија пламнува. Тој се пушта по него. Настанува брканица по скалите. Ситниџиев го испушта садот. Тој се заплеткува во нозете на Илија, и овој паѓа, се стркалува по скалите. Тоа му дава можност на Ситниџиев да побегне во двориштето, зад зградата. Илија, уште поразбеснет – по него. Ама го губи од видот. Двориштето е широко и пренатрупано со сенешто: многу канти за ѓубре, употребени автомобилски делови, стари делови од покуќнина. Исто така, на повеќе места има купчиња тули, донесени за подѕидување на оградата која на неколку места е урната. Илија со поглед бара каде би можел да се скрие Ситниџиев. Неочекувано го удира одназад тула во ногата. Се свртува. Ама од напаѓачот нема ни трага. Потрчува кон едно од купчињата тули. Ама таму нема никого. Изгледа Ситниџиев побегнал преку урнатината. Илија се качува на оградата. Во моментот едно парче тула профучува покрај него. Тој оценува дека е ризично да стои исправен на оградата. Слегувајќи, пак е удрен со тула, сега в грб. Разбеснет, потрчува во правец од каде што дојде ударот. Ама веднаш се враќа назад, зашто од зад грбот го слуша кикотот на секретарот. Илија му се заканува со груби зборови, без да го гледа. Следуваат нови удари. Илија оценува дека е во ризична положба, а не помалку и во смешна. Решава да се врати и да бара попогоден момент за крајната пресметка. Го испраќа подбивната смеа на неговиот противник и цела канонада од парчиња тули. – Кога да е ќе те фатам! – му се заканува Илија. По скалите се чисти со рацете. Во претсобјето бара четка убаво да се исчисти. Ама четка нема. Нема четка да ги исчисти и чевлите. Ги забришува со една крпа. Од собата доаѓа смеата на Благородна; по малку извештачена смеа на жена на која некој ѝ упатува ласкави зборови. Илија го пројадува јанѕа. Тој се доближува до вратата и, бидејќи таа е подотворена, може да види и јасно да чуе што се случува внатре: Мара, препасала престилка, го чисти подот. Чопела седнат е на столица близу до Благородна. Но не сосема близу. Поправо доволно близу за да може интимно да ѝ се обраќа и доволно далеку за да може веднаш да се преправи на незаинтересиран за неа кога Илија ќе наиде. Благородна е навалена на фотелјата не баш пристојно. Отсуството на Илија се обидува да го искористи и Моно на тој начин што сака да се вмеша во разговорот. Ама Чопела Џганов е во разгорот на својот додворувачки потфат и не допушта да му се одземе макар и миг од краткиот временски период што му стои на располагање, односно до доаѓањето на Илија. Овој јасно слуша како тој и вели на Благородна: – Сè е лага, сè е лага, вие сте само вистина! Благородна се смее. Не е речено нешто смешно! Зошто се смее? Се смее и со рака го разгонува чадот што Рокан, кој стои исправен како и Моно во нејзина непосредна близина, ѝ го испушта в лице. Илија смета дека чадот не ѝ пречи туку дека тој само пријатно ја дразни. Докторот до капка едноподуго испива две чаши. Величко покрај него стои стутулен. Благородна нешто му зборува на Чопела. Илија не може да ја разбере, ама јасно слуша како таа го изговара неговото име. – Ах, Илија! – потценувачки одмавнува со рака Чопела и прави една грда кисела гримаса за сметка на Илија. – Тој е изгубен случај! – се дополнува. Благородна се спротивставува. Илија инстинктивно прави движење со раката накај џебот каде го чува боксот. Ама не го извлекува. Се воздржува. Веднаш потоа го забележува Чопела како ја крева чашата што ја држи в рака и слуша како ѝ наздравува на Благородна: – Среќен роденден! – Не ми е денес роденден! – божем се чуди таа, а знае дека е во прашање ласка. Така Илија оценува. – На убавите жени секој ден им е роденден и треба да го слават – ѝ се умилкува Чопела. На Благородна ѝ е пријатно и таа се смее. Илија зоврива од бес. Одеднаш тој влегува внатре. Истиот момент Чопела се преправа на заспан. Илија му ја зема чашата од рака и ја става на маса. Чопела ниту да се мрдне. На Илија не му е до игра. Го фаќа за рака и грубо го повлекува. Чопела се стресува како да е ненадејно разбуден. – Доста, доста се преправате! Ајдете со мене! – му вели Илија. Моно се кикоти, затскривајќи се зад Рокан кој пак седнал во својата фотелја, пуши и се смешка. Чопела со исплашен поглед го прашува Илија што намерава со него. Овој му вели: – Сакам да ве прашам нешто, професоре. Ништо друго. Држејќи го за рака, го одведува настрана, во еден од аглите на собата. Чопела Џганов е послушен и исполнителен како виновно дете. – Поднесете ми сметка за Лиска! – шепнешком му заповеда Илија за веројатно да не чуе Благородна. Чопела се испреплашува: – Зар пак сметка за Лиска?! – Молк! – остро го предупредува Илија да не ѝ го споменува името гласно. – Зар пак?! – шепоти испреплашен Чопела. – Пак! – му вели Илија. – Ама тоа беше одамна! Веќе заборавив. Ти тогаш беше уште момче. – Сеедно. Времето не е важно. Вие заборавивте, ама јас не заборавив! Ајде! – Колку пати до сега ти имам кажувано! Мојата авантура со неа беше пресметана така за ти да станеш нејзин свидетел. Беше план на твојот професор со цел да ти одржи практично предавање, да те предупреди сериозно уште пред да стапнеш со двете нозе во животот дека животот е шума полна со стапици. Сакав да ти ги отворам очите. Илија е нетрпелив, нервозен: – Добро, добро! Тоа ми го имаш кажувано. Сакам да ми признаеш сега дека сето тоа беше предизвикано од ниски побуди, дека сето тоа подредено му беше на твоите ниски цели. – Не! – категорично одречува Чопела. – Случајот со Лиска беше обична наставна единица. А во мојата настава немаше и нема лаги. Лагата кај мене беше и е наставен метод. Јас секојпат зборував и зборувам со вистинскиот јазик со каков не се зборува во ниедно училиште. Мојата школа е реакција на школата што владее од настанувањето на човекот до денес и која од своите воспитаници направи лудаци кои сопствената рака, вооружена со атомска бомба, ја кренале против сопствената глава. Јас бев тој што те учев. Илија, а со примерот на Лиска која за тебе беше симбол на верност – практично ти покажав дека во животот ги има само нив: лагите, лагите! – Знам, знам! – се нервира Илија. – И не туку ломоти гласно! – Ако сакаш да живееш – продолжува Чопела сега со снижен глас – не ти останува ништо друго освен да ги прифатиш – лагите! И еден народ ако сака да живее, да остане меѓу другите, неговите водачи мораат како принцип на нивната политика да ја прифатат лагата. Комбинирана со физичка сила, таа дава одлични животни резултати. Така е скроен векот. Лошо. А човекот не доаѓа во него доброволно. Донесен во него којзнае од каде, нему му се даваат на располагање три можности: или да го прифати таков каков што му се дава, значи, да се самоубие или, незадоволен од него, да се бори да го измени. Оној што се бори да го измени, однапред е осуден на неуспех. Тој е смешниот и трагичниот Дон Кихот. – Доста, доста! – се нервира Илија. Излагањето на Чопела уште повеќе го предизвикува. Чопела смета дека го обезоружува и така се спасува. – Да ѝ се препуштиме на матицата да не влече – заклучува тој – и да нè удави во едно од морињата! Животот е река, смртта море. Кога ќе се давиме ќе сфатиме дека лажејќи разни луѓе низ животот, сме ее лажеле и себеси... Човекот не би бил човек доколку не лаже и доколку на крајот не падне во сопствените лаги. Тоа е негов закон! Денес повеќе отколку вчера, тој се мами себе, сметајќи дека ја мами природата. Атомската бомба не е ништо друго до стихија како и секоја друга природна стихија. – Знам! Знам! – му се врекнува Илија. Тој како да се нервира што Чопела му открива непријатни вистини што му се и нему познати. – Не те прашувам тоа! Те прашувам – ги цеди зборовите – дали Лиска падна во твоите раце само поради тоа што беше примамена од подарокот што ѝ го вети или во сето тоа имаше и нејзина волја. – Подарокот беше сосема незначителен, симболичен. – Лажеш! – му викнува Илија, ама сè така со воздржан глас. – Таа мене ме сакаше. Јас можеби не. Но таа ме сакаше. На милион начини ми ја покажуваше и докажуваше својата љубов! – Неспорно, таа тебе безгранично те сакаше. Ама безгранично сакаше и да те мами. Илија нема што повеќе да каже. – Добро! – му признава на Чопела. – Добро! Нека биде така. Ама тоа не те спасува. И посегнува кон боксот. Го извлекува. – Илија! – испреплашено викнува Чопела. – Не!! Тоа не смееш спрема твојот професор! Немаш зошто. Напротив, ти си му должен. Уката што ти ја дадов има голема цена. На Илија му ја зафаќа душата една горчина, нешто меѓу плач и бес. – Знам, знам! – му вели на Чопела. – Еве, јас таа цена ќе ти ја платам! – Помош! – вика колку што глас го држи Чопела Џганов. Ама сè е доцна. Со мигновен удар Илија го кутнува на подот. Со засукани ракави и препашана со престилка, од кујната се појавува Мара и, забележувајќи го кутнат Чопела, му притрчува на помош. Чопела Џганов силно офка: Оле-ле-ле-ле! Величко сиот трепери од страв. Докторот и по повод овој случај добива вонредно расположение. Откога на искап испива уште една чаша алкохол, му се доближува на Илија и го почестува со цигара. Овој прифаќа. Ја вади својата запалка за да запалат. Стојат простум еднододруго како добри пријатели. Ним им се приклучува и Благородна. Моно и Рокан будно следат што се случува. Благородна сака решително да му даде на знаење на Илија дека за инцидентот со Чопела Џганов нема нејзина вина. Разговорот со него бил обичен шеговит разговор. Како таков барем таа го прифатила. На Илија му ласка што таа се труди да отстрани секакво сомнение кај него дека ги повредила нивните заеднички чувства. Тој го прифаќа нејзиното објаснување, но ѝ порачува да биде повнимателна спрема разни скитници како Чопела Џганов; па дури и тогаш кога тие скитници се богати господинковци! Надворешно богати, а внатре бедни. Илија алудира на Моно. Благородна го сфаќа. Таа му дава цврсти уверувања дека никакви господинковци не ја интересираат. Меѓутоа, што се тие околу неа, тоа не е нејзина вина. Можеби е тоа повеќе негова, на Илија, отколку нејзина. Таа со строг поглед, насочен во дното на неговите очи се доискажува. Илија го прима заслужениот прекор како нејзина милувка. Докторот е среќен. Тој ја сфаќа Благородна како таа да бара од Илија да се пресмета со Моно и со неговиот придружник за да ја зачува неа за себе и за него, за докторот. А всушност пораката на Благородна нема таква смисла. Вината на Илија таа ја гледа во тоа што тој не ја ослободил токму од докторот кога имал можност за тоа, и ја оставил да пропаѓа среде овој џган. Илија токму така ја сфаќа. Тој со поглед ѝ дава уверување да биде безгрижна – грешката ќе биде исправена. Таа му благодари. За да го отстрани евентуалниот впечаток кај неа дека е човек што би можел да ја тормози со својата љубомора, тој ѝ кажува дека инцидентите со Секула и Чопела биле поради стари сметки. Сега Благородна е таа која по малку му љубомори. – Некоја жена? – Не! – одречува Илија. Истовремено помислува на Лиска, но наоѓа дека таа покрај Благородна е без значење. Сега нему му станува јасно дека Лиска беше само име зад кое се криеше Благородна – вистинскиот повод за пресметката со Чопела Џганов. Но само повод. Причината е подлабока. Таа е колку во Лола и во Лиска, колку во Чопела, толку и во него, толку и во сите. Причината е во лагата! Лагата против која тој се бори како Дон Кихот против ветерните мелници! И против која заедно со Лола ќе ја извојуваат правата победа! Разговорот меѓу Благородна и Илија се води пред докторот. Нему му е пријатно што своите љубовни разговори тие ги водат во негово присуство. Посебно му годи што, од обѕири кон него, ја сокриваат својата љубов зад тенок превез, што се обраќаат, на пример, со „вие". Тоа е за него гаранција дека не сакаат да го истиснат. Моно и Рокан будно следат што се случува меѓу Благородна, Илија и докторот. Настојуваат да чујат нешто од разговорот. Кога докторот тоа го забележува, им испраќа по еден супериорен поглед во името на „тројниот сојуз". Мара е заангажирана околу Чопела. Таа му става облоги на удреното место. – Оф, оооф! – офка тој, правејќи грозни гримаси. Бара да го напијат ракија. Мара го напива. Потоа бара од неа да го подисправи. И тоа барање му е исполнето. Покажувајќи со прст кон Илија со растреперен глас вели: – Оној човек... онаму!... Ама се прекинува. Чувствува болки во вилицата. – Оф, оф, олеле! – ужасно извикнува. Илија го замолува докторот да го прегледа Џганов. Кога молбата доаѓа од Илија, докторот, се разбира, со најголемо задоволство ќе ја исполни. – Олеле-ле-ле! – лелека Чопела. Докторот многу внимателно го прегледува. Илија се интересира за резултатот од прегледот. – Ќе му мине како на куче! – објаснува докторот. Чувствувајќи се подобро, Чопела пак се подисправува за да го каже за Илија она што го има наумено. – Овој човек овде – покажува на него – е слаб човек. Затоа е вооружен со бокс. Пак се прекинува. – О-о-о! – остро и отсечно офка. Изгледа го штрекнуваат болки. Тие сигурно не се толку силни, ама Чопела Џганов е зазорлив. А освен тоа тој сака и да ја драматизира ситуацијата, Неговото офкање и леликање им станува смешно на сите. Дури и на Мара. Кога Величко, инаку страшно исплашен, забележува дека и нејзе ѝ игра насмевка, веднаш се охрабрува и почнува да гледа дека ситуацијата е смешна. И започнува гласно да се смее како дете кое сака до максимум да го извлече смешното од една ситуација за да го наплати така стравот што незаслужено го претрпело. Чопела е упорен во намерата да се доискаже. – Овој човек овде, овој Илија е слаб и плашлив! Крева рака за да се охрабри. Тој има срце како на зајак. Неговото срце не е... Не може да го најде зборот за поимот. Се измачува, ама не може. Тогаш почнува да прави движења со рацете и да дува со устата како да пумпа истушена гума – Пумпа! – го потсетува докторот на зборот. Чопела продолжува: – ...Не е обична пумпа, неговото срце е негово слабо место! Удирајќи се жестоко по градите околу пределот на срцето, завршува: – Кобното место на слабото човештво! Секула пак почнал да свири. Како некој да плаче. Како кучка да завива по изгубените кучиња. На Илија му паѓа жал. Се кае што го удри Секула. Се кае што го удри и Чопела. – Ќе ти мине – му вели. – Физичката болка полесно минува. Душевната е тешка. – А ти душа нели немаш? Мара му пристапува на Илија и бара ветување од него дека денес, на нејзината свадба, нема да ги повтори овие груби постапки спрема нејзините гости. Во толку повеќе што тој, како кум на свадбата, има обврски да го чува редот и да овозможи, дури и да створи весело расположение. Илија без противење го прима прекорот, ѝ се извинува на Мара и ѝ го дава бараното ветување. – Благородна ми е свидетел! – му вели таа нему, повикувајќи се на неа со сè што таа значи за Илија. – Тоа нема да се повтори! – ветува и Благородна од свое име и од името на Илија. Таа си зема право да ветува и од негово име сметајќи на правата што ги дава една брачна заедница. На Илија тоа не му побегнува и мило му е што може да го констатира. Во нејзиното ветување се подразбира и благ прекор за него. И овој прекор нему му е пријатен и го прима со насмевка. Всушност се случува една мала љубовна игра која на Мара ѝ е симпатична. – Уверена сум дека денес сè ќе мине добро и во радосно расположение. Уште да пристигне Вецко Мицев! – вели таа. Благородна: – Кога треба да пристигне? – Секој момент. Мара се извинува што ќе мора да ја замоли Благородна да дојде во кујната за да ѝ помогне со совет околу приготвувањето на свадбениот ручек. Благородна ѝ се става на располагање. Илија и докторот седнуваат крај масичката со пијалоци за заедно да испијат по нешто. Секула сè така свири на усната хармоника. Илија му вели на докторот: – Ми е жал за Секула. А и криво ми е што го удрив. Секула не е лошо дете. Многу е чувствителен. Морам да одам да го видам. – Штом е така, одете – му одобрува докторот. – Извинете! – се извинува Илија што го напушта и излегува. Кога кучето Марко го забележува доаѓањето на Илија, а ја предосетува и целта на неговото доаѓање, му оди во пресрет и со поглед му ја изразува тагата што го има обземено поради несреќата на нивниот заеднички пријател Секула. Околу Секула се насобрани повеќе животни и птици. Тие му прават место на Илија да седне на рогузината покрај својот пријател. Тој седнува. Секула како да не го забележува. Остро ја има свртено главата спрема небото и, свирејќи занесено и очајно, чиниш нему, на небото, му свири. Илија со побожна смиреност ја слуша музиката. По едно време Секула престанува да свири. Но останува сè така загледан во небото, не обрнувајќи му никакво внимание на Илија. – О, Секуле! – го викнува овој. Секула го погледнува и му одмавнува тешко со главата, на кој начин сака да му каже дека неговиот очај е голем, дека неговата положба е безнадежна. Од конфликтот до кој дојде меѓу нив пред малку сега во нивниот однос нема ниту трага. Илија му се обраќа слаткодумно и сострадателно: – Зар толку ја сакаше горката таа, та што не можеш да престанеш да тагуваш по неа? – Не толку многу – му вели Секула. – Ама сега кога ја немам, неизмерно ја сакам! Има уште да кажува, ама не може веднаш да продолжи, го зафаќа бол. Кога болот му се ублажува, продолжува: – Додека беше жива, лошо постапував со неа, ја мамев. Еднаш, кога една моја богата љубовница, научувајќи за нашата љубов, ми го постави условот нејзиното богатство или Разделинка, ја напуштив. Но потоа пак ѝ се вратив. И повеќе пати така – ја напуштав и ѝ се враќав. Да ја напуштев сосема, не можев. Ама, ете, таа ме напушти. Пак го зафаќа бол. Илија чека да го одмине малку, па да го праша: – Како се случи тоа? Не ми имаш кажувано. – Та да знам! – му вели Секула со ноти на револт во гласот. – Вечерта бевме заедно, утрото умрела. Ненадејно. Јас научив случајно од некролозите. На нив беше и нејзината фотографија. – Тоа е непојмливо! – продолжува револтирано. – Тука се работи за една измама. За една грандиозна измама! Револтот силно го зафаќа: – Како е можно тоа?! Вчера полна со милијарди прекрасни значења, а денес – ништо! – А, тоа не! – се провикнува очајно и му се заканува со главата на некој имагинарен кој е виновен за неговиот бол и очај. – Таква грандиозна болка! Тоа е несносливо. Тоа е отповеќе свирепо. За каков грев некому плаќаме? И кому, кому?? Кој е тој немилосрдник? Кој и да е, така жестоко спрема нас не смее да постапува. Па макар колку и да сме згрешиле. Замолчува. Илија сака да најде некој утешителен збор, ама не може. Одненадеж Секула пак се провикнува: – Како е можно тоа, како?! Сега тој повеќе е опфатен од плач, отколку од револт. – Вчера беше жива, денес не е! Вчера беше сè, денес ништо! Чопела Џганов неочекувано ја подава ќелавата глава преку прозорец и со својот рапав глас вели: – Стара песна! Банална! – Стара и секојпат нова! – со воздишка констатира Илија. – Тоа е навистина непојмливо – гласно си размислува тој. – Еден неверојатно богат и убав свет наеднаш да се изгуби, без трага. Чопела пак ја подава главата: – Една неворојатно исконструирана убава лага! Илија воопшто не му обрнува внимание. Тој му вели на Секула: – Тоа е прашање, брате, кое и мене силно ме мачи. Сакам да напишам нешто страшно против смртта. Нешто поразително. Ако вреди да се пишува, а вреди, против неа треба да се пишува. Литературата треба да биде побуна против смртта. Ако не е тоа, не е литература. Јас сакам да напишам – мечтаам, сонувам некој критички трактат со кој ќе ја раскринкам, ќе ја разгромам, со кој неколкуте милијарди луѓе ќе ги предизвикам на светска револуција против неа. Таков трактат! Пишуван не со обични зборови. Со празни. Туку со страшни, пострашни од неа. Набиени со толку омраза што ќе имаат разорна моќ. Јас затоа и не пишувам. Зашто не можам да измислам такви зборови. А и ти, знам, од тие причини не пишуваш. Не можеш да дојдеш до вистинските зборови. Овие што ти се нудат, се слаби, безопасни. И затоа ти своите песни ги свириш. Свири! Свири! Секула пак ја зема свирката. Ја свртува главата кон небото и почнува да свири. Сите животни и птици собрани околу него исто така ги свртуваат главите кон небото каде што ги води свирката на Секула. И Илија гледа нагоре. Небото е јасно. На него нема ни едно облаче. Воздухот е сув. Свирката на Секула ѕуни. Чопела преку прозорец со ироничен поглед посматра што се случува в градина. Докторот е прилично напиен. Од кујната во приемната соба влегува Благородна. Таа со поглед го бара Илија. – В градина е – вели докторот. – Отиде да го утеши својот пријател Секула. Благородна се пожалува на горештината. Сака да се напие нешто освежувачко. Оди кон масата со пијалоци. Моно веднаш реагира на ситуацијата. Користејќи го отсуството на својот соперник тој веднаш се наоѓа до Благородна, вади од внатрешниот џеб на жакетот плоско шише, полно со некаква црвеникава течност, и ѝ го понудува: – Вкусете од ова! – ѝ вели. – Нема да се покаете. Благородна одбива. Таа знае, во шишето има опојна течност. Но не може да не се насмее: Што сè не ќе преземе Моно за да ја придобие! – Добро е што ја одбивте таа сомнителна напивка – ѝ вели Чопела. И тој сака да го искористи отсуството на Илија. – Една чашка природна ракија внатрешно ќе ве загрее, а надворешно ќе ве олади. Тој веќе ѝ налева. Ама Благородна и него го одбива. Таа се прифаќа за едно шише освежителен пијалак. Чопела ѝ го извлекува шишето речиси од рака. Сака тој да ја послужи. –Ми прави задоволство да ги служам убавите жени! – вели и ѝ налева во чашата. Докторот смета дека Чопела, користејќи го отсуството на Илија, продолжува да се однесува дрско. – Ако продолжите со вашите дрскости – му вели, како што е поднапиен – претполагам дека ќе добиете уште некој бокс! – Од кого? – иронично го прашува Чопела. – Од вас? – Ако не од мене, тогаш, секако, од Илија. На Чопела дадена му е прилика да направи обид да се рехабилитира пред присутните, а најмногу пред Благородна. – Од Илија?! Сака да го потцени него, а да се истакне себе. – Ха-ха-ха! – се смее иронично. Потоа се фали како тој би можел, ако сака, да го претепа Илија. И не, се разбира, зашто е посилен од него, но зашто знае трикови. Можел да направи таков трик, тореадорски, што Илија со главата да налетне на ѕид. Ама не вреди! Овој свет е полн со волови. Дали ќе биде еден помалку или не, не се менува положбата. Само што јас ќе треба да одговарам пред органите на власта. Сето ова е речено, се разбира, со снижен глас, за да не допре до градината. – А што се однесува до неговиот удар, – продолжува Чопела – не, тој воопшто не беше силен. Не барем за мене. Јас сум навистина во поодминати години, но телесно и духовно сум свеж. Тоа можат да го потврдат многу волшебни припаднички на другиот пол. Тоа е отворено кокетирање со Благородна. Докторот се нервира: – А офкањето? А лелкањето? – Тоа беше глума – објаснува Чопела. – Иронизирање на силата што сакаше да ја демонстрира Илија за да се покаже пред една жена чија сила, како и на секоја друга, е во слабоста. – Ако тоа беше навистина глума, – му вели Моно – тогаш дозволете, вие сте артиствиртуоз. – Сум! – вели Чопела. – Јас сум бил и професионален артист. Сум играл љубовници. Многу убави артистки лежеле во моите прегратки. И на сцената и зад сцената. Докторот сè повеќе се нервира. – Илија! – викнува. Ама викнува со слаб и несигурен глас, и Илија не може да го чуе. Чопела: – И Христос додека се мачеше на крстот бараше еден Илија за да го спаси, ама не му се јави! Моно се кикоти. Потоа тој истакнува дека како младич и самиот бил актер. Многу често го играл токму Христос. – Не би рекол дека таа улога ви прилега – му вели Чопела. – Вие сте роден да го играте Сатаната. Тоа на Моно како да му годи. Тој пак се кикоти. А потоа се интересира: – А како вие, господине Чопела, дојдовте во допир со театарот? Вие сте, како што сум известен, филозоф, – Како? Побегнав од животот, – објаснува Чопела – што ќе рече од лагата, и отидов да живеам на штиците што живот значат, верувајќи дека таму ќе наидам на некоја трага од вистината. Ете како! Меѓутоа што се случи?! Таму два пати повеќе се живеело, значи два пати повеќе се лажело. Таму ти се лачел екстрактот на лагата. И сето тоа ме принуди една вечер, додека го играв Отело, во еден момент да ја прекинам репликата и да им довикнам на гледачите: Еј, народе! Ова што ви го прикажуваме е лага! Немојте да ни верувате. Ви прикажуваме дека Дездемона е невина. Не! Таа неизмерно го сака својот Отело, ама и неизмерно сака да го мами! Последната реченица Чопела ја изговара со силен глас, театрално, подвлечено и свртен спрема прозорците кон градината за да го чуе Илија. Моно е воодушевен. – О, да, да! – вели тој. – Сосема правилно сте го сфатиле ликот на Дездемона. Дездемона беше жена и пол! И како таква, јасно, не можеше да не ги посака милувките на еден црнец. За сметка на својата духовна инфериорност, црнецот е физички супериорен. Влегува Илија. Моно се повлекува зад Рокан. Тој не сака да го испушти случајот и да не ја доискаже пред Благородна започнатата мисла која смета дека убаво ќе го препорача пред неа, а веројатно ќе го предизвика и Илија, што е негова постојана Цел. – Тоа што една бела жена има желба спрема еден црнец е в ред – продолжува. – Допуштам. Ама не допуштам еден црнец емотивно да се врзе со бела жена и да си дозволи да ѝ ја забранува слободата да го побара таа од своите бели партнери она што природно ѝ припаѓа. Моно со крајот на очите набљудува каков ефект оставаат неговите зборови на Благородна. Да имавте можност, колега, – му се обраќа на Чопела Џганов – да ја видевте верзијата на „Отело" што ја игравме како студенти на една аматерска сцена во Њу Орлеанс! Чопела го поттикнува: – Жити бога! Тој почнува да покажува претерано срдечен интерес за прикажувањето на Моно. Сиот е ѕркнат во него. Тоа го прави не зашто навистина е заинтересиран, туку од каприц спрема Илија. – Тоа мора да е некоја интересна верзија. Накратко, во што се состои? Моно: – Накратко, Маварот е бесно љубоморен на Дездемона поради нејзините врски со еден џентлмен. Спремен е да ја задави. Џентлменот – во моја интерпретација! – заедно со своите другари џентлмени го начекуваат на една улица, среде бел ден. Тој се обидува да побегне. Ама каде? Америка не е Европа! Таму еден црнец не може да се извлече, Го фаќаме, го притеснуваме на еден ѕид и – се знае! До смрт! Тоа беше незаборавна претстава! Моно зборува занесено, со страст. Гласот му е тенок и ѕвечлив. Чопела Џганов ласкаво му аплаудира. Моно е заинтересиран за реагирањето на Благородна. Ама таа, од влегувањето на Илија наваму, речиси му го има завртено грбот, на кој начин демонстративно сака да покаже дека не го прима неговото додворување. Моно тоа го толкува како нејзина желба да му угоди на Илија со намера да се спаси од неговиот љубоморен тормоз. – О, да, да! – се провикнува тој силно, и остриот гласец триумфално му ечи, – Спрема љубоморните треба безмилосно да се постапува како со црнците во Америка. Прашајте ме мене како треба со нив, и јас ќе ви кажам. Бев сосема мал кога тато при едно патешествие низ Африка ми купи камшик од воловска жила. Малечките црнчиња ми го свиткуваа грбот, а јас безмилосно ги шибав. Црнците треба да се шибаат до смрт, до уништување, до истребување! И сите други слаби луѓе! И старите, исто така. Како овој доктор, на пример. А пред сите, љубоморните, зашто им ја ограничуваат драгоцената слобода на жените! Ова последново фрлено му е на Илија в лице. Изгледа дека Моно сака по секоја цена да ја предизвика решавачката пресметка. Тој смета дека ако го изгуби Илија дуелот, – во што не се сомнева со оглед физичката надмоќ на Рокан – ја губи и Благородна. Самата можеби и во таков случај не би се отстранила од него, но неговото честољубие би го отстранило него од неа. Благородна ги насетува намерите на Моно. Таа сака да го предупреди Илија да не попадне во стапицата што тој му ја подготвува. – Илија! – го викнува. Оди кон него, ама тој, не погледнувајќи ја, благо ја отстранува од себе. Потпрен е на ѕидот до вратата, со поглед насочен спрема Моно и на штрек да не биде нападнат, но не и спремен да нападне. Размислува: До пресметка меѓу него и Рокан неизоставно ќе дојде. Но да ја прифати сега и под условите што ги диктира Моно – во никој случај! Навредливо за него би било да се бори за Лола. Навредливо и за самата неа. Не би била таа достојна за него доколку би се ставила меѓу него и Моно. Во таков случај таа не би била она што е, не би била Лола. Тој би се борел и ќе се бори со Рокан, не се работи за одбегнување на борбата, но ќе се бори заради својата и нејзината засегната чест. Во мислите му пречи предизвикувачкиот кикот на неговиот соперник. Тој и Чопела, засолнати зад Рокан, водат провокативен разговор. Да, борбата со Рокан е неизбежна. Но љубовта на Илија и Благородна нема да има ништо општо со таа борба, ниту исходот од неа ќе има значење за нивните меѓусебни односи. На вакво становиште цврсто стои и Лола. Тој тоа го знае. Во тоа не се сомнева. Токму тоа таа сака да му го каже. Сака да му каже дека секаков дуел заради неа е беспредметен, зашто секојпат кога е во прашање тој, таа е одредена за него, таа е освоена. А и начинот на кој се однесува спрема Моно, завртувајќи му го грбот додека тој ѝ се препорачува, тоа јасно го кажува. Ама зар тоа треба да се каже?! Зар треба да се потенцира она што е само по себе разбирливо? Илија се присетува на некои жени кои многу им се галат на своите мажи, а тајно флертуваат со други. На такви кои сакаат еден, а си играат љубов со друг. „Тоа е игра на работ од пропаста! – размислува тој. – Меѓутоа и покрај тоа речиси и нема жена која не ја игра. Дури и најверната, со самото тоа што не се откажува од намерата физички да се допадне на други, зафатена е од нејзиниот оган. Тоа е слепа сила која гони на хазард со ѓаволот, на состанок со него; со оној кој им се подигрува на човечкиот ум и човечкото срце!" Илија е нерасположен, смрачен. Чопела Џганов како да ги чита неговите мисли. Тој му се обрнува на Моно, но да чуе и Илија: – Каде што има волшебни жени, таму има и кавги, и тепачки. Тоа Хомер во „Илијадата" на генијален начин го изнесе. Залудно овде нашиот Парис – тој со шеговита мимика покажува на Илија – се труди да ја скрие и да ја зачува Елена само за себе. Се провикнува силно: – Опсадена е куќата на Мара од донжуани како Троја од Грците! Моно: – Само кој ќе испадне на крајот лукавиот Одисеј? – Се знае! Тој што се снабдил со тројански коњ. Чопела го чука Рокан по плеќи како што се чука коњ. Рокан клоца. Се жали кај Моно што ги дозволува тие навреди. – Тоа не треба да те навредува – го смирува Моно. – Тоа треба да ти годи. Ќе те поставам – му вели нагласено, а погледот го насочува кон Благородна – пред портите на Троја и уште вечерва очекувам тие да се отворат за мене. Ќе има грабеж и за тебе колку што сакаш. – У-ху-ху-хууу! – извикнува Чопела весело. Илија го посматра Моно со една горчлива насмевка на лицето. „Борбата со Рокан ќе биде неизбежна – размислува. – Само зошто тој уште трае, не ме напаѓа, иако Моно постојано го подбуцнува? А чудно е и јас како се воздржувам. Зошто? Не е важно. Важно е за мене прашањето: Дали јас кога ќе влезам во дуел со нив двата, – што е неизбежно – во дуел со нив за да ја спасам својата повредена чест и честа на Лола, дали јас, борејќи се со нив, не ќе се борам истовремено и со своите соперници?" Илија ја погледнува Благородна. Се судира со нејзиниот поглед. Таа се загледува во него како да го чека неговото решение; спремна е да викне НЕ! и да потрчка кон него да го спречи доколку тој одговори на предизвикот од Моно. Таа нејзина оддаденост на Илија сега не само што не му е пријатна, туку го дразни. Неочекувано се подотворува вратата и ја подава главата Ситниџиев. Илија не го забележува, зашто му е свртен со грбот. – Ало! – му викнува Ситниџиев. Кога Илија погледнува кон него, овој шеговито на војнички начин го поздравува и истиот момент побегнува. Илија е спремен веднаш да потрча, по него – ама во последен момент се премислува, оценувајќи дека не ќе може да го довтаса. Положбата во која тој се наоѓа проследена е од Моно и Чопела со подбивен смев. Токму во тој момент, кога Илија е разгневен, вратата пак се отвора и влегува Ангеле – како што Мара ќе го именува кога тој по минута или две, болно навреден, ќе ја напушти собата. Тој е прилично млад човек, шишко, со црвени, полни образи. Физиономијата му оддава впечаток на мирољубив човек, ведар по дух, веселник, секојпат спремен за шега и песна. Добар ден на сите! За навек среќни да ви бидат дните! Тоа ви го пожелувам во овој радосен час јас! Така со стихови весело поздравува тој, поделувајќи ја својата животна радост со сите. Целото лице му се смее, му болскоти од среќа, па му даоѓа како сонце. Бидејќи меѓу присутните не ја здогледува Мара, прашува: – Невестата? Најблизу до него е Илија. Смрачен во лицето како темен облак, сега уште повеќе се смрачува. – Која невеста? – го прашува нељубезно, непресретливо. Новодојдениот малку се зачудува и се збунува. Потоа се обидува своето ведро расположение да го пренесе и на Илија: – Нашата невеста Мара! Еден нејзин пријател ја бара! – Марш оттука! – неочекувано злобно му викнува Илија. Сјајот од лицето на новодојдениот почнува да се гаси. – Зошто? – збунето и уплашено прашува со одвај забележителни нотки на отпор. – Па јас сум поканет на оваа свадба! Одненадеж Илија го шлакнува по образот. Шлаканицата не е многу силна, но на полниот образ од новодојдениот испаднува многу звучна. Предизвикана од плускотот, Мара веднаш се појавува од кујната. По неа и Величко, кој таму ѝ помага. Пријателот на Мара се држи со раката за удреното место и клепа со очите за да ги задржи солзите. Мара веднаш знае за што се работи. – Зошто?! – бара објаснение од Илија, истовремено обвинувајќи го. Илија молчи. На усните му игра потсмешлива насмевка. Мара не завршува со испитувањето на Илија, но сега го остава и брза да го прифати гостинот. Ама само што му го изговара името – Ангеле! – тој, не можејќи да се воздржи, пливнува во солзи. Истиот момент, посрамотен, навреден, се завртува и, речиси трчајќи, излегува. Мара стрчува по него. – Ангеле! Ангеле! – се слуша како му вика. Ама се знае дека нема да го стигне и да го врати. На враќање ќе помисли: Кога би дошол Вецко Мицев! Зошто уште го нема? Сите надежи ми се во него. Тој би ставил крај на овие нервози. Со својата песна би го скротил и бесот на Илија. Песната го облагородува човека. Не се вели тукутака: Кој пее, зло не мисли. Илија го напуштила лутината. Сега како да е од нешто задоволен и се смешка. Осудата од присутните заради грубата и неправична постапка спрема Ангеле не го засегнува. Како токму таа осуда да го расположува. Се потпира на ѕидот, вади цигара и ја запалува. Пуши спокојно и се така си с# смешка. Се враќа Мара. – Зошто? – го прашува таа строго. Тој и нејзе ѝ се смешка по малку подбивно, и некако налудничаво. На прашањето не ѝ одговара. Мара е сериозно загрижена. Таа со поглед бара објаснение од Благородна. Оваа ги крева рамениците. И таа е загрижена. Мара пак го устремува погледот на Илија. – Па ти него сигурно не го познаваш! – му вели. – Па што ако не го познавам! – одговара спокојно Илија и сè така ѝ се смешка. – Ти него сигурно првпат го гледаш во животот? – Па што? Мара смета дека тој цинично се однесува. – Илија! – го предупредува. Потоа енергично инсистира на објаснение. – Ангеле е прекрасен човек! Тој ниту удрил, ниту од некого бил удрен. Зошто го удри? Насмевката од лицето на Илија пополека се гаси. – Не биди наивна, Маро! – вели со тон што покажува дека му станува здодевно и непријатно што мора да објаснува сосема јасни работи. – Секојпат има зошто да се јаде ќотек. Никојпат кај никого ќотекот не оди за ништо. Никој нема право да рече: Џабе јадов ќотек! Мара: – Доста! Илија не обрнува внимание на забраната. – Дури, имам размислувано, – продолжува – дека добро би било за луѓето кога со закон би се завело барем еднаш месечно човек да биде шибан од општинскиот тепач. Јас би се јавил на таа служба. Многу совесно и многу стручно би ја исполнувал. Корупции, протекции и други таму бирократски механизми кај мене не би успевале. Би ги швркал со подеднаква сила сите, без разлика на ранг и положба. А тоа добро ќе им се одрази воопшто, а најмногу на нивното морално здравје. – Доста! – го укорува Мара. – Какви чудовишни идеи! – Зошто?! – се чуди Илија. – Впрочем ќотекот го препорачуваат сите трезвени педагози. Никој толку не заслужува да биде тепан колку човекот – и мажите и жените; жените можеби нешто повеќе зашто тие ги инспирираат мажите на лоши постапки. Благородна започнува да го сфаќа. Имајќи ја сега предвид неа, тој вели: – Ова што го зборувам сериозно го мислам! Со тоа тој како да цели да ја потврди нејзината мисла дека за неговата постапка спрема Ангеле, а пред тоа и спрема Секула и Чопела, не е и таа без вина. Таа не знае во што точно се состои нејзината грешка, но чувствува дека чиста не е. На лицето од Илија пак се појавува преѓешната насмевка, сега јасно зајадлива. Го насочува погледот кон Благородна. Таа претчувствувајќи го тоа, благовремено го спушта својот поглед за да го одбегне неговиот. Лично јас – зборува Илија отсечно, внушително, – многу разгалени жени, многу монденки би испратил на принудна работа в поле каде што се пече лебот. Да ги жижне сонцето, да им ја направи кожата корупка како на селанките! – Нели е така, Лола? – директно ја ословува. Ја поканува да го поткрене лицето, да го погледне. Таа наполно ја признава својата вина за која не знае јасно во што се состои. Ама без оглед на тоа, самоволно ја признава. – Така е! – му вели и го погледнува право в очи, ветувајќи му дека во иднина ќе се труди да не греши, по можност сосема да ги отстрани грешките. Ветувајќи му дека ќе ги искае и сите стари гревови, таа му искажува и спремност да појде со него, како што тој ѝ предлагаше едно време, во неговиот родителски дом – да го обноват. Ќе го прифати таа тој живот како нов живот, како свој препород. „Еј, Моно, Моно! – помислува Илија не без гордост. – Уште ти не знаеш со каква сила се судираш!" И тој поаѓа кон Благородна. Сака да седне покрај неа. Докторот станува од фотелјата на која седеше и му ја отстапува. Самиот се повлекува во еден од аглите на собата. Илија и Благородна ништо не зборуваат, ама необично им е пријатно што се еден покрај друг со пребродени сомненија кои се јавија на патот од нивната љубов. Докторот извесно време стои исправен во аголот на собата, а потоа со несигурни чекори се упатува кон Илија. Тој е душевно потиснат. Зафатен е од еден манијачки страв што го предизвика во него Моно со силата која пред малку ја демонстрираше. Доаѓа до Илија. Стои. Не седнува покрај него за да не му пречи нему и на Благородна во нивното интимно расположение, за да не биде наметлив. А очевидно има нешто да каже. – Што сакате? – го прашува Илија. Докторот се поднаведнува над неговото уво и му зборува како на сојузник, но посилен сојузник што треба да се респектира. – Ако ми дозволите, знаете ли од што се плашам? – му зборува со шепот. – Не знам – му одговара Илија. Докторот покажува со гест на Моно. – Од црнците што ги шибал овој кретен. – Зошто? – Црнците кога да е ќе се изборат за слобода. Јас сметам релативно скоро. Денес историјата работи за Азија и Африка. И претставете си сега штом тие ќе стапат на историската сцена! Кога ќе се случи тоа, тешко на Европа! Илија: – Зошто, не разбирам! – Како зошто?! – се чуди докторот. – Па тие ќе го излеат врз нас сиот свој гнев од векови набран! – За да не се случи тоа, – продолжува – треба што поскоро да се уништат историските документи што зборуваат за нечовечките постапки на белите спрема Азијците и Африканците. Што поскоро да се уништат додека не дошле до нив! Тие многу од вистината знаат, но белки не ја знаат целата вистина. Се плашам за културните придобивки на Европа. Во својот гнев, тие ќе ја разорат целата културна Европа. – Што мислите вие за тоа? – му се обрнува на Илија загрижено. – Не забележувате ли такви тенденции? Не ви се чини ли дека политиката на Азија и Африка денес е инспирирана од гнев? А гневот што може да инспирира, ништо друго! – Не плашете се! – го охрабрува Илија. Се однесува спрема него како спрема имбецилен.– Ќе се уреди некако таа работа! – Илија како да е повиканиот што треба да ја уреди „таа работа", како да е министер на некоја „бела" влада што го држи ресорот по тие прашања. – А велите ќе се уреди? – Без грижа. Се работи на тоа. Виновниците ќе положат сметка! Тие ќе платат со својата глава! Речта на Илија почнува да придобива сериозен тон. Тој алудира на погледите на Моно. – Културна Евопа ќе биде спасена! – продолжува полетно. – И не само на почвата од Европа, туку и на почвата од Америка и по сиот свет. Европа на Леонардо да Винчи, на Шекспир, на Сервантес, на Виктор Иго, на Толстој! – Благодарам, благодарам! – му вели докторот охрабрен и се повлекува чекор назад. Од претсобјето допираат звуци на гитара. Мара веднаш добива расположение. Ѝ доаѓа да воскликне од радост. Со една „златна" насмевка што открива бисерни заби, триумфално влегува пејачот на забавни песни Вецко Мицев. Тој е пејач со голема слава. Исто така е композитор, а и пишувач на текстови за забавни песни. Има славено успеси и на европски фестивали на забавна музика. На него се видливи знаците на човек со слава, но лесно добиена; на славен човек кој, разгален од монденските приредби и монденскиот печат, смета дека сите му се восхитуваат; кој мисли дека она што го прави е најважното во светот, дека е среќа на луѓето, дека луѓето немаат други грижи, освен грижата да набават плоча од него, да не испуштат концерт или телевизиска емисија со негово учество. Сè на него свети, сè на него е совршено. Тој со лесни и убави движења, научени од сцената, се упатува кон Мара, ѝ ја зема раката и ѝ ја бакнува. Потоа, честитајќи ѝ ја свадбата, ѝ шепоти ласкави зборови. Откако ја остава гитарата, му честита и на Величко, но не така љубезно како на Мара. На другите само лесно им климнува со главата. Му паѓа в очи Благородна, ѝ испраќа искусен прониклив поглед, ама сосема краток; сепак доволен за да ѝ каже дека ја забележал и дека вреди подоцна да се позанимава со неа. Илија како да почнува брзо да го зафаќа неговото „лудило". До пред неколку мига ведро, лицето наеднаш почнува да му се смрачува. – Извини! – ѝ вели на Благородна и станува. Се упатува кон пејачот. Вецко Мицев веројатно смета дека се работи за некој негов обожавател кој сака да се ракува со него. Затоа го пресретнува со лажна професионална насмевка. Илија замавнува и го погодува право в лице. Вецко Мицев паѓа на подот со целата своја должина. Покрај него онесвестена паднува и Мара. Благородна брзо оди кај Мара во помош. Ги повикува Величко и докторот и тие да помогнат. Величко не може да го напушти своето место. Тој е парализиран од страв. Докторот, до пред малку депримиран, сега одеднаш добива вонредно расположение. Мара се освестува. Неа стварноста ја згрозува. Замижува. Очајно врти со главата. – Ах, што се направи! Ах, што се направи! – повторува во својот очај. Вецко Мицев, станат на нозе, трепери од страв. – Зошто? Зошто? – се решава да изусти. – Зооошто? – очајно прашува и Мара без да погледне во Илија. – Се знае зошто! – ѝ се лути Илија. Ама одвај го задржува лутиот тон. – Впрочем, јас не го удрив којзнае колку! Тој заслужува далеку повеќе. – Зошто? Зошто? – пак прашува пејачот, – Поради многу зло! – му одговара Илија. – Имам јас нос за таквите какви што сте вие! Ама бидејќи ѝ сте гостин на Мара, и бидејќи таа со нетрпение ве очекуваше, преоѓам преку сето тоа. – Е, е! – ѝ се обраќа на Мара. – Што си се очаила толку? Бидна што бидна! На пејачот: – А, вие, ослободете се! Не плашете се! Наполно ви ја гарантирам безбедноста! Вецко Мицев го погледнува со недоверба. – Ослободете се! – го охрабрува Илија. – чесен збор ви давам! На Мара: – Добро, де, добро! Исправи ја главата! Стана што стана! Еве, давам чесен збор дека нема тоа да се повтори! На Илија му е жал за Мара. Се кае за својата постапка. Пак на пејачот: – Знаете, јас сум кум на свадбата. А свадба без весела програма не бидува. Во програмата што ја предвидувам секако вие ќе си добиете достојно место, Или, воопшто вие да ја земете на себе целата програма? Мара од вас многу очекува. Очекува, можам да кажам, да ја спасите нејзината свадба. Мара го погледнува Илија испитувачки: се подбива ли тој или зборува вистина? – А, Маро, – ѝ се обраќа за да ја одоброволи, за да ја придобие – што велиш ти? Мара се присеќава на сцената и ја зафаќа ужас. Ја стресува главата и ги покрива очите со раце. Илија клекнува до неа. Ѝ ги зема рацете во своите. – Добро! Добро! – ѝ вели. – Згрешив! Нема прошка? – Еве, – продолжува – работата ќе се поправи. Нема нашиот пејач да дозволи да пропадне свадбата. На Вецко Мицев: – Нели, нема да дозволите? На Мара: – Врати си ја радоста! Дај си расположение! Мара пак го погледнува недоверливо. Ама не треба уште многу. Како што има слабост спрема него, уште неколку збора од негова страна, полни со чувство на искрено каење – и таа ќе заборави на инцидентот, ќе му прости. Погледнува во Вецко Мицев кој сè уште не може сосема да се земе себеси. – Што стоите? – го прашува Илија многу љубезно. Му понудува да седне на неговата фотелја, до Благородна. Тој се колеба. – Седнете, седнете! Раскомотете се! Пејачот се колеба. Илија сам го седнува, многу внимателно. Го понудува со цигара. – Ќе запалите една? Вецко Мицев одбива. – Јасно, – му вели Илија – вие сте пејач. Треба да го чувате грлото. На Мара: – Значи, Маро, јас сметам да оставиме се на Вецко Мицев. Да се потпреме на Секула не можеме. Тој е во жалост. А и Чопела Џганов! И тој потфрли. А божем ваму некаков бивш артист! Место да запее, да расположи, тој се занимава со интригантства, ги предизвикува луѓето на тепачки. Чопела: – Речете му да не ми се обраќа! Тој напасник во ништо не може да смета. Илија му враќа: – Па на еден таков шарлатан навистина не може да се смета. – Илија! – го предупредува Мара да не заденува препирка. Илија е покорен: – Се извинувам! Мара му пристапува на Вецко Мицев. Му вели: – Како можам да ви се извинам?! Никако! Тој утешително ѝ ја стегнува раката и дискретно се распрашува за Благородна. Претпоставува дека таа е жена на Илија и бара потврда за тоа. – Не е, – му вели Мара – но ќе му биде. – Уште подобро! – гласно го искажува своето задоволство пејачот. Тој на Илија му подготвува одмазда. - Ќе пеам! – изјавува. – Ќе пее! Вецко Мицев ќе пее! – радосно објавува Мара. Таа аплаудира, поканувајќи ги и другите на аплауз. Сите аплаудираат. Најмногу Величко. Моно станува од своето место и оди да му се претстави на пејачот. – Јас им се восхитувам на естрадните уметници! Вам посебно! – му вели. – Би бил среќен кога би ја имал вашата фотографија со ваш автограм. Вецко Мицев од внатрешниот џеб на жакетот вади една своја фотографија и му ја подарува со потпис. Потоа ја зема гитарата и станува. Но пред да почне, неочекувано кукурикнува Петелко. Качен на оградата од терасата, свртен спрема градот, тој многу радосно кукурика. – Еве и мојот гласник објавува дека конечно веселбата на мојата свадба започнува – вели преизрадувана Мара. Меѓутоа, таа погрешно го толкува настапот на Петелко. Тој всушност, здогледувајќи го на улиците од градот, поздравува еден нејзин човек, упатен кон нејзиниот дом да ѝ ја честита свадбата. Со својот необичен изглед и со својата моќ да привлекува, тој – стар човек, дедо, но мошне крепок, го свртува вниманието на многу граѓани кои љубезно ги поздравува со длабоки поклони. Зградата во која живее Мара, макар што доаѓал во неа, не може лесно да ја пронајде. Прашува лево– десно, но никој не знае да го извести. – Ништо! Ништо! – не губи надеж тој. – Ќе ја пронајдеме. Една е Мара! Вецко Мицев пее полетно. Неговиот план е со едно пеколно темпо да ги зашемети своите слушатели. Уште со првата песна, во Чопела открива свој медиум. „Одлично! Одлично!" – си мисли и пее сè пополетно, засилувајќи го ритамот и ритмичките движења на своето тело со стремеж да ги повлече и другите. Започнува да фрла искричави погледи и кон Благородна. Меѓутоа уште не ја погледнува како што знае тој да погледне жена. Тоа ќе го остави за подоцна откако песните ќе го направат своето, откога тие ќе ѝ ги предизвикаат желбите. Сега се устремува на Чопела. Се нафрла на него безмилосно. Целта му е да го предизвика да стане и да игра. Неговите напори бргу вродуваат со резултат. Речиси никој не е надвор од тактот. Чопела почнува да изведува неверојатни движења со телото и да испушта неартикулирани извици. Моно му шлука со рацете. Тој е спремен секој момент да му се придружи. На таа можност Вецко Мицев смета. Смета на Моно како на своја наредна жртва. Илија сè повеќе и повеќе се смрачува. Тој ја насетува намерата на пејачот. Сега овој пее песна која кажува за тоа како една жена го вика со поглед еден младич: Ела! Ела! И рефренот што често се повторува: А-а-ааа! Благородна одвај забележливо го држи тактот на песната со нозете. Пејачот ѝ се насмевнува. Прави чекор спрема неа. Свири и пее за неа. Сака да ја предизвика поизразито да го следи ритамот, да го усогласи со движењата на неговото тело. – Ајде! Ајде! – пее. – Ела! Ела! И рефренот: А-а-ааа! Вецко Мицев многу е задоволен од својата интерпретација, Тој успева да дојде до оној глас што не им е својствен на луѓето, не и нему, туку на некој демон во него; глас што има поразувачко дејство на слушателите, што може да ги фрли во хистерија, да ги полуди. Илија трае, трае; ама не може да дотрае. Пејачот пее: – А-а-аааа! Илија: – Акнал та пукнал! Што се дереш? Будало едно! Пејачот престанува да свири и да пее. Во собата настанува тишина, – Тоа не е песна! – вика Илија колку глас го држи. – Тоа е бес! Тоа е проклетство! Вецко Мицев смета дека страшно се измамил. Чувствува горчина на голем пораз. Сфаќа дека се натценил. Во Илија гледа карпа која не може ниту да ја помрдне. Исплашен е. – Не требаше да му се дозволи! – ѝ вели Илија на Мара. – Божем сакав да ти угодам. Ама згрешив. Сметав дека ќе запее весела и пристојна песна. За какви не смета тој нас?! Мара е нема. Ја наведнала главата и молчи. Илија застанал над неа како строг учител и ѝ држи лекција, обвинувајќи ја цело време за незнаење: – Има денес многу пејачи без култура и без талент кои дрско на себе ја зеле одговорната задача да ја пренесат до луѓето огромната енергија на големата уметност! Дрска претензија! Тоа е за нив преголем товар. Затоа при изведбата гестикулираат, ужасно викаат, се мачат – лагата сакаат да ја прикажат за вистина! Таквите никојпат не можат да допрат до срцата на луѓето. И бидејќи не можат, многу од нив прибегнуваат кон подлости, кон хипнози, Престануваат да бидат пејачи и стануваат врачеви кои со хипнотички движења предизвикуваат колективни шокови и состојби на лудило. – Тоа што денес во многу земји се фаворизираат овие пејачиврачеви, – продолжува со обвинителен тон Илија – се фаворизираат за сметка на вистинските уметници, тоа е поради определени политички цели на владејачките класи во чиј интерес е да им се намали на граѓаните способноста да мислат и природно да чувствуваат, да им се убие интересирањето за општите човечки проблеми, посебно за проблемите на општеството во кое живеат. Илија ѝ се обрака на Мара, ама не го испушта од вид и пејачот. – И овој е еден од нив! – и вели. – Еден што свесно или несвесно се ставил во служба на реакцијата. Инаку како може да се објасни неговата привилегирана положба во општеството? Тој спечалил висок углед, а и пари, многу пари! Наспроти вистинските уметници и народните учители кои одвај го заработуваат својот леб. Како сето тоа тој го спечалил? Со умот ли? Со срцето ли? Илија е беспоштеден во својата критика. Вецко Мицев божем се труди да го зачува своето достоинство, ама сè повеќе губи контрола над волјата. Почнува да поттреперува од страв. – Тој е плиткоумен и бесчувствен! – продолжува Илија, обвинувачки покажувајќи го со прст пејачот, – А работи против луѓето кои се со ум и срце! За младината е отров! И не случајно во центарот на неговите и, воопшто, на нивните песни е жената. Тие со неа на најнизок начин шпекулираат. Никаде жената не е толку потценета, толку ниско третирана, толку понижена, како во нивните песни кои божем ја величат. Тие се бесчувственици на кои им е доверено да го опеат најблагородното и најсилното човечко чувство – љубовта. Сега Илија директно се свртува кон Вецко Мицев. – Како оружје во рацете на светската реакција, пред некој револуционерен суд вие би одговарале за злочин! Злочин е денес под маска на чедна љубов да се повикува на блуд! И тоа денес кога светот крвари, кога над народите се вршат невидени неправди, масакри на човековите синови! И додека над нас надвиснала атомската бомба! За таа безочност треба да се одговара! Илија прави чекор кон него. Вецко Мицев, испреплашен, со еден скок се наоѓа до вратата, ја отвора и побегнува. – Немав никаква намера! – се правда Илија пред Мара. – И покрај тоа што требаше да јаде уште некој бокс! Мара го погледнува кратко и пак ја спушта главата. На нејзиниот ужасен прекор, Илија и одговара со свој прекор, ама благ: – Ти барем, Маро, знаеш што е вистинска уметност! – тонот му е помирлив. – Имаш истенчен усет и знаеш да го разликуваш вистинското од лажното! Можеби одам во крајност, – продолжува да ѝ се обраќа без оглед на тоа што Мара не сака да го удостои со поглед, без оглед на тоа што го игнорира – но јас сметам дека само народната уметност е вистинска уметност! Се разбира, и индивидуалната, но под услов ако нејзините творци произлегуваат од народните пазуви. Сакам да речам, творецот треба да биде делегиран. Што е всушност дарбата, талентот? Тоа е – дали си делегиран, дали претставуваш или не. На секое индивидуално, но вистинско уметничко дело може слободно да стои: „ Во името на луѓето!" Инаку, што е поединецот сам по себе? Никој и ништо! Нула! Па бил тој и Толстој! Ако Толстој зборуваше во свое име, ќе беше ли Толстој? Ќе беше ништо. Нула! „Војна и мир", на пример, да е дозволено да се поправа и преправа, да е дозволено да минува низ ситото и решетото на анонимниот народен творец, ќе стане стопати поубаво уметничко дело отколку што е сега. И тоа пак без оглед што го има пишувано Толстој. Самиот тој не би го забранувал тоа, ама тоа го забрануваат илјадници глупави конвенции. Конвенциите го бранат правото на поединците. Им даваат право да се поставуваат над луѓето. Да ги влечат за нос! Сфаќаш ли, Маро? Илјадници луѓе умираат од глад, деца умираат од глад, мајки плачат – а оној изрод, оној гад пее! Заради разонода на луѓето! Луѓе страдаат од неправди, гинат во затвори, умираат во болници – тој, безобразникот, пее! Ете зошто го удрив! Во моментот се отвора вратата и со стомакот напред влегува Методија – „благочестивиот", „попот што ги посетува своите заблудени овци". На лицето му стои залепена „благочестивата" насмевка. Тој со поглед ја бара Мара да ѝ го даде својот благослов. – Ете и овој, на пример! – ја продолжува Илија својата мисла, поттикнат сега од појавата на Методија. – И овој е гад! И тој треба да офрка некој бокс. Мара смртно се преплашува од таквата можност. – Не! – ѝ се испушта ужасен извик. – Зошто да не? – спокојно прашува Илија. – Тоа отсекојпат сум го мислел и мило ми е што сум во можност сега да го спроведам во дело. – Во што е работата? – со кроток глас прашува „благочестивиот". Тој веднаш знае во што е работата, но сака да ја неутрализира јароста на Илија со својот благ израз. – Работата е во тоа што треба да примите некој бокс! – му вели Илија. – Благородна! – спиштува Мара викајќи ја на помош својата благодетелка, а самата се фрла на Илија да го спречи во намерата. – Мавни се оттука! – ѝ вели Илија. – Ти ништо не разбираш! – И ја турнува од себе. Му се приближува на Методија. Овој ги напрегнува сите волшебни сили на својата насмевка за да го безоружа. – А, бришете ја таа фарисејштина од лицето! – му викнува Илија. – тоа кај мене не ви успева! Следува еден силен удар од кој Методија паѓа. Илија, пред занемената Мара, самиот го крева, го извлекува надвор и го турка по скалите, порачувајќи му другпат да не го видат очи негови во домот на Мара. Кога се враќа, останува изненаден од јароста со која Мара го пречекува. – Ти си – му вели – идиот! Таа којзнае дали другпат го има употребено овој збор. Мора да е премногу засегната од постапката на Илија. – Ти си идиот! – му повторува. – Имаат право луѓето од зградата што ме озборуваат и што ме прогонуваат. И не поради нешто друго, туку поради твоите идиотски постапки со кои сега намерно сакаш да го расипеш свадбеното расположение! Сите други мои пријатели се добри: и Чопела, и Секула, и Чуле, и Вецко Мицев, и Методија. И сите, и сите! Ти само не чиниш! Се гнасам од тебе! – Илија е страшно погоден. – Добро! – ѝ вели навреден. – Јас можам и да си одам! – Оди си! Илија е поразен. – Добро! Добро! – навреден, врти со главата. – Јас вистина не чинам. Ама, сакам да знаеш дека оној Методија илјадапати повеќе не чини од мене! Тоа сакам да го знаеш! Мара категорички одречува: –Не! Методија е чесен и благороден човек. Тој е мојот единствен пријател од зградава. Илија: – Тој е твојот најголем непријател! Како може да биде твој пријател пријателот на твоите непријатели? Тој работи зад твојот грб. Ги поттикнува против тебе. Те шпионира. Тој и својот народ го шпионирал! За време на војната соработувал со окупаторите. Мара остро се спротивставува: – Клевета! Тоа за него не смееш никојпат повеќе да го речеш! Тој е патриот кој за време на окупацијата се држел херојски. Само привидно работеше за окупаторот, а вистински беше бестрашен активист на Движењето. Илија: – Можеби обратно. Тоа не може никојпат точно да се знае каде припаѓал. Тој е од лисиците што не паѓаат лесно в капан. Мара сега, просто за инает на Илија, полна е со пофалби за Методија; – Тој е најпрекрасниот човек што воопшто сум го сретнала! Тој ја ужива мојата полна доверба. И не само мојата. Ја ужива довербата на сите луѓе со кои доаѓа во допир. Покрај тоа што е благороден, тој е многу образован и паметен. Од дружбата со него може да се има само многустрана корист. Мара има уште да зборува, ама престанува; си префрлува што воопшто зела да спори со Илија. Тој повеќе не го заслужува нејзиното внимание. – Не сакам да зборувам со тебе! – му вели, му го завртува грбот и поаѓа кон кујната. Ама Илија не сака на тоа да заврши спорот. Тој избира силни зборови со кои сака да го докаже своето право и нејзината заблуда. А истовремено и такви зборови кои ќе ја жегнат Мара и ќе ја присилат да го продолжи спорот. – Каква корист може да се има од еден неморалник и од еден крадец? – ја прашува. Таа застанува и се свртува кон него со поглед што сериозно го опоменува да внимава што зборува. Илија веднаш ѝ дава објаснение, овојпат со доказ што Мара не може да го негира. – Тој е богат! – ѝ вели. – Во услови кога има сиромаси, да си богат значи да си неморален, значи да си крадец! Мара не очекуваше такво објаснение. – Во секој однос тој е исправен граѓанин и човек! – одговара таа, трудејќи се да ја задржи убедливоста на тонот со која се одликуваа нејзините истапувања во одбрана на Методија. Илија ѝ опонира: – А колку пари остварува годишно и како? Колку пари, пак, чистачката на зградата која има шест малолетни деца? Притисната од укажувањата на Илија, Мара пак го заобиколува директниот одговор: – Како исправен граѓанин и човек тој со полна доверба е избран од граѓаните на нашиов реон да ги претставува во Општината. – Парите, парите што ги зема! – ја држи за одговорот Илија. – Одговараш на периферни прашања, а ги одбегнуваш централните, важните. Бил ваков, бил таков! Приказни за заспивање на деца! Кажи ми ти мене колку приходи остварува и на кој начин, и сè си кажала за него како за граѓанин и човек. И за секого! Кажи дека е богат покрај сиромаси, и сликата за Методија е наполно јасна! А богат бил и за време на окупацијата кога децата страдале за корка леб! Мара пак се обидува да се застапи за Методија. – Тој е граѓанин со средни примања – објаснува. – Својата висока општествена свест и својата благородност ја има потврдено многупати, а и сега скоро кога една прилична сума од една заслужена награда ја отстапи на еден фонд за помагање на слепи деца. За тоа пишуваа и весниците. Завршувајќи, Мара веднаш се досетува дека е неуверлива, дека зборува во прилог на тезата на Илија. – Фарисејштина! – викнува тој. – Ништо не кажува тоа. Го потврдува токму обратното. И кралевите даваа свои прилози и подигнуваа добротворни установи! Знаат луѓето од таа сорта како да постапат за да предизвикаат доверба, симпатии, поддршка, впечаток на благородност. Значи, фрлам рипче да фатам крапче! Позната ми е мене таа сорта граѓани со „средни" примања. Тие секојпат едно зборуваат, а друго прават. Да бидат во близината на власта, тоа секојпат го умеат; но и во близината на масите. Ама да бидат во близината на власта толку колку е нужно преку неа да ја обезбедат богатата трпеза, се разбира, за сметка на сиромасите но не и сосема близу за при нејзиното евентуално паѓање да не паднат во немилост на новата власт, а и за да можат спрема оваа да го одмерат истото растојание и да го воспостават истиот однос. Значи, да си ја менат бојата и перјето според приликата. Вчера со окупаторот, денес претставители на народот во Општината. А секоја нова власт безусловно ќе ги прифати и на нив ќе се крепи и ќе држи авторитет. Зашто тие се „чесните", „исправните", „благородните". Плукам јас на таа „благородност"! Да имам моќ, би ја ликвидирал, трага да не остане од неа! Да ја видеше нејзината вистинска природа во условите на некој фашистички концентрационен логор, и ти би посакала да нема трага од неа! Со Мара е готово. Таа е веќе без одговор. Ама Илија не ѝ простува за навредата така лесно. Тој е решен да оди до крај. – Јас сум идиот! – ѝ вели. – Јас лудувам! Ти си во право. Одеднаш нервно, како да е боцнат во жива рана: – Ама тоа лудило го донесов оттаму! Со жесток гест покажува со раката неодредено некаде. Ама јасно е дека мисли на некој концентрационен логор. Тоа пред сè ѝ е јасно на Мара која знае дека тој како петнаесетгодишно момче заедно со татко му за време на Војната биле одвлечени во еден фашистички логор каде татко му умрел од тифус. – Добро! Добро! – се правда Мара, обидувајќи се да го смири Илија, да му ја ублажи лутината. Ама Илија не се смирува. – А кои беа т а м у, се знае! – ѝ вели. – Луѓето што не чинат! Џганот! Долната раса! Тие т а м у се гнасеа од нас! Тие сметаа дека е подобро да нè избришат од земјата. Мара се присетува на што цели Илија и сака да го спречи, да го замоли да ја поштеди. Ама тој е беспоштеден. – Ако и ти се гнасиш од мене, – ѝ вели – ако сум ти вистина одвратен како што велиш, тогаш новикај го Методија да се врати, тој не беше во фашистички логор, а мене избриши ме од списокот на пријателите! – Доста! – му се врекнува Мара и одеднаш и удираат солзи на очите. Илија страда, ама не може да се запре. – Можеш да ме наречеш идиот, како што ме нарече, и човек што не чинам, ама не смееш да речеш дека се гнасиш од мене! Јас не сум гнасен човек, Маро! Јас сум чист и чесен. – Доста! – му вели Мара. Таа сакаше да му се врекне, ама не испадна така; испадна да се расплаче. – Не смееше! Не смееше! – повторува Илија, и сам чувствувајќи го плачот в грло. Мара вложува напори да се стиши. Ама не може. Плаче. – Престани да цимулкаш! – ѝ се врекнува Илија. Неговото врекнување го дава обратниот резултат. Дури сега Мара не може да се смири. – Престани! – силно вика Илија, сакајќи со лутина да го надвие плачот што и нему му се заканува да го зафати. Мара ги слуша плачливите ноти во неговиот глас. Тоа ѝ го засилува плачењето. Го покрива со раце лицето и липа. На Илија му удираат солзи в очи. Тој се лути на себе. Сака по секоја цена да ги задржи. Не сака да покаже слабост. Се обидува да си го врати револтот. – Оваа рака – вели, покажувајќи ја својата десница – е означена со логорски број. Таа е чувствителна на неправдата и има право по некојпат да замавне на некој гад! – Мара чувствува колку Илија страда поради навредата што му ја нанесе. – Ах! – ѝ се испушта очаен извик. И со Илија одеднаш е готово. Тој капитулира – им дава по волја на солзите. И двата, Мара и Илија. многу плачат. Неутешно. Благородна не знае зошто плачат. Ама и таа е спремна да се расплаче. Очите и се пливнати во солзи. На Величко, исто така. И на докторот. Чопела е смрачен. Тој се чувствува непријатно. Моно и Рокан се зачудени. Секула од градината, пак, фатил да „пишти" со усната хармоника. Зошто ваков плач? Од каде? Мора да постојат длабоки извори за такво обилно плачење. Мара и Илија, Благородна, Величко и докторот плачат, а не знаат зошто, поради која причина. Во почетокот поводот им беше познат, сега и на него се заборави. Се плаче без причина. И тоа неутешно, И многу обилно. Се зајдува од плачење. Причините всушност постојат. Само тие се длабоко скриени во нив и не се даваат лесно да бидат осознаени, да бидат сведени на поими и искажани со зборови. Плачејќи, беспомошно се гледаат еден друг в очи, сакаат да си помогнат, да ја разменат тагата. На крајот на Мара ѝ поаѓа од рака да се зафати за една од причините: – Те пронајде ли вчера сестра ти? – го прашува Илија. Претставата за доаѓањето на сестра му да го бара се поврзува со татко му на Илија што умрел во концентрационен логор, па со мајка му в село. Па и со него како б л у д е н син. Така тагата кај Мара и Илија си наоѓа еден излив. – Не, – ѝ вели тој – не ме најде! И не можејќи да го издржи болот, истрчува низ вратата и се пикнува во тоалетната просторија. Тука плаче многу и на глас. Го има пред очи ликот на татко си каков што го запомни при нивната разделба кога Илија со една група малолетници ги спремаа да ги одведат во еден друг логор. Тој се сеќава во подробности на таа слика. Татко му со другите логорци во строј заминуваат на вообичаената тешка физичка работа. Илија очекува тој уште еднаш да се сврти, уште еднаш да се сретнат со погледите. И пред да излезат од дворот на логорот и да завртат зад една сива зграда која за секојпат ќе го скрие неговиот лик од пред неговите очи, татко му се свртува, му мавнува со раката, одвај поткрената за да не биде забележан од стражарите што ги водат, и му се насмевнува. Ах, таа негова насмевка! Таа насмевка што требаше да вети дека тој ќе истрае во маките и која требаше да го охрабри синот и тој да истрае! Ах, таа насмевка на неговото кротко и мило лице, толку бледо, изнастрадано, таа насмевка што требаше да биде бодра, а испадна толку жална! Ражни, ражни му го параат срцето на Илија и тој неутешно плаче. Цементниот под го лее со крупни врели солзи, Токму во тие моменти една млада; милолика жена се обидува да влезе во станбената зграда со намера да го побара својот брат во станот на Мара. Меѓутоа, секретарот на куќниот совет, Ситниџиев, тоа ѝ го забранува под мотивација дека божем тој заедно со другите луѓе во станот се под карантин зашто таму се појавила чума. – Ах, боже, мој! Боже мој! – Станот на Мара е гнездо на чумата. Станарите и нивните гости таму меѓусебно се заразуваат, а потоа ја шират заразата по сиот град. Ситниџиев ѝ советува на младата жена уште веднаш да се откаже од брата си. – Граѓанската должност тоа ви го наложува. Ако има мајка, и мајка му да го проколне. Тој е еден од најзаразените со чума и еден до најопасните пренесувачи на заразата. Скоро ќе биде осуден на смрт и спален на клада на градскиот плоштад. Неговата клада јас ќе ја потпалам. Младата жена плаче. Ситниџиев: – Откажете се! Откажете се од тој неранимајко! Ваша должност е да го сторите тоа. Само така ќе ја спасите граѓанската чест. Младата жена верува дека има работа или со растроен, или со злобен, или со огорчен на брата ѝ, човек. Пак се обидува да влезе во зградата, ама секретарот на Куќниот совет никако не ѝ дозволува. Тогаш таа се оддалечува од него и се засолнува зад еден агол во близината, чекајќи тој да си отиде. Тука многу плаче. Потоа оди да ги измие очите со вода од една блиска фонтана која одамна е растурена, која е куп од камења обраснати во бурјан, но од која, сепак, шурка бистра ладна вода, како во оаза среде пустина, како симбол на неуништивиот живот. Наоколу нема жива душа. Неделно поладне е. Припек. Сестра му на Илија се наведнува да ги измие очите, да се олади. Сè плиснува неколкупати и ѝ олеснува. Кога се исправува, седнат на еден камен, токму покрај своите нозе, забележува млад, слабичок човек со благ израз на лицето, уморен очевидно од долг пат. Кој би можел да биде овој човек?! И како неочекувано се створи тука?! Клепа со очите. Мисли дека ѝ се причинува. Ама не! Младиот уморен човек сè си седи на каменот. – Боже мој! Боже мој! – шепоти сестра му на Илија. Младиот човек ѝ вели: – Не плаши се! Не плаши се! Сè ќе испадне добро! Во моментот една груба рака ја зграпчува за рамото. Таа писнува. Едно униформирано лице од безбедноста со остар глас грубо за нешто ѝ се заканува. Нејзе нешто ѝ се бара. Таа не разбира што. Всушност, поткажана и наклеветена од Ситниџиев како сомнителна, ѝ се бара да се легитимира. Ама таа не разбира. Лицето од безбедноста ја фаќа за рака и ја влече кон најблиската станица на распит. Сестра му на Илија со поглед бара помош од младиот човек што сè така седи на каменот покрај урнатата фонтана. Тој ѝ вели со благ глас: – Не плаши се! Сè добро ќе се сврши! Тоа ѝ го вели на еден за неа непознат јазик, но таа му го разбира секој збор. – Ама кој си ти? Кој си ти? Но младиот човек кај фонтаната повеќе го нема. Сето тоа се случува во исто време додека Илија плаче во нужникот. Кога тој се враќа во собата, ја најдува Благородна заспана. Покај неа, нешто подвиткан и со овиснати раце, стои Секула. Се чини дека нешто направил или се спрема да прави. Ѕвери со погледот во заспаната жена. Оѕверени, вознемирени, Илија ги затекнува уште Чопела, Моно и Рокан, како грабливи птици околу мрша. Со неговото влегување тие безволно се повлекуваат на своите места. Сите, но не и Секула. Тој иронично и предизвикувачки се загледува во Илија. Очигледно е спремен пак да предизвика инцидент. Штом влегува, на Илија, со загрижен израз на лицето, му пристапува докторот: пак како на сојузник на кого сега има да му соопшти загрижувачки вести. – Неа и другпат преку ден ја навалувал сон, – му вели – но никојпат не ја успивал вака длабоко. Загриженост покажува и Мара: – Многу плачеше, а потоа се смири и заспа. Илија погледнува на Благородна. Таа личи на умрена убавица; одамна умрена, па почнала да се распаѓа – од телото ѝ се шири густа топла миризба што зашеметува. Удобно е навалена на фотелјата, малку настрана. Фустанот ѝ е оптегнат, па така уште повеќе доаѓа до израз облината на нејзините нозе. Тие не ѝ се многу прибрани. Едната ѝ е зафрлена настрана, па на показ ѝ се цели две фатки од дебелиот дел на ногата – необично полна, складна и со фасцинантна бела кожа. Во моментот кога Илија ја опфаќа со поглед, од скутот голата рака и ѝ се лизнува надолу. Тој ѝ се приближува, клекнува до неа, нежно ѝ ја зема раката и и ја наместува на скутот. Тогаш од скутот го удира в лице тешка женска реа. Го зафаќа лесна несвестица. Чувствува силна желба да ја нурне главата во нејзиниот скут. Ама се воздржува. Се стресува за да му се разбистри и станува. Со поглед ја бара Мара, ама таа, погодувајќи ја неговата желба, веќе отишла да донесе покривка. Со внимателни довикувања Илија се обидува да ја разбуди Благородна, ама тоа не му успева. Многу длабоко е потоната в сон. Тогаш тој и дава на Мара да ја покрие. Сега токму спроти своето лице Илија го забележува лицето на Секула. На него е истата онаа потсмешлива насмевка, истата дрска желба да започне караница, – Чекам да прашаш која е причината за нејзиниот сон, па и јас веднаш да заспијам! – му вели на Илија. – Која е? Секула загадочно се смешка. – Не се досетуваш? И пак загадочно се смешка. Така се смешка и Чопела. – Можеби е уморена! – вели Секула, – Можеби синоќа не е спана. Можеби ја минала ноќта како што знаат да ја минуваат прекрасните жени! – Што сакаш да кажеш? – го прашува Илија со лошо претчувство, веќе смрачен во лицето. – Ништо повеќе! – му одговара Секула. – Мислам дека с# кажав! А еве и мене поради истите причини ме зафаќа сон. Нему му клапнува главата и, како покосен од некоја чудна спијачка болест, се отпушта сиот и паѓа на подот покрај нозете на Благородна. – Што сакаше овој да каже? – провоцира Моно. – Којзнае што сакаше да каже – спремно го прифаќа Чопела и значајно се смешка. – Тој ќе кажеше доколку не го завладееше сонот. Ама кратко спие. И убавата жена кратко ќе спие. На блудните луѓе доволно им е да спијат неколку минути и да се чувствуваат одново бодри и способни за нови блудни дејствувања. Кога ќе се разбуди мојот ученик, ќе го прашаме што сакаше да каже. – Што има тој твој ученик да каже! – грубо му се обраќа Илија. – Тој постојано халуцинира. Го меша сонот со јавето. Ти него си го упропастил. Експериментираш со него како со зајак. Чопела и Моно пригушено се смеат. Тие се задоволни што им успеа да го предизвикаат Илија. – Знаењето скапо го продавам! – вели Чопела низ ироничен смев, алудирајќи на случајот со Лиска. Илија токму така и го сфаќа. Тој му се заканува: – Подобро ќе биде да замолчиш и да не го разбудуваш боксот во мојот џеб! – Не! – му парира Чопела. – Подобро ќе биде да замолчам за да не ги разбудам оваа жена и ова убаво момче кои секако не случајно заспаа скоро во исто време и тоа еден покрај друг. И ќе замолчам. Моно и Чопела пак удираат во смеа. Моно го повикува Чопела да седне покрај него и покрај Рокан. Чопела со задоволство им се придружува зашто смета на заштитата од Рокан. Охрабрен од близината на овој, а и поттикнуван од Моно, тој сè уште предизвикувачки се смее. Илија седнува на отоманот спроти нив. Нему веднаш му се придружува докторот како верен сојузник, спремен со него да дели и добро и зло. Мара ја зафаќа страв. Таа чувствува дека на нејзината свадба ќе се случи нова непријатност Сватовите се обземени од зло. Таа не може на никој од нив да се потпре, на никој освен на својот избраник. Величко, и самиот со лоши претчувства, веќе е покрај неа. Таа, како да бара заштита, му поаѓа в прегратка. Моно го почестува Чопела со цигара. Овој ја зема, но не ја запалува туку ја става во својата табакера што ја држи во задниот џеб. – Јас не пушам, – објаснува – но држам цигари како подмамки за убавите жени. – Многу сте ми симпатичен, многу! – му вели Моно и го чука пријателски по плеќи. – А велите, пишувате студија за ѓаволот? – го прашува. – Пишувам, да. – Интересно!... И, како? Како го одредувате ѓаволот? Што професија, на пример, му изнаоѓате? Чопела спремно одговара: – Тој е физичар. – Физичар? А зошто не хемичар? – Беше хемичар во времето на Мефистофел и д-р Фауст; се до времето на Ајнштајн, кога се преквалификува во физичар. Неговата главна преокупација денес му е разбивањето на атомите. Оваа прекрасна жена, на пример, не е ништо друго туку еден разбиен атом. – Интересно! Интересно! – се чуди и се воодушевува Моно. – Вие сте крајно оригинален филозоф. А, бог? – љубопитствува тој. Бог е само варијанта на ѓаволот. Всушност постои една идеја што се јавува во две форми. Тоа е идејата на лагата. Лага е и она што се проповеда за нив. Точно е само она дека насекаде и секогаш се присутни. Тоа е само точно од проповедите. – Значи ли тоа дека ѓаволот е присутен во овој момент и овде? – Значи! Тој е присутен насекаде, а особено таму каде што има прекрасни жени. – Тоа е невозможно! Што врска може да има тој со госпоѓата? – Ами зошто таа спие? За да му дојде одморена. Ќе ја соблече тој својата мантија и ќе ја закачи на еден брут од распнатиот Христос. Потоа ќе ја соблече неа и нејзиното здолниште ќе го закачи на другиот брут од распнатиот Христос! – Значи така одат тие работи? – Така, ами како! Христос беше наивен. Тој не требаше да му верува на својот очув и да слегува на земјата за да го распнат. Никому не треба да се верува! – И да не се верува во ништо! Зашто сè е лага! Моно: – Интересни погледи! Чопела, не без гордост: – Тоа е мој систем! Моја школа! Најдобра школа е онаа која кај ученикот формира сознание за лагата и го обучува како со неа треба да се служи за да дојде до вистината. А единствениот начин да се дојде до вистината е на лага да се удри со лага. – Интересни погледи! Интересни погледи! – се воодушевува Моно. – Обуката често е тешка и со секого не е успешна – продолжува Чопела. – Влијанијата на традиционалната школа се катастрофални. Оној, на пример, – дискретно го посочува Илија и го спушта гласот – е тежок случај. Со него постигнав само да ја осознае лагата, но не и со неа да се служи. Не смогна сили. Сознанието дека лагата госодари со светот не може да го поднесе. Затоа често се дразни, се револтира и паѓа во афекти. Тој е изгубен човек. Растроен. – А Секула? – Секула е мојот најталентиран ученик кој воопшто досега сум го имал. Тој стигна дотаму што почна и мене да ме мами. Ама има и еден голем недостаток што ќе го уништи. – Каков недостаток? – Има многу душа која му се јавува како пречка во потфатите. Си дозволи дури и да се вљуби. Љубовницата му умре и сега страда. Доживува криза. Ако ја преброди, ќе стане првокласен лаж – може да направи сјајна кариера; да стане, на пример, одличен правник. – Интересна опсервација! Меѓутоа, дозволете!... – Повелете! – Вие рековте дека и вас ве мами. На кој начин, ако дозволувате? Чопела директно не му одговара: – Со тоа што ме мами, – а пред очите ме мами! – како мој ученик се потврдува доследен на моето учење, а како човек и пријател, се покажува како мој непријател. Всушност, пријателството е само една слатка лага. Токму тоа сознание ми овозможи лесно да го откријам како мој измамник. – А во што се состои таа измама? – инсистира Моно. Чопела не е спремен да одговори. – Веројатно некоја жена! – го подзема Моно. Чопела не одговара. Се разбудува Секула. – Чудно!... Чудно!... – вели тој се уште занесен од сонот и неодредено загледан некаде. Чопела Џганов му пристапува и му се обраќа со лажен родителски тон: – Се наспа ли, дете мое? – Чудно!... Чудно!... – Сонуваше бурни или мирни сонови, дете мое? Јаваше ли како обично на коњ? Секула не одговара. – Нели мојот татко беше духовник? – прашува. Чопела: – Да. Поп. – И нели умре во својата триесет и трета година? – Да, како Христос Назарјанинот. – А мајка ми? – Таа поживеа уште извесно време, а потоа умре горката, и таа многу млада. – Чуден сон! – раскажува Секула со силно доживување. Чуден сон! Случајно поминувам покрај една црква и го слушам неговиот распеан глас. Сонцето се гасеше зад хоризонтот, денот умираше. И токму во тој час на умирањето, го чув неговиот глас. Влегувам в црква. Празно. Насреде само една икона што претставуваше лик на млада жена. И гласот татков од кој ѕуни црквата. Се наведнав, ја бакнав иконата и си отидов. А црквата ечи од татковиот глас! Чопела: – Тој сон јасно ти покажува дека си син на својот татко, дете мое, донесен на овој свет преку твојата мајка. Тие себеси се оставиле во тебе. – Глупости! – вели докторот повеќе за себе. – Тоа само по себе се разбира. Тоа воопшто така лесно не се разбира! – се спротивставува Чопела. – Тоа е главната мистерија на животот. На Секула: – Де, продолжи Секуле, дете мое! Секула, с# уште занесен и со страдање: – Врвам потоа низ жешки води, низ пареи; покрај дрвја што трулат; покрај буништа; жени тука исполегнале како на плажа, се бањаат. Не ми даваат мир. Се кикотат. Се задеваат. Умри, – ми велат – умри! Чопела: – И ти, будалата, умре? – Умрев! – Будало! Зошто непотребно се оптоваруваш со комплекс на виновност? Откаде на каде еротскиот живот на човекот да се пишува за грев?! Не е грев човекот да ја изразува својата природа. Грев е природата да ја спречува. Ти, Секула, многу страдаш од душата. Тебе таа ќе те погуби. Откорни ја, жити младост, и фрли ја! Ослрбоди се од тој баласт! Ќе видиш како ќе ти олесни! Ќе видиш како слатко ќе си проживееш! Душата – тоа ти е религија. Таа е творба на жреците. Да веруваш во душата, да бидеш душогрижник, значи да веруваш во бог и ѓавол. А тоа значи во лага! Секуле, свести се, сине, и не паѓај во таква стапица! Откорни ја, ти велам, дезинфицирај го местото и пополни ја празнината со слама! Удри тогаш на живот!... Де, понатаму, што стана потоа откога умре? – Ме накитија со цвеќиња и, како што бидува со мртовци, со страст ме бацуваа. Вие ми одржавте говор: „Мртов е човекот – рековте – кој не сакаша да умре. Кој не можеше да се помири со мислата дека мора да умре! Ете го, умре!" Потоа ме качија на една црна кобила – наместо на Белчо мој, на една црна кобила која ја збодинкаа надолу. Пред мене и зад мене, лево од мене и десно од мене, црни коњаници– копјаници ме вардат да не побегнам. Ме водат низ буништа, меѓу дрвја што трулат, меѓу голи жени во жешки води што ме викаат со кикот и плач. „Мајко, спиштев, спаси ме! Ме носат во пропаст!" И тогаш еден кристално чист и благ глас заповеда: „Пуштете го!" Тоа беше гласот на мојата Разделинка. Ја испратила мајка ми. Секула замолчува. Ги подзамижува очите и се губи со погледот во далечината. Чопела го враќа: – Е, е, многу си се растажил! Ајде, охрабри се! Не си ти останат, ослепаго, сам на овој свет! Мара, трогната од расказот на Секула, му приоѓа, клекнува до него, сака да го допре, да му рече и таа како професорот: „Не страдај толку, не си ти на овој свет останат сам!" Но како да открива дека тој навистина е сам, дека е со ѓаволот, веднаш се тргнува од него, и, исплашена, се враќа во прегратката на Величко. Чопела ја продолжува својата сатанска игра: – Де, Секуле, што стана потоа? Те пуштија ли оние – што ли беа, ѓаволи? – кога твојата Разделинка имнареди да те пуштат? И што е таа таму во рајот? Светица? А мајка ти? Ја сретна ли неа? – На една ливада. Болна. Таа морала уште еднаш да умре. Разделинка и ги ублажуваше болките. Чопела: – Да умре уште еднаш, значи како услов да ја прими бог во рајот. Нели? – Да. – А ќе ја прими. Биди си без грижа. Сите долни жени се во рајот. Господ има слабост спрема нив. Тие уште на животи се многу религиозни. Некои од нив до фанатизам. Чопела му објаснува на Моно: – Мајка му беше долна жена од прв ред. А и маченица како него. Со телото се изнасладува, ама со душата се изнатрга. Една чаша мед, две чаши горчина. Затоа млада и умре. Меѓутоа стигна да промени над илјада љубовници. Првиот и последниот ѝ бев јас. А како постојан ѝ беше еден поп; подоцна, токму поради врските со неа, го распопија. И, поправо, не се знае сосема точно дали Секула е мое дело или попово. Сега на Секула: – Значи, така, дете мое! Значи, таков сон! Интересен! Меѓутоа, сепак само сон. Зашто ти на крајот од краиштата не си умрен! Еве си, тука си, здрав и жив! Би било сега интересно некоја епизода од стварниот живот да раскажеш. Пред да заспиеш, загатна нешто во врска со оваа убава жена која овде сè уште спие. Го предизвика нашето љубопитство. Ке можеш ли да кажеш нешто поодредено околу сето тоа? Секула: – Можам. А и ќе морам тоа да го сторам. Јас не сакам зад ничиј грб да работам. Најмалку зад грбот на Илија кој го сакам како пријател. Секула зборува искрено, со вистинска сожалба за Илија. Овој го гледа со недоверба и лошо претчувство. Чопела: – Значи? – го поттикнува својот ученик. Секула: – Значи, накратко, онаа за која тој го врзал своето срце, синоќа беше со мене! А и за вечерва сме договорени. – Секуле! – ѝ се испушта на Мара пискотлив предупредувачки глас. – Секуле! – го предупредува и Илија. – Прибери се! Не им се подавај на слабите нерви кои во наследство ти ги оставиле Чопела Џганов и мајка ти! Ти хапуцинираш! – Можеш да навредуваш колку што сакаш, можеш пак да го употребиш боксот и да ме замолчиш – му вели нему Секула. – Ама што корист од сето тоа? Вистината си останува вистина! Фактот – факт! Еве пак велам: таа синоќа беше со мене и вечерва пак ќе биде! Мора да биде! Јас жалам, зашто си во прашање ти, но не сум во состојба ништо да сторам во твоја полза. Цела одговорност ја земам на себе. Можеш да ме убиеш. И ако сакаш да ме спречиш во намерата, ќе мораш тоа да го сториш. Друг излез нема! – Тоа ти си го сонувал или си го халуцинирал! – му се спротивставува Илија, ама во себе останува со едно сомнение, со една тежина. Докторот брза да потврди: – Сосема така! Овој халуцинира. Тој е типичен халуцинант! Тоа го тврдам како медицинар. Секула: – Јас сум спремен во подробности да го изнесам случајот. Дури чувствувам потреба тоа неизоставно да го сторам. На Чопела: – Професоре, вие, мислам, се интересирате за такви примери. – Да, да! – му одобрува Чопела Џганов. – Учебникот што го подготвувам сакам да обилува со примери од мојата и од праксата на моите ученици. А и мојот нов пријател Моно е, мислам, особено заинтересиран. Него го интересираат патиштата што водат кон жените. – О, да, да! – потврдува Моно. – Особено! – Значи, каде се случи тоа? – навистина заинтригиран, прашува Чопела. – И како? Како? – Едноставно! – му објаснува Секула. – Јас спиев, кога таа дојде кај мене и ме побара. На тераса. В колиба. Чопела болно љубопитствува: – А, ти? – Можев ли да ѝ откажам? – И? – Се разбудив и видов дека со ноќта господари Месечината. Некои нејзини зраци имаа убиствена сила. Земјата спиеше, тешко дишејќи. Здивот и мирисаше на трулеж. – Уууух! – викнува Чопела, наврапито обземен од сладострастие. – Прекрасен мирис на трулеж! Секула: – Атмосферата беше изрендана на ситни парчиња месо! – продолжува. – Кога погледнав преку терасата видов многу луѓе што јадеа од таа каша без да знаат дека го јадат месото од своите предци. Чопела: – Уууух! Прекрасна каша! Секула продолжува: – Магичната моќ на небесното тркало беше силна. Природните стихии водеа борба на живот и смрт. На моменти надвладуваше животот, на моменти смртта. Како прилив и одлив. Кога надоаѓаше смртта, колони од призраци слегуваа од небесните височини. Во градината ги имаше со стотици. Едни свиреа на гитари, други пееја. Нивната музика незадржливо мамеше во смрт. Беше милина да се умре во една таква ноќ! Ама јас пропуштив да го сторам тоа! – Зошто? Зошто? – го прашува Чопела Џганов како да му префрлува што пропуштил таква ретка можност. Со обвинителен гест на раката Секула покажува на Благородна без да ја погледне. – Оваа жена – вели – ме спречи во тоа. Ме занесе в нужник, ветувајќи ми бесмртност. – Секуле! – го предупредува Мара, не може да го дослуша, вреска. Ама кој ја слуша? Сите очи, меѓу кои и оние на Величко, се насочуваат кон Благородна на која обвинувачки покажува прстот на Секула. Таа е сè уште во длабок сон. Ама не личи како да спие, туку како да е умрена. Усните и се бескрвни, малку подотворени. Една тенка струјка лига и лази од крајот на усната кон брадата. – Ама тоа не беше бесмртност! – продолжува Секула. – Тоа беше игра со смрт која траеше до мугрите, кога, капнати од умора, заспавме голи и прегрнати на едно парче рогузина што ја пославме на цементниот под. – У-ху-ху-хуууу! – завива бесно Чопела. Рокан ги облизнува муцките. Моно ги преврќа очите како навиена кукла. Мара го скрива лицето во градите на Величко. Илија се чувствува многу непријатно. – Па тоа е чиста халуцинација! – како да се правда. Докторот го поддржува: – Типичен случај на еротско халуцинирање! Секула: – Но тукушто заспавме, нè пробудија првите петли. Така ранобудецот Петелко ви оневозможи да бидете свидетели на нашата свадба; зашто таа стана, се собра во специјални некакви направи и со прстите вешто си даде форма. Бидејќи воздухот беше нечист, полн со микроби, и бидејќи се чувствуваше неподнослив мирис на труло месо, извади од својата чанта едно шишенце за парфем со пумпичка и ја испрска тоалетната просторија по ѕидовите и по подот, отстранувајќи така секаква трага. И себеси се испрска исто така на некои места, а и мене на некои места. А и ми рече: „Да бегаме сега, мили мој, од ова прекрасно место, зашто лудата Мара рано станувала и доаѓала овде да врши нужа. Ако не избегаме, ќе не фати." И избегавме од тоа место. И не не фати. – Халуцинација! – пак вели Илија. И докторот пак потврдува. Илија сака уште нешто да каже, сака да го разјасни случајот. И не толку за да го увери Секула дека халуцинирал, колку себеси да се увери во тоа. – Слушај, Секуле, – му вели, трудејќи се да делува смирено, разумно – ти си болно обземен со прашањето на смртта. Губењето на Разделинка ти го наметна тоа прашање во многу остра форма. Ти, брате, ќе полудиш, ако не најдеш излез од положбата во која си попаднал. А излезот знаеш каде е. Не еднаш на него нашата сестра Мара ни укажала. Ти си, брате, поет и сврти се против смртта со громовити зборови, а спрема живото со делотворни, со чудотворни. Кои се тие зборови? Каде се? Ќе ги бараш. Ќе ги бараме. Мара ќе ни влее верба дека ќе ги најдеме, и ќе ги најдеме. Таа вели дека се во нас. Нели е така, Мара? Мара му одобрува. Но таа мисли дека кај него така стравот зборува. – А и смртта е во нас – продолжува Илија да му се обраќа на Секула кој го слуша внимателно зашто неговите зборови започнуваат да звучат уверливо и сугестивно. – Не барај ја на друго место. Ти прашуваш: „За каков грев плаќаме? И кому, кому? Кој е тој немилосрдник?" Протестираш. Ја креваш главата кон небото. Но нема таму да го најдеш немилосрдникот. Туку спушти ја главата кон земјата. Тука барај го, меѓу луѓето. Немилосрдникот – тоа си ти, јас, сите ние. Ние сме смртта. Кој ја уби Разделинка? Ти ја уби, зашто ја мамеше, зашто ја изневери. Смртта е – лагата. Животот – вистината. – Не стравот, – го менува мислењето Мара – а љубовта кај него така зборува. Љубовта спрема Благородна го предизвика да дојде до силни зборови. – Така е! – се согласува со него. – Смртта е лагата, животот вистината! Секула ја наведнал главата. – Така е! – признава и тој. – Како што рече! – му вели на Илија. – Ама – додава неочекувано – така беше и јас како што реков. Илија останува разочаран. Секула сака да се повлече, да појде в градина. Тој се чувствува како победен победник. – Стоој! – му викнува Чопела Џганов со еден застрашувачки глас. – Да не си мрднал од местото! Неочекувано, Џганов го изменува своето расположение. На неговото лице се формира еден мрачен израз. Секула застанува. Молбено го погледнува. – Бидејќи немам што да кажам во своја одбрана, – му вели – бидејќи целосно ја признавам својата вина и бидејќи се кајам, можам ли да бидам ослободен учителе? Сам да го искајам својот грев. Чопела е нимилосрден. – Не! – му вели и му упатува еден тежок, оловен поглед. – Добро! – решително вели Секула и покорно му се става на располагање, како виновен човек спремен да плати за своите грешки. Чопела му се приближува и со строг глас му заповеда: – Баци ме! Секула не се чуди на неговото необично барање, како тоа да беше нешто неминовно. Го прегрнува и го бацува в образ. Чопела им се обраќа на сите: – Го видовте ли Јуда како го баци својот учител? Со смртоносен бакнеж! И одеднаш: – Што чекате? – улавечки вика. – Јас му објавувам војна! Исфрлете пароли, компонирајте маршови, истакнете знамиња! Вооружете се! Напред во бој! Против лагата, против смртта! Ние сме испреплашени од неа, но еднаш треба да и го земем стравот! Ту-ту-ру-ту! Ту-ту-ру-ту! Чопела маршира. На Величко тоа му е смешно. Ама не се смее, зашто го гледа сериозниот поглед со кој Мара го набљудува Чопела. Ама кога почнува да се смее Моно, Величко сепак си дава една мапа слобода на смевот. Моно се обидува да поведе дијалог со Чопела. – Господин Чопела! – го довикува. – Господин Чопела! Што е ова што го изведувате, театар? Чопела омразно му одговара: – Театар! – и продолжува да маршира и да труби. – Смешен? Чопела застанува, го погледнува напоречки и му процедува суво: – Смешен! Потоа го засукува ракавот од жакетот на десната рака. Тоа го прави бавно и потканувајќи го со поглед Секула да се спреми за наредниот негов потфат. Секула ги следи неговите движења со разбирање и со сожалба; со еден израз на човек што многу некому згрешил и што се кае поради тоа; и кој не очекува милост, туку смирено ја очекува казната што ја заслужува. Чопела внимателно се загледува во неговата глава, го сосредоточува погледот некаде над неговото чело и, одеднаш, со брзо и прецизно движење на раката, фаќа едно бело влакно од неговата коса, необично многу бело, го фаќа како со пинцета и истиот момент го откинува, – Гледајте! Гледајте! – свечено им го покажува влакното на сите. – Бело влакно оксижирано во салонот на фризерката Фули и пресметано на заводнички ефект кај Ангелина, сопругата на фармацеутот Лука која триесет години лудува по мене и јас по неа. – Значи, – продолжува – што значи овој оксижен? Значи, еве аргумент, еве корпус деликти за неговата изневера! За тоа дека е кучкин син кој е дојден на овој свет да ги мами луѓето, своите најверни пријатели, своите добри учители! – Што заслужува? – прашува. – Смрт! – му се откинува на докторот. На лагата со лага, на смртта со смрт! – потврдува Чопела Џганов. Па викнува: – Пушката! Потоа, божем „пушката" му е подадена од некој, ја „зема" ја „полни" и прави други зафати, спремајќи се за стрелба. Секула спокојно го очекува извршувањето на „смртната казна". Меѓу усните сега му игра насмевка за која не може да се каже дали е горчлива насмевка на поразен смртен човек или е итра насмевка на победител кому победата му донесува бесмртност. Чопела командува: – Оган! И веднаш потоа имитира брза стрелба: – Пак! Пак! Пак! Секула се фаќа со рацете за градите околу пределот на срцето. – Ох! – му се откинува еден болен и жален извик. И паѓа на подот. Мара крикнува и се стрчува кон него. Благородна се разбудува. Обземени со Секула, тоа никој не го забележува, освен Илија. Тој веднаш ѝ приоѓа, клекнува покрај неа. – Што се случува овде? – го прашува таа. – Чопела изведува театар. – Толку по тоа прашање – нека изведува Чопела театар, – а сега да прејдат на главното додека другите не го свртиле своето внимание на нив. Најнапред таа му се насмевнува. За Илија тоа е насмевка што ветува да го ослободи од несносливиот товар со што го оптовари Секула. – Неочекувано заспав – му вели потоа Благородна. – И сонував чуден сон. – Каков сон? – Ти предмалку си излегол плачејќи. Јас сум излегла веднаш по тебе. Сме влегле во тоалетната просторија и тука, во цврста прегратка, сме продолжиле да плачеме. Сè додека матичарот, оној истиот кој ја венча Мара, не се појави на прозорчето од тоалетот и не ни рече: „Доста! Душите ви се чисти." Ние погледнавме во нашите души и ги најдовме кристално чисти. Тогаш почувствувавме силна желба да ги споиме. И тоа го сторивме преку еден бакнеж при што доживеавме неописано блаженство. Илија ѝ ја допира раката на Благородна и замижува од среќа. Сите сомненија што ги предизвика во него Секула се разгонети. Замижува и Благородна. Но тој нивни љубовен занес не може да потрае. Вревата во собата, особено ѕвечливиот глас на Мара, ги враќа во стварноста. Забележуваат како Чопела се вртка околу паднатиот Секула и како со нога го поттурнува небаре е иследник, па испитува труп на убиен човек. Мара енергично бара од него да престане тоа да го прави; му забранува спрема Секула да се однесува како спрема труп. Чопела ѝ одговара дека како се постапува сега со него не е важно, зашто овој овде не е Секула, тоа се неговите бедни остатоци. Секула е горе кај Разделинка – неговата љубовница и кај мајка му – мојата љубовница! Мара остро реагира: – Престанете со тие ваши бизарни шеги во кои се завлекол ѓаволот! Покрај нив е и Моно, заинтересиран токму за ѓаволското во шегите на Чопела. Тој пак се обидува да воспостави контакт со него. – Интересен театар, професоре – му вели. – Добра режија, добра глума! Нема што! Чопела се загледува во него небаре во огледало во кое открива едно свое непријатно лице. Тој брзо го променува расположението, со него и маската на лицето. – Да, – го прифаќа дијалогот со Моно – добро настапивме. Само што Секула на крајот згреши. Моно: – Не би рекол. Напротив, тој беше на нивото на својата улога. – Ќе беше, ако за време на падот не викнеше ОХ. – Јас пак сметам дека тоа кај него беше најефектното. – Не! Не смее да се викне ОХ! Тоа ОХ е израз на некој емотивен рефлекс. Емоциите го примитивизираат животот; театарот, пак, како стилизација на животот, уште повеќе! Театрите со ОХ и АХ се остатоци на едно одминато и надминато време. – Сите извици со емотивен полнеж – продолжува Чопела кој, по емотивниот напад што го имаше, веќе успешно сега настапува како професор, – треба да бидат остранети од јазикот на луѓето за да се изгасне во нив емотивниот пожар кој со илјадници години ги пустоши и кој се заканува сосема да ги уништи. Од мојот личен речник тие се сосема исчистени. – А ОФ и ОЛЕЛЕ? – по малку подбивно го потсетува Илија. Ослободен од товарот на сомненијата тој сега е необично весело расположен. Расположена е и Мара која штом забележа дека Благородна се разбудила веднаш се најде покрај неа. Тука се уште докторот и Величко. Сите тие се радосни поради среќно пребродените несреќи кои ги навестија Секула и Чопела, со асистирање на Моно. На нивниот настап сега се гледа како на театарска претстава која колку и да поаѓа од животната стварност, сепак е измислица. Моно и Рокан се на другата страна од собата. Моно седнат на столица, исправен како кукла, а Рокан отпуштен на една фотелја. Чопела и Секула се на средината – како артисти во арената. – ОФ и ОЛЕЛЕ – одговара Чопела на предизвикот од Илија, но без да му се обраќа нему туку на Моно не се емотивни изрази, туку изрази на телесни реакции и како такви препорачливи. Особено, пак, препорачливи за здравјете на човекот – би рекол од огромна корист за неговиот опстанок како вид – се неартикулациите. Треба редовно да се практикуваат. Како утринска гимнастика. Лично мене, то ест мојата психо-физичка конструкција тие многу ја имаат закрепнато. – Навистина?! – се чуди Моно. – Да! Особено ономатопеите. Јас, ако сакате, би ја демонстрирал таа своја вештина. – Би ве слушале со задоволство. Чопела зазема особен став и започнува да имитира рикање на вол: Мууууууу! Притоа изведува со главата движења својствени на говеда кога мукаат. Својот копнежлив мук ѝ го наменува на Благородна. Мукајќи, со целото свое тело тежнее кон неа. Величко брбнува да се смее. Мара не му го одобрува смевот. Тој прави обид да се спречи, ама не може, многу му е смешно. – Мууууууу! Започнува да се смее и докторот. По него и Илија. И Благородна. И сите. Не може да се додржи и Мара. Само не Секула. Тој е испружен на подот како да е навистина застрелан: ниту мрднува ниту на кој било друг начин дава знак на живот. Чопела сега се интересира кај Благородна: – Не наоѓате ли, госпоѓо, дека мојата индивидуа во својот надворешен изглед се здобила со некои волшебни особини на вол? Обрнете внимание особено на очите. Не го наоѓате ли во нив оној тап, безизразен поглед? Тоа е еден вид кокетирање со неа кое Илија не само што не го засега, туку го весели. – Да, да! – му одговара тој наместо Благородна. – Прилегате. Само што ви недостасуваат рогови. Се надевам дека ќе ги добијам! Погледнете ме сега сите уште еднаш, убаво напрегнете го слухот и претставете си дека имам рогови. – Муууууу! Муууууу! Веднаш потоа Чопела прашува: – Дали успевам? Илија: – Одлично! Одлично! Вие сте вистински вол и без рогови! Кога би имале уште и рогови, би биле вол и половина! Де, збуцајте малку, па макар и шут. Чопела не чека да му се рече двапати. Собата веднаш се претвора во корида. Чопела во бик. Откога ќе земе залет, со нурната глава тој се стрчува кон Благородна. Илија зема улога на матадор. Со една украсна покривка го предизвикува Чопела, штитејќи ја со своето тело Благородна. Сите се смеат. Најмногу Величко. За него тоа што се случува е првокласна глетка. Неговото младо, еластично тело од силата на смеата се свиткува, се превиткува и се отпушта како челична пружина, нешто што од погледот на Благородна не побегнува. Токму кога јароста на Чопела ја достигнува својата кулминација, внатре влегува писателот Чуле. Со тефтерот под мишка. Штом го здогледува, Чопела се пушта по него да го буцне. Писателот преплашен почнува да бега околу собата. Чопела го брка. Писателот е крајно невешт. Трчајќи прави многу смешни движења. Настанува урнебесна смеа. Мара се обидува да го спречи гонењето, ама тоа не ѝ успева. Благородна е сè повеќе загледана во Величко кој неуморно се смее. Фрла по некој поглед и кон Рокан кој упорно ја загледува. Смеејќи се, Величко прави семожни движења со телото, преку кои целосно и докрај ја изразува својата веселост и младост. Бидејќи Мара е немоќна да му помогне на писателот, се вмешува Илија. – Оставете го! Оставете го! – му вели тој на Чопела, задржувајќи го. – Овој ѝ е гостин на Мара. – А, пардон, пардон! – вели Чопела, тешко збифтајќи. – Јас помислив дека во арената влезе нов матадор. И Чуле тешко збива. Мара му понудува да седне. Ама тој не може да се реши, заплашен е. Сè уште е под впечаток на немилата сцена. – Седнете! Одморете се! – пријателски го понудува и Илија. Писателот се заблагодарува и седнува. Седнувајќи, започнува да се чеша со движење на телото и на тој начин што се трие од фотелјата. Илија, на Благородна, за Чуле: – Не знам кој е. Мора да е некое интересно човече. Писателот сега се чеша и со рацете. – Зошто? Зошто? – го прашува Илија, – Вријам од вошки! – му одговара писателот, готов да се расплаче од ужасен апеж. – Ме нападнаа некои непознати вошки. – Од каде вошки? – се чуди Илија, – И зошто непознати? – Затоа што не се мои. Јас си имам свои вошки. – Сакате да кажете дека „непознатите" овде сте ги добиле? – Не. Оддолу. Една сурија безделници и питачи собрани се по скалите и се спремаат да влезат овде. Еден од станарите им дава отпор пред влезот, ама го удираат со патерица по глава, и тешко дека ќе издржи. – Еве ги! – викнува испреплашено Чуле. – Бувнаа! Од претсобјето доаѓа голема врева. Веднаш потоа се отвора вратата и се појавува група питачи на чие чело стои еден куц со патерица под мишка. Илија веднаш реагира: – Надвор! Надвор! Тие не сакаат ниту да го чујат. Тогаш тој станува и почнува да ги турка. Ама куциот водач покажува неочекуван отпор. Тој ја употребува патерицата како оружје. Се тргнува малку настрана за да може да дојде до замав и, целејќи го Илија во главата, замавнува силно со патерицата. Овој во краен момент го избегнува ударот. Разбеснет, сега со тупаници се нафрла на куциот. Мара се обидува да го спречи. Куциот размавнува со патерицата. Ама кога Илија му ја одзема, тој се завртува и почнува да бега. Пред него бегаат неговите другари. Сите се зафатени од паника. Тој е многу јак човек и ги издржува ударите; ги кутнува своите луѓе, ги гази и прв се извлекува од турканицата. Илија констатира дека не е куц, ами се преправал. Тоа предизвикува во него бес и тој чувствува потреба да го искали ако не над него, тогаш над неговите луѓе од кои некои сè уште не успеале да побегнат. Меѓутоа констатира дека тие се навистина сакати. Констатира, исто така, дека нив Чопела бизмилосно ги удира не обѕрнувајќи се на нивните ужасни лелекања. Илија ја губи волјата да се нафрли на нив, но нема волја и да ги одбрани од Чопела кој навистина свирепо постапува со нив. Тие се помогнати од Мара. Неа ѝ успева да откине по некој од рацете на Чопела. За цело време очајно го вика Величко да ѝ се придружи, ама тој нема смелост да го стори тоа. Докторот, Моно и Рокан отстрана ја посматраат борбата. Писателот Чуле го променил своето место. Тој ѝ се приближил на Благородна. Ја прашува нешто и нејзините одговори брзо ги запишува во едно тефтерче. Како да ја интервјуира, при што со некои свои духовити прашања и забелешки често ја засмејува. За цело време продолжува да се чеша, ама не повеќе распалено. Илија им се приклучува со очевидни симпатии за Чуле. Неговата запоставена надворешност, неговата физиономија, очилата врзани со тел, тефтерот што го држи под мишка, сето тоа го привлекува и тој му пристапува со благонаклона потсмешливост. Сака да го праша: „Кој сте вие, човеку?", ама го спречува Мара која, минувајќи покрај него на враќање од „бојното поле", не може да не му дофрли: „Зошто? Зошто? Тие беа мои гости! Мои браќа?’’ Но тоа не му го вели директно, туку повеќе како за себе да го вели, однапред знаејќи дека тој остро ќе реагира и не без право. Илија се задоволува само со една остра забелешка: „Тие беа твои вошки!" И, веднаш враќајќи си го пријатното расположение, предизвикано од близината на Чуле, му се обраќа нему: – Ве гледам се чешате, ама не дрпате како преѓеска. Изгледа ве имаат напуштено туѓите и сега ве чешаат само вашите вошки. Чуле потврдува: – Да. Тоа ми е редовен апеж, предизвикан од моите сопствени вошки. – Не ви пречи? – Не. Напротив, ми причинува задоволство. Илија пак сака да го праша, сега со уште попредизвикано љубопитство: „Кој сте вие, човеку?", ама и сега не му се здава зашто Благородна крикнува и истрчува кон Мара која паѓа онесвестена. Притрчува и Илија. Сите притрчуваат кон неа, освен Секула кој е „мртов", Рокан кој е незаинтересиран и Чуле кој иронично ја посматра сцената. Мара е испрскана со свежа вода и веднаш доаѓа на себе. Се работи за лесна несвестица. – Ништо, ништо! – вели таа и виновно се насмевнува како да сака да се извини за беспокојството што го предизвика. – Да не ве повреди некој во тепачката? – загрижено ја прашува Илија. – Не, не! – Благородна му шепнува дека несвестицата на Мара мора да е последица на нејзината бременост. Илија останува изненаден. – Како така?! – Така! Мара е бремена. Илија одеднаш го зафаќа нежно чувство за Мара и еден вид сожалба. Брзо се наоѓа до неа. Речиси ја презема од рацете на Величко и со многу внимателност и нежност ја навалува на една од фотелјите. Мара го опфаќа со благодарен поглед. Таа се досетува дека Благородна му ја има соопштено причината за несвестицата. Во својата загриженост за неа Илија го отстранува Чопела, дури и Величко, од нејзината близина за таа да дојде до воздух и за да може докторот да и изврши преглед. Мара го замолува да не се грижи толку зашто веќе се чувствува добро. Тоа го потврдува и докторот по прегледот. – Сепак, – вели Илија – таа треба да прилегне за да ѝ се повратат силите. А во иднина да припази повеќе на себе и, воопшто, да се поткрепува со витаминска исхрана. Избликот на неговите топли чувства кон неа, на Мара ѝ годи. Таа постојано го опфаќа со благи погледи, ама крадешкум, одбегнувајќи да им се сретнат погледите. На сите присутни во собата јасно им е дека неговите грижи околу неа се грижи на брат околу бремена жена-сестра која потклекнала под товарот што го носи. Натамошното негово ангажирање околу трудницата, како ангажирање на брат, би било неумесно. Затоа тој ја препушта на Благородна, а самиот, сега со уште поведро расположение, му пристапува на Чуле да си го продолжат разговорот. Го забележува како испитувачки ја набљудува Мара која Благородна ја занесува в кујна за да легне на отоманчето. Илија со мимика му ја објаснува нејзината положба. Тие се разбираат како двајца мажи. Илија го зема преку рамо и пак, по трет пат, се обидува да се распраша кој е тој, што е, спречен е да го стори тоа. Овојпат од еден необичен глас кој како да доаѓа од под земја. Тој глас го довикува името на писателот: Чулееее! Дури има и ехо: е-е-е! Чуле се штрекнува. Го напрегнува слухот како куче. Гласот пак се повторува, се протегнува: Чулееее! Тоа е гласот на Секула. Писателот се вознемирува. Погледнува налево, надесно, напред, назад, не би ли го открил изворот на гласот што го довикува неговото име. Овој се потретува, ама писателот никако не може да се ориентира. На крајот сепак забележува легнат човек до неговите нозе. Се наведнува да го препознае. Останува зачуден. – Секуле, зар си тоа ти?! Секула: – Јас! – Во каква положба те гледам? – Мртов сум! – одговара Секула. – Погоден сум в срце! – А, ах! – сожалува Чуле. – А кој те уби? – Чопела Џганов. – Кој е тој клетник што се дрзнал да крене рака на поет? Тешко му и горко му! О, мој Секуле! От мој, Секуле! Како што си ти денес овде кутнат, така на времето беше кутнат Пушкин во Русија и Лорка во Шпанија. Така беше кутнат и нашиот Вапцаров. Нема поголем злочин отколку да се убие поет! А сега, збогум, збогум! Секула: – Збогум, збогум! Писателот си седнува на своето место. Чопела е незадоволен од неговото присуство. – Кој е овој тип? – му се обраќа на Илија, сакајќи да го придобие за својата неповолна оценка во однос на писателот. Илија не ја прифаќа неговата оценка. Тој има симпатии за Чуле. – Кој сте вие? – нервозно му се обраќа Чопела директно на писателот. Овој не му одговара. – Навистина, кој сте вие? – на крајот му се дава прилика и на Илија да го праша. И не чекајќи одговор, продолжува со прашања, се така пријателски, со симпатии, но не и без мала доза на иронија. – Многу интересни окалки носите! Со тел. Како да се од дедо ви? – Од дедо ми Марко! – му признава Чуле. – Навистина? – Жими бога! – Интересно! А и увото ви е поткинато. – Аха! – Така сте роден? – Не. – Ами? – Уште како дете ми го поткина едно куче. Илија го фаќа смеа. Сака да ја сопре, ама не може. Чуле за тоа воопшто не му забележува. – Интересно! – вели Илија и се смее. – Многу интересно! Потоа, тефтерот што го носите под мишка и од кој не сакате да се одделите! Можеби со него и спиете? – Аха! – Зошто? Да не сте некое специјално службено лице, некој доверлив курир? – Не, јас сум писател – објаснува Чуле. Илија е пријатно изненаден: – Ајде, де?! Тој пријателски го чука писателот по плеќи. – Мило ми е! На уметниците им се восхитувам! И ги почитувам! Особено уметниците на зборот. На нив лежи спасот на човештвото. И неочекувано, бидејќи с# уште го држи магијата на „театарот" што го приреди Чопела, тој решава малку да го предизвика својот професор на нов настап. – Само како вие, како писател, – му се обраќа на Чуле – не успеавте да го скротите разбеснетиот вол што сакаше да ве буцне? Дивото во него да го спитомите? – Кога би бил вол, – објаснува Чуле – сè би било в ред. Несреќата е што не е вол. Чопела Џганов се наоѓа засегнат. Тој веднаш реагира: – Кој е овој што тврди дека не сум вол? Чуле станува, ги истопорува градите и смело му одговара: – Јас! Чопела е предизвикан: – Кој сте вие воопшто и кој ѓавол барате овде? – Вие барајте го ѓаволот, – му вели Чуле – зашто вие пишувате студија за него! Чопела гледа со сомнение. – Вие да не сте?... Чуле не му дава да се доискаже: – Да, јас сум! – решително, дури дрско му одговара. – Јас сум новиот член во литературниот кружок на Мара. Јас сум писателот Чуле! Чопела е фрлен во бес: – Значи, вие сте тој врколак кој успеа да издејствува кај Мара посебен режим! Вие сте, значи, тој што безочно ми го одзеде насушниот леб од устата?! – Вие тврдите дека сте вол! – саркастично го пецка Чуле. – Јадите трева! Чопела е разбеснет. На Илија: – Илија, бидете добар и позајмете ми го вашиот бокс. Сакам да го смачкам овој паразит. Спорот меѓу Чуле и Чопела го весели Илија. На негово задоволство, играта што ја замисли, добива неочекуван заплет. Тој сега зема улога на посредник. – Не! – му се спротивставува на Чопела. – Најнапред треба да знам зошто сакате да го смачкате писателот Чуле. Не сигурно зашто во него гледате конкурент кој би можел да ви го загрози престижот што го имате во литературниот кружок на Мара? Чопела се противи: – Ама неговата конкуренција е нелојална. Тој шпекулира. Тој најбезобѕирно ја мами Мара. А го заврбува и мојот ученик Секула да му ги доставува моите достигнувања од областа на филозофијата. – Значи, ве цени. – А и да му раскажува епизоди од мојот богат интимен живот што ги користи за мотиви во своите дела. Илија на Чуле: – Вистина ли е ова за што ве обвинува професорот Чопела Џганов? – Не е исклучено – спокојно одговара Чуле. – Мојата професија бара чепкање по човечкото ѓубре. Чуле сака да каже уште нешто, ама Чопела нервозно го прекинува, обраќајќи му се на Илија: – Боксот, Илија, боксот! Илија го смирува. – Спокојно, спокојно! Оставете го првин да се доискаже. На Чуле: – Де? Чуле: – Јас сум, знаете, специјалист за ѓубрина. Мојата заштитничка Мара се обидува да ме преквалификува, ама јас не можам да се најдам надвор од мојата специјалност. Се надевам дека она што денес се случува овде, на ова буниште, под вид на свадба, ќе ја вразуми и ќе ме остави на спокојство. Овојпат и Илија е засегнат од дрскоста на Чуле. – Слушајте вие! – го предупредува. – Вие сте навистина дрзок. Сега сакам веднаш да ми одговорите на прашањето: Зошто сте овде? И директно! Чуле веднаш одговара: – По порачка на моето срце, за да ѝ ја честитам свадбата на мојата добротворка Мара. Одговара така за да му се додвори на Илија и да не ја изгуби неговата наклоност. – Лажете! – му се врекнува Илија. – Јас имам нос за лагите. Секој збор ви смрди на лага! Вие сте тука не по порачка на вашето срце, туку под диктат на некоја мрачна сила што раководи со вас. Тоа почнувам да го чувствувам, тоа почнува да ме дразни. Во ваш интерес ќе биде да си одите. Чуле се преплашува од можноста да биде изгонет: – Не! – се опира. – Тоа не смеете да го барате од мене! Со поглед ја бара Мара. – Маро! Маро! – ја довикува. Мара: – Илија, оставете го ве молам! Таа зборува од кујната каде што е легната на отоманчето. Завесата е подотворена и може да се види дека таа сака да стане, ама Благородна не и дава. – Чуле е голем писател и прекрасен човек – од кујната таа му се обраќа на Илија. – Јас гарантирам за неговото поведение. Тој е тука по мое барање. Присуството на оваа свадба ќе го искористи во писателски цели. Тоа присуство му е потребно за творечко вдахновение... Писателот брза да ја потврди нејзината мисла. – Да, да! – вели тој. – Само така како што вели Мара и никако инаку! – Да не лаже? – ја предупредува Илија Мара, ама склон да и излезе во пресрет на барањето. Пак: – Да не лаже, зашто почнувам да чувствувам дека секој збор му смрди на лага. Мара, категорички: – Не! Вистина е дека многу ме лажеле, ама Чуле не! Чуле не знае да лаже. Се вмешува Чопела. На Мара: – Сигурно ќе ве излаже! Ќе ви приреди тотално разочарување! А и незгодата пред малку што ви се случи е негово дело! – ѝ вели. – Тој има урокливи очи. – Не! Не! – се противи Чуле. Протестира. Изразува навреденост. – Зар јас? Маро! Маро! – Ќе ве измами! Ќе ве измами! – ѝ тврди Чопела на Мара. – Постојано се обидува лагата да ви ја протурка за вистина и така подло да ве искористи. – А и Илија омекнал, – продолжува тој – макар што знае дека овој писател овде лаже. Писателите како што знаат да обезоружаат, никој друг. Директно на Илија: – Јас ти советувам да не губиш време, туку веднаш да ја ослободиш нашата сестра од овој натрапник! Гони го по ѓаволите додека е време. Илија е колеблив. Од една страна Чуле го привлекува, интересен му е, а од друга го одбива поради пројавената дрскост. А тука е и енергичното застапување на Мара за него. Сепак, кај Илија како да преовладува мислата дека Чуле треба да се отстрани. Едно претчувство му кажува дека тој ќе стане уште подрзок. – Не ќе биде ли подобро, – се обидува тој претпазливо да ја придобие Мара, доаѓајќи до завесата од кујната – да го ослободите писателот од обврската да биде присутен на вашата свадба! Таа е категорична: – Не! Пак сака да стане, ама Благородна не ја остава. Чопела ја искористува колебливоста на Илија и се обидува насилно да го изгони Чуле. – Надвор! Надвор! – го подгонува. Го фаќа за раменици и го турка. Чуле му се откинува од рацете и побегнува кај Илија кај кого смета дека не е сè изгубено за него. – Ве молам! – му вели. – Постапувајте со мене како со магаре, но овозможете ми го присуството на свадбата! Илија не го заштитува. Чопела пак го фаќа за раменици и, туркајќи го надвор, го удира со клоци одназад: – Надвор, надвор, магаре едно! Мара енергично станува. Се појавува во собата. Таа решава докрај да ја искористи повластената положба што ја ужива кај Илија. – Ве молам, Илија, – изрично бара од него – овозможете му на мојот пријател, писателот Чуле, угодно присуство на мојата свадба! Илија веднаш, без приговор, ѝ се става на услуга. Го ослободува Чуле од рацете на Чопела. Чуле наместо да му благодари, му забележува: Не смеевте да дозволите грубата физичка сила да триумфира! Тоа никако не смеевте! Пред с# не вие! Илија не може да одолее, а да не го праша: – Зошто токму јас да не дозволам? Кој сум јас? За каков ме сметате? Јас сум првиот што демонстрирам груба физичка сила. – Вие тоа го правите од благородни побуди! – му вели Чуле. – Вие сте војник на вистината и ваша должност е да го правите тоа. Ваша должност е – продолжува покажувајќи на Чопела – да ме заштитите од овој насилник кој и спрема вас би постапил како што се обиде со мене, само кога би располагал со поголема сила отколку што е вашата. Чопела, предупредително: – Илија, внимавај! Тој пак се обидува да те разоружа. На Илија одново му се враќа љубопитноста за Чуле. Со својата оригиналност тој незадржливо привлекува. Илија решава да се поигра со него, ама внимателно и тоа за сметка на Чопела кој не помалку од Чуле се обидува да ја придобие неговата наклонетост. – А зошто вие преѓеска, – му вели на Чуле – зошто грубо го навредивте професорот, јавно оспорувајќи му дека е вол? Постапивте така зашто тоа е ваше уверување или пак зашто сакавте да го навредите? – Тоа е мое уверување! Тој не е никаков вол! Вистина е животно, но не е вол. Волот е невино животно, а овој овде е првокласен префригант. Си ставил на себе маска на невиност за на тој начин да го одбегне гневот на правдата. Илија: – За каков гнев зборувате? За каква правда? На што алудирате? Бидете појасен. Признавате дека Чопела е животно, но не му признавате статус на вол. Зошто? И ако не е вол, тогаш што животно е? – Куче! За време на Втората светска војна, во својство на капó, сигурно џавкал во некој концентрационен логор. Чопела остро реагира: – Клевета!! Илија: – Навистина тешко обвинување кое треба да се докаже. – Пуштете ме да го изедам со заби!! – се нафрла Чопела на Чуле. Илија го заштитува. Чуле: – Еве доказ дека е куче. Вака на патриотите се нафрлаа гестаповските кучиња, систематски подложувани на глад и дресирани да јадат луѓе. Чопела почнува да лае како куче и лаејќи да се нафрла на Чуле за да го касне. – Ќе ти го изедам остатокот од едното уво и целото друго! – му вели. – Ќе те оставам без уши! Лае по него. Настанува голема врева. Смеа. Чуле, бранејќи се, со рацете ги заштитува ушите. Од кујната пак се појавува Мара. Илија брзо интервенира и воспоставува ред. – Не вознемирувај се, – ѝ вели на Мара – ние само се шегуваме, – Да се чувате од кучиња – му вели потоа на Чуле. – Очевидно не ве сакаат. Чопела пополека се смирува. Ама одвреме навреме пак подџафнува. – Треба да се гонат ваквите опасни лажговци како штетниот дивеч в планина – вели тој. – Безмилосно да се ништат! Илија се наведнува над писателот и му шепнува: – Сега добро би било нога за нога да се доберете до вратата и да се изгубите. Чуле не сака да чуе: – Никако! Зошто толку настојувате да останете? Тоа ваше настојување предизвикува сомнение кај мене во поглед на вашите намери. Со мене можете да бидете отворен. Значи, конкретно и накратко: З о ш т о? Што е во прашање? – Брат ми Секула! – неочекувано соопштува Чуле. Гласот му затреперува. – Неговата смрт сакам да ја оплачам. – Па тој не е мртов. Тој спие. – Мртов е! Убиен! Вие тоа го знаете подобро од мене. Чуле поаѓа кон Секула, се наведнува над него, го отвора тефтерот и почнува да мрмори, небаре му чита опело: – Исус же рече о с’мр’ти его, они же м’нешен јадо о успение с’ на глаголет! – Ѓавол да ве земе, – му вели Илија – со какви ли не ѓаволштилоци ќе се послужите за да останете овде. Само зошто, зошто толку настојувате? Го зема преку рамо: – Ви велам, мене можете да ми се доверите! Чуле пак го одбегнува вистинскиот одговор. Пак се обидува да итрува: – Дозволете ми да присуствувам на свадбата и јас ќе ви создадам весело расположение. Чесен збор! Не ви требаат никакви музиканти, пејачи. Јас сум, знаете, многу духовит човек. Смешки колку што сакате! Потоа, јас сум писател кој ги гледа работите низ призмата на сексот. Впрочем сите писатели гледаат низ таа призма, ама некои тоа го маскираат. Јас тоа не го маскирам. Ќе ви раскажувам за возбудливи настани што ми се случувале мене и на моите херои за време на нашите патешествија низ широките и таинствените предели од царството на Ерос. Се разбира, ќе ги премолчам критиките, ќе ја исклучам идејата и работите ќе излезат сосема голи и скокотливи. А тоа за свадбено расположение душа дава. Илија: – Вие пак шпекулирате со мене. Со мојата слабост спрема литературата. Да не случајно имате врбувано некој што ве известил за таа моја слабост? Чуле, пак: – Не е тоа слабост! Тоа е благородна сила која, како и целата ваша благородност, јасно се познава на вашето лице. И со неа; се разбира, не може да се шпекулира. Илија: – За каква благородност зборувате и како така таа може да ми се познава на лицето? – Така, – му вели Чуле – ви се познава. Вие имате ѕвезда на челото! Вие сте ангел-заштитник на правдата! Свети Климент, мојот духовен татко, би напишал за вас пофално слово. Илија се смрачува во лицето. – Немојте да правите од мене будала! – му процедува низ заби. – И немојте да ја злоупотребувате трпеливоста што ја покажувам спрема вашите дрскости! – Удри го! – му сугерира Чопела. – Удри го додека си господар на сопствената свест! Тој за кратко време ќе загосподари со тебе. Илија го вади боксот. – Удрете ме! – му вели Чуле без да се плаши. – Еве, пак велам: Вие сте ангел заштитник на правдата и на вистината. На челото ви свети ѕвезда. Таа е зорница и го озарува светот со надеж! Илија: – Ќе те удрам! Чуле: – Удрете! Слободно! – Му го наместува лицето. – И колку што можете посилно! Само што корист? Јас сум идеја и не се подавам на удари. И јас сум ангел заштитник на правдата и вистината! Илија го одложува боксот. – Одете по ѓаволите! – му вели. – Вие сте умно растроен. Вас со Секула треба да ве земат в лудница. Чопела: – Секула на неколку пати беше земен, ама секојпат бегаше. И овој треба да е еден од побегнатите. – Сум! – гордо вели Чуле. – Мене непрекидно ме гонат. Постојано сум во бегство. Ме гонат зашто сум вистинољубив и правдољубив! А да се биде тоа, најстрого е забрането! Чопела, за Чуле: – Политикант! Си става над главата ореол на маченик. На Илија: – Наивно е да се фатиш на таква плитка лага. Илија не може така лесно да се ослободи од влијанието на писателовата личност. – Најдобро ќе биде да го пуштиме да прочита нешто од својот тефтер, – му вели тој на Чопела како да се правда – па потоа да судиме за него како за измамник. На тој начин ќе се добереме до факти што ќе го товарат. Чопела се смее: –Тоа е исто – му вели – како кога даночникот ќе му дозволи на крчмарот да го напие со своето вино пред тој да му го одреди данокот. Разочаран во Илија: – Не вреди со тебе да се зборува! Чопела сега пак за сојузник го бара Моно кој живо го следи разговорот, демнејќи момент да се вклучи во него за одново да го сврти вниманието на себе. – Го слушнавте овој писател што рече? – му се обраќа Џганов. – Вели: Ќе ја исклучам идејата и работите ќе се покажат голи. Што значи тоа? Тоа значи: Ќе ја исклучам лагата и вистината ќе излезе на чистина. Гледате ли дека писателите во својот метод се раководат од лагата? Вие тоа генијално го забележавте кај Шекспир. Браво! На Моно оваа пофалба му е пријатна. – О, да, да! – вели тој. Чопела: – Да, да, тоа е јасно! Ама не за секого. Не секој може да види дека идејата – тоа е лагата, тоа е злото, тоа е лудилото! Секоја нова идеја – нова несреќа! Првата идеја беше да се украде огнот од боговите, последната е да се запали светот со него. Да се верува во идејата, исто е како да се верува дека на челото од наивниот Илија има ѕвезда. – Ќе ги премолчел критиките, ќе ја исклучел идејата и нештата ќе излезеле голи и скокотливи! – продолжува Чопела, обраќајќи му се на Моно. Меѓутоа, дали ќе бидат скокотливи или не, тоа не смее да биде работа на писателот, тоа е нивна работа, на нештата. Работата на писателот е да ги донесе на сцената, а нивно е како таму ќе се однесуваат. Ако тој им се меша, ако има намера, на пример, да ги направи скокотливи, допадливи, тој ја изопачил нивната природа, ги изнагрдил како наивна и лесна жена што го грди своето лице со шминка. Тоа е, се разбира, невкусно. Дури повеќе – тоа е грозно. И опасно! Да, и опасно. Најголемиот дел од писателите и воопшто од уметниците се опасни луѓе. Всушност, тоа се хохштаплери кои ги познаваат слабите места во човековата духовна постројка и по пат на хипноза и илузии ги потчинуваат луѓето на својата волја. Таков беше и пејачот што пред малку се обиде со својата песна да ја придобие нашата госпоѓа. Но тоа е сè уште невиност. Во споредба со лудакот од Јасна Полјана, или во споредба со Петроградскиот епилептичар, тоа е невиност. Овие вториве се поопасни во своите лаги од првите чии лаги се наивни и плитки. Првите ја влечкаат за нос младината и жените, вторите целото човештво! Сега директно го прашува Моно: – Дали ме разбирате? Моно: – Наполно! Вие барате, ако правилно ве сфаќам, човекот да му се довери на своето тело, а не да му стане роб на својот дух, особено не на својата душа. Тоа е речено многу гласно за да чуе Благородна која заедно со Мара сè уште е в кујна. Тие таму, може да се види, сега нешто подготвуваат. – Така јас сметам, – му вели на Чопела – ако правилно ве сфатив. Чопела: – Сосема правилно. А дали се согласувате со мене? – Јас сум ваш едномисленик. – Мило ми е. – Меѓутоа, според мене, сè уште има такви – Моно остворено цели на Илија – кои се наполно во власта на своите чувства. Чопела го прифаќа: – Да. И што е најлошо, се обидуваат и другите да ги подјармат во својот јарем. Ама јас сметам дека на крајот горчливо ќе се измамат. Моно: – Живееме со Рокан во голема надеж! Илија сака зајадливо да реагира на алузиите од Чопела и Моно, ама во моментот нема идеја. Неочекувано му помага Чуле кој како да му ја прочитува желбата. – И оној онаму – покажува тој на Моно – треба да е куче. Тој бил или би можел да биде СС-командант на некој фашистички концентрационен логор. Тоа му се познава на лицето. Илија сака докрај да ја използува мислата на Чуле заради реванш на Чопела и Моно. – Каква е разликата меѓу него – куче и Чопела – куче? Чуле: – Разликата е во тоа што оној е божем расно куче, а професорот улично. Всушност, никаква разлика нема. Илија задоволно се смее. Тој сака да го исползува мислењето на Чуле и во однос на Рокан, ама се премислува; смета дека не е моментот да ја заострува ситуацијата. Разговорот си има весел тек. Меѓутоа, се вмешува докторот. Тој не сака да ја пропушти приликата. – А овој? – го прашува Чуле, покажувајќи со прст на Рокан. Чуле спремно одговара: – Тој е бесен пес. Затоа се лигави. Докторот е презадоволен. Слатко се смее. Се смее и Илија, ама не предизвикувачки. Рокан му ги покажува забите на докторот, му ’ржи. Се вмешува Чопела: Значи, Илија, готово е со тебе. Тотално капитулантство. Му се подаде целосно на маѓесникот да ги изведува со тебе своите окусипокуси. Оној преѓешниот, пејачот, не успеа, иако и јас му асистирав. Ама овој наполно завладеа со тебе. Ти сметаш дека тој потхранува некаков твој апетит на тој начин што не нарекува нас кучиња и песови, Меѓутоа со тие свои изрази тој не оди кон тоа да не навреди, ами да ни се додвори. Тој добро знае дека да се биде куче е подобро отколку да се биде човек. Тој нам ни се додворува, ни ласка. Тој си го отвора патот кон нас, а тебе сè повеќе и повеќе те турка во пропаст. Илија го гледа потсмешливо. Не сака да спори со него, туку сака да ја предизвика неговата нетрпеливост спрема писателот уште повеќе. Тоа го весели. – Знам, знам, професоре – му вели – дека писателот Чуле е исто така школуван лаж како што сте и вие, Можеби и нешто повеќе, Меѓутоа, кога веќе Мара го примила во својот литературен кружок и му дала, како што сами признавте, привилегирана положба, мора таа да нашла исклучив талент во него, – Нели, Маро? – ја прашува Мара. Мара од кујната: – Молам? – Нели Чуле е талентиран писател? Мара: – Да. Кај него се работи за редок талент. – Гледате! – продолжува да му се обраќа Илија на Чопела. – А како човек од талент, додека пишувал мора да имал моменти кога се издигнал над лагата. Некое зрно вистина сè ќе се најде во неговиот тефтер. – Не! – категорички одрекнува Чопела. – А лагите, пак, што ќе ги изнаприкаже, ние веќе ќе умееме да ги свртиме против него. На тој начин, кога ќе располагаме со факти образот пред Мара ќе ни биде чист. Значи, да му дозволиме нешто да раскаже. А тој од своја страна нема да заборави дека ни вети оти при раскажувањето ќе ја исклучи својата оценка за луѓето и нивните постапки, дека ќе ги прикаже во нивната природна состојба. Чопела не се помирува. – Не! Не! – се противи решително. – Не сакам да испаднам во положба на шеикот кому Шехерезада илјада и една ноќ му го матеше умот со лаги додека не го прелага. Илија: – Ќе ја имаме постојано на ум поуката од приказните во Илјада и една ноќ. Да го пуштиме сега да прикажува. Тој вети дека прикажувањето ќе биде скокотливо, значи весело, значи токму такво какво што е нужно за свадбено расположение. Сега се свртува кон Чуле. Го забележува како ја поттргнал завесата од вратата на кујната и ѕирка што се случува внатре. Тоа што го гледа брзо го запишува во едно мало тефтерче. И од местото каде што се наоѓа Илија можат да се видат в кујна Мара и Благородна како го подготвуваат свадбениот ручек. Ним им се придружил и Величко. Благородна често се наведнува над неговото уво и нешто му шепоти. Величко се срамува. Благородна се смее. Илија му се доближува на Чуле и го потчукнува по плеќи. Овој се исплашува како да е фатен во недозволено. Брзо го скрива тефтерчето в џеб. – Што видовте и што запишавте? – го прашува Илија. – Ајде, прочитајте. Ние решивме да ви дадеме можност да ни прикажувате или, сеедно, да ни прочитате нешто од тие ваши тефтерчиња. На пример, тоа што сега го запишавте. Чуле одбива: – Не! – Зошто? Зар е тоа тајна? – Не е тајна. Тоа е суров материјал што допрва треба да се обработува. Јас ќе ви прикажувам. Јас сум добар раскажувач. – Добро! – се согласува Илија. – За што ќе ни раскажувате? Чуле: – Решив да ви раскажувам за љубовните изневерувања. Тоа подрачје на еротиката е преполно со возбудливости и мистериозности. На тоа подрачје Ерос пали. На тоа подрачје Ерос коли. Секоја негова мисла е оган, секој негов поглед нож. Илија: – Конкретно, прикажувајте за нешто конкретно! И не виткајте, ќе го налутите професорот. Чуле: – Ќе ви прикажувам за тоа како една жена на еден банкет му се обраќаше на својот сопруг до неа со „мили", а истовремено со очите се договараше со еден што седеше отспротива. Чопела: – Тоа не е никаква опсервација! Општо е познато дека жените од мажите прават будали. За друго, за друго ти прикажувај ни! И не виткај, не виткај! Чуле: – Ќе ви прикажувам за тоа како една друга жена, шетајќи со својот сопруг по шеталиштето, ги покажуваше своите женски привлечности како трговецот својата стока. – Тоа е исто – пак се замешува Чопела. – И се однесува на истата жена. Или на некоја нејзина посестрима. Само што е кажано нешто поотворено. Ама уште поотворено! Сега Илија, на Чопела: – Оставете го, де! Вие не му давате да дојде до збор! – Ама тој ги витка работите! Не забележувате ли? – Не виткајте ги! – му вели Илија на писателот и го поканува да продолжи: – Де, понатаму. За што друго ќе ни прикажувате? – За тоа – вели Чуле – како едни младинци на кои им прикажував како вам сега, подбивно се шегуваа за сметка на Антонио, еден мој литературен херој, дојден од античкиот Рим во нашево време за да ја сведочи мојата вистина. – А зошто го исмејуваа младинците? Што направил тој Антонио? – Што можеше друго да направи, освен да се согласи целото свое богатство и сите свои жени-робинки да му ги отстапи на врачотроб за да ја излечи овој од тешката болест, за да му ја спаси од сигурна смрт многусаканата на неговото срце Рипсимија; а и под страшен услов обајцата отпосле да му станат нему робови, на бившиот нивни роб. Илија: – И? Чуле: – И така стана. – Луд! – бесно се провикнува Чопела. – Во право биле младите луѓе што го зеле на подбив. Тој Антонио ти бил пороб од последниот свој роб! Тој ти бил во тешките окови на своите чувства. Него требало да го шибаат до смрт. Но несреќата да биде поголема, станал сопственост на маѓосник кој го искористил за пример со катастрофално влијание низ цели епохи на историјата, со последици од такви размери каков што беше размерот на господин Смешко кој од себе направи несреќен будала за да може да ја има наклонетоста на некаква фиктивна Дулчинеа. – О, да, да! – воодушевено потврдува Моно. Тој сака, пак, да ја исползува приликата. – А зар денес нема такви случаи? – За жал, за жал! – потврдува Чопела и додава: – И за ваша среќа! Сега Илија остро реагира, но пак во рамките на играта. – Престанете – му вели на Чопела – со вашите филозофски дрдорења и пуштете го писателот слободно да зборува! Чопела: – Молам, молам! Само тој наместо да ги свлекува, пак почнува да ги облекува работите. – Значи, – му се обраќа Илија на Чуле – со вашето талентирано раскажување вие го заслужувате присуството на оваа свадба. Тоа поучително може да делува на младоженците. Арно ама тие во својот заеднички живот колку што се хранат со своите души, толку и со своите тела, на кој начин се раѓа величествен плод – целта и смислата на секој брак, на постоењето воопшто. Очекуваме, значи, да раскажете некое доживување од пределите на телесното, од таинственото царство на Ерос, како би рекле вие. И, како што бара професорот, без многу завиткувања. Заради весело расположение. Разбирате? – Да, да, да! – брза да се согласи Чуле и на тој начин да ја замаскира својата вистинска намера. – Бидете спокоен – вели. – Она за што вие се интересирате се однесува на моето скорешно доживување. Тој почнува да бара нешто по џебовите. Му пречи големиот тефтер што го држи под мишка и од кој не сака да се ослободи. – Каде ли е моето црвено тефтерче? – се прашува. Бара. Вади од џебовите различни тефтерчиња,. ливчиња, исечоци од весници, малечки моливчиња. Панталоните му се широки и со многу џебови. Неочекувано од еден џеб вади парче леб, а од друг главица лук. На крајот го извлекува бараното црвено тефтерче. Почнува да го прелистува. Ја пронаоѓа бараната страна. Му вели на Илија: – Ако дозволите, би прочитал неколку реда. – Се разбира. Само повелете. Чуле поаѓа кон средината на собата. Тука се сопнува од телото на Секула. Нешто незадоволно промрморува, па свртувајќи се кон кујната со зборовите: „Нека чујат и тие, – Мара и Благородна – нека се поучат!", ја поставува ногата на градите од Секула, грубо, при срцето и почнува да чита. Бидејќи е кусоглед, го има доближано тефтерчето до самите очила. Чита многу гласно, вика. – Шестиот ден на јули – чита – дојде до силен порој. Падна град како јајце голем и им нанесе смртоносни удари на овошките. Ги имаше со илјадници паднати во калта: малечки, зелени, изотепани. Се најдов на брегот од надојдената река каде се имаа насобрано многу луѓе и – го видов! Застанува. Зема здив. Возбуден е. – Кого? – прашува Илија. Чуле не може веднаш да одговори. А и кога доаѓа до здив, не му одговара директно на Илија, туку продолжува да чита: – Имаше сосема малечка глава, колку тупаница. И сини очи. Градот безмилосно беше го удирал. Лежеше во калта со отворени очи спроти небото. Меѓу насобраните имаше млади жени божем разжалостени и разгневени. Меѓу нив и една за која имав впечаток дека е мајка му. Кутрото тоа, завалијата! – Грозно, грозно! – се грози Илија. – Вие сте биле вистински буништар. И може ли, ве прашувам, еден ваков вулгарен расказ да се вклопи во едно свадбено расположение?! – Ама вие тоа го баравте! – се правда Чуле. Всушност се преправа на наивен. Чопела е задоволен. Задоволен е пред сè поради тоа што Илија паѓа во стапицата на Чуле. – Добро е, добро е! – му одобрува тој на писателот. – Само што пак е преполно со идеја. Ние би сакале нешто во врска со она што му претходеше на плодот. Нешто во врска со онаа која „ги покажуваше своите привлечности како трговецот стоката." Или во врска со нејзината пријателка за која претпоставивте дека е мајка на детето. Сфаќате ли? – Како да не! Како да не! – вели Чуле и се смешка итро, а и задоволно ги трие рацете. – Вие сакате да бидете упатени во трговијата, во берзата на спротивните полови. – Тоа, тоа! – потврдува Чопела, па и тој ги трие рацете. – Може, може! – се согласува Чуле и пак почнува да пребарува по џебовите.– Каде е моето црно тефтерче? – се прашува. Најпосле го извлекува бараното тефтерче од еден многу длабок внатрешен џеб на палтото. Неочекувано од џебот му летнува еден лилјак. Тоа предизвикува најнапред зачуденост, а потоа многу весела смеа кај присутните. Од кујната се појавуваат Мара, Благородна и Величко. Сцената со лилјакот е првокласен настан и Величко не ја штеди смеата ниту рацете од ракоплескање небаре е на циркуска претстава. Лицето на Илија почнува да се смрачува. Тој се чувствува како од писателот да е измамен. – Окуспокус! Илузија! – му вели Чопела ликувајќи. – Но нашиот магионичар уште не покажал сè што умее. Заедно со тефтерчето од џебот на Чуле извлечени се и многу сламки и прачки. Лилјакот, поради дневната светлина, тешко може да се ориентира. Брзо треперејќи со крилјата се одржува на едно место во воздухот како хеликоптер. Меѓу птиците во градината настанува вознемиреност. Кучето прескокнува преку прозорец и влегува во собата лаејќи по лилјакот. Чуле го мами да се врати, ширејќи му ја полата од палтото. Со најразлични гласови и свирежи го ориентира. На крајот, по многу маневри, тешко изводливи поради дневната светлина, тој се прибира в џеб. Во градината сега се враќа мирот, кучето престанува да лае, присутните во собата да се смеат. Сега Чуле го покажува тефтерчето. – Овде – вели – имам илјада и една адреса и илјада и една шифра. Вашите вкусови, молам! – Најнапред понудите – му вели Чопела. – Молам! – вели тој и почнува да го прелистува тефтерчето. – На страница шеста, молам: Осумнаесетгодишна. Црномурна. Полничка. Височка. Улица „Лолита" борј шест. Шифра: „Овде ли се продаваат кукли?" – Чуле!! – ѝ се испушта на Мара страшен вик. Таа застанува пред писателот. – Вие не знаете што зборувате! Престанете! Чуле, пак како само токму тоа да го очекувал. Како она што претходно го зборувал дека имал за цел токму Мара да ја предизвика. И кога во тоа веќе успеал, тој не чека ни момент туку веднаш, распалено и цинично се нафрла на неа: – Доцна е, доцна е! – ѝ вика како луд. – Нема да престанам! Заговорот е скован. Вие сте во неговата мрежа. Наближува моментот кога ќе бидете удрена со нож во грбот! Со овие зборови тој ја зашеметува Мара. Таа успева само да праша: – Зар вие, Чуле, против мене?! – Јас, ами кој! – ѝ се извикува тој в лице. Очите преку очилата му светат како на утка ноќе. Гласот грозно му пишти. Мара сега наеднаш открива во каква духовна нечистотија Чуле западнал. Од душата му избива злоба, од телото смрдлива реа на пцовисано. Инстинктивно пак го повторува прашањето: – Зар вие?! Чуле триумфира демонски, горд што може да демонстрира зло: – Јас пред сите! Јас сум поголем измамник од сите овде заедно. Овој тип овде – покажува на Чопела – ме намириса. Знаете ли зошто немилосрдно ги трошам вашите милосрдни пари? За куклите од „Лолита" број шест. Заради нив и живеам. Тие ме одржуваат во живот. Во нив е вистината, а во вас лагата. Вистината е она што може да се фати со рака. А кај нив има што да се фати со рака! Цинично и се смее в лице. Мара пак ја зафаќа слабост. Благородна ја придржува да не падне. Истовремено погледнува во Илија: Зошто тој не ја земе во заштита? – Турнете ја! Што ја придржувате? – вели Чуле. – Нејзината близина покрај вас е опасна. Може да ве зарази со душа. А вам чуму ви е душа? Вие сте кукла. Вам душа не ви е потребна, Од вас се бара да бидете само убава. Мрднете со малиот прст и с# што имам напишано ќе изгорам! Благородна ужаснета погледнува во Илија. Зошто тој ги дозволува овие навреди? Илија оддава впечаток на горчливо измамен човек фатен во стапица и така обезоружен и безопасен. Мара одвај може да му рече на Чуле: – Одете си! Чуле е немилосрден: – Не! Уште нè! – категорички и одречно врти со главата. – Не си одам! Овие луѓе бараат свадбено расположение. Овој будала овде, – покажува на Илија – како и ти утрово, посака да зборувам за величествениот плод: за смислата на свадбите, за смислата на живеењето, на постоењето! – За свадбите ли, за нивниот величествен плод? – се провикнува колку му држи глас. – Може! Може! – вели и брзо-брзо со вешти движења на прстите го прелистува големиот тефтер од под мишка. Се запира на една страна и со глас полн со црнило и злоба, чита: – „Кутрото дете! Кутрото дете! Завалијата! Рачињата му беа врзани со тел, гушата пресечена со нож!" Мара ужасно писнува. Неочекувано полна е со сила. Разбеснета е како ранета ѕверка. Ќе го раскине писателот. – Доста! Доста! Престанете! – му се заканува. – Од тоа што го прикажувате овде се полудува! Каков писател сте вие?! Со какво право ги употребувате зборовите на народниот јазик?! Не сте вие никаков писател! Не сте ни човек! Мајките би ви одмаздиле. Одете си! – Не би си отишол! – ѝ вели цинично Чуле. – Домаќинката на овој дом не е баш така неинтересна како што беше до вчера. Изгледа и таа почна да ја бара вистината со раце. А тоа и на неа се забележува. Особено на колковите. Мара е страшно погодена. Грозно викнува: – Одете си!! Чуле: – Ќе си одам! Ќе си одам! Уште неколкупати: Ке си одам! и одеднаш се дополнува: – Не сакам да бидам во твојата близина, во близината на жената која во својата утроба го зачнала човекот што ќе ја фрли атомската бомба и ќе го уништи светот! – Ааааааа! – ужасно испиштува Мара како да е смртно и со подмамка погодена и паѓа на подот покрај Секула. Чуле се кикоти од задоволство и тргнува да си оди со крената глава, триумфално. Никој не смее да погледне во него, дури ни Чопела Џганов на чие лице замрзната стои една победничка насмевка. Чуле минува покрај Илија сосема спокојно како покрај маѓепсан човек. Ама самоувереноста му се одмаздува. Зашто, како што е исправен во главата, тој се сопнува од трупот на убиениот Секула и паѓа ничкум токму пред нозете на Илија. Тогаш овој, по навика, се така занесен, повеќе инстинктивно отколку свесно, неверојатно силно замавнува со ногата по него. Можеше лесно да не го погоди, зашто ударот не беше точно пресметан. Но го погоди. И тоа многу згодно, полно, така што Чуле летнува, профучува како ѓуле и со главата треснува во ѕидот. Ама не му станува речиси ништо. Се покажува дека черепот му е многу јак, челичен, зашто малтерот од ѕидот напукнува и се изронува. Од џебот на Чуле пиштат вознемирени лилјаци; на подот се истресуваат од него многу сламки, прачки, пердуви, моливчиња, ливчиња хартија, трошки од леб, една празна конзерва од риби, виљушка, лајца и многу вошки. Чуле паѓа, изгледа добива лесна несвестица, но веднаш станува. Алка по подот да ги пронајде паднатите очила. Ги наоѓа и брзо ги става на очите. Тогаш првин си ги прибира вошките, потоа ливчињата и моливчињата, па виљушката и лајцата, и стегнувајќи го под мишка поцврсто тефтерот што не го испушти и кога падна, излегува низ вратата назадечкум, за цело време не испуштајќи го од вид Илија кој сè така е занесен, со горчлива насмевка на измамен човек. Мара е сè уште легната на подот. Се чини како да е удрена од ровја. Покрај неа, како покрај гроб, беспомошен стои Величко. По едно време нему му се приклучува и Благородна. Таа клекнува покрај Мара. Бидејќи фустанот ѝ е кус и тесен, при клекнувањето ѝ се покажуваат нозете високо над колена – тие како да се две бели, огромни, млади, немирни животни кои, иако мртов, го вознемируваат Секула испружен покрај Мара. Благородна нежно ја гали својата штитеничка по челото, по образите, ѝ се смешка, ја охрабрува. Мара живнува. Благородна ѝ подава рака и таа станува. Потоа седнува на една фотелја за цело време опфатена од нежното внимание на Благородна и Величко. Илија уште извесно време ќе се наоѓа во занес, а потоа ненадејно, како да е погоден од некој, енергично се исправа, зазема боксерски став и почнува „борба" со фиктивен противник. Многу вешто одбегнува удари, а исти така и вешто задава. Благородна, Величко и докторот се исплашуваат. Особено Благородна, кога констатира дека тоа не е никаква игра, туку ужасна стварност. Таа погледнува во Чопела – можеби тој ќе ѝ даде објаснение. Овој веднаш ѝ се ставува на услуга. – Не плашете се! – ѝ вели и ѝ се доближува. – Тоа е кај него вообичаен епилептичен напад. Ќе му мине. Стоејќи покрај неа одвај се воздржува да не ја допирне со рацете. Благородна решително тргнува накај Илија. Чопела го искористува случајот. – Немојте! – ѝ викнува и ја фаќа преку половина. – Не смеете да му се доближите! – ѝ вели и ги спушта рацете на нејзините колкови. – Тоа е опасно. Со еден удар би можел да ве убие. Во овој момент тој никого не препознава. Благородна енергично се ослободува од присуството на Чопела и прави чекор кон Илија. Овој го напаѓа „противникот". Ужасно силно замавнува. На лицето му се одразуваат грозни гримаси. – Илија! Илија! – му викнува Благородна. Во начинот на кој го довикнува неговото име има многу нежност за него, многу страдање, ама и силна верба дека ќе успее да му помогне. Илија не ја прекинува борбата, ама сега ударите му стануваат поретки и не така силни. – Илија! – пак му викнува Благородна и уште чекор-два му се доближува. Тој сега престанува да замавнува. Се заслушува за да го определи правецот од каде што доаѓа гласот што го вика неговото име. Ама веројатно не може да одреди; решава дека гласот му се причинил, па затоа се спрема да ја продолжи борбата. Ама пред да почне, Благородна пак му викнува: Илија!, и му се приближува сосема, дури со рацето го допира. Илија веднаш доаѓа на себе. Тој во првите неколку мига се чуди. Ја растресува главата и одеднаш сè му станува јасно. Присуството на Благородна така близу до него, изразот на нејзиното лице што оддава нежност и загриженост и нејзините раце на неговите гради, силно ја предизвикуваат неговата љубов спрема неа. – Имав напад? – ја прашува. – Дојди да легнеш и да се одмориш! – му вели таа. – Не! – ѝ одговара тој. – Воопшто не сум истоштен. Јас тукушто ја започнав борбата и ти ме спречи. Како успеа да ми се доближиш? Тоа е опасно. Благородна не ги одвојува очите од неговите. Му пренесува дека многу страда заради него, дека е спремна многу да направи за да го види среќен, дека е спремна најсмело да постапи, дека е спремна, всушност, на сè и дека никој во намерата не може да ја спречи. Очите ѝ се полни со солзи. – Не плаши се! – ѝ вели Илија интимно. – Сè ќе биде добро. Болеста не е опасна. Сум се консултирал со лекари. Дури некои од нив ми ја препорачуваат. Тоа е начин да се ослободам од една сила и од еден гнев што во огромни размери се акумулирани во мене. Јас водам борба со Земјата, Лола. Разбираш? Со Земјата. Тоа ѝ го зборува со шепот. Таа не ги оттргнува очите од неговите. Молчи. Ама со поглед јасно му кажува дека го сфаќа. – Спремен сум да ја убијам! – продолжува тој. – Ама не можам да се ослободам од гравитацијата. А целта ми е да ја добијам на растојание. Да ми се случи тоа, би ја удрил со таква сила што би ја напукнал уште еднаш и би ја направил прав и пепел! Пак почнува да се возбудува ама Благородна е до него и веднаш го успокојува. Таа сега си дава поголема слобода. Му ги фаќа рацете како во намера да ја скроти нивната разурнувачка сила и се притиснува на неговите гради. Погледот се така не го одвојува од неговите очи. – Илија! – шепотат нејзините усни. Тој веднаш ѝ се покорува. – Фикција! – ѝ вели и сака уште нешто да каже, ама таа не му дозволува. – Не! – му вели. – Не! – и го притиснува целото свое меко тело во неговото како карпа. Сега Илија станува свесен за нејзиното женско присуство и ја погледнува како што таа непрекидно бара да биде погледната. – Лола! – ѝ шепнува, колку само да ѝ го спомне името, колку да ѝ рече нешто нежно, нешто убаво. Крајно смело, но не и неочекувано за него, таа му вели: – Бакни ме! Благородна е во љубовен транс. Но не во таков за да не може да се контролира во дозволеното и недозволеното. Нејзината постапка е наполно свесна. И во неа нема ништо непристојно. Нејзината постапка е само решителна и смела. Сепак, не би си ја дозволила, доколку докторот беше присутен во собата, и покрај тоа што неговото присуство или неприсуство не можеше да решава за исправноста на таа постапка. Благородна појде од тоа дека тој тукушто излезе од собата; а излезе за целосно да ѝ ја овозможи слободата што ѝ припаѓа. И Благородна веќе знае да ја искористи. Да ја искористи за себе и за Илија, за ослободување од еден товар на емоции, за наслада исто така, но не помалку и за да демонстрира сила на едно моќно оружје во борбата против Секула и Чопела, против Моно и Рокан, против сиот овој гнасен свет што се собрал околу неа, против светот што Илија сака да го добие на растојание. Илија ги насетува нејзините желби токму такви и ја бакнува в уста, а и таа него истовремено, обајцата – исцрпително, жедно. Тој нивни бакнеж, колку да е благотворен, сепак е само една капка вода за земја што е пресушена од пеколна суша. – Уште еднаш! – треперат усните на Благородна. Илија со вонредни напори се воздржува. – Уште еднаш не ќе биде доста! – ѝ вели. – И уште стопати и безброј пати не! Тој решително се оттргнува од неа и, како да бега од љубовниот бран што му се заканува да го удави, истрчува надвор од собата. Благородна го испраќа со копнежлив поглед, но и со благодарност. Лицето ѝ е озарено од среќа; свежо, расцветено, доаѓа како лице на девица. Таа знае дека погледите на сите присутни се насочени во неа. Но не се чувствува посрамена. Напротив, опфатена е од чувство дека извршила подвиг што ги маѓепса присутните. Меѓутоа, не си дава некаква важност, иако една од целите ѝ беше да ја покаже силата на својата љубов. Спокојно седнува покрај Мара. Мара, пак, како да е маѓепсана. – Вие сте преполна со душа! – ѝ вели на Благородна. – Вие имате душа за секој, за сиот свет. Вие располагате со онаа благородна сила што единствено може да го спаси светот. Тоа всушност не ѝ го вели директно, туку го зборува со шепот и повеќе како за себе. – Како таква – продолжува да шепоти – вие бевте, и уште сте, и секојпат ќе бидете моја учителка. Благородна покровителски ѝ се насмевнува и ја погалува. Моно потсмешливо ја посматра. На неговото лице е насмевката на човек што изгубил една битка, но кој е убеден дека крајната победа ќе му припадне нему. Рокан не може точно да процени што всушност се случи и се случува зашто неговите сознанителни сили се ограничени. Тој знае дека се водат битки за една жена, но не знае дека и таа жена води битка во себе и дека од нејзиниот исход зависи исходот на другите битки. Бакнежот на Благородна и Илија укажува силно влијание и врз Чопела и Величко. Кај првиот внесува неспокојство кое не е јасно издиференцирано и кое, како такво, не може да има свој исход поради што Чопела го чувствува како нервоза; кај вториот исто така неспокојство, но кое има исход и кое тежнее кон него – кон Мара. И Мара тежнее кон Величко, но не од исти побуди. Кај Величко, како и кај Рокан, се работи за телесна побуда, а кај Мара, како и кај Благородна, за душевна. Кога Благородна насетува дека вниманието на нејзината штитеничка сè повеќе се свртува кон Величко, а и тој е сиот обземен со неа, таа решава да ги ослободи од своето присуство. – Ќе излезам в градина – вели и станува. Поаѓа. Мара се досетува зошто ги напушти. И сè уште под импресија на она што се случи, таа решава да постапи смело како неа. Го повикува Величко в кујна. Го повикува без да води сметка дали нејзината намера ќе биде прозрена од другите. Величко ја насетува нејзината желба. Летнува од радост. Кога влегуваат в кујна, Мара ја тргнува завесата. Потоа го прегрнува Величко и му шепнува: Бакни ме! Величко ја прегрнува и ја бакнува. Веднаш потоа со своите силни раце ѝ ги здробува коските во својата прегратка. Мара му вели: – Остави ме сега! Доста! Доста! Така му вели, но веднаш потоа го бакнува страстно. Потоа пак му вели: – Остави ме! Треба да го подготвиме свадбениот ручек. Но Величко не ја слуша – ја превиткува, ќе ја скрши. Чудно е како нејзе ѝ издржува ’рбетот! Таа ужасно, ама безгласно офка. Величко ја кутнува на малиот отоман. Штом излегува в градина, Благородна веднаш е пресретната од Илија, а потоа и од докторот. Тие започнуваат да разговараат нешто весели. По бурата ги зафаќа ведрина. Особено ведро е расположен Илија. Љубовниот бран што помина низ него оставил убави последици врз неговото расположение. Тој го повикува и Марко. Покажуваат на Благородна што умеат да изведат тие двајцата. Кучето се смета почестено што може да покаже пред Благородна разни дресури. Ги изведува со посебно ангажирање. Таа е задоволна; се смее и му ракоплеска. Не помалку расположен е и докторот. Тој смета дека она што се случи меѓу Благородна и Илија е колку нивна толку и негова придобивка, а загуба за Моно и Рокан. Кога се враќаат во гостинската ссба, ведро расположени, ги затекнуваат Моно и Рокан како нешто се договараат. А и Чопела со Секула кој, инаку, сè уште е легнат на подот, се во разговор. Илија сака да си поигра со Чопела како пред малку со кучето. – Е, професоре, – му се обраќа – секоја ви чест: гледам сте го воскреснале вашиот мртов ученик како Христос што го воскресна Лазар. – Не! – одрекнува Чопела. – Не сум чудотворец. – Ама ве видов и ве чув како разговаравте! Чопела ја прифаќа играта: – Да, разговаравме. – Како е тоа можно, ако е Секула мртов?! – И јас не знам. Овој е чуден некој мртовец. Не заборавил да зборува. – Да не не е мртов? – Мртов е по сите прописи. – Тогаш да го погребеме. – Што има да го погребуваме. Нека гние тука! – А, не! – се противи Илија. – Секула тоа не го заслужува. Ќе го погребеме како паднат војник со сите почести што следуваат за такви прилики. Се вмешува Благородна: – Не ги започнувајте тие шеги, Илија! – Тоа се сепак само шеги! – се правда тој, – Тоа се шеги на кои не им е местото на свадба. Многу такви шеги денес Мара ја донесоа во очајна положба. – А каде е Мара? – прашува Илија. – И Величко? Не ги гледам. Благородна: – Мора да се в кујна. Веројатно се зафатени со подготвување на свадбениот ручек. Чопела потврдува: – Да, в кујна се. Го подготвуваат свадбениот ручек. Тој разменува со Моно значајни погледи. И двајцата одвај што не брбнале да се смеат. Благородна уште еднаш го замолува Илија да не ги започнува невкусните шеги и по можност, тој умее тоа да го стори, да створи вистинско свадбено рааположение; доаѓа предвид и песна; таа знае, Илија убаво пее, а знае и многу песни; со еден збор, на Мара да ѝ се приреди веселба каква што таа заслужува, а не да си импровизираат убиства и погреби! – На Мара ќе ѝ приредиме чудесна веселба! – ветува Илија. Благородна се упатува кон кујната. Меѓутоа уште со првиот чекор нејзе ѝ станува сомнително дека таму нешто се случува. Уште еден чекор или два, и таа е начисто што може да биде тоа. Застанува. На лицето ѝ заигрува загадочна насмевка. Чопела и Моно брбнуваат во смев. Илија не може да се досети зошто се смеат. Чопела го мами: – Не го слушна ли мртвиот Секула што рече? Мене не може, вели, да ме воскресне никој освен една убава госпоѓа со која сме, вели, договорени дење јас да умирам, а ноќе таа да ме воскреснува! – Нека не те мами ѓаволот! – неочекувано му се обраќа Секула на Илија. – Тој сака да не спротивстави, да го растури нашето братство. На двапати тоа денес му појде од рака, но третпат мислам не ќе успее. – Еве го, пак се јави! – вели Чопела и се крсти. – Боже, боже! Досега немам чуено мртов човек да зборува! – Мртвите секојпат зборуваат, ама нема кој да ги слуша – му вели Секула. – Можеби. Ама и лошо мирисаат. Чопела го затнува носот. – И овој почнал! Изгледа се распаѓа. Во право си, Илија, ќе мораме да го запретаме. Инаку, ќе нè испозарази. – Внимавајте, професоре, како се изразувате! Не се вели: ќе го запретаме. Се вели: ќе го погребеме. Не е Секула куче. Играта сега ја води Чопела, и Илија, кој смета дека си поигрува со професорот, всушност, е повлечен во неговата игра како трупец во матица на силна река. Покрај Чопела се створува и Моно: – Значи, пак театар, професоре! – Да, пак! Моно е воодушевен. Тој аплаудира – по женски. Се обидува да им се приклучи и докторот, но нема смелост – останува на половина пат. Рокан не е заинтересиран за „театар". Тој е заинтересиран за Благородна од која не ги оттргнува очите. – Да се запрета, да се запрета! – повторува Чопела. – Изразот си е добар. Не: да се п о г р е б е! Дали ќе ме погребете или ќе ме з а п р е т а т е, за мене е сега сосема сеедно – пак се јавува Секула. – Боже! Боже! – се чуди Чопела. – Мртов, а зборува како да е жив! Илија: – Има мртви, а живи, како што има живи, а мртви. Знам, но во случајот со Секула не се работи ни за едното ни за другото. Тој е убиен. Јас лично го убив. Како Јуда. И да ви кажам право, згрешив. Не оти го убив. Тоа куче не заслужуваше да живее. Туку згрешив што го убив како Јуда. Јуда беше добро момче. И храбро. Херојство е да се предаде еден занесеник како Христос кој сакаше да не одвои од земјата. Јуда беше реалист. Како што сум и јас. Но како било. Се сврши работата. Секула е сега мртов, и да го запретаме. Секула: – Можете. Тоа е за мене сеедно. Но за вас живите тоа не би требало да биде сеедно. Кога би му објавиле на светот дека еден човек што живеел, умре; кога со поворка би ме погребале, со церемонијал; кога би ми одржале говор; кога, со еден збор, би ѝ дале значење на мојата смрт – вие би постапиле многу паметно зашто на тој начин би ги потсетиле живите дека и тие ќе умрат, дека и нив ги чека истата судбина. Би се научиле тогаш да бидат скромни, чесни и добри. Мирољубиви и правдољубиви. Би се научиле при планирањето на животот да се смета и на смртта. Не се смета ли на неа, сметките излегуваат неточни. Како вашите, професоре. И вие, нели, не сакавте и не сакате да знаете дека ви претстои смрт. Ама староста немилосрдно ве потсетува на неа и ве огорчува. Кога преѓеска пукавте на мене, тоа пакостливата старост ваша пукаше во младоста моја. На Чопела не му е мило да го слуша тоа. – Глупости! Глупости! – вели. Па со заговорнички шепот им се обраќа на Илија и Моно: – Да се ослободиме од овој што побргу зашто отворено почнува да агитира против животот. Му е криво што е мртов. Секула го слушнува: – Јас не зборувам против животот, а против смртта, професоре – му вели. – И вие како филозоф требаше добро да се заслушате во ова мое зборување како зборување на еден мртовец. Зашто филозоф е оној кој умее да разговара со смртта против смртта. Ама вие го одбегнувате тој собеседник и таа тема. И сите живи така прават. А тоа не чини. Тоа е фатална грешка. Затоа умираме. Зашто од смртта се плашиме. – Глупости! Глупости! – вели Чопела. Сега Секула се свртува кон Илија. Илија, брате! – му се обраќа. – Пред да бидам убиен ти ми се обрати со умни зборови. Со делотворни. Со чудотворни. Благодарејќи на нив, јас, и мртов можев да размислувам. А сега и да зборувам. И така, додека вие заведени и заблудени од мојот убиец, игравте, смртна игра околу мојот труп, кобејќи нови несреќи и умирачки, јас, мртов, чуј ме што смислив! – Не го слушај! – му вели Чопела на Илија. – Што може тој умно да ти каже? Ништо умно не може да ти каже жив човек, а камо ли умрен. – Жив, секако не, – вели Илија – но умрен – не знам. Да го чуеме! Ако нема корист од тоа, и штета сигурно ќе нема. Те слушам, Секуле! – Овој живот е лажлива игра! – започнува Секула со едноличен глас но многу продорен, глас кој наоѓа пат право во умот на соговорникот. – Оној што сака да се спаси, тоа треба да го сфати. Но тоа не е доволно. Треба и да се откине од играта, да ѝ се оттргне на лагата. Но и тоа не е се. Тој што ќе се оттргне треба да најде сили за да се додржи настрана. Да се сфати лагата е лесно, да се оттргнеш од неа е неспоредливо потешко, а најтешко е да се додржиш настрана. Во лагата на животот, во неговата игра има магија која несопирливо влече. Ќе се спасиш само ако на лагата ѝ ја противставиш вистината. Или, во мојот случај, ќе се спасев ако на разните госпоѓи кои ме мамеа и ме привлекуваа со својот лажен сјај им ја противставев мојата Разделинка. Така и неа ќе ја спасев. Во љубовта е, значи, вистината и спасот! – Така е како што велиш! Умни и силни се твоите зборови – му вели Илија на Секула со полно разбирање и со сочувство, но веднаш потоа нему му доаѓаат на ум предавничките зборови кои толку му го предизвикуваат јазикот што не може да не ги рече: – Само, сепак, ти, брате, – му вели на својот пријател – мртов човек си, и ние ќе мораме да те погребиме. Зашто се распаѓаш, па постои опасност да нè испозаразиш – со смрт. А тоа е, мора да признаеш, многу гадна работа. Чопела брбнува да се смее. Со сатанска смеа. Илија му се извинува на Секула: – Извини! Чопела се кикоти. Моно му аплаудира на успешно изведениот кикот. – Каде е Мара? Каде е Мара? – прашува Чопела. И со раката дава знак за тишина. Од кујната можат да се чујат шумови и по некое животинско цимолкање. – Каде е? – го повторува прашањето Чопела. – В кујна е. Со Величко готват ручек! – му одговара Моно како негов асистент. – Им помагаат и животните. И тој со крајот на очите гледа во Благородна, кикотејќи се и самиот. Се смее и Илија, ама низ неговиот смев зазвучува и понекоја плачлива нотка. Тој почнува да се досетува дека во играта го лажат, ама не може да ја открие измамата. Дури верува дека Мара со Величко го готват свадбениот ручек и дека е можно ним да им помагаат животните. Затоа и се смее – заради животните што се замешале во работата на Мара и Величко. Ние се подготвуваме за погреб, – му забележува тој на Чопела – и се смееме. Едното со другото, мислам, не оди. Смевот на Чопела се засилува. – Смејте се, смејте се, професоре! – му забележува и Секула. – Вас животот ве здробил, а вие се смеете. Таквата смеа на крајот неминовно се претвора во горчлив плач. Смеата на Чопела уште повеќе се засилува. Што правите вие како филозоф, – ја продолжува својата критика Секула – ја констатирате лагата на животот и ја оставате да ве мами. На неа треба да се удира со боксовите на Илија и да се верува со вербата на Мара дека тој, животот, ќе стане подобар. Сè подобар и подобар! И пак подобар! До бескрај! Чопела, низ смеа: – И тоа ли го смисли додека мртвуваше? Друго? Смисли ли нешто друго? – Ништо друго. Тоа: дека животот е борба и надеж. Дека тој е брат ми Илија и сестра ми Мара. – Мара? Каде е Мара? Каде е Мара? Со Величко во кујната готват ручек! – А, така ли? Нов бран на смев. Чопела низ смеа пак го прашува Секула: – Друго? Друго? Нешто поумно, смисли ли? – Дека животот е лага, а смртта вистина! – му одговара Секула. – Тоа е веќе поумно. За некои во тоа се состои цела вистина. – И уште тоа дека кога таа вистина ќе дојде во свеста на луѓето и кога тие ќе почнат да делуваат на неа со својата волја, ќе ја претворат во лага. Тогаш ќе блесне вистинската вистина: смртта е лага, животот вистина! Смеата на Чопела нагло папсува: тој се смрачува. – Доста, ни солиш памет! – грубо му вели на Секула. – Еден животен банкрот дошол да нè подучува како треба да живееме, како да го планираме животот. Глупаво е животот да се планира. Сите планови паѓаат во вода. Умот си го одигра своето. Сите негови лаги излегоа на мегдан. Умот н# лажел и н# лаже. Сè е лага! Зборувајте вие против лагата што сакате, и ковајте завери против неа, кревајте бунтови, револуции, таа ќе си го тера своето. Сè е лага! И животот е лага и смртта е лага. Сè што примаме со свеста е лага. Вистината е надвор од свеста. Треба да се живее така што да не се знае дека се живее и дека ќе се умре. Едноставно, не треба да се мисли. Место да се мисли, треба да се живее. А ќе живеат живите. Ти си мртов, и свршено е со тебе. Потоа Чопела се свртува кон Илија и Моно: – И ние будали сме фатиле да разговараме со мртов човек. Со столетија да разговараме, нема да најдеме заеднички јазик. – Толку полошо! – се јавува уште еднаш Секула. – Толку подобро! – Тоа ќе ви се одмазди. Збогум! – Збогум со здравје! Поздрави ја мајка ти ако ја сретнеш! – Готов е! – вели Илија со олеснување. – Пак умре. – Еднаш се умира – го поправа Чопела. Илија одвај чекаше да заврши разговорот што го наметна Секула. Сега му олеснува. Како на човек кој одвај чекал болниот, макар и негов најблизок, да умре зашто му дотегнал преку секоја мера. – Каде е Мара? Каде е Мара? – прашува и тој. Без причина. Веднаш потоа на Благородна: – Ајде! Приклучи ни се! Ќе биде весело! – Што значи сево ова што го изведувате? – го прашува таа. – Што може да значи?! Игра. – Неумесна! – го прекорува таа, но попустливо, не многу заинтересирано. На усните загадочната насмевка сè уште ѝ игра. Лази како змија. – Зошто неумесна? На свадбите се играат секакви игри – ѝ вели Илија. – Не е првпат овде да се изведува драмска претстава. Едно време кај Мара работеше и драмска секција. Дојди, ќе биде весело! И со испружена рака поаѓа да ја земе. Но го испреварува Чопела. – Јас ќе ја убедам! – вели тој и со два скока се наоѓа покрај неа. – Овој погреб го правам по порачка на твојот Илија кој, гонет од љубомора сака да се ослободи од Секула со кој довечера имате состанок – ѝ вели со низок глас додека Илија не стигнал. А потоа додава гласно: – Имам, госпоѓо, за вас одлична улога! Дека ќе биде весело, тоа ви го гарантирам јас, режисерот на претставата! И се повлекува. – Што ѝ рековте? – го прашува Моно. – Зар не сфаќате дека заради вас и заради неа ја играм оваа комедија? Моно се воодушевува. – Генијален сте! – Само што ќе ја добиете како вдовица. Моно уште повеќе се воодушевува. – Како вдовица?! Умирам за вдовица! – А сега, – објавува Чопела, засучувајќи си ги ракавите – да минеме на работа, Тоа значи да свршиме со овој кој додека беше жив се викаше Секула. Само што ќе треба некој и официјално да ја констатира неговата смрт. Зашто, во спротивно, можеме да одговараме пред властите. За таа работа се понудува докторот. Тоа е за него прилика да се вклучи во играта. Јас веднаш можам да констатирам дека овој човек не е мртов – вели тој. – Но, без оглед на тоа, спремен сум да ви издадам потврда дека е мртов. Чопела: – Одлично! Тоа се бара! А, сега – продолжува тој – следува распределбата на главните улоги: родителите на мртвиот, роднините, пријателите. А треба да се мисли и на неговите гробари. Илија кој се наоѓа покрај Благородна решен да не се меша, не може да не се смеша: – Гробари лесно се наоѓаат. Иако главни, тие, за жал, се сметаат за споредни. – Така погледнато, сите се споредни. Главна е само лагата! – А кој ќе ја игра неа? – Таа сама ќе се игра. Сите други улоги ние ќе ги играме. Со оглед на тоа што Секула нема мајка, јас ќе играм две: и мајка му и татко му! Мара би можела да ја игра баба му! Ама каде е Мара? Каде е? Чопела пак дава знак за тишина. И среде тишината пак може да се чуе како од кујната допираат цимолкања. Докторот не може да издржи и прв брбнува да се смее. – Со Величко в кујна готват ручек! – наместо Моно, одговара тој. Моно, фрлајќи погледи на Благородна, се кикоти – женски, скокотливо. Се смее и Илија кој конечно сфатил што се случува во кујната, Тој се смее отсрце, отворено. Благородна загадочно, Рокан пуши и пушта спрема неа чадови. Чопела почнува да се нервира. Го нервираат чадовите од Рокан. Да не испадне тој да игра, да се коцка со ѓаволот, а Рокан на крајот да добие! Добро! Добро! – вели тој. – Доста! Мара нека готви ручек, а ние да си ја продолжиме работата. Значи, вака: еден од вас оди кај неа и ѝ ја соопштува веста за смртта на нејзиниот внук. Таа го остава ручекот недоготвен, неутешно плаче и ја проколнува судбината што ја оставила црна кукавица додека ќерка ѝ – бела гулабица сосе гулапче – одлетале в невратица. Во духот, нели, на народните тажаленки. Значи, кој ќе ја земе улогата на тој црн гласник? Илија ќе ја земе. – Не! – се противи Илија. – Јас на Секула сум му брат и тоа ќе му останам секогаш. И по смртта. Чопела: – Внимавај како се изразуваш. Не Секула, туку мртовецот. И не употребувај сегашно глаголско време, ами минато. Значи, не: сум му, туку: му бев. – По стара навика! – се правда Илија. – Мораш да се одвикнеш. – А покојниковата сестра? – прашува Чопела. – Таа е улога за Лола – вели Илија. Чопела не се согласува. – Тоа е улога која нејзе воопшто не ѝ одговара. Освен тоа, улогата на сестра е многу тешка улога. На госпоѓата ние ќе и понудиме една лесна и весела улога: покојниковата вдовица. Илија сака да се противи, но Чопела се наложува со својот авторитет како господар на претставата: – Драмите сами се пишуваат, – му вели тој на Илија – и нема сила која тука може нешто да измени. И така, значи, госпоѓата е покојниковата вдовица која уште на погребот ќе се вљуби во попот. Се повторува, значи, трагедијата со мајката на Секула. Но за среќа, околу попот се вртка еден друг човек за кој може да се рече дека е помошникпоп. Пред Чопела се створува Моно: – Со оглед на тоа што во Италија сум слушал езуитски предавања, можам ли, господин Чопела, да ви се понудам за улогата на свештеното лице? – Немам ништо против да ја земете улогата на езуит – му вели Чопела. – Одговарате. Таа улога за вас специјално ја резервирав. – Ви благодарам. А Рокан? Тој би бил носач. Мртовците се тешки зашто, според теологијата, земја беа и земја се. Но со оглед на физичката спремност на оној што го нарековте Рокан, не ќе биде проблем за него да го натовари мртовецот на својот грб и да го положи во неговата вечна куќа. Рокан одбива. Тој смета дека неговата улога е понижувачка. Никојпат во животот не играл мали улоги. Но на крајот, под притисок на Моно, прифаќа, но со надоместок од голем хонорар. – Срамота! – се изразува Чопела за сметка на неговата користољубивост. – А можеше некој си Симон да му го носи крстот на спасителот дури до Голгота без никаков хонорар! Но како било! Сега останува уште некој да ја земе улогата на гавранот. – Зошто е потребен гавран, ако дозволите? – прашува Моно, односно асистира. – Како – зошто е потребен гавран?! – му забележува Чопела. – Зар може да се замисли смртта без тој нејзин симбол?! Моно се извинува. – А кој го предвидувате за таа улога? – прашува. – Докторот би ја изиграл маестрално. Тоа би му била животна улога. Докторот веднаш се согласува. – Ќе грачам – вели – со задоволство! – Тоа и го очекував – му вели Чопела. – Вие, старите луѓе, се радувате кога умираат младичи. Се плашите за вашите млади жени. Докторот ја проголтува навредата. А што се однесува до посмртниот говор, – вели Моно – тоа препуштете ми го мене. – Никако! – решително се спротивставува Чопела. – Јас сум непосредниот убиец на Секула и ќе морам да се замаскирам. А подобра маскирација нема отколку да му го одржам надгробниот говор. Така сите убијци прават. Особено политичките. Воопшто, од политичарите многу практични нешта можат да се научат. Готови ли сме? – Готови! – одговара Моно. Рокан го крева Секула и го наместува на грбот. – Пополека, кретену еден! – му викнува Секула. Илија и докторот се колебаат дали да се вклучат во поворката, но Благородна самата ги зема под рака и ги поведува. Нејзиното однесување е чудно. Во него има нешто одмаздничко. Нејзината желба да се вклучи во играта која не ја одобруваше, Илија ја оценува и како нејзина одмазда спрема него кој ја поттикна таа игра. – Вечнаја памјат! Вечнаја памјат! – пее Чопела и мафка со едно празно шише како со кадилница. Пред да излезат од собата, сите уште еднаш го насочуваат слухот кон кујната. Таму владее мртвило. Надвор сонцето немилосрдно пече. На небото нема ниту едно облаче. Тоа е бескрајна сина пустелија. Сонцето на него е како болест, како пришт, како лошо зрно што го фрла в оган сиот свет. Воздухот е усвитен и се бранува. Момилки играат пред очите. Рокан го фрла Секула како омразен товар на средината од терасата. Секула замолува да го постават на рогузина под сенката на лозницата. Му ја исполнуваат желбата. Местото таму е опоено од тешката миризба на опарените перуники што се покрај самиот ѕид на терасата. Пред поворката да влезе во градината, овде владееше заишје. Животните, птиците, бубачките, дури мравките и пчелите беа се затаиле под сенка, замрени од тешката запурнина. Со влегувањето на поворката тие живнуваат и пројавуваат интерес да дознаат што се случува. Одеднаш не можат да сфатат, ама кога писнува кучето да вие, сите го насетуваат присуството на смртта. Штом Секула е поставен на рогузина под сенката на лозницата, кучето се фрла над него да го гушка и да го души во лицето. Од очите му се леат порои врели солзи, зашто безумно и верно го сакаше. И другите животни, птици и инсекти брзаат кон Секула. Сонцето немилосрдно пече. Тоа ги пушта своите зраци право. Ама ни на едно од животните не му е до тоа да бара сенка. Како што е легнат на рогузина, Секула прилега на оние заспани момчиња насликани од сликарите и опеани од поетите, оние заспани момчиња кои звукот на смртта ги занесува во вечен сон. Зајаците седат стуткани покрај него и тивко, ама многу болно, со внатрешен бол, со бол што убива, плачат. Бисерните солзи им паѓаат на земјата и веднаш се испаруваат. Одвреме навреме тие се наведнуваат и му ги лизнуваат на Секула мртвите раце. Штркот Силјан во очај ја врти главата и штрака со клунот. Пчелите пеат жална песна и му плетат на умрениот венец од цвеќиња. Кокошките, собрани околу Петелко, изгубени се во плачење. Тој сака да се воздржи, ама на може. Срцето му липа. Едно време му се приближува на Секула, му ја става ногата на рамото и трипати зарипнато кукурикнува. На тој начин дава заклетва дека ќе ја одмазди неговата смрт. Сега кокошките плачат на глас како жени. – Плачете! Плачете! – го започнува својот говор Чопела. – Вие него го сакавте, и тој вас ве сакаше! Му бевте верни, и ви беше верен. Тој имаше благ поглед за вас, топол збор, мила насмевка и нежна милувка. И за сите нас, исто така. Сега тоа ќе го немате! Сега сите тоа ќе го немаме. Нашиот Секула го нема веќе. Тој не слуша, тој не гледа, тој не зборува. О, Секуле, Секуле! – викнува Чопела со претеран патос. – Каде си отишол, каде? Наговорен, заблуден од некој, се дигна против смртта, и за награда што доби – смрт! Во тој момент со огромна брзина од некаде се задава еден оклопен бумбар. Огромната брзина му ги усвитила крилјата и оклопот, па свети како распален жар. Просвирува како ветер и со страшна сила удира право во челото на Чопела. Овој за момент ја губи свеста и паѓа. Мртов, покрај него паѓа и бумбарот. Жарот во него брзо гасне, и тој набргу се претвора во јаглен. Чопела веднаш станува и, смртно уплашен, се дава во паничен бег. Ама кучето се пушта по него, го достигнува пред самиот излез и му ги закачува забите в нога. Чопела вришти. Долетува до него и штркот. Тој силно замавнува со клунот и го удира по вилица. Му ја искривува. Чопела болно офка. Илија ѝ вели на Благородна: – Во право беше што не ја одобруваше оваа игра со смртта. И мене не ми позволуваше совеста да ѝ се препуштам, – особено, не поради свадбата на Мара – но никако не можев да ѝ се оттргнам. Потоа му вели на Чопела штом групата ја напушта градината и влегува во претсобјето: – Вие, професоре, сте ѓавол! Жалам што бумбарот не ве уби наместо. Или, ако не сте ѓавол, тогаш сте во негова служба. Вие сам нему му вршите таква работа каква што одвај дали можат да му свршат неколку негови легиони. Чопела има мака со искривената вилица. Офка. – Јас ќе ти ја доведам в ред! – му вели Илија. Чопела ја прочитува неговата намера. – Не! Не! – се противи. – Е, е! – му забележува Илија. – Нема многу да боли! – И го удира со тупаница по искривената вилица. По ударот, таа си доаѓа на место. Од градината доаѓа звукот на Секуловата усна хармоника. Сега таа е ведра, распеана мелодија. А се слуша и весело брмчење на пчели и песна од птици. Илија ја отвора вратата и – има што да се види! Секула, седнат на рогузина, свири на усната хармоника. Сите животни и птици собрани се околу него. Пчелите му ставаат околу главата венец. Златни бубачки му лазат по рацете. Птички и гулаби му слетуваат на рамената. Зајаците му лежат в скут. Петелот, качен на оградата, радосно пее: Објавува воскреснување. – Лага! – вели Чопела. – Илузија! Тој не сака да ја гледа таа слика. Влегува во приемната соба. По него Моно и Рокан. А Илија, Благородна и докторот зад нив уште долго остануваат да ја гледаат таа чудесна слика и да ја слушаат песната на пчелите и птиците проследена од чистиот, омаен звук на Секуловата усна хармоника. А потоа и тие влегуваат во собата. Внатре забележуваат старче кое седи покрај Мара. Величко е седнат нешто подалеку од нив. Старчето ги има земено нејзините раце во своите и, непрекидно милувајќи ги, нешто ѝ зборува. Кога Илија, Благородна и докторот влегуваат, за момент се прекинува. Ги погледнува, ги испитува со извесно сомнение и откако преценува дека не се опасни, но не и вредни за внимание, продолжува тивко нешто да ѝ зборува на Мара, не пуштајќи ѝ ги рацете. Чопела, Моно и Рокан нешто шепотат, прават нови планови, подготвуваат нови заговори. Но, по силното доживување на Секуловото воскреснување, Илија е со подигнат дух и тоа не го загрижува. Неговото внимание е сега привлечено од старчето кое му се гледа интересно, некако смешно и мудро истовремено, небаре е некоја волшебна личност од приказните. Претпоставува дека тој чуден посетител треба да е еден од оние скитници кои Мара ги витка околу себе; еден од оние што со некој специјален мирис непогрешливо го пронаоѓаат нејзиниот дом; еден патник– намерник преполн со животна мудрост кој дошол сега да ја посоветува како да се постави во бракот. Всушност, тој е Тале, старецот кој доаѓајќи оддалеку го преврти цел град додека не ја пронајде зградата во која живее Мара. Низичок е, пргав. Веднаш паѓа в очи дека е веселник на свој начин, дека сака да предизвика кавги со младешта, незадоволен од нејзиното поведение, но и спремен да се воодушеви од неа и при најмал повод. Со себе носи стап од кој изгледа никогаш не се разделува. И покрај летните горештини облечен е во шајачни алишта: бечви, џамадан со црвени гајтани, чиста бела платнена риза, црвен појас. – Еј, стари! – му викнува Илија веселнички. Тале се прави дека не го слуша. – Стари! – пак му викнува Илија и му се приближува. – Мене ли ме викаш? – го прашува Тале итро со тенок, преправен глас. – Кој си ти? Тале сè така божем наивно, а ваму многу итро: – Јас сум јас. А ти? – Ти некој итрец ќе да си! – му вели Илија. – Што подразбираш ти под ј а с? Многу нешто! – му вели Тале. – Не е човекот вол: од штала на нива, од нива в штала. За човекот колку и да му е посен животот, може да се зборува со денови, можат за него да се пишуваат книги, како што се пишуваат. Илија е наеднаш и сосема придобиен. Сега полн е со признанија за старчето. – Сосема така! – вели воодушевено. На Мара: – И навистина, глупаво прашање: Кој си ти? Се разбира: Јас сум Јас! Како може да се сведе еден човек на формула! Никако! Мене ми се чини грешат писателите кога прикажуваат типови. Нема типови, туку индивидуи. Типовите се шеми, не ликови на луѓе. Значи, за луѓе треба да се пишува. Но бидејќи луѓето без идеи не се луѓе – и за идеи. А најмногу за идејата: еден за сите, сите за еден. Таа е, според мене, далеку најзначајната идеја произлезена од умот на луѓето. – Еден за сите?! Се наоѓа по некој таков будала! – иронизира Чопела. – Но сите за еден – нема толку будали! Мара го игнорира кажаното од него и му се обраќа на Илија: – Зошто не седнеш да пишуваш? Ти имаш што да кажеш – му вели милозборно. – Имаш толку прекрасни мисли! Но пак се вмешува Чопела: – Не залудувај го човекот, Маро! Тој пак е озлобен на Илија. И воопшто – на сè и сешто. Во друштво на Моно и Рокан, пак е спремен да полимизира, да интригира и да почнува кавги. Впрочем, што да пишува? Сè е напишано, сè е кажано и сега само се повторува. – Дури и да е така, – му се спротивставува Мара – со тоа што одново се кажува, преку гласот на современикот кажаното станува ново. – Потоа, има работи – ја дополнува Илија – кои треба да се повторуваат додека не влезат во главите на луѓето. Навистина, од старите Грци до денес се повторуваат исти работи, но тоа и не е долг период. Чопела: – Една иста лага повеќепати повторена се прима за вистина. Најголемите вистини се, всушност, најчесто повторуваните лаги. – Има лаги, шума од лаги, но вистината секојпат си го пробива патот – вели Мара. – Илија е човек на вистината. – Не залудувајте го човекот, Маро! – пак ја предупредува Чопела. – Тој е во фаза на интензивно страдање зашто се вразумува, па сè повеќе и повеќе ја открива лагата и лажливоста на овој свет. И ако во оваа фаза се зафати со каква да било акција, ќе испадне во трагичносмешна положба да се бори со ветерни мелници. Оставете го човекот да си страда и да си го отстрада своето! Потоа ќе си се помири со положбата, ќе си ги прими лагите за вистини и сè ќе му биде рамно. Неочекувано во спорот се замешува Тале. Тој истапува против Чопела, а во заштита на Илија спрема кој почнува да покажува наклонетост. – Како тоа, – се противи – лагата да се зема за вистина?! Кај оди тоа?! И како, оти човекот овде бил умен, па да страда?! Чопела, со потценување: – Не ги разбираш ти, старче, тие работи. Секој умен човек страда. – Ајде не биди будала! Како може така?! – Така, како што не знаеш! Умот е проклета работа. Му носи несреќи и страдања на човекот. Сè што измислил умот, сè е зло. Ја измисли и атомската бомба како врв на злото. Си чул ли за атомската бомба? Тале не му одговара. Го пушта Чопела да се доискаже. – Не, – продолжува Чопела – не ги разбираш ти овие работи. И среќен си што не ги разбираш. Страда човекот зашто е роден. Ете, зашто страда! Затоа е роден, – разбираш? – за да страда! – Грешка!! – категорички се противи Тале. Чопела не го зема сериозно неговиот отпор. – Страда, – продолжува тој – зашто каснал од забранетиот плод! Ти ја има кажувано попот приказната за Адам и Ева? – Не се мирисам со поповите! Чопела, на Мара: – Сè е кажано со симболите на Библијата. Што го наговараш постојано Илија да пишува? И Секула! Врколакот Чуле дури и го плаќаш! Што можат тие да кажат? Можат само да ја парафразираат Библијата. Сега тој се свртува кон Моно: – Нели? Вие сте езуит и потврдете, ве молам, дека е така. – О, да, да! – потврдува Моно. – Сите лаги тука се, во Библијата. Со пет леба таму и две риби Христос нахранил пет илјади луѓе. Со збор воскресна мртов човек. Чиста измама! Ама имаше поголеми измамници од него – па и него го „воскреснаа". Христовото воскреснување беше една од најголемите лаги во историјата на човештвото со катастрофални последици. – Сè е лага! – се провикнува Чопела. – Разбирате ли? Сè е лага! Илија е мој талентиран ученик, и тој ја има осознаено. Меѓутоа, греши кога сака да се пресмета со неа со боксови. Удирајќи во неа, удира во усвитен челик од кој летнуваат илјадници искри. Секоја искра нова лага! Секоја нова лага – нова несреќа, ново зло! А ги има со милиони, со милијарди: големи и мали лаги, крупни и ситни, длабоки и плитки, голи и облечени, лаги безочни и перфидни, лошо скроени и перфектни, лаги горчливи, лаги благи, со куси нозе и со долги, со опашки и без опашки, лаги што имаат вид на вистина, лаги-паралаги, самоизмами, интриги, коварни лаги; она што вчера важеше за голема вистина, денес се покажува дека било голема лага; лага на денот, лага на годината, лага на векот; она што му го дава жената на мажот и мажот на жената е секојпат нова и нова лага; врз основа на таа лага створен е овој свет; тоа е лагата над лагите! Лаги, значи, вакви, лаги такви, лаги секакви! Мара: – Една и единствена е само вистината! Чопела: – Лажете! Тоа е стара лага! И многу опасна! Вие правите катастрофална грешка кога се обидувате со просвета да го преродите човекот: со добро некое дело, со добар совет, со добра книга! Вие, всушност, според она Исусово: „Навистина ви велам: додека некој одново не се роди, не ќе може да го види царството божје!" Ама јас велам: колку зборови во тие ваши книги, толку лаги – фантазии, илузии дека вистината постои, дека тој со неа е моќен и дека многу може. А ништо не може! Единствено умна книга денес би била онаа која го учи човекот – паднат во стапицата на сопствените лаги, во постојан страв од атомската бомба – го учи да се ослободи од умот! Никој досега таква книга не напишал, јас ќе ја напишам! – Значи вие претендирате да станете спасител на човештвото? – му потфрла Илија иронично. Чопела одговара: – Дали тоа ќе бидам јас или некој од моите ученици што ќе ја продлабочи мојата мисла, не е битно. Битно е дека на светот му е потребен спасител. Илија, на Мара, сериозно: – Јас го сфаќам стремежот на човештвото за спасител што наоѓаше и наоѓа израз во разни вери и идеологии. Мора да се верува! Верата го мобилизира доброто во човекот. Безверието води кон пропаст. Јас лично сум искрен верник. Јас верувам. – Во што? – од своја страна иронично му потфрлува Чопела. – Во Христос што воскресна? – Не. Во два и два дека се четири. – Па тоа е истото. Само се чини дека е различно. – Ако Христосовото воскреснување е симбол на човековиот отпор спрема смртта, тогаш верувам и во него. Човекот секојдневно го измачуваат, го овенчуваат со трнови венци и го распнуваат. Но еден ден тој ќе воскресне. Јас верувам во тоа. Или, што би рекла ти, Маро, одгледувам надеж. Шири ги ти само книгите! Остварувај ја слободно својата програма за преродба на луѓето. Никој во тоа не ќе смее да те спречи додека стојам јас зад тебе со својата вооружена десница. Овој Чопела Џганов не ќе смее ни да ти се доближи. – Само и Чопела Џганов не е сам! – дофрла Чопела. – И зад него стои некој. Тој алудира на Рокан кон кого се доближува. – Така ли? – вели Илија. Значи дојде моментот на пресметката. Го вади боксот. На тој негов гест Моно и Рокан веднаш реагираат. Веќе се на нозе. Моно така се топори како тој да е онаа сила која го штити Чопела. Но до судир сепак не доаѓа зашто неочекувано пак се замешува Тале. – Е, е! – му се обраќа тој на Илија. – Пополека. Не брзај. Можеби овој Чопела што го викаш има уште нешто да каже. Да го чуеме докрај, па потоа... Илија го чувствува стариот за сојузник, неговата иронија – за оружје. А освен тоа, гледа дека тој и стапот згодно го фатил. Чопела не ја сфатил иронијата на Тале. Тој и понатаму на него гледа со потценување. – Навистина, не можам да ја испуштам приликата, – вели – а на мојот талентиран ученик да не му го посочам овој старец овде за пример како човекот треба да живее. Овој овчар овде, овој пастир, овој шумски човек ништо не мисли, ништо не знае – и добро му е, многу му е добро! Не може на ништо да се пожали. Одвај знае или воопшто не знае дека ќе умре. Си има старчето крепок и здрав сон врз перницата на незнаењето. Сега директно на Тале, сè така патетично: – Блажен си, о, старче, преблажен! Ти завидувам! Ти одвај се разликуваш од своите говеда. Ти си говедо, старче! Сега на сите: – Луѓе! Исфрлете го мозокот од главите! Ослободете ги черепите од тоа туѓо тело во вашиот организам, од тој баласт; исчистете ги и дезинфицирајте ги! Наполнете ги потоа со слама! Умот е болест! Умот е рак! Мислете со стомакот! Без ум може, без стомак не! Завршувајќи, Чопела победоносно ги изгледува сите, меѓутоа, не малку се изненадува кога го забележува Тале како, плукнувајќи си во рацете, згодно го фаќа стапот и тргнува кон него. – Што си наумил? – го прашува уплашено Чопела. – Како што сум наумил?! – му вели Тале, цврсто решен да ја исполни намерата. – Зар ти сметаш ќе дозволам пред толку луѓе да ме маскариш? Чопела сака нешто да каже, ама Тале се спушта по него со стапот. Чопела се завртува да бега. Тале го зафаќа со стапот по плеќи. На Чопела не му се здава да побегне низ врата, туку врти наоколу. Тале го брка, но повеќе на шега. Настанува весела врева. Пак како и обично најмногу се смеат Величко – како дете и докторот – како стар човек подетинет. Се смее и Илија – слатко, весело, отсрце. И Благородна. А и Мара не може да се воздржи. Моно е разочаран што уште една пресметка на Рокан со Илија пропадна, што се претвори во шега. На крајот гонењето завршува. Тале врти заканително со главата кон Чопела: – Знам јас што треба за тебе! – му вели. Потоа им се завртува на сите: – Знам јас за сите вас што треба! Вие сите сте трутови! Легачи! Арамолепци! Оттаму вакви лоши мисли ви брчат во главите! Од работниот човек никојпат лоша мисла нема да излезе! Никојпат светот зло од него не видел и нема да види! Не оти не чини мислењето, не чини лошото мислење! Луѓето никојпат не измислиле атомска бомба! Чопела: – Ами кој? – Нелуѓето!! Има луѓе и нелуѓе. Два народи. По изглед исти, а по душа различни. Нелуѓето ја измислија атомската бомба против луѓето. Симпатиите на Илија за Тале сè повеќе растат. Го чука пријателски по плеќи. – Ти си, стари, чудесен човек! Тале не прима: – Јас сум обичен човек, овчар. – Ако ми дозволиш, сакам да се напиеме по една заедно. Тале го гледа со извесна недоверба. Илија: – Да се напиеме, да се чукнеме! Да наздравиме за нешто убаво, големо!... – За свадбата на Мара, за што друго ќе наздравиме! – наврекнато му зборува Тале. На тој начин се обидува да ги скрие симпатиите што ги има за него. Сака да му рече: „ Добро момче ми се гледаш!", ама не брза, не му вели така, туку, проценувајќи го уште еднаш од под око, му се обраќа: – Сега да те прашам тебе – само не ми одговарај јас како што ти одговорив – кој си ти, што си ти овде? Некако многу ми се топориш! Многу некако командираш! – Јас сум овде главниот – му вели со по малку шеговита учтивост, Илија. – Јас сум првиот свидетел на брачната регистрација. – Демек, кумот! – Да. – Така речи, де! Сега Тале е одоброволен, придобиен сосема. – Тогаш има зошто да се топориш! – му вели. – Не е шака работа да бидеш кум на една свадба. Свадбата, бракот, тоа ти е нешто многу значајно. За тој што разбира. Тоа не е работа на двајца, на зетот и невестата, и на нивните семејства, туку е општа работа, народна. Потоа, бракот е така нареден што во него и се дава и се зема. Она што се дава од срце треба да се даде. Арно ама некои во бракот сакаат само да земат, да спечалат. Таквиот брак не чини и тешко на децата што ќе се родат во него. Ти како кум треба добро, добро да ги разбираш овие работи. И да си ги отвориш двете како четири, – Ги разбирам, стари, биди си ти спокоен! – му вели Илија. – Ги разбираш – шипинки! – му вели Тале повеќе поради шега, отколку поради недоверба. Илија не може да не се насмее. Се смеат сите. И Мара. Величко многу од зборовите на Тале разбира зашто кога овој зборува многу вика, како да им зборува на глуви. И што мислиш ти, зошто на свадбите се свири, зошто се пее? – продолжува тој да ја проверува подготвеноста на Илија за местото кум на свадбата. Илија ги крева рамениците. Не знае. Не размислувал. А сака да знае. – Тоа што не знаеш не ти чини, но ти чини што си признаваш и, уште повеќе, што сакаш да научиш. Симпатиите за Тале сè повеќе растат. Тој со убавите својства на својот дух, а пред с# со својата смисла за хумор, магично привлекува. При распитот и испитот се пакажува дека кумот не знае како што треба да ја објасни и општествената функција на бракот. Од неговиот одговор Тале не е задоволен. – Многу зборуваш, малку кажуваш – му вели. Тој бара од него со еден збор да каже во што се состои улогата на бракот. – Како така со еден збор? Општествената улога на бракот не се исцрпува со едно значење. Тале се лути. – Како така? Така! – вели. – Речи д е ц а и сè си рекол, бре! – Бракот ти доаѓа нешто како фабрика – му објаснува тој на Илија. – Знаеш што е фабрика? – го прашува. – Знам – одговара Илија, небаре посрамотен ученик. – Е, свадбата ти е, пак, како кога се пушта фабриката, како што велат, во погон, значи да работи. Нели сега се пушти една голема фабрика онаму долу близу нашите села. Ме поканија и мене, како стар борец, да присуствувам на свадбата. Еве ти го кумот, значи – министерот. Се врткаат околу него, се виткаат, му се поклонуваат до земја – папагалштини! Како било! Притиснува кумот на едно петличе и се пушта фабриката значи во погон, да даде, како што се вели, производство. Исто и со свадбите. Се потпишува кумот во тефтерот на матичарот, значи и бракот се пушта во погон. Ќе заработат машините: а-бре, де-бре! а-бре, де-бре! па: кве-кве!, еве ти го, се родило производството! Илија, докторот и Величко избувнуваат во смеа. Мара сака да се воздржи ама не може. Чопела, Моно и Рокан не учествуваат во разговорот. Тале се смешка итромански. – Знаеш што е тоа производство? – го прашува Илија. – Знам, знам! – му вели овој низ смеа. – Де, сега – вели Тале – да се напиеме за свадбата на Мара и да ѝ посакаме богато „производство". Нов бран на смеа. Смеејќи се, Величко испушта продорен звук, небаре звук од фабричка сирена. Еве го фабрикантот, – вели Тале – се јави! Пак смеа. Урнебесна. Така започнува една голема и искрена веселба. Таа се раѓа спонтано. Моно и Рокан не земаат учество во неа. Чопела е исто така резервиран. Во еден момент Илија ѝ предлага на Мара да се постави свадбениот ручек. Мара му вели дека го очекува директорот на Универзитетската библиотека, неговиот заменик и шефот на одделението во кое таа работи. – Нема да ти дојдат! – ѝ вели Илија. – Воопшто не требаше ни да ги поканиш. Ако не дојдат, нека не дојдат! – си мисли Мара. Не би се разжалостила. Не сега кога е во толку пријатно расположение. Се почнува со поставувањето на ручекот. На Мара ѝ помагаат Илија и Величко. Се понудува и Тале, ама нему не му се позволува – се смета за важен гостин. Истото се случува и со Благородна. На големата маса се положуваат сендвичи, печено месо, пиво, вино. – О, хо, хоо! – подвикнува Тале. – Каква гоштевка сте подготвиле! Кога ќе му се курдисаме! Илија погледнува во Благородна: да не има таа нешто против веселбата на која тон ѝ дава Тале? Или да не е сè уште зафатена од преѓешното свое нерасположение? Не! Го пресретнува нејзината насмевка. Илија ѝ пристапува. – Дојди! – ѝ вели. Стариот е чудесен човек. Благородна му ја подава раката. Тој ѝ ја зема со нежност и ја приведува кон масата. Овде Тале ја пресретнува како домаќин кој е почестен со присуството на важна личност на некоја негова семејна прослава. Благородна со својата надворешност остава впечаток и влева почит. Илија му ја претставува на Тале како другиот свидетел на регистрацијата. – А, значи, кумата! – пријатно се изненадува Тале. Нему му е многу мило. – Мило ми е, мило ми е! – ѝ вели и се ракува. Потоа ја распрашува: – Како сте? – Благодарам, многу добро! – му одговара Благородна, искажувајќи му ги преку насмевка искрените симпатии што ги има за него. – Вие? – го прашува. – Сполај богу! Не можам да се поплачам. Како што ми е мене добро, на сите да им е. Илија и Тале со респект спрема важен гостин ја наместуваат Благородна на почесното место. Благородна им заблагодарува со насмевка. Таа насмевка е голема награда за двајцата. – Браво! – вели Тале. – Жими бога – браво! И врти со главата. Тоа треба да биде пофалба за Благородна која како некоја кралица без возгордеаност слегла од својата височина и се измешала со народот. Тале ги дофаќа нежните погледи што си ги разменуваат Благородна и Илија. – Да си се сакате! – им вели, сметајќи дека се сопружници. – И мило ми е што си се сакате. Вие сте си погодени друшки. Се истркалало грнчето, си го нашло капачето. Љубовта во бракот е најважна. Таа е здравје за децата. Надвор од друштвото остануваат Моно, Рокан и Чопела. И Секула, исто така, кој е во градината. Чопела би им се приклучил, – богатата трпеза премногу го привлекува – но стои настрана поради судирите што ги имаше со Илија, а пред малку и со Тале. Криво му е – и тоа сака на некој начин да го покаже – што не му се обрнува толку големо внимание. Мара го поканува да им се приклучи. Него го поканува и Илија. Тој одречно врти со главата. На крајот и самиот Тале го замолува: – Де, ослепаго, – му вели – сме се збркале малку! чудно ми чудо! Не го врзувај в крпче! Јас веќе заборавив. Пак се вмешува Илија, и Чопела се приклонува: Тале: – А, така, де! Веднаш потоа Илија истрчува и до Секула. И него го замолува да им се приклучи. Овој одбива. – Немам расположение! – вели. – Ќе дојдеш! – упорствува Илија. – Токму таму ќе добиеш расположение. – Не! Не! – се брани Секула. – Заради Мара! – му вели Илија. И Марко со поглед го моли да не откажува. – Разделинка нема да се лути, таа ќе се радува! – му вели Илија. Ах! – се откинува од Секула. – Ајде! Ајде! Тоа е нејзина желба. Тоа е и моја желба. Тоа е желба на сите нас! Сега Секула не може да му откаже. Поаѓаат. Нив би им се приклучил и Марко. Ама не сака да им се наметнува. Тој знае колку нему по кучешка заслуга му се паѓа да се меша со луѓето и строго се држи за тој ред. Застанува на еден од прозорците. Заедно со него и многу од птиците и животните – за да го посматраат свадбениот ручек. На трпезата има вонредно расположение. Се јаде и се пие. Доаѓа момент и за наздравување. На тоа потсетува Тале. – Благослови! – му вели на Илија. Илија бара од него тоа да го стори, ама овој нему му дава предимство како на кум. Илија ги поздравува младоженците едноставно, но многу чувствено и искрено, така што ги трогнува гостите на трпезата. Уверува дека е многу среќен што има можност да ѝ наздрави на Мара на најзината свадба. Ја нерекува неа своја сестра. На крајот на младенците им пожелува љубов и среќа во бракот. Аплаузи. Мара пушта некоја солза. – Дај боже! Дај боже! – вели Тале и ја дополнува здравицата: – Обилно нека си се даруваат еден друг со милост! Господ да им даде рода и порода! Од внуци да дочекаат паравнуци! Плодна и благородна да им е семката! Амин! Илија воодушевено ракоплеска. Го последуваат Благородна и докторот. Ручекот продолжува во вонредно расположение. Се јаде со апетит, се пие. Тале сè потфрла по некоја шега. Докторот, кој е исто така шеговит човек, му ги потфаќа шегите. – Нека пукнат душманите! – често се провикнува тој целејќи на Моно и Рокан кои, и покрај настојувањата на Мара, одбија да се приклучат на трпезата. Во еден момент Илија запеа: Ој ти пиле, славеј пиле, ја запеј ми една песна! Песната му излегува направо од срцето. Гласот му е полн, длабок, машки. Ѕуни одајата. Се чини дека песната долго лежела во него, била затворена во мрак, потисната, и сега, како птица од кафез, летнува во просторот. И другите ја прифаќаат како токму на неа да чекале: Ја запеј ми една песна гласовита, речовита, да се чуе надалеку! Дури и Величко пее. Тој се воздржува да не испушта многу гласови, но оние што ги испушта хармонично ги вклопува во групното пеење. Птиците и животните, начичкани на прозорците, весело се раздвижуваат. Моно и Рокан и понатаму остануваат надвор од веселбата. Мара повторно им се приближува и ги поканува да им се придружат. Моно пак ја одбива, правдајќи се дека не поднесувал примитивистички веселби. Мара се повлекува не губејќи надеж дека народните песни, до колку се продолжи со нив, ќе подејствуваат врз Моно и Рокан, дека ќе го облагородат дивото во нив, изопаченото ќе го донесат во природен ред. Кога завршува песната, на Тале му се откинува: – А, бре, вие сте биле јунаци! Што песна! Ајде, сега да се напиеме, па да речеме уште некоја и друга! Тој посегнува во торбата што ја има покрај себе и, неочекувано за сите, извлекува од неа карта со вино. – Де, да го пробаш ова моево! – му вели на Илија и му ја подава картата. Илија се напива со големо задоволство. – Охо-хо! – вели. – Ама винце! Подај им и на другите. Картата кружи наоколу. Благородна не би се напила, но смета дека би било навреда за Тале. Се напива и дури го пофалува виното, што му годи на стариот. Со подигнато расположение Илија започнува друга песна. Девојчиња, девојчиња, гугучиња, пат правете, пат правете да поминам, да поминам, да поминам да заминам меѓу двете, меѓу двете најубави. Па веднаш, трета: Дегиди лудо, море, бре будало, ела си лудо, море, ти кај мене, јас да ти кажам, лудо за љубовта, од кај зафаќа, лудо ле, меракот; тој зафаќа, лудо од очите, ај, од очите, лудо, во устето, ај, од устето, лудо, во срцето, ај, во срцето, лудо, корен фаќа. Илија пее полетно, со зачудувачко познавање на народните песни, со неверојатен осет за нив, со необична моќ да ги оживи; тој умее да допре до нивното дно; изворното, чистото, непрофанираното да го дофати во нив. Благородна му се восхитува. Не може да ги одвои очите од него. Тој зафаќа нова песна: Кате, лично девојче, ајде да се земиме! Како да се земиме кога пари немаме? Кате, лично девојче ајде да се земиме! Ако пари немаме барем севда имаме. Единствен партнер на Илија во пеењето му е Тале. Гласот нему му е сè уште зачуван, ѕвонлив. Мара ги знае песните, ама не одред. Но лесно се снаоѓа и успешно се вклопува во пеењето. Докторот и Благородна не така успешно, ама се трудат. Секула божем пее, ама тој повеќе си е зафатен со своите мисли. Чопела сè уште јаде. Нова песна: Седумдесет села шетав, седумдесет моми љубев, седумдесет китки носев. Сите китки по џебови, твоја китка во пазува. Сите китки овенале, само една останала. За сите си жалба немам, сè за таа лична Стојна: Кога оди, ветер вее, кога стои, сонце грее, кога збори, бисер рони. На оваа песна веднаш се надоврзува друга: Ајде, Стојне, да бегаме, да бегаме в наше село. В наше село Малешево од три страни сонце грее, од четврта месечина; трипати се жетва жнее, а четири лозја берат. Тале се провикнува: Е , хе, хееееееееј! Веселбата зема замав. Илија е неисцрпен во песните: Огреала месечина покрај порти Јованови. Јованови вечерале, вечерале и легнале, само Јован не вечера; само Јован не вечера, зашто нема малка мома; пелин била вечерата. трње била постелата. Тале: – Е, хе, хеееееееј! А, така, де! Де, онаа другата! Илија, веднаш: Лудо лежи на одрето. Пусто одре гнило било, гнило било се скршило, падна моме на лудото, на лудото во скутјето. Почна лудо да се смеје, да се смеје, да беснеје; почна моме да се моли: немој лудо не гибај ме сега ми се тешки пости, тешки лости велигденски, Се излага лудо младо, ми го пушти младо моме. Почна моме да се смеје, да се смеје, да беснеје: фанал волко рудо јагне, па не знае да го јаде. Весела смеа. Најгласен е докторот. И-ху-ху-ху! И-ха-ха-ха! – се провикнува тој. Илија: Лиду, лиду гајда камо да те најда под самата круша, таму да те сруша! Уште повесела смеа. Покрај докторот, сега многу се смее и Чопела. Бидејќи сè уште јаде, се засркнува. – Знам една песна што одговара! – вели откога се напива вино. Станува од своето место и, смеејќи се, доаѓа до Илија, се наведнува над неговото уво и го потсетува на песната. – Ја знаеш? – го прашува. – Ја знам! – му одговара Илија. Тој се колеба еден момент дали да ја запее таа песна или не, а потоа се решава: Мори Маро дебела свадба ти е в недела. Ако немаш дарови, барем имаш газови. – Кини давај! – рецитативно се провикнува. – Кини давај од газови на сватови! Чопела и докторот избувнуваат во громогласен смеа. Тале, Благородна и Мара не ја одобруваат песната. Му прават забелешки на Илија дека претерал; ама благи забелешки. Мара е божем засрамена. Тале му се заканува на Илија со прст: – Ти си за очи вадење! – му вели, смеејќи се. И продолжува, божем да ја заштити Мара: – Песната не одговара. Нашата Марушка е слабушка. Ќе се здебели! – викнува Илија. – Величко и одговара. Пак громогласна смеа од Чопела и докторот. Пак Мара божем е засрамена. А и Величко. Благородна пак го прекорува со поглед Илија. Меѓутоа, секој знае дека не е во прашање навреда, дека вулгарното во песната и во шегата нема цел да навреди туку да развесели и дека тоа како такво престанува да биде вулгарно. Марко од рамката на прозорецот неколкупати радосно џавнува. Бара дозвола да влезе внатре. Илија го викнува. Кучето, радосио со еден скок се наоѓа до него. Другите животни и птици што ја следат веселбата, не можат да се решат да влезат. Освен Марко, внатре е уште и Ушко. За љубимецот на Мара не важат никакви забрани. Сега, необично разгален, тој де е на скутот од Мара, де под маса, де трча улавечки по собата, превртувајќи се преку глава. На тој начин ги засмејува другите животни. Илија се наведнува над Благородна и ѝ вели: – Пијан сум! Народните песни ме фаќаат како здраво вино. Сите што ги запеав беа за Мара, за нејзината свадба и за тебе. Ама сега сакам да запеам една, со твоја дозвола и со дозвола на Мара, само за тебе. – Запеј! – Која? – Некоја убава. – Една тажна. Љубовна. Полна со чувства. Саноќ седам, Трено, саноќ мислам, сите моми, Трено, ги смислувам. Кога тебе те смислувам, ситни солзи проронувам, ризата си натопувам, на градите ја исушувам. Очите на Благородна блеснуваат во солзи. На Мара, исто така. – Ах! – очајно врти со главата Илија, чувствуавјќи силен љубовен бол. – Виното, стари! – викнува. Тале му ја подава картата со вино. Илија жедно се напива. – О, хо, хо! – си дава издишка. – Твоето вино, стари, е мелем за душата! Де, сега ти да викнеш некоја! – Не, – вели Тале и станува простум за да му даде на реченото важност – редно е кумата да нагласи една. Идејата на Тале сите ја прифаќаат еднодушно и со воодушевување; Мара и Илија дури и со ракоплескање. Тоа Благородна го прима како почест. Се смее. Не може да откаже. А и не сака. Ама не знае песна. – Со задоволство – вели – ама, за жал, не знам песна. – Мора да знаеш! – ѝ вели Тале. – Каква кума си, а да не знаеш песна! И има ли човек што не знае барем една песна? – Можеби ќе се присетам на некои стихови. Ама никојпат не сум пеела. – Си пеела! – ја уверува Тале. – Мора да си пеела. Ако не гласно, во себе со умот мора да си пеела. Присети се. – Се присетив на една, – му вели Благородна – само што таа можеби не е олку убава какви што се оние што ги пеевте со Илија. – Секоја песна е убава. Не може да биде песна, а да не е убава. Де, слободно! Некоја од твојот крај. – Да, од мојот крај – вели Благородна. Се готви да запее. Настанува тишина во очекување. Благородна започнува сосема слободно, без усилби, како што дише: Момето одит на езерото да ми налеит бисерна вода, две ведра в раце, ведро на глава, да му измијет беќару нозе, да му измиет дур до колења, да му избришит со бела риза. Момето одит на езерото, да ми налеит бисерна вода, да му измиет беќару лице, да избришит со алшамија. Момето одит на езерото да ми налеит бисерна вода, да му измиет беќару р’це, беќару р’це дур до рамења, да му избришит сос бело чевре. Песната по својата мелодија е тешка за пеење, но Благородна ја пее лесно, без напор, талентирано. Не прави никакви гестови или мимики, цела е неподвижна, освен усните што ѝ се движат. Тие ѝ се полни, меки, совршени. Тие прават волшебни движења. Додека пее лицето ѝ зрачи ангелска убавина. Го дофатува еротското во песната и слободно го нагласува, но меко, благо, поетично. Песната му ја наменува на Илија, како и тој што ѝ ги наменуваше своите, но, пак како неговите, и таа претставува дел до општата веселба и како таква не им го скратува правото на другите да уживаат во неа. Благородна сметаше дека ги помни само првите стихови, но како што пее, со неверојатна леснина се присетува и за другите, и така песната ја истерува докрај! Кога завршува, наградена е со силен аплауз, со симпатии и признанија. Ракоплеска и Моно. – Браво! Браво! – вика тој, исправен на нозе. Но нему никој не му обрнува внимание. Посебно е воодушевена Мара. Таа ѝ приоѓа, ја прегрнува својата штитеничка и ја бакнува. Во очите и светат солзи радосници. Тале ѝ честита на Благородна. – Вакво пеење досега не сум чул! – ѝ вели. Илија е под напон на преголема среќа. Првин не може да најде начин да ја изрази. Потоа се досетува. Станува. Ги раширува рацете. Ама сега не може да се досети за играорна песна. Тале му помага: Женил се Петре Војвода! Сега на Илија веќе му е лесно. Ја прифаќа песната како свој спас и го започнува орото: Леле, женил се Петре Војвода! Се прекинува за миг и вели: Да видите што е тоа веселба! И започнуваат со Тале да го вијат, орото, со многу занес и со богати доживувања. Истовремено и пеат: Поканил до девет сестри, десетта сестра не канил; сам пошол даја покани: Појли ми, сестро, на свадба. Не можам, брате, да дојда, тешка ми куќа на глава, машко ми дете на раце, кучка свекрва не пушта. Пополека Илија и Тале почнуваат да го засилуваат тактот и да импровизираат во играта да се надмудруваат, да се натпреваруваат. Некои од птиците во својата радост ги напуштаат местата на рамовите од прозорците и, црцорејќи весело, влегуваат внатре, спрпуваат со крилјата над главите на играорците и пак се враќаат назад. Кучето џавнува по нив, ги кара, ама тие не слушаат. Едно малечко ластовиче се осмелува да направи круг околу самата глава на Мара. – Чи-чи! – ја поздравува. – Здраво, здраво! – го отпоздравува Мара. На крајот од играта, Илија и Тале се прегрнуваат и се избакнуваат. Мара од радост плаче. Илија ѝ се доближува и ја прегрнува со една рака преку рамо: – Ваква свадба – ѝ вели – на никој не му е приредена! Ниту некој заслужува. Ти само заслужуваш! Ја бакнува в чело. Мара е изгубена во плачење. – Ти си добар! – му вели на Илија. – Ти си предобар! Криво ми е што преѓеска те навредив. Прости. Липа. – Зошто? Зошто? – ја прашува Илија, и самиот трогнат до солзи. – Сакам да запеам една песна! – неочекувано вели Мара низ плач. – Ѝ благодарам на Благородна што ја почести мојата свадба со песна. И на сите ви благодарам за веселбата со која ме почестивте. А сега сакам и јас да ве почестам. Нејзиниот плач се засилува. – Ама ти плачеш! – ѝ вели Илија. И него в грло солзите веќе го гушат. – Ако! – му вели Мара. И почнува да пее. Всушност рецитира, зашто плачот не ѝ дозволува да ја држи мелодијата. Терзии, браќа,терзии, ај сошијте ми бел фустан; без аршин да го мерите без ножица да го кроите, без игла да го шиете, без конец да го берете! Овде плачот ја задушува и таа се бори да дојде до здив. Илија ја продолжува песната, и тој, поради силната возбуденост, изговарајќи ги стиховите со несигурен, накршен глас: Девојче, врашко, ѓаволче, ај да ни месиш кравајче: без сито да го отсееш, без вода да го замесиш, без оган да го испечеш. Мара низ плач во одговор: Терзии, браќа, терзии, јас ќе ви месам кравајче: низ клепки ќе го отсеам, со солзи ќе го замесам, на гради ќе го испечам! – Што луѓе сте вие, бре! – им се обраќа Тале на Мара и на Илија. И самиот е силно возбуден. – Вие плачете и пеете, пеете и плачете! На Илија: Ја знаеш ли ти песната за Смилево? И не чекајќи одговор, започнува да ја пее со треперлив, плачлив глас, силно доживувајќи ја: Топови грмат, трешти земјата, Смилево славно в оган гори! Жените плачат, пиштат децата, моми се кријат во горите. Неочекувано одекнува еден силен звук од усната хармоника на Секула. Тој доаѓа како ехо на песната и како писок. Тале сиот се внесува во тој звук, му се препушта, а кога звукот полека се губи, гасне, Тале, сè така растревожен, но и ликувајќи истовремено: – Народот побегнал во коријата! – вели. – Гори селото, пиштат децата, а ваму пее народот! Што беше било тоа народ, бре!! Уште само еден краток ама многу остар писок од усната хармоника на Секула и – тишина. Секој е втонат во своите мисли. Заостанати слаби изрази од липтежот на Мара одвреме навреме се огласуваат низ тишината. Едно време се слуша силен кучешки лаеж. Тоа кучето Марко лае по Чопела кој, не можејќи повеќе да јаде, пренаситен ја напушта трпезата и преминува кај Моно и Рокан. Пак минува време во тишина. И одеднаш среде тишината: – Бев суредил еден полјак – започнува Тале, како да се чекаше на неговиот расказ. – Еден пес! Чаре за мене немаше. Освен четата. Овде се прекинува. Се бори да ја надвие возбудата што му ја предизвикуваат спомените. А за тоа му е потребно доста време. Сите се навалени на столиците и фотелјите со зафрлени глави настрана, втонати во себе, сега во очекување Тале да собере сили и да го продолжи раскажувањето. Само Мара е исправена. Како да е милосрдна сестра среде борци што имале тешка битка. Моно, Рокан и Чопела отспротива нешто разговараат со снижени гласови. Подготвуваат заговор. Моно како да е валија, Рокан џелат, Чопела шпион. Кога Тале смета дека е доволно подготвен да го продолжи раскажувањето, дека е доволно подготвен да ги превозмогне силните возбуди што му се закануваат да го зафатат, тој продолжува од каде што запре: ...Полската чета на Ѓорѓија! А немав повеќе од шеснаесет години. Ќе ме прими ли војводата? Ни кажуваат дека четата кондисувала во Влевче, кај Трајко Попо, коџабашија. Му јавуваме нему. Тој нè викнува. Одиме вечерта со мајка. Нè носи Трајко во една плевна. Дотогаш комити не сум вишол. Исполегнале по сеното, со наремници, фишеклии, пушките до нив, брадосани. Еден, покрај едно ламбиче, нешто чита. Штом нè виде, тој што читаше ја остави книгата и стана. Висок, млад, строен. „Овој е војводата Ѓорѓија, – си велам – овој и никој друг!" Тој се ракува со нас. „Седи, сестро, почини!" – ѝ вели на мајка. Мил глас. кроток. „Ти ли си јунакот што го суреди полјакот?" – ме прашува. „Морав! – му велам. – Многу пакост ни правеше." „Браво!" – ми вели, и гласот му ечи, му грми. „Браво!" – и ме удира по плеќи. „Колку години имаш?" „Осумнаесет" – му велам, како што бев научен да речам. А немав осумнаесет, имав шеснаесет. Ме гледа војводата, не верува. „Колку години има син ти, сестро?" „Осумнаесет" – вели мајка. При спомнувањето на зборот „мајка" го зафаќа силен чувствен бран, ама го надвладува. Продолжува: – Пиштолот, камата и евангелието! – викнува војводата. – Станувајте сите, – дава заповед – новиот комита ќе дава клетва! Сторија како што заповеда. Се собраа околу нас. Јас на средина. Војводата ги вели зборовите од клетвата, јас ги повторувам, мајка плаче – единец ѝ бев! Сега на Тале му се ронат солзи од очите. Тој сака да ги сопре, ама не може. Им дава по волја. Липтежот на Мара пак се засилува. Неочекувано пополека се отвора вратата и влегува војводата Ѓорѓија во придружба од неколкумина комитии. Истиот Ѓорѓија за кој прикажуваше Тале. Млад, убав, строен. Во комитски алишта. Тој по малку накривнува на левата нога, зашто раната на срцето, добиена пред шеесет години, уште не му е сосема залечена. Седнува на една столица понастрана. Придружбата зад него. Кучето џавнува по него, ама не како на непријател, туку разнежено, галовно, како на многу сакан пријател, невиден одамна. Тоа му се доближува и легнува покрај неговите нозе. Ѓорѓија се наведнува и го милува по главата. Кучето се подисправува и му ја лизнува раната. Во собата владее совршена тишина. Никој ништо не вели. Мара само во еден момент му вели на војводата: – Ви благодарам што ја почестивте мојата свадба со вашата посета! Војводата ѝ кимнува со главчта и и се насмевнува. Пак настанува тишина среде која одново се јавува Тале: – Кога падна, – почнува тој да раскажува за смртта на својот војвода – сакавме да му ја преврземе раната. „Мавнете ја таа бесполезна работа, – ни рече – свршено е со мене!" Има час кога човекот начисто знае дека е свршено со него. Не погледна редум сите. „Збогумте мои верни другари!" – рече. Беше млад. Беше жално да се гледа како гине. Го погоди куршумот в срце, ама така што му остави да живее уште минута-две. Тоа војводата Ѓорѓија го заслужуваше. Тој заслужуваше убава смрт за која ќе се прикажува. Редум нè изгледа сите што се најдовме околу него, „Збогумте!" уште еднаш ни рече и ништо повеќе не проговори, а имаше да живее уште цела минута. Се загледа некаде во далечината, се насмевна и умре. Што ли гледаше во тој час? На кој ли му се насмевна? Овие две прашања на Тале ечат меѓу ѕидовите. Ехото се повторува многупати како в планина. Духот на гулабот што загина отруен од трендафилот на Моно долетува в соба придружен од неколку други. Спрпува, спрпува над војводата и повторно одлетува. Од војводата и неговата придружба сега нема ниту трага. Кучето џавнува неколку пати кон прозорецот, преку него кон небото. Тале брзо станува од своето место, по малку уплашен како да се фатил во недопуштен сон. – Е, што е ова? – викнува, се лути. – Што сте се занесле во соништа? Каде е Илија? Го бара со поглед. Го здогледува. – Е, што? – силно му вика. – Си се замислил, си се растагувал како баба! Ја знаеш оваа славната?... И тој со многу бодар глас полетно почнува да пее: Напред, напред за слава кон бојното поле! Кој е страшлив ко баба, дома да си седи, на фурка да запреди, да плаче да реди! – Ете така! – вели Тале, завршувајќи ја песната. Потоа ја зема Мара настрана и ѝ ги дава последните совети пред поаѓање. Моно, Рокан и Чопела шепотат заговорнички. Мара му бакнува рака на Тале. Тој ја погалува по главата. Потоа се ракува со Величко, со Секула, со докторот многу срдечно, а на крајот особено срдечно со Благородна и Илија. – Вие сте херој – му вели Илија со многу респект. – Не! – не прима Тале. – Јас сум овчар! – Вие доброволно сте учествувале во борби каде сте можеле да го изгубите животот. Сте го рескирале животот за општо добро. – Јас само сум си ја вршел својата должност. И ништо повеќе. – А кој ви заповедал, кој ви давал должности за извршување? Преѓеска рековте дека не сте ги почитувале поповите. – Не! – Тоа ќе рече – ниту царевите, ниту кралевите! – Народот! – одговара Тале. – Гласот на народот не е тешко да се чуе. Може да го чуе и глув. Тој глас мора да се слуша, заповедта да се извршува. Тоа е главна заповед. Да не се изврши е срамота. Ај, сега, останете ми со здравје! На Илија уште еднаш, за последниве неколку минути веќе по третпат, брзо му минуваат низ сеќавањето сликите од оној настан во минатото кога за време на окупацијата една вечер влезе во нивната куќа ранет човек кого полицијата го гонеше, и замоли да биде скриен. Татко му, повлечен, тивок кроток човек, еден момент се колебаше. Надвор се слушаа гласовите на гонителите. И тој се реши да го скрие ранетиот. Гонителите влегоа во нивната куќа и ја открија својата жртва. Тоа беше причина за нивното депортирање во концентрационен логор каде татко му ја најде и својата смрт. – Што го натера татко ми така да постапи? И тој ли си ја вршеше својата должност? Тале ја нарамува торбата и појдува. Го испраќаат Мара, Благородна и Илија. Минувајќи покрај Моно, Рокан и Чопела, Тале се однесува како да не ги забележува. Штом сите тие излегуваат, Чопела му се обраќа на Секула: – Е, Секуле, виде ли колку е Илија наивен? Му се подаде на оној стар измамник да прави со него што сака. Го мамеше со опојни лаги. Нему сега му е лесно и пријатно, ама кога ќе се соземе од опојката, ќе му дојде двапати потешко. Чопела оди кон тоа да ги потцени Илија и Тале пред Секула зашто смета дека она што се случи имаше влијание и врз него. – „Славеј пиле, славно пее!" – го имитира тој подбивно Илија. – Сите бегаат од лагите. Илија, будалата, им трча во пресрет. Како хероите на смртта. Што корист ќе има херојот што ќе пеат славеите за него? Што корист кога песната не ќе може да ја слушне?... Мина времето на славеите и на хероите! Ама ете сè уште се наоѓа по некој славеј каков што е стариот и по некој херој каков што е Илија. Директно на Секула: – Нели е така, Секуле? Секула, категорично: – Кога ќе мине времето на хероите, ќе мине и времето на човештвото! – Зар и тебе стариот вештер ти го заматил умот? – остро му забележува Чопела. Секула: – Стариот ја кажуваше вистината! – Која вистина? – Една е човековата вистина! – Нема човекова вистина! Има царска вистина и божја вистина! Царската вистина и божјата вистина се вистини на нејзиното величество и семоќност – л аг а т а, која е над царот и богот! – Во љубовта е човековата вистина – вели Секула. – Мара ме наговара да пишувам љубовни песни – продолжува. – Да ја опеам Разделинка. И ќе ја опеам. Ама никојпат не ќе ги напишам своите песни со мастило. Никојпат сè додека не бидам во состојба тоа да го сторам со крв! Љубовта треба да се брани од омразата, вистината од лагата. Бидејќи лагата е во мене, против себеси треба да се борам. И ќе се борам! – Има многу поети што се обиделе така. Не ќе бидеш ни првиот ни последниот. Секула си оди. Моно го прашува Чопела: – Да не има во план да се самоубие? – За тоа зборува веќе неколку месеци, меѓутоа, уште не може да се реши. Душата го влече, ама телото го сопира. Додека душата му подготвува смрт, телото – богата гозба. Забележавте ли како преѓеска додека лежеше мртов, за цело време се напрегнуваше од угодната положба што ја имаше да процени дали Благородна има здолниште или не. А и таа заземаше такви положби, за да му ја олесни проценката. Моно е веднаш заинтригиран. – Можно ли е да е вистина она што тој го зборуваше за божем некаква љубовна средба со неа? Синоќа, кога сите заспале. И тоа во нужникот. Чопела сериозно му одговара: – Јас не бив свидетел, но верувам. Овие разговори се водат гласно во присуство на докторот, без секакво притеснување. Доколку тие имаат во план да ја повторат љубовната средба и во ноќва што следува, – прашува Моно – постојат ли, според вас, услови да ги остварат тие планови? Чопела: – Што може да ги спречи? – Нема ли Илија да се јави како пречка? – Воопшто не. – Таа јасно покажа пред сите дека го сака. – Не е важно она што таа го кажува, важно е она што го премолчува. – Сепак, таа нему му е силно приврзана. – Неоспорно. Но она што ја врзува за него нема никаква врска со нејзините планови и не може во никој случај да се јави како пречка за остварување на тие планови. – А неговите силеџиски истапи нема ли сепак да делуваат на неа дестимулативно? А и на Секула, исто така? – Воопшто не. Илија е како господ – силен, а никој не му се плаши. – Професоре, – со респект му се обраќа Моно – вие знаете колку многу сум заинтересиран за госпоѓата. Како ги оценувате моите шанси? – Вашите шанси се добри. – Сериозно мислите? – Сосема сериозно. Меѓутоа не сум без шанси и јас. Моно презачуден го погледнува Чопела: Сериозно ли мисли тој? – Чопела мисли најсериозно. Сега Моно очигледно сака да го праша нешто, ама се колеба. На крајот се решава. И го пашува се така во тонот на сериозниот и учтив разговор што го водат обајцата. Извинете, професоре, – го прашува – како можете да имате илузии дека една прекрасна жена може да покаже љубовен интерес спрема вас? – Зошто?! – се чуди Чопела. Се чуди и Моно. – Па вие, дозволете, сте одвратен! – му вели. – Прилегате, ќе си дозволам една споредба, на животно. А и самиот тоа го признавате – дека сте животно. Вашата глава единствено може да се употреби, ќе дозволите, како градинарско плашило. Чопела воопшто не се чувствува засегнат. – Вие ги истакнавте моите предности – му вели на Моно. – Прекрасните жени лудуваат по животински глави. Животинските глави не плашат, туку привлекуваат. Ако не е така, тогаш зошто меѓу вас и госпоѓата како мамка ја поставувате главата на вашиот Рокан? Рокан, сега изгледа поласкан, галовно испушта во насока на Чопела клопчиња чад. – Чувајте ја таа нежност за убавицата! – му вели Чопела. А на Моно му шепоти: – Да, со уделот на Рокан вашите шанси кај госпоѓата се добри, но во однос на она што Рокан може да го стори за вас, јас стојам далеку подобро. – Интересно! Интересно! – се чуди Моно и го гледа Чопела, го мерка, го проценува. Па го понудува со цигара од златната табакера. Од градината допира тажната мелодија од усната хармоника на Секула. Бидејќи е неделно попладне и нема многу движење низ градот, тишина е, па мелодијата допира дури додолу, на улица. Тука, пред самиот влез од станбената зграда, Мара, Благородна и Илија се збогуваа со Тале. Насобрани се околу нив многу птици што долетале од градината за да земат учество во испраќањето. Тука се и два-три зајаци. Овде е и кучето Марко кое, во преголемата своја радост, прави трки по тротоарот на улицата. Но токму во моментот кога Тале сака да се збогува за последно, а Мара, Благородна и Илија решаваат да го испратат до првиот агол, одозгора над нив се истура цела канта отпадоци. За среќа, никој не е погоден освен Илија, со една коска по глава. Овој погледнува нагоре и го забележува на еден од горните балкони секретарот на Куќниот совет, Ситниџиев, со канта за ѓубре. Ситниџиев го поздравува Илија војнички, му салутира, се разбира, подбивно. Уште при слегувањето Илија помисли дека би можело да се случи на некој начин тој да им напакости. И ете се случи. Илија му ја објаснува случката на Тале како невнимание од чистачот на зградата. Во себе, пак, цврсто решава по секоја цена да се добере до секретарот на Куќниот совет. Го испраќаат Тале до првиот агол на улицата. Овде срдечно се разделуваат. На враќање забележуваат како неколку станарки од зградата ја чистат патеката пред влезот од истурените отпадоци. Мара сака да им помогне, но тие не само што не ѝ дозволуваат туку ѝ се закануваат дека доколку и другпат се случи да го истури ѓубрето од тераса надолу, ќе ја пријават во Санитарната инспекција. Мара упорно уверува дека такво нешто нејзе никојпат не ѝ се случило ниту ќе ѝ се случи. Сосетките не ѝ веруваат. Тие се повикуваат на секретарот на Куќниот совет кој со свои очи видел како Мара истура канта со ѓубре од терасата. – Тоа е лага! – вели Мара. Ситниџиев се појавува на вратата, но сиот на штрек, готов и при најмало движење на Илија да побегне. – Тоа е вистина – вели тој – која ќе ја потврдам и пред санитарните органи. Велејќи го тоа не го испушта Илија од очи, а и му наменува неколку дискретни непристојности со раката. Разлутен, Илија потрчува по него, ама излегувајќи низ вратата што води во двориштето, се сопнува од празна канта намерно поставена таму од Ситниџиев и паѓа. Пред себе го слуша неговиот кикот. Зад себе кикотот на станарките кои дошле да видат што се случи. Мара и Благородна притрчуваат кон него, но една тула од спротивниот крај ја погодува Мара в нога. Илија станува и потрчува натаму, но од Ситниџиев – ни трага. Меѓутоа веднаш по таа констатација се слуша лаежот на кучето Марко и речиси истовремено со него и гласот на секретарот кој спиштува. На Илија му станува јасно дека тој е во забите на песот. Потрчува на таа страна и забележува дека кучето го влечка Ситниџиев кој со сите сили се бори да му откине, ама без успех. Илија се залетува, зема силен замав со раката и го удира право в лице. Кве! – како пајка квекнува секретарот и треснува на земја покрај превртената канта. Илија ја исправува кантата, потоа го крева Ситниџиев и го пика со главата надолу во неа. Тој прета со нозете, сака да се ослободи, ама не може. Му помагаат станарките. Сака да помогне и Мара, ама Илија не и дозволува. Ја зема за рака, Благородна ја фаќа под мишка и ги поведува за дома. Во претсобјето наидуваат на крадоубиецот. Фатен е на дело како краде една врамена разгледница од ѕидот. Тој се обидува да се извлече, ама без успех. Зачас се наоѓа во рацета на Илија. По своите физички особини крадоубиецот потсетува на глушец: малечка глава, прчесто носе, немирни очиња, подвижен врат. Сега, фатен в стапица, се чини дека е вкочанет и предаден на судбината. Всушност тој се преправа, се таи и демне погоден момент да побегне; да ја искористи најмалата невнимателност на оној што го држи и да побегне. Би побегнал за миг, и тоа така што да не може да му се најде трагата. Кога ја здогледува Мара, познавајќи ја нејзината неограничена добрина, упатува молбен поглед кон неа. За да ја предизвика нејзината сожалба за што повеќе да ја трогне, тој го потсилува жалосниот изглед на своето лице; изглед на човек што многу физички страда, – зашто Илија му го врти увото – но не помалку и душевно поради срам од докажаната негова злоупотреба на нејзиното гостопримство и нејзината добрина. Тоа е всушност негово ново бесрамие, најнова негова лага како средство да се извлече од неудобната положба. Илија го дофаќа неговиот поглед кон Мара и се досетува дека тој е еден од нејзините „штитеници", од оние кои ја крадат. Крадоубиецот упорно се труди да воспостави контакт со својата добротворка. Илија го удира силно по муцка со десната рака, а со левата уште посилно му го врти увото. На Мара ѝ паѓа жал. Таа ја знае причината за избликот на лутината кај Илија, – тој е веќе предизвикан од секретарот на Куќниот совет, а еве сега располага со непобитен доказ дека таа е крадена и мамена од нејзините штитеници, што секојпат пред него одречуваше. Илија веќе ја гледа обвинувачки. Таа прави обид да му објасни, ама тој не сака да ја чуе. Во едната рака држејќи го украдениот предмет, а со другата крадецот за уво, влегува в соба. – Овој човек овде – им објаснува на присутните – се обиде да ја краде Мара. За таа своја постапка ќе одговара. Мара е начисто со намерата на Илија. Решава да интервенира брзо и итро. Се сомнева дека нешто ќе постигне зашто очевидно е дека тој цврсто е решен во својата намера но смета за своја должност да се обиде. А смета и на остатоци од доброто расположение кај него предизвикано од Тале. Му се доближува и му шепнува на уво: – Тој е болен. Клептоман. Доаѓа кај мене да се лечи. Меѓутоа нејзиниот обид, нејзината лага, ги дава обратните резултати: Илија уште повеќе се разбеснува. – Тој доаѓа кај тебе да те поткраднува! – нервозно ѝ подвикнува. Штом крадоубиецот гледа дека Мара се застапува за него, дека лаже за да го спаси, му се раѓаат надежи. Пак го засилува жалосниот израз на своето лице, го прави очаен, и, успевајќи да го дофати нејзиниот поглед, ги напрегнува сите свои сили за да ја спечали колку може повеќе нејзината сожалба. Ама и овојпат е дофатен од Илија и, овој, бесен на неговата перфидност, жестоко го удира со шлаканици по лицето. Мара се обидува да го спречи, ама тој грубо ја турнува и со уште поголем бес се нафрла на својата жртва. Крадоубиецот го прима ќотекот речиси без да се брани. Стоички. Ниту офка ниту стенка. Место него офка Мара. Таа е помирена дека ништо не може да стори за него, дека ако се обиде само ќе му ја отежне положбата. Беспомошно стои и гледа како Илија безмилосно го удира. – Како овој стаорец ќе мине секој – се заканува Илија држејќи го крадецот под нога – кој ќе се обиде да краде од Мара или да ја измами, или на кој било друг начин да и нанесе зло! Се чини дека крадецот е онесвестен. Мара, испреплашена, со поглед го преколнува Илија да се смилости и да ѝ дозволи да му пријде на онесвестениот во помош. Илија е замолен и од Благородна. Тој се оддалечува чекор-два од него. Овој токму тоа го чека, – веднаш се наоѓа на нозе и почнува да бега. Ама Илија не се дава да биде измамен. Тој токму тоа и го очекуваше. Оддалечувајќи се од него, всушност правеше обид да види дали е вистина во бессознание или се преправа. Крадоубиецот не стигнува ниту до вратата, а Илија веќе го фаќа за вратот. Како потоа го удира, не може да се опише. Мара ги покрива со раце очите. Илија удира каде ќе стигне. Телото на тепаниот рипа како топка. Се чини дека нема коски. Ударите тапо одекнуваат. Тој ниту стенка ниту офка, ниту, пак, му тече од некаде крв. Дури кога чувствува замор, Илија престанува. Ја забележува Мара која разочарано го гледа. Се сеќава дека во својот бес грубо ја турна, и му паѓа жал за неа, заради нејзината бременост. Жалното чувство брзо му се преобразува во нов бес предизвикан од помислата дека таа дури и бремена пак ќе биде мамена и крадена. Резултат на новоизбликнатиот бес се уште неколку жестоки удари со нога врз крадецот. Потоа пак се заканува: – Вака ќе мине секој што ќе се обиде да краде од Мара! Или на кој било друг начин да ја измами, или да ѝ нанесе зло! Сега го напушта крадоубиецот без да води сметка дали ќе побегне или не. А тој не може да побегне. А и да може, не би побегнал, зашто сега е се свршено; она што му следуваше го доби во полна мера, а доби и додаток, и нема што друго да добива. Илија сега се упатува кон Величко кој сиот се тресе од страв. Го зема за рака и го одвлекува настрана. И почнува тука да му објаснува со мимики и гестови дека и него ќе го снајде истото ако ја измами Мара, неговата законска сопруга, или ако со некоја своја непромислена постапка дури и ја разжалости. Бара од Величко да му покаже дека го разбира што му зборува дека го сфаќа, а потоа да му даде и уверување дека во никој случај нема да го направи она што тој изрично му го забранува. Величко, многу уплашен, се труди со својот немушт јазик да го увери, ама Илија останува недоволно уверен дека е најточно сфатен. Го вади и боксот, го става на раката и со него почнува да му покажува на Величко што би го очекувало доколку ја изневери Мара. Ја изневери ли неа, како нејзин законски сопруг, исто како да го изневерил и него – негов пријател, добротвор и заштитник. Величко постојано и очајно одмавнува само одречно со прстот и со главата. На крајот Илија го ослободува. Му паднува жал. „Овој е бајче!" – помислува за него. Со еден поостар поглед би можел да го убијам. Нема лоша мисла во него. Погледнувајќи во крадоубиецот, Илија констатира дека тој прилично се опоравил. Станат е на нозе и се уредува. Мара му спрема чашка со пијалок. Илија ѝ се обраќа: – Зошто некој човек е добар, а друг лош? – ја прашува. – Тоа зависи од условите во кои луѓето се развиваат и жевеат како луѓе – му одговара таа. – А кој ги прави тие услови да бидат вакви или онакви, благопријатни или неблагопријатни? Илија не ѝ дава на Мара да одговори: – Луѓето!! – подвлечено ѝ вели. Сега му се обраќа на крадоубиецот со одвај ли не пријателски тон; како да го прашува од чисто љубопитство: – Зошто се обиде да украдеш? Она што сакаше да го украдеш нема никаква материјална вредност, или скоро никаква. Тоа е еден спомен што ѝ го донесов на Мара од Венеција. Обична разгледница ставена во обична рамка. Ме интересира зошто се обиде да ја украдеш? – Да украдам е моја должност – спокојно му одговара крадоубиецот со истиот разговорен тон што го предложи Илија. Додека го вели тоа од раката на Мара прима чашка рум; ја прима без благодарност, без дури и да ја погледне, со гест како таа да му е слугинка, па должност ѝ е да го служи. – И да убијам кога ќе ми се даде прилика! – се дополнува тој. – Дури и без причина? – зачудено прашува Илија. – Да – спокојно потврдува крадоубиецот и отпива од пијалокот. – Всушност секојпат постои причина – се дообјаснува. Се држи супериорно, дури и надмено, како тој да излезе победник во тепачката, па сега ја образложува и ја оправдува својата постапка. – Можеби тој што не ќе го убијам, – вели – а ми се дало прилика да го убијам, подоцна ќе ме убие и ќе ме ограби мене или ќе роди син што ќе го убие и ограби мојот син. Значи, причината е тука и доволно е силна за да се убие и да се ограби. Го испива остатокот од пијалокот во чашката на искап. Бара уште една чашка. И неа ја испива на искап. Потоа продолжува: – Всушност, кој нема да убие и кој нема да украде, ако му се даде прилика? Грев е да се пропушти таква прилика. Да не се постапи така, значи да не се постапи човечки, значи да не се почитува основниот човеков закон. Целото човештво, целата цивилизација почива врз убиства и кражби. Што се војните, ако не се тоа? Не се случило досега да има војна, а од неа човештвото да не излегло појако и повитално. Инаку не би биле војните. Убиствата и грабежите се корисна работа. Ако убиеш еден, силен си колку за двајца. Ако убиеш двајца, колку за тројца. Мора да се убива и да се краде! Тоа е неминовно, ако се сака да се опстане. Тоа е закон. Тоа е света должност. Колку е оружјето поубиствено, толку подобро за човештвото! Атомската бомба е резултат на тој закон. Со атомската бомба човековиот гениј го направил она што беше неизбежно да го направи заради својот опстанок. Само кога таа бомба би била во мои раце! – Оди си!! – му порачува Илија со привидно спокоен тон. Ама очевидно е дека малку треба за одново да се устреми на него со новонасобран гнев. – Ќе си одам! – му одговара крадоубиецот, уверен дека она што го кажа е самата вистина која го порази Илија. Но тој знае дека дадена му е можност да си оди и дека таа можност веднаш треба да ја искористи, ако не сака одново да попадне во теснец. И веднаш излегува. Во претсобјето, по навика, бара што би можело да се украде. Знае од искуство дека условите за кражба сега се сосема поволни. Никој ниту би можел да помисли дека е спремен да го повтори она што пред малку така скапо го плати. Ама тој е спремен. Спремен е секојпат. Во секое време. Сега посебно, штом надзорот над него е попуштен. Ама што корист од тоа кога во претсобјето нема што да се украде? Самиот сè беше украл. Во рафтот нема ниту една книга. Таа судбина ги очекува и библиотечните рафтови што се внатре. Би се пикнал в нужник. Можеби нешто ќе се најде од вредност, иако постои мала надеж зашто и оттаму сè е украдено, дури и електричната светилка. Ама сепак не влегува во нужникот оти некој внатре ужасно стенка. Се колеба извесно време како да постапи во оваа ситуација. На крајот решава да се врати назад и да соопшти дека во нужникот некој пишти. Тој нужник отсекогаш нему му изгледал мистериозен. Сè му се чинело дека во него се случуваат страшни нешта. Некој пишти во нужникот како да го колат. Исто така пиштел еден трговец додека го колел; еден трговец на кој му ја украл жената и парите. – Оди види кој е тој несреќник! – му заповеда Илија, сега како на свој помошник кому му доверува задача. Крадоубиецот со задоволство ја прифаќа улогата на помошник. По кратко време, држејќи го за уво, – како пред малку него Илија – воведува еден слабодушен човек, сиот побледен и во неудобна положба. Илија само што го здогледува, веднаш му дава нова наредба на својот помошник да му удри една клоца! Овој со задоволство ја извршува наредбата. – Зошто? – се противи човекот со тенок, премален гласец. – Таков е овде редот – му објаснува Илија, – Не плаши се. Една клоца не е ништо. Човекот има мизерен изглед. Панталоните му се паднати речиси до колена. И гаќите сигурно би му паднале, ама тој цврсто ги држи со двете раце. Нозете му се слабички и му се тресат. Илија го фаќа смеа, Му вели на крадоубиецот да го пушти да се суреди! Овој го пушта. Човекот се завртува кон ѕидот и се суредува. Ја брише и потта од челото. Вади чешел и се чешла. Прилично долго време се дотерува. И кога се завртува, неочекувано оддава впечаток на многу елегантен човек: во бел жакет, бела кошула и црвена пантлика. Лицето му е мазно, свежо избричено, ама тињосано и многу ситно. Цртите на него – правилни, под носот многу тенки мустаќи. Косата му е права, мазна, русникава, со кадифен сјај, зачешлана на патец. С# е кај него совршено мазно и в ред, ама бледо, без животен сјај. Дури и усните му се без жар, одвај црвеникави. Само во очите му пламти пламенче кое е немирно и кое може да предизвика пожар. На прашањето, кој го колеше во нужникот, одговари дека никој не го колеше, но дека – тој се извинува! – имал силни напони. – Зошто? – се интересира Илија. – Која е причината? Причината била едноставна – синоќа имал љубовна средба на отворено. Илија брбнува да се смее. Тој го оценува непознатиот како интересно прчесто конте. Елегантниот костум на него не придонесува да му се подигне угледот во очите на Илија. Овој го зема речиси на шега. Дојдениот почнува да се охрабрува и пополека да се ослободува од стравот. Дури сега може да погледне и во другите тука присутни и не малку пријатно да се изненади кога во некои од нив – во Благородна, во докторот и во Моно, препознава свои пријатели. Моно се исправил до сам него за да го изненади со своето присуство. Штом го забележува, тој навистина се изненадува. – Моно! – викнува. – Здраво, Фифи! Се прегрнуваат. – Како си се нашол ти овде? – прашува Фифи. Моно го зема интимно под рака, го одведува понастрана и, наведнувајќи се над неговото уво, накратко му ја кажува причината за неговиот престој во домот на Мара. Фифи се смее. – Биди без грижа! – му вели на Моно. Сега тој се упатува кон Благородна. Таа го прифаќа со симпатии но, тоа сака да го нагласи, симпатии спрема еден ѓаволест човек. Докторот не е задоволен од присуството на новодојдениот. Не е ни Рокан. Ни Чопела. Последниве двајца со неговата појава своите позиции спрема Моно ги чувствуваат загрозени. Благородна настојчиво се труди да остави впечаток кај Илија дека нејзиниот интерес спрема Фифи, а и интересот на Фифи спрема неа, се од чисто пријателски карактер. Тој за неа бил и останува еден ексцентричен занимлив човек. И ништо повеќе! Меѓутоа, токму тоа нејзино нагласено настојување да ја прикаже нивната врска како пријателска, ги побудува сомненијата кај Илија. А и самиот Фифи, така како што се однесува спрема неа, постојано загатнува некои нивни врски од подруга природа. Таа очевидно сака да ги прикрие, ама тој постојано на нив алудира. На најразлични начини таа му дава на знаење дека во негов и нејзин интерес е да се премолчи нивната тајна, ама тој или не може да ја сфати или не сака. Просто ја напаствува. Се напива две-три чаши пијалок. На образите му се јавува бледо, нездраво црвенело. Очите му вивнуваат во пламен. Илија го губи расположението. Него го раздразнува напорот на Благородна да ги замаскира вистинските врски со Фифи. А го навредува и односот на овој спрема неа. Воопшто, го навредува помислата дека меѓу него, мизерен, и неа можело да постои „нешто". Го раздразнува и неговото ноншалантно поведение. До пред неколку минути испреплашен, сега под дејство на алкохолот тој почнува да се држи претерано слободно, дури надмено. Во каква состојба беше воведен во собата, заборава. Моно се интересира кај него која може да биде причината за неговото доаѓање овде. Свадбата на Мара. Тој дошол да ѝ честита. – Каде е таа? Каде е? По свадбениот ручек Мара е зафатена со расчистувањето на собата. Инаку, таа не е воодушевена од доаѓањето на Фифи. Како да има лошо искуство со него. Сепак, неговите честитки ги прима љубезно, го запознава со Величко, а наоѓа за него, за Фифи – и топли зборови. Ама тој веќе не ја слуша. – Не оти ми е до Мара! – му се доверува на Моно. – Баш ми е до неа! Тој дошол да се запознае со нејзиното момче и да процени ќе може ли под истите услови како порано да се користи со нејзиниот стан. Моно се смее пријатно предизвикан од неговата итра постапка. Илија се преправа дека божем и тој е освоен од него. – Па каква е вашата проценка? – небаре заинтригиран го прашува тој. Фифи не сака директно да го удостои со одговор, да му дозволи интимен пристап, ама сепак пријатно му е што Илија, за него непознат, му се восхитува. Првиот негов впечаток бил, му се доверува тој на Моно, ама така за да може да чуе и Илија – дека момчето на Мара е потежок случај и од неа. Згора на тоа, тој е и нем. Да беше уште и слеп! Ама не пречи, не пречи! Тој си е будалетинка. Нему умот му е слеп. Моно се кикоти. Фифи надмено се смешка. Славата на донжуан што му ја поддржува Моно и пијалокот што го испи му удираат в глава. – А зошто ви е потребен станот на Мара? – го прашува Илија правејќи се наивен. – За какви цели го користите? Фифи го погледнува зачудено; потоа го проценува со поглед и бувнува во смеа. – Овој ти бил уште потежок случај! – му вели на Моно. Моно и сега го искористува случајот да го исмее Илија. Се смее изнасилено, ама пак, како и секојпат, засолнувајќи се зад Рокан. Илија се преправа на посрамотен . И понатаму изигрува наивност. – Аха! – извикнува тој, божем досетувајќи се. – Се сетив! А со која овде доаѓате? Со која? – прашува со „болежлива" љубопитност. Тој сака да го наведе Фифи недвосмислено да признае дека на најдолен начин го злоупотребувал гостопримството на Мара. А по можност да ја „ископа" и вистината за неговите односи со Благородна. – Зар со една? – се фали Фифи. Неговата дрскост зема замав. – А особено – додава – со љубителките на литературата! Тоа тој го вели гласно, целејќи да слушне Благородна, и упатувајќи со поглед на неа. Нејзе ѝ се непријатни неговите алузии. Таа го предупредува со строг поглед. Ама тој е немилосрден. Кажува како Мара му ја отстапувала собата за со „љубителките на литературата" да уживаат во „литературни" дискусии. Се користи и со други вулгарни алегории, постојано покажувајќи со мимики на Благородна. Ја третира како лесна жена. Без секакви обѕири. Дрско и вулгарно ја компромитира. Тоа му прави задоволство. А сака и да му покаже на Моно дека ја имал онаа што овој не може да ја има. Душата на Илија се полни со бес. Докторот не ги оттргнува од него очите: Се чуди зошто тој не преземе нешто, зошто е толерантен? Ама Илија не сака да брза. Постои опасност Фифи да биде нападнат од Рокан. Тој веќе му ги покажува забите и му ’ржи. Забележувајќи го тоа, Моно го скротува и го кара како што се кара куче: Цук! Мук! А потоа му шепоти доверливо: – Фифи е донжуан чие искуство треба да се почитува и по можност да се искористи. Тој би можел со совет или со конкретна акција да го олесни нашето приближување до госпоѓата. Илија следи што се случува, трпеливо го кали својот бес и го чека својот момент. Крадоубиецот ја користи ситуацијата и краде ракиени чаши. Фифи е замолен од Моно да раскаже за својот најнов успех кај жените. Тој тоа ќе го стори на драго срце. Негов интерес во последно врме биле провинцијалките, патријархалните жени. Како шоу-бизнисмен тој почнал да продира и во провинцијата. – Таму владеат ропски односи и чекан сум таму од жените како ослободител. Повеќе од тоа – како спасител! А да се биде на ниво на спасител, покрај талент, култура и образование, потребно е да се има и висока општествена свест. – Разбирам, разбирам! – вели Моно. Само не разбирам зошто е, сепак, потребно образование за да се освои една жена. Па макар и од патриотски побуди. И какво образование е нужно? – Образованието е неопходно, особено ако се работи за провинцијалка. Впрочем, мојата улога не е да освојувам, туку да ослободувам. На тој начин, како што тоа го правел и францускиот Император, јас всушност и освојувам. Од делот што ми припаѓа, се разбира, не се откажувам. Но главно ослободувам. А за да можам успешно да си одговорам на задачата, потребно е да располагам со знаење. Најмногу од областа на историјата и психологијата. – Зар и од историјата?! – Да. Историјата на секој оној кој со знамето на ослободител освојува или, сеедно, кој со знамето на освојувач „ослободува", му е учителка. Тргнувајќи во поход кон жената на нашиов век, јас морам да ја познавам неа од поминатите векови. А како психолог, да ги познавам нејзините тврдини и нејзините слаби места. И откога со своето знаење ќе му го отворам патот кон жената на војникот во мене, тој веќе ќе знае да си ја врши работата. Без претерување и без лажна скромност себеси се сметам за Шекспир на женската душа, а за Наполеон кога е во прашање нејзиното тело. Моно воодушевено почнува да ракоплеска. Фифи добива полет и, откога се напива уште една чаша жесток пијалак, патетично продолжува: – Жена! За мене не постои тој проблем. Таа загатка за мене е решена. Без разлика на вера, нација, класна и сталешка припадност, за мене жената е жена и секоја е моја која ќе ја посакам! Моно пак воодушевено аплаудира. Фифи, божем од скромност, со гест се оградува од аплаузот и продолжува сега посмирено, но пак фалбаџиски, само на подруг начин: – Како што реков, сега сум ориентиран на подрачјето на патријархалките. И тоа од хумани причини. Од чисто милосрдие! На тоа подрачје владее ужасна тиранија, терор и мракобесие! На тоа подрачје жената итно треба да се спасува! Тоа е еден акутен светски проблем. – О, да, да! – се воодушевува Моно. – Кога ние би дошле на власт! Кога ние би го воделе светот! – Прво и прво, – го дополнува Фифи – би ја урнал постојната култура како Бастилијата на времето што се уриваше. Денешнава култура е страшилиште за човештвото! Сè што произлегува во нејзино име во вид на закон, не е сообразено со човековата природа. Сè што од неа произлегува е забрана. Милиони забрани на човековата слобода! Забрана на човекот! – И во името на што? – му асистира Моно. Во името на предрасудите, во името на религиите. Треба да се најде нова религија во името на укинување на сите досегашни. Новата религија треба да произлезе до верувањето во тоталната слобода на човекот. Илија го сосредоточил сето свое внимание на Фифи. Го втренчил погледот во него. Кај него сосема е созреана идејата жестоко да го натепа, и сега го чека најпогодниот момент. Фифи, занесен во своето прикажување, возгордеан, опијанет колку од алкохолот толку и од самољубието, не само што не може да ги проѕре неговите намери, туку престанува да го забележува; а веројатно и поради впечатокот што самиот Илија го предизвикува кај него за себа како за наивен човек. – Да не ги започнуваме тие филозофски теми! – му вели Фифи на Моно пак со онаа лажна скромност. – Предлагам да го ограничиме разговорот на провинцијалките. Токму со една таква ја имав мојата последна авантура. Моно се согласува. Тој се однесува како ученик спрема учител. Фифи: – Формулата до која имам дојдено проучувајќу ги, гласи: Секоја од нив сака или тежнее да има љубовник. Значи, сака да се здобие со она што провинцијалниот морал најригорозно го забранува. Да ѝ се овозможи тоа на провинцијалката значи да ѝ се овозможи слобода. – О, да, да! – се согласува Моно. – Дозволете! – го прекинува и, насочувајќи го својот поглед кон Благородна, продолжува: – Денес, за жал, сè уште има многу жени кои влечат ропски синџири. Или кои страдаат од комплекс на вина поради тоа што ги отфрлиле. Во тој однос дваесеттиот век е сè уште век на ропски односи. – Фифи е пророк! – неочекувано силно се провикнува тој. – Творец на нова религија! Нему треба да му се подигне паметник! – Не! – се противи Фифи. – Мојата дејност е строго анонимна. Така диктираат условите. И уште долго, во интерес на делото, треба да остане таква. Паметници мои се моите дела. Многу жени ме имаат подигнато до идол во своите срца. Тоа го стори синоќа и поштенската службеничка. – Која е таа? Која е? Раскажете! – се интересира Моно со болна љубопитност. – Таа е Икс, Ипсилон! – одговара Фифи. – Анонимноста во мојата дејност е начело. Што не значи дека нема да прикажувам за неа. Но не инсистирајте на нејзиниот идентитет. Нема да биде разоткриен! – Значи? – Значи, таа била жена со совршена надворешност, особено впечатлива со облиците на своето тело, ама и со достоинственост и скромност скоро монашка. За неа станало збор во друштво. Повод? Таа поминала со својот сопруг, исто така поштенски службеник и солиден граѓанин, покрај кафеаната во која било седнато друштвото. Еден од „нашите" нафрли, меѓу другото, дека таа уште како девојка била скромна, одлична ученичка, многу начитана. Оддавала впечаток на многу позрела од своите врснички. Поради кои причини не го продолжила школувањето по завршувањето на средното училиште? Веројатно поради скромната материјална положба на нејзините родители и, уште поверојатно, поради тоа што веднаш по матурата ѝ излегла „прилика" да се омажи. Во прашање бил човек не многу постар од неа, со високо образование, на висока функција во поштата, во секој однос солиден и скромен граѓанин. Вие го знаете граѓанското значење на зборовите, „солиден" и „скромен". Значи, човек кој е способен да стори совршени услови за среќен брачен живот – но во рамките на едно семејство со деца, на едно семејство во кое жената е готвачка и перачка, доилка и дадилка, во кое за жената постојат безброј забрани, а никакви лични слободи. – О, не, не! – не може да не се вмеша Моно. – Мразам такви бракови. Јас сум за слободен брак, за брак во кој сопружниците ќе немаат наситка од слобода! Зборувајќи, тој е, се разбира свртен спрема Благородна. Оваа не го следи со поглед, но според нејзиниот израз тој заклучува или вообразува дека таа му дава на знаење оти го слуша и оти не е незаинтересирана за тоа што го зборува; дека, како и секојпат, го разбира и она што тој, поради присуството на Илија, јавно не го кажува, а кое е всушност главно; дека уште не се решава по неговите предлози, што не значи дека во згоден час нема да се реши. Моно се охрабрува. Тој добива вонредно расположение. Му се извинува на Фифи што го прекина во раскажувањето и го замолува да продолжи. Фифи продолжува: – Сè што може да даде семејството, поштенската службеничка го има во полна мера. Ама тоа се знае, ни оддалеку не е сè. Нема жена што смета дека надвор од семејството не постојат благодети. Ама за најголем дел од жените тоа се забранети плодови. Всушност, меѓу нив постојат такви кои сами си ги забрануваат тие плодови, и други, според мојата стручна проценка, претежнуваат – на кои им ги забрануваат. За многу од едните и другите „плодовите" се само на дофат од нивните раце, ама не смеат да посегнат. Тие се вистински маченички. Да има некој да ги охрабри, да ги поттикне, со само едно посегнување би се здобиле со благодетите на непојмливата слобода. – О, да, да! – пак се вмешува Моно. Тој прави чекор кон Благородна и ѝ вели: – Сè е во тоа посегнување. Сè е во едно единствено движење! Многу од нив ја упропастуваат својата младост во недостиг на смелост да го направат. Фифи не му забележува на Моно што му се вмешува во зборот. Тој трпеливо го чека да се искаже, гледајќи во него свој обожавател. Потоа продолжува: – Јас ќе бев склон да верувам дека поштенската службеничка спаѓа во редот на оние кои „сами си забрануваат" и кои тешко се решаваат да „посегнат", ќе бев склон, велам, ако, меѓу другото, од познавачот на нејзината младост не излезе на видело дека таа уште како девојка, и покрај нејзината „скромност", имала тајна љубовна авантура. И тоа со кој? Со еден општествено компромитиран млад човек, со еден „хулиган". со еден немилосрдно жигосан од јавното мислење со жиг на срамот со кој денес е жигосана мојата младост, а и вашата, драги наш Моно, и на други наши соплеменици. Своевремено како еретик бил жигосан и еден гениј каков што беше Галилео Галилеј! Имало и такви кои биле дури и спалувани. Сеедно што работеле во други области. Сите ние сме херои маченици и крајните цели ни се исти – слобода на човекот! – О, да, да! – Меѓутоа, признание од современиците нема! Место признание, презир и осуда! Признанијата доаѓаа подоцна. Од другите генерации. И како што денес, обилно користејќи се со плодовите на маченичкиот и творечкиот живот на тој „еретик" Галилео, му подигаме нему паметници и му пееме слава, така утрешните генерации ќе го фалат и ќе го опеваат нашиот „хулиган". Ќе му го отстапат печатот, радиото, телевизијата. Ќе направат од него идол за младината. Светец на една нова религија. Според тоа, горе главата мој Моно, иднината нам ни припаѓа! – Мора да биде така! – вели Моно и, свртен спема Благородна, високо ја исправува главата заземајќи важна поза. Илија трпи. Докторот и Благородна не го испуштаат од очи. Кон него фрла погледи дури и Мара. Но тој трпи. А што се однесува до поштенската службеничка, – продолжува Фифи – како човек од талент и искуство, јас веднаш оценив за каков тип жена се работи. За жена-крадец. Она што и го дава солидниот граѓански брак, тоа за неа е малку. Таа има поголеми желби, поголеми апетити. Но живеејќи во едно царство на глупоста, таа и самата се преправа во девствена глупачка. Ама постојано дебне згодна прилика за миг макар да ја фрли маската, да се ослободи од лагата и да пламне гола во својата вистина. – О, да, да! – Згора на тоа и младешката авантура има оставено последици во неа. Хулиганот светител го има зафатено целото нејзино суштество. Дури и тогаш кога солидниот граѓанин се труди во постелата за своето проклето потомство, светителот ја има неа во својата рака. Неочекувано од Моно избива грозна смеа која доаѓа неочекувано дури и за него. И да сака да го сопре не може. Грозно се кикоти. Сите од таа смеа се чувствуваат непријатно. Освен Фифи. На неговите усни игра триумфален насмев на човек кој штотуку победил. Неочекувано нему му се спротивставува Мара: – Тоа што го прикажувате е штетно за луѓето што ве слушаат! – му вели. – Вие внесувате збрка во поимите за доброто и злото. И самиот сте збркан, загрозен. Се замислувате за херој. Си вообразувате дека сте филозоф, моралист. А сте никој и ништо. На тоа морам да ве потсетам. Неостварен интелектуалец. Неспособен за секаков вид работа. Паразит. Вам ви е потребна душевна нега. Треба да доаѓате кај мене на исповед како што доаѓавте порано. „Мара е наивна – мисли Илија. – Неа ја крадат и ја мамат. Таа тоа не може да го увиди. И многу други очевидни работи, обични, ситни не може да увиди. Меѓутоа, ги гледа крупните, важните работи. Браво, Маро, браво! Затни му ја муцката на овој богохулник!" – Погледите што ги изнесувате – продолжува Мара да го раскринкува Фифи – се штетни, опасни. Вие божем се залагате за еманципација на жената и, воопшто, на човекот. Вие сте за слободен човек, а уште немате расчистено со поимот слобода. Слободата подразбира права и должности. Вие не ги признавате должностите. Дури и редот на џунглата е поснослив од овој што вие го проповедате. – Аха! – цинично ѝ возвраќа Фифи. – Значи, боли! Значи вистината боли! Значи вистината не може да се поднесе! Се разбира дека секој не може да ја поднесе и затоа се измислуваат илузии, лажни претстави за слободата. Не мене, а вам изгледа ви се потребни исповеди, психоанализи. Ама не грижете се, – иронично ја парафразира – јас одгледувам во вас огромни н а-д е ж и! Денес се омаживте, а утре ќе побарате љубовник! Ви гарантирам! А тоа што сопругот ви е нем и слеп, тоа ќе умеете добро, добро да го искористите! Мара е силно погодена. Сака да се спротивстави, ама јадот ја гуши в грло и не може да дојде до збор. Инстинктивно погледнува во Илија за помош. Овој го дофаќа нејзиниот поглед и си мисли: „Ќе му се плати во полна мера! Ама сакам да го пуштам за да видам до каде ќе стаса со своите хули!" Моно го замолува Фифи да го продолжи раскажувањето, зашто бил на границата од својата трпеливост. – Што се случи понатаму? – го прашува. – Како постапи спрема поштенската службеничка? – Како можев да постапам! – одговара тој. – Така како што ми налагаше мојата висока свест и мојата витешка чест. Се смилостив над таа страдна жена, сестра наша, и еден ден ѝ присталив и ѝ кажав кој сум, и што можам да сторам за неа. Таа бараше уверување за полна дискреција. Се разбира, ѝ дадов уверувања во изобилство. Што се однесува до местото и времето, таа сама реши – истата вечер во запуштениот двор на поштата во еден расходуван поштенски автомобил. Од него можеше да се гледа просторијата во која нејзините колеги конферираа. „Солидниот" граѓанин претседаваше. Грозната смеа на Моно пак избива од него. – Кој прашуваше овде – повторно се интересира Фифи – која е причината за мојата настинка? Синоќа беше свежо. А јас, како што сами гледате, морав да се жртвувам. Трпението на Илија е при крај. Тој станува. Ама неочекувано пред Фифи се створува Чопела Џганов. – Лага е во прашање! – категорички му изјавува. – Кој е овој човек? – се интересира Фифи кај Моно со по малку навредено самољубие. – Божем некаков филозоф! – дискретно го известува Моно. – Лага е во прашање! – повторува Чопела. Фифи погрешно го сфаќа. – Тоа што го кажав е чиста вистина. Ама изгледа и за вас, кој сакате бидете, таа е запурничава и не можете да ја проголтате. Сега со изгубена трпеливост, а и охрабрен од запуштениот изглед на Чопела: – Кој сте вие воопшто? – Лага е во прашање! – му потретува Чопела со спокоен, ама цврст глас. – Вие на една лага и спротивставувате друга. На Христос, Анти-Христ. Уривате еден морал, воспоставувате друг. Кралот е мртов, да живее кралот. – Овој човек овде – продолжува Чопела со својата критика, но сега обраќајќи му се на Моно – во името на слободата ја фрлил поштенската службеничка од едно друго ропство – потешко и поцрно! Од една психолошка ситуација во друга – поочајна од првата. Всушност ѝ ги засилил емоционалните жаришта. Ја фрлил во пеколен оган! А не се во прашање еротски интереси. Не! Во тој однос тој и таа сосема се инфериорни. Фифи сака остро да реагира, ама Џганов го надвикува: – Во прашање е лага! И кај него и кај неа! На подрачјето од сексот лагата се пројавува во сиот свој елемент. Фифи пак протестира, ама Чопела воопшто не го слуша. – Да, – продолжува тој да му го разјаснува случајот на Моно – поштенската службеничка не е задоволна од она што го нуди граѓанскиот брак. Таа има далеку поголеми апетити. Неа не може да ја насити оној дел кој ѝ припаѓа од петте сомуни со кои Христос нахрани пет илјади луѓе. Таа не може да се задоволи со една стара лага врз која две илјади години се темели еден морал. Таа бара нова лага – посилна. И еве доаѓа овој шпекулант да ѝ ја понуди. Доаѓа Анти – Христ со празна стомна да ја изгасне жедта на луѓето за вистината. Уривајќи еден стар морал, една стара лага, овој шпекулант овде врз основа на празната стомна предлага нов морал, лиферува нова лага. Фифи е збунет. Темелите на неговата сомоувереност се сосема разнишани. Во својата збунетост постојано прашува за Чопела: Кој е овој? Кој е овој? – Да, – продолжува Чопела – во чинот на лагата е неговото и нејзиното задоволство. Лагата е она што ѝ е потребно на неговата поштенска службеничка. Расходуваниот автомобил, како што тој би рекол: местото на нивната љубовна средба што всушност не е; се е, но нè е место на љубовна средба!, тоа е место на нејзиниот морален злочин! И тоа не било случајно одредено; тоа место било смислувано и мечтаено. Било смислувано и мечтаено да се измами не само сопругот, туку и сиот свет! Лагата е духовната храна на луѓето! Главниот импулс што ги движи напред. Напред! Напред! Тоа е зборот што ќе го изневери човештвото, подло што ќе го измами! Се е лага! Се е лага! Потоа на Моно, на уво: – Овој човек овде, овој Фифи, има нос за лагата, и тргува со неа како што се тргува со опојна дрога. Но лошо, аматерски, шпекулантски. И на ситно. Не е тој за вас. Вие треба да си ангажирате професионалец. Сиот збркан, одеднаш на Фифи му доаѓа спасоносна идеја со која смета дека ќе се извлече од неудобната ситуација во која го воведе Чопела Џганов. – Ако зборот „лага" е вистинскиот термин за моето учење, тогаш да живее л а г а т а! Тогаш лагата е мојата вистина. Сега Илија смета дека е крајно време да ја преземе ситуацијата во свои раце. – Која лага? – му се обраќа на Фифи, мрзливо изговарајќи ги зборовите, гмечејќи ги. – Онаа која ви е средство или онаа која ви е цел? Фифи одеднаш пак се збунува. Пак ја губи самодовербата. Сега него го збунува и погледот на Илија што се устремил на него. Веднаш може да се заклучи дека тој поглед не му ветува ништо добро. А и насмевката на неговите усни која е сува и саркастична. Илија сè така спокојно, но прецизно, повторува еден дел од прашањето: – Онаа која ви е средство или онаа која ви е цел? Фифи се обеспокојува. Сака да го оттргне својот поглед од неговиот, да го сокрие, ама Илија упорно го гони сè додека не му го фаќа и не му го приклештува. Му бара одговор на прашањето. Фифи е очаен, Со задоцнување доаѓа до сознание дека погрешно го оценил Илија, дека го потценил, дека себеси се натценил, дека се измамил, дека е жртва на некоја опасна самоизмама. Илија по третпат, сега со сериозна доза на закана, му го поставува на Фифи истото прашање. – Ако не верувате, – му вели овој, брзајќи да го разувери во неповолните заклучоци што тој изгледа ги направил за него, а пред сè да го расколеба во очевидно лошите намери – ако не ми верувате и вие јас би можел да ви ја препорачам таа жена, и самиот да се уверите. – Не е прашањето во тоа дали јас ви верувам во она што го расправавте или не, – јас лично ви верувам – прашањето е, повторувам, која лага е вашата вистина? И како воопшто може лагата да биде висти на? Ценејќи по разговорниот, нешто полемичен но спокоен тон со кој Илија се произнесува, Фифи е спремен да заклучи дека тој сака да дискутира, дека во прашање е принципиелно несогласување. Меѓутоа, неговиот поглед што прецизно ја држи на нишан и сувата саркастична насмевка што му игра на усните, силно го обеспокојуваат. За него е сè поочевидно дека Илија му има смислено некое зло и дека е цврсто решен лошата мисла да ја спроведе во дело; само чека погоден момент. Фифи помислува на Рокан, сака со поглед да го замоли Моно овој да ја издејствува неговата заштита, ама Илија не му го пушта погледот. Фифи затреперува од страв. Од неговата самоувереност не останува ништо. Чувствувајќи ја опасноста за непосредна, а не знаејќи како да одговори на прашањето до кое Илија упорно држи, прави обид да му се додвори нему со ласки: – Вие сте човек – му вели – со впечатлива надворешност. Поштенската службеничка би била ваша само кога би ѝ мигнале со око. – А дискретноста? – доаѓа неочекувано, незгодно прашање. Илија и понатаму зборува со љубезен тон. Ама Фифи повеќе не верува во неговата љубезност која е волчја љубезност. – А вашите високи цели? А вашата рицарска чест? Фифи е сосема притиснат. Лошата намера на Илија сега јасно му се чита во погледот. Во прашање е само моментот на нејзиното реализирање. Докторот е возбуден. Тој со нетрпение го очекува мизерниот крај на Фифи. Ги трие рацете од задоволство. Моно го убедува Рокан нешто да преземе, да го спречи Илија во намерите. Тоа го прави не зашто сака да го спаси Фифи – тој веќе го напуштил, неговата величина се распрсна пред неговите очи како меур од сапуница, туку зашто смета дека моментот е особено погоден да ги спротивстави Илија и Рокан. Ама Рокан одречно врти со главата. Нема волја да го заштитува Фифи. Фифи е во изгубена положба. Нема кој нему да му помогне. Единствено Мара, можеби. Во нејзиното срце нема омраза спрема него и покрај грубите навреди што и ги нанесе. Но што би можела таа да стори? Единствено што би можела, и тоа, се разбира, ќе го стори, е да му излезе во пресрет дури откога тој ќе стане жртва на Илија. – Колку малечко носе имате! – му вели Илија. Зборува сè така кротко, ама по малку почнува и да му потшкрипнува со забите, и да му фрла по некоја гневна искра од очите. – Каков маж сте со толку малечко носе? – го прашува. А потоа: – Слушајте, вие! – го предупредува божем пријателски. – Вас ќе ве заколе некој љубоморен маж! Некој „скромен". Тие само навидум се скромни, а во суштината се крвопијци. – Не, јас сум крајно претпазлив – инстинктивно се брани Фифи. Во него светнува зрак на надеж. – Ќе ве заколе кога ви велам! – му се врекнува Илија. – А таквите нестручно колат. Ужасно боли. Имаме ние тука еден професионален убиец. Многу стручно ќе ве заколи. – Вие се шегувате! – му вели Фифи, сакајќи да види шега во зборовите на Илија. Ама не може да види. Жално констатира дека само наивно паѓа во неговите стапици. – Земете го в нужник и заколете го! – му вели Илија на крадоубиецот кој се вртка околу една електрична ламба со цел во погоден момент да ја украде и да побегне. Крадоубиецот стрвно се спушта кон Фифи. Овој ужасно крикнува и почнува да бега. Ама каде? Право во прегратката на Илија. – Каде? Каде? – цинично го прашува Илија и му шкрипи со забите, ги „точи". – Ќе ти го скинам вратчето како на врапче! – му вели и му влепува неколку кратки жестоки шлаканици. Фифи ги склопува очите премрен од страв и се отпушта во прегратката на Илија. – Не ми се преправај! – му вели овој и му ја поткренува главата. – И јас добро си го познавам занаетот како и ти. И јас сум витез и имам витешка чест! И тој почнува жестоко да го удира не со тупаници, ами со шлаканици. Како „стручњак’: наоѓа дека Фифи треба да се тепа со шлаканици. Тие се со краток замав, ама многу силни. Фифи плаче со солзи. – Зошто? Зошто? – во еден момент успева да праша. – Зашто да ти пукнат! – му одговара Илија. – Она што го кажував навистина се случи! Не беше лага! – Токму затоа и те тепам! Мара стои во нивната близина и чека Илија да заврши, па да ѝ притекне на жртвата во помош. Крадоубиецот смета дека моментот му е да ја украде електричната ламба. Тоа вешто го прави и, незабележан од никој, излегува. Кога Илија смета дека доста го тепал, го крева Фифи и го фрла пред нозете на Благородна. Овде, пред неа, го згазнува и ѝ вели: – Кога би ја дофатил мојата жена, ако биде среќа да се женам, кога би ја дофатил, велам, со овој човек, со овој Фифи, би ја усмртил од ќотек. Најмногу зашто си дозволила да легне со еден мрсулко, покрај златен маж! Тоа е негова немилосрдна пресметка со неа. Таа не смее да ги поткрене очите и да го погледне. Ама тој ѝ ги бара. Таа не сака, но не смее да не му се покори. Откога ја добива, со очите почнува да ја соблекува и пак со очите да ѝ кажува дека се грози, гледајќи ја во поседство на Фифи кој ја злоупотребува нејзината женственост на најпонижувачки начин. Моно предизвикувачки се смее: Хи-хи-хи! Благородна моли да ѝ биде простено целото нејзино минато. Му кажува дека и самата се срамува. Илија сега ја гледа право в очи, проникнува во неа, ѝ кажува, ја потсетува што може тој во еротскиот чин да направи за неа, што може да ѝ даде – целиот себе, своето постоење – и што може да прими од неа – целото нејзино постоење. Нешто што овие немоќни луѓе околу неа, овие полулуѓе не можат ни да го замислат; овие површни луѓе кои многу ветуваат, а ништо не даваат зашто немаат што да дадат, а не се во состојба и ништо да примат зашто немаат длабина во себе, немаат душа. Овие измамници и самоизмамени! – Ете, зошто би ја тепал! – вели. – Заради лагата. Моно пак предизвикувачки се смее: – Хи-хи-хи! Смешно е – вели – кога еден човек со физичка сила сака да ја спречи жената во нејзините намери. Илија му испраќа убиствен поглед. Моно бара заштита од Рокан, затскривајќи се зад него. – Нели е така Рокане? – го прашува. – Нели е смешно кога еден човек се обидува да ја добие согласноста на една жена со силата на своите раце? Зар рацете тука решаваат? Илија, на тоа: – Нека престане да се клешти оваа бедна креатура, оваа восочна фигура! Моно сè така предизвикувачки: Хи-хи-хи! Тој цели да ги фрли двајцата, Илија и Рокан, во „оган", па да се реши еднаш победникот. А смета дека моментот сега е особено погоден. Илија е навистина предизвикан. Со бес преточен во горчлива иронија, а спремен и за пресметка со Рокан, тој му вели на Моно: – Прво и прво, вие не сте научиле како еден човек треба да се смее! Не: Хи-хи-хи, туку: Ха-ха-ха! Жените се едно, мажите се друго, ако не сте имале можност тоа досега да го знаете. Тие се смеат со ХИ, а ние со ХА. Ако сте жена, тогаш извршете ги нужните поправки на тие панталони што ги носите и не правете непотребни забуни! Моно, навреден, со пискотлив грозен глас протестира отворено барајќи ја заштитата на Рокан. – Рокане! Рокане! – вика. – Овој човек ме навредува! Донеси му го умот! – Молк! – му викнува Илија со страшен глас. – Ништо не те спасува! Ќе видиме сега го поседуваш ли знакот на машкоста или не! Дај да ги поттурниме тие твои панталони! Како змев тој се спушта по него. Моно хистерично ја бара помошта на Рокан. Ама овој не интервенира. Тој и понатаму си седи спокоен и пуши. Лазејќи четвороношки Фифи се извлекува од собата. Илија е упорен во својата намера спрема Моно. Овој нè се дава, прета со нозете. Таа сцена многу го весели Величко. Докторот уште повеќе. Тој липа од радост. Спремен е дури и да му помогне на Илија, ама се плаши од Рокан. – Е, што најдовте? – прашува кога Илија го пушта Моно. – Не може да се допре до местото – му одговара Илија. – Носи женски здолништа. Докторот се превиткува од смеа. – А со „песот" што правиме? – го прашува тој својот сојузник, упатувајќи го со поглед на Рокан. Всушност и тој се обидува, како и Моно пред некој час, да ја предизвика решавачката пресметка. Илија лесно ја подразбира задната намера на докторот, па го прекорува: – Немојте да бидете со мене нечесен! – му вели. Докторот веднаш ја признава својата грешка. – Извинете! Јас многу ве почитувам. Имам во вас полна доверба. Вие за мене имате многу сторено. А, уверен сум, уште ќе сторите. Илија го слуша површно. Тој сега сиот е сконцентриран на Рокан кој доби неотповиклива наредба од Моно веднаш да влезе во решавачката пресметка. Не пропушта да го следи ни еден миг зашто се работи за силен човек кој може да ја реши борбата со еден единствен ненадеен удар. Рокан бавно станува. Му фрла на противникот тежок поглед. Илија му враќа. Прилично долго се гледаат право в очи. Си ги испитуваат силите. Моралните сили. Решителноста. Храброста. Се заплашуваат. Си упатуваат смртни закани. Во собата владее тишина. Секој го затаил здивот. Дури и животните што се насобрале пак околу прозорците. Се слуша само брмчењето на бумбарите што ги надлетуваат противниците. Марко е силно возбуден. Чувствува голема омраза спрема Рокан. Би се нафрлил на него и би го раскинал. Ама се воздржува. Дури и кога Илија би ја изгубил борбата, тоа не би си го дозволил. Не би си го дозволил зашто знае што значи џентлменска борба. Значи, во оваа ситуација тој ништо друго не може да направи за својот пријател, освен да му посака победа. И тоа од сесрце му го посакува. Дуелот е закажан и нема повеќе отстапување. Еден ќе победи, друг ќе биде победен. Тоа го знае секој. Тоа го знае и Мара. Тоа го знае и Благородна. И двете прават по чекор-два кон противниците во желба да застанат меѓу нив и да ги спречат во намерата. Само чекор-два и ништо повеќе. Знаат дека не само што нема да ги спречат, туку можат да им наштетат; всушност да му наштетат на Илија на тој начин што ќе му го привлечат вниманието и така ќе му овозможат на Рокан прв да зададе удар. Илија: – Значи, се интересирате, докторе, како ќе постапам со овој бесен пес? Докторот веднаш му оди на рака: – Да, да! Баш ме интересира! Тој се радува како дете што се радува на доаѓањето на постар брат да ја расчисти сметката со неговите посилни противници. Илија, не испуштајќи го ни за миг Рокан: – Се знае како се постапува со бесни пци. Се ликвидираат. Нели? – Да! Токму така! А потоа на кучешките гробишта! Докторот пак интригира, се смее извештачено со цел да ја наелектризира ситуацијата. Рокан ниту да претне. Сега нему му е редот да се обиде да го исплаши Илија со зборови. Му вели: – Така ќе те удрам в чело што ќе ти ја растурам главата! Еден силен човек тоа да му го рече на друг исто така силен човек е ужасна закана. Гласот на Рокан е железен, без ниедна пукнатина. Тој сака со една реченица да го реши двобојот. Ама веднаш се покажува дека неговиот обид е меч со две острици. Илија не само што не се исплашува туку, напротив, жегнат, се штрекнува, се мобилизира и решава од зборови да прејде на дело. И истиот тој миг Рокан, без да биде удрен, е победен. Сфаќа дека ако го прифати двобојот, наредниот миг ќе биде кутнат. Чувствува смртна опасност. Повеќе инстинктивно отколку свесно се обидува да го спаси животот, а нешто, по можност, да спаси и од честа. Тој седнува и вели: – Лесно му е нему кога има бокс! – Ах! – викнува Илија, навистина разочаран, како предизвикувач што не добил сатисфакција. – Овој ти бил плашливец! – Дрсло! – вели докторот, упатувајќи му на Рокан надмен поглед. – Одложете го боксот! – му предлага тој на Илија, уверен дека на тој начин кукавичлукот на Рокан ќе се докаже наполно. Илија: – Не е во прашање боксот. Јас на него ниту сметав. Можам да му го отстапам, ама ќе нема фајде! – Да се обидеме! – интригира докторот. Илија го вади боксот и го фрла покрај Рокан. Моно со напнато внимание следи како овој ќе постапи. – Рокане! Рокане! – го поттикнува како што се поттикнува куче. Рокан не смее да посегне. Тој ниту го погледнува боксот. Моно му упатува сега презриви погледи. – Идиот! – му с’ска низ заби. Неочекувано докторот почнува да се смее. Од срце. Тоа всушност задоволштината во него од моралниот пораз на Рокан се јавува во вид на смеа. Илија, пак, не е задоволен. – Штета! – вели со искрена сожалба. – А одгледував слатки надежи во овој двобој. Сметав дека, со оглед на неговата сила ќе ми зададе некој удар, па така ќе ме предизвика да го испретепам како никој досега. Во таа борба очекував да се замеша и овој Моно, оваа беда од човек! Очекував за време на борбата подло, од зад грб, да ме удри со некое шише. Па и со него потоа да ликвидирав. Ама ништо од сето тоа. Моно е крајно разочаран поради капитулантсвото на Рокан. Чопела цени дека дошол неговиот момент и му се приближува. – Господине, – му шепоти – она што го изгубивте со Рокан, повеќекратно можете да го надоместите со мене. – Како тоа го мислите? – го прашува Моно. – Во која смисла? – Па во смисла на тоа што, меѓу другото, јас госпоѓата и психолошки би можел да ја обработувам и да ја подготвувам за вашите специфични и истенчени барања во љубовта. Зашто и јас сум пес. Писателот Чуле иако мој соперник, тоа морам да му го признам, добро нè откри. Но, за разлика од Рокан, јас сум пес интелектуалец на кој вештината за психолошко делување му е добро позната. Сега сум слободен, уличен и барам стопан. Чопела не дочекува да му се одговори, зашто од зад грб му приоѓа Илија, го фаќа за јака и грубо го отстранува од Моно. А и однесувањето на Рокан е неприлично. Неочекувано за Илија, тој си запалува цигара. Се чини дека е спокоен. Илија размислува: Така не би смеел да постапува еден поразен човек. Ако му се дозволи такво однесување, може даја злоупотреби приликата и да се оправда потоа, пред сè кај Моно, дека не бил поразен, дека не се исплашил, но дека од низа оправдани причини не го прифатил двобојот. За да не се случи тоа, треба да се понижи докрај. Кога му се простува физичката казна, не смее да му се прости и моралната. И докторот изгледа доаѓа до таков заклучок. Му вели на Илија: – Забранете му да пуши! Веднаш потоа на Рокан: – Ајде, гаси ја цигарата! – Гаси ја! – му вели и Илија. Рокан знае што значи тоа. Знае дека наредбата е неотповиклива. За да го одбегне директното понижување, да не ја исполни наредбата, спремен е да ја напушти собата и да си оди. Но од страна на Илија доаѓа нова наредба: – Не смееш ни да излегуваш! Рокан го погледнува. Намерата на Илија е јасна: или физичка пресметка или тотален морален пораз! Никаква отстапка од милосрдие не доаѓа предвид. Секој лукав обид да се извлече неказнето ќе повлече остри последици. Рокан бара сили и храброст во себе. Знае дека моралниот пораз е потежок, дека поради него ќе го изгуби Моно, со него Благородна и сите привилегии што ги ужива кај него. Ама не наоѓа кај себе ни храброст ни сила да му се спротивстави на Илија. И овојпат не му останува ништо друго, туку да се потпре на лукавоста и да го спаси она што може да се спаси од угледот. Ама тоа што го постигнува е повеќе од бедно: само една иронично горчлива насмевка на лицето – нешто меѓу горчлива насмевка на поразен човек и иронична насмевка на паметен човек кој отстапува пред заканите на лудиот. Токму со таа насмевка тој се враќа на своето место и ја изгаснува цигарата. Притоа си ги облизнува муцките, исушени од претрпениот страв. Тоа е сатисфакција за Илија, ама не полна, зашто Рокан пак се обиде да се извлече. Докторот се наоѓа во исклучително расположение. Тој триумфира. Во пресметката со Рокан е безмилосен – го исмејува в лице. Така се покажува дека за тој човек носел огромна омраза. Сега му одмаздува. Тоа е одмазда на еден слаб човек спрема еден силен што го понижувал; ужасна одмазда по која слабиот човек ќе се почувствува уште послаб. – Еј, ти! – му вика докторот на Рокан и се смее грдо, неприродно; како да не е при себе. – Престани да си ги облизнуваш муцките! Доста со таа навика на пците! Со тие трикови за привлекување на жени! Илија го забележува погледот на Рокан насочен кон Благородна. Неговата насмевка сега му дава изглед на човек над кого се спроведува терор поради тоа што бил и е супериорен над еден друг човек, над докторот, во однос на една жена – на Благородна. Таа супериорност му пречи и на трет – на Илија. Меѓутоа никаков терор во тој однос не ќе ги измени силите. На тоа подрачје од животното поприште тој си е победник. Победничката насмевка на таквиот победител никој со ништо не ќе може да му ја избрише! Илија смета дека Рокан се држи претерано дрско. И затоа решава уште веднаш и на лице место да му ја избрише „победничката" насмевка. Му се приближува со стегнати тупаници и му дава можност да напаѓа или да се брани. Насмевката од лицето на Рокан истиот момент исчезнува. Тој знае дека згреши и дека Илија доаѓа да го казни. Станува. Илија за момент се преправа невнимателен, речиси му го понудува своето лице. Рокан во тоа гледа своја шанса и замавнува. Ама истиот момент знае дека е подлаган. Пред тукушто ќе биде удрен, прави една ужасна гримаса; сака да крикне, ама не стигнува; стигнува само да зине. Ударот е ужасно силен. Рокан паднува покосен. Но бидејќи е многу јак, не се онесвестува. Веднаш станува и, смртно исплашен, побегнува низ врата. Докторот истрчува по него. Се слуша како тупотат скалите од брзите чекори на Рокан. Се слуша и гласот на докторот кој му порачува уште еднаш да не го види да се вртка околу неговиот дом, воопшто да не му излегува пред очи, зашто во спротивно ќе се најде на кучешките гробишта. Докторот се враќа, сè уште вртејќи со главата заканително и мрморејќи под нос. За подолго време во собата никој ништо не вели. Сите се потресени и замаени од ужасниот удар на Илија. Како да паднал гром. На Величко му се тресат вилиците и му ѕвонат забите од страв. Дури и самиот Илија се чувствува некако незгодно. Има еден непријатен впечаток дека сите го чувстуваат за омразен, за некакво страшилиште. Марко е покрај него, тој му ја гали главата, ама и кучето како да го одбегнува неговиот поглед. Докторот само се чувствува удобно и весело. Неговото расположение е во спротивност од општото расположение. Тој налева пијалак во две чаши. Една му ја понудува на својот „сојузник". Сигурно за да ја прослават победата. Илија одбива. Нему му пречи однесувањето на докторот. – Не можам да се изначудам со вас, докторе! – му вели со една сува иронија. – Зошто? Зошто? – весело го прашува докторот. – Сте се исушиле некако. А каков маж бевте! Кажуваат дека во свое време сте биле вистинска напаст за куќните помошнички! Докторот наеднаш се осознава. Наеднаш сфаќа колку е беден, понижен, слаб. Колку бил смешен кога изигрувал победник; смешен и жалосен! Му доаѓа една мисла дека Илија би можел да го отфрли. Се преплашува. Погледнува во него со исплашен поглед, му признава дека е ништожен човек и бара сожаление. Ама Илија е безмилосен. Иронијата му станува уште посува: – Кажуваат, исто така, – му вели – дека в кревет сте спиеле со две жени. Вистина ли е тоа? Докторот молчи. – Да, вистина е! – продолжува беспоштедно Илија. – И вие сте еден од лигавите! И вие на младини сте ги облизнувале муцките со јазикот, сте се служеле со такви трикови! Докторот ја наведнал главата и молчи. Илија го остава. Ги прекрстува рацете и во недобро расположение шетка по собата. Потоа застанува покрај библиотечниот рафт. Гледа во Благородна која ја наведнала главата. Тој сака да го добие нејзиниот поглед, сака да дознае како таа го прими поразот на Рокан. Не може да се ослободи од впечатокот дека на сите присутни, вклучително и на Благородна, им е омразен поради огромната физичка сила што ја примени врз еден човек. И тоа зошто? Заради една жена! Дали е тоа начин да се придобие една жена? Дали Моно и Рокан не се во право? Колку вреди една таква победа? Една таква победа е рамна на пораз! „Не!" – се разуверува Илија – Не е во прашање борба за една жена! Не! Тоа во никој случај! Во прашање е Благородна. А Благородна не е „една жена". Таа е повеќе отколку што може да значи која и да било жена, вклучувајќи ја тука и самата неа како жена. Само, дали може тоа таа да го разбере? Зошто не сака да ме погледне? Дали тие високи цели може да ги сфати? Тоа лудило во мене? Тоа лудило што ме фрла во ужасни борби? Пред Илија се појавува Моно кој трепери од страв, но очевидно решен и по цена на ризик да разговара со него. – Дозволете ми да ви се обратам! – му вели и започнува покорно да очекува одобрување. Илија го набљудува прилично долго со еден тежок омразен поглед. Најпосле го прашува? – Сакате да се тепате со мене? Моно брза да го разувери: – О, не, не! Одеднаш тој е полн со пофалби за него, а посебно за силата што ја покажа во дуелот со Рокан, за неговата вештина и за неговата фер борба. Потоа брза да се нафрли со грди зборови на Рокан. Безмерно го напаѓа пред с# како користољубив, лаком, нечесен. Нему мило му е што Илија го разоткрил и како кукавица. Моно брза да се потцени и себеси во смисла на тоа дека тој не е никаква сила и дека на крај на паметот не му паѓа да се бори со Илија. – Зар јас?! – се чуди. – Па вие би можеле со еден удар да ме ликвидирате! Каква сила сум ви јас?! Би можеле да дувнете и со здивот да ме уништите. Илија го гледа со презир. Му се грози што го гледа. Ама не презема ништо против него. Просто нема волја. Моно сега малку се охрабрува. Заклучува дека многу го загрозил своето достоинство во очите на Благородна па смета дека би требало да се обиде нешто да си врати од изгубеното. Ќе се обиде на грубата физичка сила од Илија да ѝ ја спротивстави својата духовна надмоќ. – Не, не! – вели. – Јас не сум ама никаква сила! Јас сум така нежен, суптилен! Една разнежена уметничка природа! Еден романтичар што се храни со поезија. Со поезијата на Пушкин, со поезијата на... – Доста! – му стрескотува Илија. – Пушкин не може да биде твој хранител! Не можеш ти да свариш таква силна храна! Немаш оган! Само заради дрскоста што го спомна неговото свето име, можам да те удрам! – Не, не!! – се ужаснува Моно; тој сега би побегнал, ама не смее да се реши да мрдне. – Проштавајте! – моли. – Извинете! Пуштете ме да си одам. Илија го склештил со погледот и не го пушта. – Како да те пуштам! – му вели и сиот трепери од лутина. – Зар ти би ме пуштил? Во некој фашистички логор со железна шипка би ми го истурил мозокот и би ми забранил да умрам додека со сопствените нозе не се изгазам себе! Шипките и воловските жили, продолжува, во меки и суптилни раце се најголемата свирепост што Пушкиновото слободарско племе ширум светот ја почувствувало и ја чувствува на својата кожа! Со огромни напори воздржувајќи се да не го нападне, тој му се обраќа сега без да го гледа: – Во рок од неколку секунди ако не ја напуштиш оваа просторија, не одговарам за своите постапки! Моно знае што значи таа закана. Затоа веднаш ја напушта собата. Ама по неколку минути пак се враќа. Всушност, пополека ја отвора вратата и ѕирнува внатре. Ја затекнува положбата неизменета. Илија само зел в раце книга и се преправа дека ја разгледува. Тој чека, всушност, Благородна да му пристапи. Така цени и Моно; и тоа што Благородна не му има пристапено, го охрабрува. Тој ја отвора вратата нешто повеќе и ја подава главата, спремен при првото движење на Илија, да побегне. Погледите им се сретнуваат. – Само неколку збора! – го моли. – Бидете фер како што бевте и досега. Да ѝ упатам само неколку збора, и сама потоа нека реши. Илија се преправа како да не знае на кого и на што се однесуваат зборовите на Моно. – Кој да реши – го прашува – и што да реши? – Знаете кој и знаете што! – му вели Моно. – Јас ништо не знам! – глупаво одречува Илија и почнува да се лути на себе. – Нека реши сама! – пак му вели Моно. – Мојот предлог ќе биде јасен и краток. Бидете фер како што бевте и досега! – Одете по ѓаволите! – му вика Илија, ама сега налутен повеќе на себе отколку на него. А и на Благородна не помалку. Можеби на неа најмногу; прво, затоа што не најде за згодно да му се приближи по судирот со Рокан и да му изрази задоволство што тој е победникот, а не победениот, и, второ, што таа и во овој случај молчи и не се противи на намерата на Моно да ѝ ги изнесе своите предлози. – Оди по ѓаволите! – му вика на Моно. – Изнеси ги твоите гнасни предлози – кој ти пречи! Нека ги чуе таа за која се наменети, нека ги прифати – никој не ја запира! И нека крши врат со тебе! Да не ве видам повеќе пред очи! Илија се завртува со грбот спрема Моно и Благородна и се загледува во книгата божем незаинтересиран за нивните „работи". Моно ѝ зборува на Благородна занесено, уверливо. Гласот му ѕуни, ама носовиот призвук во него го прави непријатен. Ѝ вели дека таа не може да му припаѓа само на еден, макар кој и да е тој, макар колку многу да му е наклонета. Тој алудира на Илија, но не смее да си дозволи да го изговори неговото име. Според нејзината природа и нејзината исклучителна убавина, таа треба и мора да им припаѓа на многумина. Да живее во брак со него, со Моно, не би и излегол пречка на нејзините желби. Нека биде на сите, ама и негова! Сите нака бидат нејзини, ама и тој. Такви услови кој ќе ѝ понуди?! Секој друг би ја убил со својата љубомора. А бракот ѝ е неопходен заради материјалното обезбедување. Неразбирливо е за него таа да може да живее со финансиски грижи. Нека не се залажува дека ќе може. Нека не им се подава на чувствата зашто тие ќе ја измамат. Ќе ја фрлат на улица. А на улица не може поинаку да се опстане, освен со проституција. Но, зар госпоѓата, горда и чувствителна, ќе си го дозволи тој пад? Благородна ја наведнала главата и ништо не зборува. Моно смета дека тоа што не се противи да го ислуша докрај е добар знак; дека тоа би можело и би требало да значи дека ако нему не му дава предност пред Илија, не му дава и на овој пред него; дека би можела да се реши за еден од двајцата, зависно од тоа кој што ќе понуди. Моно се охрабрува и си дава слобода да направи дватри чекори спрема неа, но многу претпазливо, постојано сметајќи на опасноста што му се заканува од Илија. Ѝ се обраќа со шепот: – Човекот за кого сте емоционално врзана, јасно, за вас не е решение. Тој може, доколку тоа нему не му печи, и понатаму да остане ваш љубовник. Нема да имам ништо протов. Дури би ми конвенирало. Во отсуство на Рокан, тој ќе може да го заземе неговото место. Ваше е да го убедите. Моно останува непријатно изненаден кога Благородна погледнува во Илија како да бара заштита од него. Ама овој ѝ е завртен со грбот. Тој божем е зачитан во книгата што ја држи в раце. Меѓутоа сигурно е дека зборовите на Моно не ги чул, инаку не би останал рамнодушен на навредата. Благородна демонстративно му го завртува грбот на Моно, давајќи му така на знаење дека не сака да го слуша. – Зошто?! Зошто?! – се чуди Моно. Сега зборува гласно, засегнат од постапката на Благородна. – Божем не сакате да ме слушате! – ѝ вели. – А ме слушате! Мојот предлог мора да ви конвенира. Јас сум единственото решение за вас! Со докторот, јасно, свршено е. Тој си го одигра своето. Сега е стар и сиромав. Тоа што е стар не е важно, се разбира. Важно е што е сиромав. Тој ќе умре скоро и ништо нема да ви остави. Мора да мислите за негова замена. А подобра замена од мене не ќе најдете! Бидејќи за докторот гласно и пред сите речени се крајно навредливи зборови, тој смета дека по секоја цена треба да го заштити своето достоинство. Му пристапува на Моно. Му вели: – Повлечете си ги вашите зборови, ве молам! Моно со клоца го удира в стомак. Докторот се свиткува, се повлекува наназад, се ниша да падне, ама Мара го задржува. Потоа го седнува на фотелја. Моно погледнува во Илија. Тој се однесува како да не сака да знае што се случува. Моно, сепак, за посигурно пак се повлекува зад вратата. Одовде ѝ вели на Благородна: – Неразумно од ваша страна би било да ве спречуваат некакви обѕири спрема докторот. Отфрлете го како отпадок. Тоа е единствениот начин праведно да се постапи со него. Вие и со мене така постапете кога ќе престанам да одговарам на вашите услови. Јас можам да полудам поради тоа! Па што? Вие ќе си одите по својот пат не мислејќи. – Ајдете, госпоѓо, ајдете! – ја повикува. Благородна му е завртена со грбот. Таа плаче. Тивко, ама неутешно. Илија не знае дека таа плаче. – Ајдете, ајдете! – ја поттикнува Моно. – Без размислување! Од мислењето можете да имате штета. Не е ваше да мислите. Ваше е да живеете и да бидете убава. Потпрете се само на вашата природа, и вашата среќа ќе биде обезбедена. Ако ви е до Илија, бидете без грижа – тој нам неизоставно ќе ни се придружи. Мене, како што ви реков, нема ништо да ми пречи тој да остане ваш љубовник. Само каков љубовник може да биде тој?! Тој е романтичар, тој е поклоник на љубовните страдања. Него повеќе го задоволува страдањето по љубов отколку самата љубов. Тој не може ни да го почувствува, а камоли да му одговори на вашиот незаситен порив за љубов. – Илија!! – плачејќи, викнува Благородна. Таа ја бара неговата заштита. Илија се штрекнува. Брзо се свртува. Пред себе ја гледа расплаканата Благородна која со поглед го преколкува да ја заштити. Нему се му станува јасно: пред него е неговата Лола, совршено чиста, која еден идиот најгрубо ја навредува. А не помалку ја навредил и тој со своите неосновани сомненија за нејзината чистота, со својата љубомора, дури и со груби зборови – додека нејзиното срце липало по него. Ваквите негови мисли уште не му се јасно издиференцирани; тој не може веднаш да се соземе. За тоа време Моно успева да и порача на Благородна: – Вие ќе ме побарате! – ѝ вели. – Можеби уште денес. Мојот апартман се наоѓа во хотелот Слобода. Запомнете, хотелот Слобода! Ќе ве чекам! Потоа се свртува кон Чопела: – Сметам и на вашата помош, г. Чопела. Помогнете ѝ на госпоѓата да го пронајде патот до мене. – А, вие! – му се обраќа на Илија, готов веднаш да побегне. – Вие сте еден интересен будала. Би можел да ве ангажирам во моја служба како шут. Со вашите боксови не само што не сте опасен, туку сте смешен! Ја бувнува вратата и побегнува. Илија, обземен од редок бес, потрчува по него. Зема по неколку скали наеднаш. Боксот веќе го ставил на раката. Моно не можеше да замисли дека би можел да биде стигнат. А ете Илија го настигнува. Него го зафаќа ужас. Смртно се испреплашува. Чувствува дека смртта го гони. Неговата цел е сега да излезе на улица пред да биде стигнат. Таму би се нашле луѓе кои би го спасиле. А тоа не е неостварливо. Му остануваат да мине уште неколку скали. Ги минува. И уште неколку чекори до излезот. Меѓутоа со ужас констатира дека е веќе стигнат токму пред излезната врата, дека е на дофат од неговиот гонител, дека тој веќе ја кренал раката целејќи го во тилот. Моно ја завртува главата со очајнички израз на лицето што бара милост, ама тупаницата на Илија веќе страотно се спушта и го погодува право в лице. На Моно не му се дава ниту да крикне. Паѓа. Илија, разјарен, се фрла врз него, спремен пак да го удри, ама тука се наоѓа една стара жена која му ја задржува раката и строго му вели: „Не!" А потоа: „И тој е човек! И него го родила мајка!" Тоа НЕ е речено со авторитетен тон, со тон што не трпи приговор. Илија ја погледнува старицата со омразен поглед. Криво му е што е спречен во еден негов исклучителен момент на јарост. Ама ниту помислува дека би можел да не ја почитува забраната на старата жена. Незадоволен, намуртен, тој се повлекува. На првото свртување по скалите поглед нува надолу и ја забележува старата како му помага на Моно да стане. Продолжува така лошо настроен да се качува нагоре. Но кога доаѓа до вратата од станот на Мара, од лошото настроение малку му останало. Доаѓа до заклучок дека нема причини да биде незадоволен. Ударот што му го зададе на Моно беше полн, силен и му даде полна сатисфакција. На старицата сега не само што не се лути, но, поради нејасни за него причини, претставата за неа почнува пријатно да го возбудува. Чувствата спрема таа непозната стара жена сè уште му се нејасни, ама тие сè повеќе се одредуваат како симпатии, како восхит, како почит спрема неа. Дури подоцна, кога ќе седи покрај Благородна, сè уште опфатен од мислите за старицата, тој ќе ја поврзе неа со својата мајка. Веќе неколку минути како е седнат покрај Благородна. Докторот, претчувствувајќи дека ќе дојде меѓу нив до излив на љубовни чувства, и за да не им пречи, а и да ја одбегне непријатната положба во која се нашол, излегува во градината. Мара се враќа, беше излегла да види што се случило со Моно и седнува покрај Величко. Чопела, чувствувајќи се веќе како човек на Моно, будно следи што се случува и што ќе се случи меѓу Илија и Благородна. Овие двајцата седат покрај малата масичка. Ништо не зборуваат. Пријатно им е така да седат и да молчат. Најпосле се заедно. Поминаа низ една бура, совладаа големи пречки и искушенија и сега заслужено, но по малку и уморно, уживаат во својата љубов. По извесно време тој ѝ понудува нешто да се напие. Таа се согласува. Ѝ прави некоја мешавина од разни освежителни пијалаци. Таа се напива. Ја прашува дали пијалокот испадна пријатен. Да, многу. По малку се разгалени, разнежени еден спрема друг. Од збор на збор, разговорот им се разгорува, им станува средство за попријатни духовни допири. Благородна и понатаму молчи или сосема малку зборува, но со самото тоа што ги прифаќа зборовите на Илија со симпатии и со претходно уверување дека тоа ќе бидат искрени и умни зборови, со самото тоа штс ги потврдува со по некој свој збор, или со насмевка, или со некое движење на главата – таа е активна во разговорот, таа му го дава својот полн придонес, дури и повеќе: таа го распалува. Сеедно е за нив што се зборува, се зборува сè за нивната љубов, и тоа многу сериозно и значајно. Илија е преполн со мисли. А се искажува слободно, без напор; лесно преминува од тема на тема без некој повод. Сака да се покаже, да се открие што е можно повеќе; да ја отвори душата. „Јас сум чуден човек, Лола! Јас сум чуден човек!" – постојано повторува. – Преѓеска не требаше да ми пристапуваш! – ѝ зборува. – Кога? – Кога се борев со Земјата. Во такви моменти сум неверојатно силен. И воопшто многу сум силен! Страшно! – А колку, пак, слаб! Колку сум склон на плачење, често и без причина. Причините, всушност, постојат. Тие се длабоко во мене. Сакав да речам без повод, поточно без некој определен повод. Како што младите често без повод се чувствуваат радосни и се смеат. Срцето им липа од радост. Им воскликнува. А зошто? Едноставно затоа што се млади. Јас пак, ете, плачам. Ќе се изнаплачам така и потоа ми е лесно. Преку солзите како да се топи некое зло во мене што се насобрало низ годините. Плачот го облагородува човекот како и смеењето. – А причините постојат! И нив ги има многу. Јас сум, Лола, чувствителен на неправдата прекумера. Неправдите, лагите ме фрлаат де во јарост де во жалост. Сега скоро, на пример, читав во весник дека бил пронајден апарат за безболно лечење на забите. Одлично! Браво! Пронаоѓачот заслужува да му се подигне паметник. Меѓутоа, што се случува сега! Се случува дека со тој апарат, бидејќи лечењето било скапо, се лечеле само одредени пациенти – деца на привилегирани граѓани. Каква свирепа неправда! Каков цинизам! И тоа божем во името на некаква правда, на некаков хуманизам! Ако лечењето чини скапо, – правилно! – нека се лечат само децата. Ама сите деца! – Лошо, лошо е скроен светот, Лола! Човештвото е поделено на два табора – силни и слаби. Таа поделба важи и за таборот на силните и за таборот на слабите. Меѓу двајца силни еден е силен другиот слаб. И меѓу двајца слаби, исто така. Дури и кај еден човек како единка ќе ја сретнеме таа поделба. Кај еден ќе сретнеме двајца. Јас сум двајца. Лошо, лошо е скроен светот! Да е поинаку скроен! Без поимите за сила и слабост. Да се нема претстава за тоа. Тогаш нема да постои правда и неправда, среќа и несреќа, добро и зло. Би било сè правда, сè среќа, сè добро! Склоноста на Илија кон филозофирање на Благородна ѝ е позната. Познати ѝ се и неговите мисли. Но средбата со нив по неколкугодишна разделба, пријатно ја возбудува. – Ако основниот природен закон – продолжува Илија – се состои во поделбата на природните суштества на силни и слаби, тогаш тој закон најјасно е манифестиран преку цивилизацијата на човештвото чија главна цел божем е токму неговото укинување. Историјата не е ништо друго до летопис на различни војни. Во последната голема војна маченички загина и татко ми. Малку требаше да загинам и јас. За тоа ти имам зборувано. Да, светот е ужасно губилиште! Измислени се ужасни методи и справи за уништување, почнувајќи од стрелата која можеше да убие само еден човек, до атомската бомба што може да убие милиони луѓе. Зборот дивјаштво што за вакви прилики го употребува цивилизираниот човек не е соодветен. Најпогодниот збор е зборот цивилизација! Дивјаштвото спрема цивилизацијата е невино. Кога ќе се сетам колку невини луѓе се изубиени! Вината на татко ми се состоеше во тоа што тој беше добар и чесен човек и што си ги исполнуваше своите човечки должности. Но тоа не се проштава. И ете ја една од причините за мојот револт и за мојот плач. Јас сум чуден човек, Лола! Во основата обеспокоен и несреќен. Благородна му сочувствува. Му зема половина од товарот. Тој без противење ѝ го дава. Така му олеснува. Ѝ зборува сега за тоа како цело зло на овој свет доаѓало и доаѓа поради неправедната распределба на богатствата кои природата им ги дава на луѓето и до кои со својот труд сами доаѓаат. Еден малку работи, а многу зема, друг многу работи, а малку зема. Кога еднаш би се сложиле луѓето и сите да бидат сиромаси! Кога само за еден ден би се сложиле во тоа, наредниот ден сите би биле богати – пребогати, среќни – пресреќни! Обединетата сила ќе им донесе невидени богатства! – Ама ајде, де! Ајде да се откажеме од она што сме го стекнале со трудот на друг! Ќе се откаже ли некој од својот автомобил во интерес на некој гладен во Индија? – Нам ни недостасуваат човечки обѕири и разум, Лола! Со човечките постапки раководи глупоста! И суетата! И пакоста! – Во услови на вистинска среќа и изобилие, среќата, како што се сфаќа денес, би ја изгубила привлечноста на идеал. Среќата денес произлегува од несреќата на другите, богатството од сиромаштијата. За еден да се издигне, друг треба да падне! Многумина денес се чувствуваат среќни оти има несреќни. Глупоста, пакоста и суетата раководат со постапките на луѓето! – И не се виновни за таквата состојба само богатите. И сиромасите се виновни. Зашто кога и тие доаѓаат на власт, се однесуваат како богатите. За да има богати, мора да има сиромаси. Никој не сака правда! Човештвото не сака да биде среќно! И никоја револуција за праведен општествен систем нема да успее ако е насочена само против постојната експлоататорска класа! Треба да е насочена и против класата што се токми да ја замени. Тоа ќе рече дека револуционерите борејќи се против реакционерите треба да се борат истовремено и против себе, то ест против сопствениот нагон да станат реакционери. Победата за праведен систем треба да се извојува внатре во човекот. Таа етапа од револуционерната борба е далеку потешка отколку што е борбата да се собори од власта една експлоататорска класа. Треба фанатички да се верува дека човекот во основата е добар и со цел систем просветни и воспитни мерки да се преобрази, да се исчисти од 'рѓата што го зафатила – да се прероди. На човекот му е потребна преродба! – Да. Уметностите овде би изиграле огромна улога. Литературата можеби најголема. Особено кога би се пишувале сатири. Смевот може да се искористи како одлично револуционерно оружје. – Што ми се случи пред некое време! Сакаш ли да ти раскажам? Благородна сака. Сè што тој сака, сака и таа. Нека зборува цел ден и цела ноќ. Таа ќе го слуша. – Еден случај многу податлив за сатирична обработка. На Мара: – Слушајте и вие, Маро! Ах, Мара слуша! Нејзе ѝ е така пријатно да го потслушнува нивниот разговор. Се надева дека за тоа нема да ѝ забележат. Значи? – Одејќи по улица, забележав една модерно дотерана жена, „дама". Сè на неа извештачено! Косата оксижирана, лицето изгримирано, телото стегнато во тесен и кус фустан; обуена во чевли со многу високи топуци. Оди важно по улицата. Се смета за центар на светот, за најважното суштество на природата; дури и повеќе – за богинка некоја! Немаше да ми се јави желбата што ми се јави во врска со таа „дама", ако случајно паралелно со неа не одеше една млада селанка, нејзина врст, со дете за рака, а со друго, бебе, в прегратка. Одам зад нив и горам од желба да ѝ се сплеткаат нозете на „дамата" и да падне. А времето врнежливо. Таа носи елегантно чадорче, а селанката со дечињата гологлави одат по дождот – изгледа брзаат да стигнат на Железничката станица. „Господе, – си шепотам – мили мој боже, да падне во калта „дамата"!" Јас не сум верник, ама во тие моменти верував и силно сакав да ми се исполни желбата. И бог ми ја почу молбата. – Да видевте само какво паѓање беше тоа! И тоа во една бара! Каква глетка! Многумина притрчаа да ѝ помогнат. Јас се смеам. Се смеам колку гласот што ми држи. Доаѓа еден униформиран службеник на јавниот ред и ме предупредува да се држам културно. Благородна му вели на Илија нежно, со разбирање, со одобрување: – Ти си Илија навистина чуден човек! Прекрасен! Кон тоа Мара сака да додаде: „Кој човек е со толку нежна, чиста и правична душа како неговата?" Сепак премолчува. Не сака да им се меша во разговорот. Сега Илија и ласка на Благородна; ѝ вели дека посебно ја цени поради тоа што таа не се потправала. Тоа бил нејзин посебен шарм. На Благородна тоа ѝ годи. Илија продолжува: – Цивилизираниот човек се срамува да ги покаже убавите страни на духот и душата. Особено е загрижен да не ги покаже на некој начин чувствата. Од тие причини се потправаат лицата, се гримираат. Денес ретко може да се види лице; насекаде само маски. Дури кога се пее на денешните концерти, што многу се приредуваат, се смета за неприлично да се искажуваат чувства. За добри се сметаат оние пејачи што само имитираат чувства. – А и говорот на луѓето! И во него се загнездила лагата. Со илјадници зборови се празни и имаат за цел да излажат. Затоа се грди, затоа грозно звучат. – Убави се луѓето кога се искрени и отворени. Кога на лицето можеш да им ја видиш душата. Најубави се кога од срце се смеат или кога плачат. Тогаш чувствата спонтано им избиваат. Тогаш се луѓе. – Таке е! – спонтано потврдува Благородна. – Така е! – не може да се воздржи и Мара. – Меѓутоа, – ох, каква глупост! – има такви кои сметаат дека смеењето од срце е неприлично! Дури и такви – Боже! Пак ќе го спомнам името на бог! – кои додека плачат мислат на својот „културен" изглед. „О, роде неверен и развратен, – со право еднаш рекол Христос, толку денес присутен на твојата свадба, Маро! – до кога ќе бидам со вас и до кога ќе ве трпам?!" Тоа го рекол Христос, легендарно трпеливиот и кроток човек. Малку денес има луѓе, Лола, кои достојно можат да го носат името ч о в е к! Сè некои креатури од луѓе, н е л у ѓ е, џган. Се молчи извесно време. Времето не се чувствува. Потоа Илија продолжува: – А и литературата! И таа е нашминкана! И воопшто целата уметност на нашево време! И таму се смета дека е неприлично да се покаже душата. Дури не и човекот! Колку подалеку од него, толку, се смета, подобро за уметничкото дело! Воопшто, и кај било, денес се смета неприлично да се зборува за човекот, искрено да се зборува, неприлично да се кажува вистината, неприлично да се бара убавината! – Имам дојдено до заклучок, Лола, дека животот евтино се распродава. Дека не му се држи цената. Со еротскиот живот само што се прави! Крајно недостојно за човекот. Срамно! А се сеќаваш ли како еднаш, во мојата прегратка, ми рече: „Чувствувам дека живеам, дека постојам!" „И јас!" – ти реков. Врз основа на тоа наше заедничко чувство подоцна сум дошол до заклучок дека да се сака значи да се живее, да се постои. Постои само тој што сака. Сака само тој што постои. А да сакаш значи и да мразиш. Човек е само оној што сака и мрази. Се сака животот со с# она што нему му припаѓа како радост и среќа, се мрази смртта со она што и припаѓа како бол и несреќа. Но, длабоко вознемирени, силно исплашени од смртта, луѓето често го губат разумот и прават грешки од кои две, мислам, се за нив фатални: прво, што во своите градови се однесуваат како животните во шумите – си наметнуваат сурова борба за опстанок во која меѓусебно се глодат и се ништат и, второ, што, пак исплашени од смртта, обземени од паника, во борбата за живот се држат исклучиво за своето тело како давеници за сламка. А решавачката сила за нивниот човечки опстанок во природата е внатре во нив, таа е духовна и на неа треба да се потпрат; пред с# на љубовта како најчист и најсилен израз на нивното духовно постоење. А љубовта, пак, е во жртвата. Да сакаш, тоа значи ти да живееш за мене, јас за тебе, јас за сите, сите за мене. Според тоа, да живееме не секој за себе – тоа е лага, туку секој за сите и сите за секој – тоа е вистина. А само со вистината ќе ја истиснеме лагата од нашиот живот, само со вистината нашиот лажлив, смртен живот ќе го претвориме во вистински живот. За вистината, пак, треба да се избориме. Неа никој нема да ни ја подари. Затоа и се раѓаме, затоа и доаѓаме на овој свет – да се бориме за неа, а против лагата, за животот, а против смртта. Тој што ќе ја избегне борбата, што ќе ѝ го даде својот дел, тој не си одговорил на својата главна човечка должност. Се разбира, секој според своите способности кои е должен да ги развива и усовршува. Овде е значајна и улогата на општеството како мобилизатор на човечките сили и организатор на сите човечки акции. – Но општеството не треба од поединецот да се сфати како нешто што стои над луѓето. Така сфатено, тоа лесно се изродува против луѓето. Никој не смее да биде „над". Но ни „под". Должност на секој поединец е будно да ја чува „рамнотежата", зашто ако таа се наруши, пропаста е неизбежна. Должност на секој е, значи, да се бори и на тој фронт. – Лола! – Илија очајно погледнува во Благородна. Таа веднаш насетува што сака тој даѝ каже, какви мисли го нападнале. – Не! – му вели, сака да му помогне. Ама тој не ја слуша. – Лола, јас не се борам ни на еден фронт! – ѝ вели. – Зар ти кој си се претворил во оружје на правдата и вистината?! – се обидува да го разувери таа. Ама не ѝ успева. – Моите најубави години минаа или минуваат, а јас уште не си го имам најдено местото во животот. Пијанчам, предизвикувам кавги, тепачки. Денгубам. – А твојата работа во весникот? – пак се обидува Благородна. – Ти си таму ценет новинар. – Мојата работа во весникот? Тоа е срамота. Ништо не работам. И тоа што го работам, подобро е да не го работам. Пишувам лаги. А и моите „борби" за вистината, за правдата, тоа не се никакви борби, тоа се обични тепачки со разни бедници. Воопшто, некорисно живеам! Благородна му ја фаќа раката. Сочувствува со него, но го моли да не биде така беспоштеден спрема себе и да не гледа така црно, особено не сега кога таа е до него, кога таа е спремна да земе дел од неговите грижи, кога е спремна да му помогне да ги преброди тешкотиите во кои попаднал, заеднички да ги пребродат, зашто кога тие се негови, се и нејзини. Илија ја сфаќа, ѝ благодари, ама силно е возбуден и не може веднаш да се смири. – Некорисно живеам, некорисно! – повторува. – Дури повеќе – штетно! Благородна не му одобрува. – Не! Не! – И не знам дали е воопшто можно да се вклучам во некоја корисна работа. Дали имам сили за тоа. – Немој да зборуваш така! – остро му забележува Благородна. Сака да му покаже дека е навредена поради тоа што тој не смета на неа, на нејзината љубов, нанивната љубов, на таа огромна сила која може да ги прероди, откорен да им го измени животот. – Се сеќаваш ли, – сега т а а го потсетува – како еднаш, во твојата прегратка, ти реков: „Чувствувам дека живеам, дека постојам!" „И јас!" – ми рече ти. Илија ѝ ја дофаќа раката и силно ѝ ја стегнува. Ѝ кажува дека токму нивната љубов за цело време ја имал предвид и дека таа го тера на исповед – дека е таа негова надеж. – Важно е дека сакаш да работиш, да се бориш – му вели Благородна. – Мечтаам за тоа! – ѝ вели тој. – Кога легнувам да спијам, заспивам со мечти. Ѝ се приближува со лицето сосема и ѝ зборува со шепот: – Мечтаам – ѝ вели – да напишам книга, мала, со прости зборови, во која вистината ќе може да се види. Таква книга. Зашто, мислам, додека човекот вистината не ја види, како што се гледа предмет не може да ја прифати. Треба да ја види и да ја понесе со себе. Таква книга. – Некој да го слушне ова што ти го велам, ќе ми се смее. Ама ти ме сфаќаш и тебе сè можам да ти кажам, да ти доверам. На никој друг. Сè што зборувам, чувствувам дека наоѓа одглас во тебе. На Благородна ѝ е пријатно тоа да го слушне. Му ја стегнува раката. Во очите ѝ блеснуваат солзи. – Само што нема корист од мечти! – пак почнува да се жали на себе Илија. – Потребни се конкретни акции, дела. Мене, како што располагам со физичка сила, треба да ме спрегнат да работам по нивјето како коњ. И тоа кога да е ќе ми се случи. Тоа морам да го сторам ако сакам да си го спасам животот. Зашто с# повеќе и повеќе сум незадоволен од начинот на кој живеам. Се плашам дека еден ден ќе го свртам боксот против себе! Благородна пак се вознемирува. Гледа во Илија со молба. Но и со прекор: тој пак ја испушта од своите мисли! Илија тоа го забележува и брза да ја успокои: – Не плаши се! – ѝ вели и ѝ ја милува раката. – Покрај тебе тоа нема никојпат да ми се случи. Нам, Лола, ни се дава голема шанса, и ние треба да ја искористиме. Какви планови веќе имам во главата. Би отишле да живееме во мојот крај, кај моите. Како убаво би си го организирале, таму, животот! Како плодно би работел јас покрај тебе! Благородна го гледа право в очи и му изразува спремност да појде со него секаде, да дели со него и добро и зло. Со мислите тој се пренесува во родниот крај. Пред очите му излегува мајка му која во почетокот се појавува де со својот лик де со ликот на старицата што го спаси Моно. На крајот пред него загосподарува нејзиниот лик каков што тој го памети од времето кога бил дете. И златната насмевка на детството му го озарува лицето. Со голема брзина во сеќавањето почнуваат да му се редат слики. Тој се запира на онаа во која се гледа себеси заедно со дедо му, баба му, татко му, мајка му и сосема малечката сестра во овошната градина кај што берат јаболка. Долго време се бави со таа слика. Силно ја доживува. Чувствува дека Благородна, загледана во него, бара да земе учество во неговите мисли. – Се пренесов во детството – ѝ објаснува Илија. – Во мене неизменета, чиста останата е детската душа. Благородна не може да му се изнагледа, да му се изнаљубува. Блаженството што го чувствува тој, преминува и на неа. – Немав лошо детство – раскажува Илија. – Напротив, многу среќно. Се разбира, с# до оној трагичен настан од војната. Но тогаш и не бев дете, бев петнаесетгодишно момче. По ослободувањето, кога од логорот се вратив дома, јас бев, иако седумнаесетгодишен, многу сериозен човек, единствена машка рака во куќата, потпора на семејството, надеж на мајка ми и на сестра ми. Меѓутоа, што се случи со мене, јасно е! Се знае! Ти, Лола, добро знаеш. За тоа како по настојувањето на мама и со нејзини огромни жртви дојдов во овој град да студирам, како потоа изневерив, како станав блуден син, за сето тоа ти имам кажувано, ти се имам исповедувано! – Не! Ти си прекрасен син! – му се противи Благородна. – Бев! – Пак ќе бидеш! Со мислите Илија повторно се пренесува во детството. И продолжува: – Јас не знам дали мајка ми или татко ми за нешто да ме искрале! Бев во сè послушен и исполнителен. Во училиштето одличен ученик. Важев за умно дете. Родителите не само што ме сакаа, туку и ме почитуваа. Можам да речам дека се гордееја со мене. Требаше ли, на пример, да се направи сметка колку род дадоа јаболкниците – јас ќе ја направев таа сметка. Толку сандаци јаболка од таа и таа сорта по толку килограми, толку и толку. Не оти татко ми не знаеше да пресмета, ама мене ми ја доверуваше таа работа. И резултатот го земаше за точен. Имаше полна доверба во мене. А јас мал. Второ одделение или трето. – Ех, кога ќе ми надојдат спомени од детството! Од моето прекрасно детство! Ми се случува по некојпат само некој карактеристичен збор што ќе го чујам, или звук, или пак мирис, обилно да ги предизвика. Тогаш со кристална чистота од далечното минато излегуваат пред мене разни места, настани, ликови. Градината наша, на пример, куќата, дворот, улицата, дури поодделни карактеристични камења од неа; потоа луѓе – од сите возрасти, роднини, блиски, соседи; па фурнаџијата Цветан, па бакалот Вангел, коларот, ковачот, малоумната Васа; па другарите и игрите со нив! Веле, Стојче, Трајан, Слободан, Ангеле! Каде ли се во овој момент? Па училиштето и учителките! Учителката Весела! Каде ли е? Жива ли е? Ако е жива, ѝ пожелувам се најдобро! И така, што е човекот без спомените од детството? ... Ами верските празници! Ами родниот дом? Ами дедо ми, баба ми? Долгите зимски вечери! Ами сестра ми Милица! Татко ми! Споменот за татко ми е во мене една жива рана. Потоа мајка ми! Таа е мојата немирна совест. Пред сите и над сите мајка ми! Во неа се содржи и болката за татко ми и преголемата љубов за сестра ми! Да, мојата мајка! – Може ли да си замисли човек, Лола, дека јас, ваков каков што сум див, пуст, осамен, насилник опасен, растроен, пијаница, развратник, сум имал мајка?! И тоа каква мајка! Всушност и м а м, зашто таа е с# уште жива и живее во истата куќа во која ме родила, во една од собите каде се уште сигурно стои мојот дрвен кревет и ме чека. – Чудно! Чудно! – врти со главата Илија. – Јасно се сеќавам уште на она време кога таа ме држеше в прегратка и ме доеше! Уште од тоа време се сеќавам на неа! Тој се замислува. Врти со главата. Тажно се смешка. Ви мислите му е ликот на мајка му каква што ја памети од детствово. Опфатен е од голема нежност за неа. Неочекувано почнува да рецитира: „Тыешё жива старушка моя!"... Како беше понатаму? Заборавив. Се сеќаваш? – ја прашува Благородна. – Есенин. Во осми клас гимназија ни го предаваше Аркадие Петрович. Кога ќе влезеше во училницата, во хор ќе го поздравевме: „Здравствујте Аркадие Александров Петрович!" А тој: „Здравствујте ученики! Седјитес!" Инаку бивш некој благородник. По Револуцијата се засолна кај нас од Црвените. Се уплашил и побегнал. А да останеше не оти ќе го ѓибнеа! Добар некој човек. Благороден по душа, четириесет и седмата пак се врати во Русија. Го испративме на станица. Плаче дали плаче старчето! Минатата година беше, читам, умрел во Ленинград. Испратиле неговите некролог и во наш весник. Кога ја читав таа вест, се случи да лежам. Ами не сум станал да му оддадам почит на Аркадиј Петрович! Благородна му сочувствува; цела е внесена во неговото раскажување. Илија се присетува на стиховите од Есенин и продолжува да рецитира: – „Пишут мне, что ты, тая, тревогу загрустила шибко обо мне, что ти..." – Пак се прекинува. – Како ли беше понатаму? Се напрегнува да ги дофати наредните стихови, ама не може да се присети. И дека, значи, таа, старицата, – се задоволува да ги прераскаже – мајката, го чека на селскиот пат синот блуден да ѝ се врати и како везден гледа една страшна слика: Некој во некоја крчма со нож го убил нејзиниот син. „Ничево мат" – ѝ вели тој. Сега Илија се присеќава. Сиот светнат од радост што се присетил, продолжува: Така беше: „Ничего мат!" Не! „Ничего родная!" Колку убав збор имаат Русите за мајка: роднáя! Успокойся. Это толька тягостная бредь. Не такой уж горьиѝ я пропойца, чтоб, тебя не видя, умереть.“... – Кога еднаш ти ја рецитирав оваа песна, Лола, се сеќавам, плачеше. Благородна е силно расчувствувана. – А знае поетот – ти велев – дека нема да ѝ се врати и дека ножот ќе го заврши неговиот живот, ама не сака тоа на старицата да ѝ го каже за да не ја разжалости. На Благородна ѝ светнуваат солзи во очите. Таа клепа за да ги задржи. – Потоа ти велев дека и јас од нож ќе загинам, – продолжува Илија, силно расчувствуван – дека некој ненадејно ќе ме удри в грб, или додека спијам; некој најблизок можеби, некој мил. Ама ти не сакаше тоа да го чуеш и ми велеше Не! Не! – Не! Не! – категорички му се спротивставува Благородна и со рака му ја затвора устата, не му дава да продолжи. По некоја солза ѝ се рони по лицето. Илија останува длабоко трогнат: – Ти и сега ми велиш: Не, не! Го зафаќа слабост и наеднаш му се навлажнуваат очите. Сега дури Благородна не може да се додржи. Едно подруго и брзо како порој ѝ се одронуваат многу крупни и врели солзи. Таа со шамичето се обидува да ги спрече и со крајни напори успева. Поминува доста време. Обајцата молчат, зашеметени од силниот љубовен удар. Благородна не плаче. И Илија. Но само привидно. Плачот им е в очи. При најмал повод тој пак ќе им избликне. Дури по едно време Илија пак се јавува: – Имаше ли ти, Лола, мајка? Се разбира дека имаше! Сакав да прашам дали живееш по некојпат во мислите со неа? Јас често. И дали можеби е уште жива? Благородна не го прима ова прашање како изненадно. Се покажува за неа дека таа на некој начин била обземена од него. Не, таа немала мајка! Секако, имало жена што ја родила, но мајка немала! Така си одговара во себе и за себе, а на Илија му го премолчува одговорот. – Има жени – зборува Илија – што се наполно достојни да го носат името м а ј к а. Располагаат со голема мајчинска сила. Со поглед само, со едно движење на раката, само со едно НЕ можат наполно да го безоружат човек во некоја лоша намера, да го скротат и надвијат. – Мајка ми – продолжува со нескриена гордост – е една од тие големи мајки. И токму затоа не смеам да ѝ се јавам пред очи. Не оти таа нема да ми прости! Не! Која мајка не простува кога прошката се бара искрено? Ама јас не сум чист за да можам да излезам пред неа и да барам прошка. А, зар можам да ја лажам? Јас чувствувам, Лола, спрема неа стравопочит. А таа е, пак, една кротка жена, а и проста, одвај писмена! Ама ете, во ученоста не е и ниту може да биде големината на една мајка. Големината на мајката се гледа во тоа дали таа ја познава својата мајчинска должност и должноста на своите деца. И дали ја исполнува, и дали строго бара да биде исполнета и од децата. Кои се тие должности? Ги кажавме пред малку. Не мораа и да се кажат. Се знаат. Не се никаде напишани, ама се знаат. Се знае кој е добар син, а кој лош. Јас сум лош син, и затоа не смеам да се јавам пред очите на мајка ми. А да си лош син, значи да си лош граѓанин, лош човек! И Есенин беше лош син. Затоа тој си ги пресече жилите. Аркадие Петрóвич лежи сега спокојно покрај својата мајка, заедно со неа во еден гроб. Аркадие Петрович беше добар син и затоа тој ѝ се врати на мајка си, на својот народ, на родната земја. Кај секој постои тој стремеж да се врати. Тоа е порив! Најизразит е кога е човек болен или кога остарел, кога го чувствува присуството на смртта. Сите туѓинци, на пример, во такви случаи итаат кон родниот крај, кон блиските, кон предците – за да поднесат сметка, за да кажат како живееле. Скитале по светот, и еве ги се враќаат на родната грутка за да умрат. Мртвите ги викаат. При помислата дека кога ќе умрам би можел да бидам фрлен некаде којзнае каде, но далеку од мајка ми и нераздолжен пред неа, ме зафаќа ужас. Ама мајка ми тоа нема да го дозволи. Таа постојано ме дебне, не ме испушта од вид, нејзината добра мисла ме следи. Затоа таа ја испраќа сестра ми по патиштата, по градовите – за да знае каде сум и во каква положба се наоѓам. Мајка ми навреме ќе дознае за мојата смрт и ќе го прибере моето тело. Или тоа ќе го стори сестра ми, ако таа не е веќе мртва. Нејзе ќе ѝ остави завет. Само што тоа мене не ме утешува, не ме утешувало, туку уште повеќе ме вознемирувало зашто не сум ја заслужил мајчината грижа. Но денес, но сега, при помислата на можноста јас како д о б а р син да лежам во еден гроб со неа, ме зафаќа блаженство. Благородна тивко, ама обилно веќе плаче. Ја чувствува во себе мајка си, па заедно плачат. Неа не ја има видено уште од своето детство. Не знае и дали е жива. Сега ја гледа во своите мисли како стара жена окоравена во гревот. Во нејзината претстава таа плаче за да се исчисти од гревовите. Плаче и Благородна заедно со неа од истите причини. Плаче и Мара. Нејзе ѝ тежат туѓи гревови и нив ги исплакува. Дури и Величко плаче. Овој сè не разбира што се случува, ама знае до толку дека во животот се греши, дека и тој некојпат ќе згреши, па не ќе биде отповеќе, си мисли да си поплаче, кога сите веќе плачат. Илија уште не почнал, ама очите веќе му се навирени. Само Чопела Џганов е сув. Но ја чувствува влагата од солзите како реуматичен човек влагата од дождот и затоа е нервозен и неспокоен. „Колку е суров мојот живот! – помислува тој. – Мајка! Мајка!" – си повторува, како да го заборавил значењето на тој збор, па сега го открива и откритието го потресува; ама прави обид потресот да го неутрализира со иронија, бидејќи постои опасност да го зафатат непожелни чувства, за да ги предитри, за да ги пресече во коренот, тој силно викнува, лут на Илија, на сите, а и на себе: – Мајка! Мајка! Нема мајка! Нема татко! Човекот е сам и беспомошен! – Враќањето во детството – продолжува с# така нервозно – е слабост! Тоа значи бегање од моментот на сегашноста. Секој поглед во минатото е ризичен и опасен. Постои опасност да се изгуби ориентација и со главата да се удри во ѕид. Не треба да се гледа ни напред. Постои опасност да се падне во длапка. Да се сврти погледот нагоре е уште поопасно! Сонцето ќе ти ги изгори очите! Треба да го ограничиме видокругот! Да ја наведнеме главата надолу, кон земјата! Чопела силно вика, но неговиот глас останува без одглас, бидејќи него го упива влагата од солзите. Чопела го зафаќа уште поголемо неспокојство. Нешто го стега в грло. Тоа би можело да бидат солзи. Илија сака божем да истрае, овојпат да не се расплаче. Отстранувајќи го погледот од Благородна која го предизвикува на плачење, и лутајќи со погледот низ собата, тој наидува на Мара. Им се сретнуваат погледите. Во нејзиниот поглед препознава замаглен поглед на трудна жена, а во нејзиниот обилен плач, плач за грешниот живот на детето што ќе го роди. И сега тој не може да дотрае. – Сакаш ли, Лола, да бидеш мајка? Да имаме деца? – успева уште да ја праша Благородна и плиснува во плач. Таа нема размислувано како треба да се одговори на едно вакво прашање, ама кога тоа доаѓа од Илија, што има да се размислува. – Сакам! – му одговара. И дури откога одговори сфати дека тоа е најубавото прашање што воопшто во животот ѝ било поставено и дека единствениот одговор можеше да биде оној што го даде. Сфати и тоа дека прашањето е толку позначајно зашто е поставено од Илија, а не од некој друг, а и одговорот позначаен зашто му е нему наменет. Плачот на Благородна сега станува неколкупати посилен. И на Илија. И на Мара. И на Величко. Сите тие плачат обилно. Тоа е олеснителен плач. Тој ги прочистува, ги ослободува. Тој е за нив корисен плач, како обилниот летен дожд за земјата. Минува време. Тие сè така плачат. Од каде ли толку солзи во човека? Какви се тие извори во него? На Чопела густата влага му носи големо неспокојство. Затоа решава да појде во градината. Ама тукушто излегува, пак се враќа. Се враќа уште понеспокоен, повознемирен. Преку прозорците го набљудува небото. Потоа нервозно шета по собата. Пак се загледува во небото. – Нешто во атмосферата се случува! – вели. Никој не му обрнува внимание. По извесно време во собата се прибира и докторот. И тој е вознемирен. – Во атмосферата се чувствува нешто тешко! – вели. Плачот веќе има престанато. Сега се слуша само по некоја воздишка. Доаѓа Секула. И тој: – Надвор е тешко. Нешто во атмосферата се случува. – Што може да се случува? – прашува Илија и станува. – Нема никакви знаци, – вели докторот – ама нешто сигурно се има случено. И животните се вознемирени. Илија доаѓа до еден од прозорците и го разгледува небото. Тоа е чисто и јасно. Над планината забележува само неколку белутраци. Ги бара со поглед животните и птиците – ги забележува стуткани покрај самиот ѕид до прозорците. – Ќе врне – заклучува. – Ќе фати некое невреме. – И јас така мислам – вели докторот. – Некоја страшна луња. Илија погледнува во него. Потоа се замислува. Пак погледнува во докторот. Како да решава нешто за него, ама е колеблив; или поточно, како нешто веќе да е решено, ама не може да се реши да го извести за тоа. А и докторот како да почнува да насетува дека нешто му се спрема, па не ги оттргнува очите од Илија. На крајот овој се решава. – Дури не фатило некое невреме да си одите, докторе! – му вели заобиколно. – Зошто?! Каде?! – испреплашено го прашува докторот, и веќе знае во што е работата, знае што се случило и што се решило додека беше отсутен. Илија му ја потврдува мислата: – Мора! – му вели категорично, ама истовремено и како да се правда. – Друг излез нема! Ние со Благородна решивме да не се разделуваме повеќе. Иако знаеше што ќе му се рече, докторот е силно погоден. Тој сака нешто да каже, ама не може – останува без здив. Долго потоа не може да се соземе од ужас. Сиот трепери. Побледнува, речиси побелува во лицето. Очите тресковно му светат како на претсмртник. – Тоа вие требаше да го очекувате! – му се лути Илија. – Требаше да се подготвувате. Очите на докторот се наполнуваат со солзи. Го погледнува Илија, преколнувајќи го да провери уште еднаш нема ли малку надеж. А самиот знае дека нема. – Мора! Мора! – му вели Илија, уверувајќи го со поглед најискрено, најпријателски дека друг излез нема, дека тие пред да се решат совесно размислиле и дека решението е конечно, дека не може да се измени или да се одложи. Илија е полн со сожалба спрема докторот. Му ја става раката пријателски на рамо. Сака да го вразуми и да го охрабри. – Не зголемувајте си ги маките, ве молам! – му вели. А имајте разбирање и спрема мене. Не ми е лесно. Ниту на Лола. Знаете колку е таа чувствителна. Бидете разумен! Бидете храбар во овој час. Збогувајте се достоинствено, како што ви прилега, и одете си. – Каде?! Каде?! – прашува очајно докторот и клепа, клепа со очите. – Бесмислено прашање! – го прекорува Илија, му се лути, а се лути и на себе што е слаб. – Зар јас, боже мој, знам каде?! Зар некој воопшто знае од каде доаѓа и каде оди? Ќе патувате долго, долго; ќе стигнете на една планина! Ете, каде! Како во прикзнките. Ќе сретнете орел. Ќе ви даде перце... Тоа на шега, нели? Вие по секоја цена треба да си ја вратите смислата за хумор. Ведриот, оптимистички дух може да го извлече човекот од најтешката ситуација. Докторот пак клепа. Нему му се присакува да погледне во Благородна и да се увери дека таа не ја одобрува постапката на Илија. Ама знае дека тоа е само пуста желба и затоа не ја погледнува. Знае дека таа овојпат дефинитивно, без надеж за враќање, за секојпат, за секојпат го има напуштено. Знае дека таа е подготвена за овој чин, дека сега молчи и чека што поскоро тој да си оди; дека сцената што се одигрува ѝ е непријатна, дека неговите страдања предизвикуваат во неа повеќе здодевност отколку сожалба. Тој знае дека со него немилосрдно се постапува. Знае дека ако сака да го зачува достоинството, треба на ист начин – со презир да одговори. Ама не може! Не може да најде омраза во себе за Благородна. Готов е да се расплаче. Жалејќи по неа, се жали себе. Очите пак му се наполнуваат со солзи. – Не! – го спречува Илија да се расплаче, просто му забранува. – Денеска плачевте доволно. Сите се изнаплакавме доволно. Сега е сè свршено, сè е прежалено, сè е искаено. Вие сте, докторе, стар лав и не смеете да живеете без достоинство. Најдобро во некој старски дом. Отуѓете се од светот. Побегнете од него онака Толстоевски. Ајдете! Докторот никако не може да се помири. Напуштајќи го Илија, бесмислено бара надеж кај другите. Тоа е инстинктивна борба за опстанок. Здогледувајќи ја Мара, инстинктивно викнува: – Маро! Тој се присетува дека таа беше врската меѓу него и Благородна, дека во нивниот заеднички живот играла значајна улога, дека дури имала позитивно влијание врз Благородна. – Маро! – уште еднаш викнува. Очите на Мара пливнуваат во солзи. Таа не може да го додржи неговиот поглед, кој бесмислено го бара од неа невозможното, и ги наведнува очите – го напушта. Нејзе ѝ минува и една мисла дека ова што се случува е, всушност, нејзино дело, дека таа е виновна или заслужна за сето тоа, но насилно ја задушува таа мисла. Докторот сега пополека почнува да сфаќа и конечно сфаќа дека е од сите напуштен, дека е без свој близок на овој свет, дека е сосема сам. Тешко, бигорно воздивнува. А потоа, како осуденик на смрт што се спрема за поаѓање на губилиште откога се уверува дека секаков отпор е бесмислен – почнува да собира храброст и да се спрема за разделбата. – Храбро! Храбро! – го храбри и Илија. Ама тукушто погледнува во Благородна, тукушто ја зафаќа со својот поглед, одново го навалува слабост. Сега му се одронуваат и неколку жешки солзи. Тој погледнува со насолзени очи во Илија и уште еднаш, за последен пат го прашува: – Нема ли друг излез? Зар навистина нема? Илија му одмавнува со главата, ама истовремено му забележува што пак му се подал на слабоста. – Добро! – решава во себе докторот, помирувајќи се со положбата. И одеднаш му станува полесно. Но солзите не престануваат да му се ронат; не може да ги запре. – Добро! Добро! – си шепоти. Се прибира, се стегнува, се вооружува со храброст, ги уредува алиштата на себе, панделката, ги истопорува градите по малку војнички и со генерално достоинство и пријдува на Благородна за да се збогува и прости. Солзите се така му се ронат, ама не му го нарушуваат достоинството, туку, напротив, му даваат повеличествен изглед. Благородна станува, го прегрнува лесно и го бакнува в уста. Тој прави со главата еден патетичен трагичарски гест со кој ја надвива болката и храбро се отстранува од неа. Сега, речиси марширајќи, му приоѓа на Илија. Се ракуваат. Ама докторот не се задоволува само со тоа, туку го прегрнува Илија цврсто и го бакнува в уста. На тој начин му го пренесува Лолиниот бакнеж, симболично предавајќи му ја неа нему. Солзите непрекидно му течат. – Збогумте! – вели, загледан не во Благородна, не во Илија, не во некој од присутните, туку во некоја апстракција. – Ќе ве допратам! – му се понудува Илија. – Не! – решително се спротивставува докторот, ги истопорува градите, ја крева главата и, сè така загледан во нешто апстрактно кое како да го води, излегува. Мара веднаш истрчува по него, исплашена тој да не си стори нешто на себеси. По скалите тие наидуваат на една вознемирена раздвиженост на станарите. А низ улиците на градот, пак, таа вонземиреност е уште поголема. Исплашени, често гледајќи во небото, граѓаните брзаат на разни страни. Но докторот од сето тоа ништо не забележува. Длабоко повлечен во себе, престанал да го чувствува светот, да живее со него. Тој живее само со својата несреќа. Поради големата раздвиженост, Мара тешко го следи. Во бркотницата бргу и го губи. Потоа го бара на сите страни, долго го бара, сè додека улиците не опустуваат. Ама од него нема ни трага. Кога се враќа дома, капната од умора таа наидува на една необична положба. Величко и Благородна ги наоѓа заспани. И Чопела е готов да заспие – се проѕева. Секула стои исправен во еден од аглите на собата. Од градината се слуша мачката како мјаука и кучето како завива. Сите птици, животни и инсекти начичкани се на рамките од прозорците. Илија е загледан во небото. На него нема ниту едно облаче, ама тоа повеќе не е чисто и бистро, туку доаѓа некако матно, како кога се гледа низ исчадено стакло. Мара се потпира на ѕидот покрај вратата. Молчи. Илија ја погледнува прашално – можеби таа носи однадвор некоја вест за она што се случува. – Велат дека некаде е фрлена атомска бомба! – вели таа. Потоа додава со надеж: – Можеби само експеримент! Истиот момент сосема ненадејно и подмолно профучува во собата студен морничав ветер. Цела зграда се стресува од темел. Стаклата на прозорците ѕвонат. Кучето почнува ужасно да завива. На Илија му врват морници по телото од студ и од страв. По небото поминува нешто како облак и фрла врз земјата сенка. Птиците, животните и инсектите ги зафаќа паника. Тие ги прескокнуваат рамките на прозорците, се газат меѓу себе за што побргу да влезат во собата. Се сместуваат во ќошовите и под масите. Инсектите ги зафаќаат ѕидовите. Кучето само останува на прозорецот и, гледајќи во небото, протестно завива. Во собата владее мир и тишина. Ама тишина во која никој ниту смее да мрдне; тишина која ги парализира луѓето и животните во очекување да се случи нешто страшно. Пак доаѓа фркот на ветер. Само што е сега краток. Како залп. А ветерот ја има променето и насоката. Сега не удира во прозорците, туку минува покрај нив. Еден малечок стаклен сад во кој е засадено нежно цвеќе се откачува од горната рамка и, ѕвекнувајќи на цементната подлога од прозорецот, се скршува. Кучето се прибира во собата. Илија се стрчува до прозорците и ги затвора. Ја спушта над нив и завесата. Ја запалува електриката. Сега ја опфаќа со поглед собата и ги забележува животните и птиците собрани по неколку во групи, стуткани по ќошовите, затаени. Околу Мара ги има најмногу. Таа седнала на самиот под. Ушко и лежи в скут. Кокошките се собрани околу Петелко. Тој ги раширил крилјата и ги покрива со нив колку што може. Инсектите по ѕидовите и по таванот се преправаат дека се мртви. Мачката е многу вознемирена и мјаука жално. Кучето среде собата завива. Илија го зафаќа голем страв. Затреперува. Се обидува да го надвие стравот. – Што сте се исплашиле? – им викнува на другите. – тоа не е ништо! Тоа е обичен ветер! Им вика на другите, а ваму сиот трепери. Но никој не му обрнува внимание. Величко и Благородна се веќе во длабок сон. Чопела е речиси готов да заспие. Мара ги смирува животните околу себе. Секула стои во аголот, скаменет како кип. Еден нов бран од ветер – ветерот очигледно доаѓа на бранови – директно удира во прозорците со огромна сила. Електричното осветление се гаси. Илија го зафаќа паника. Стрчнува да ја затвори вратата што се отвори со тресок. Мара станува за да запали свеќа. Животните околу неа жално цимолкаат, зашто таа ги напушта. Мара ги теши со зборови и им ветува дека веднаш ќе им се врати. Штом ја запалува свеќата, таа им се враќа. Илија ја затвора вратата и сега бара клуч да ја заклучи, ама се досетува дека вратите од станот на Мара немаат клучеви. – Зошто во оваа куќа вратите не се заклучуваат? – нервозно прашува. Со поглед бара одговор од Мара. Оваа не му одговара. Пак гласно прашува: – Не ви се чини ли тоа опасно? Со ова прашање цели на Чопела Џганов. Ама и од него не добива одговор. Чопела со пијалак го брка сонот што го зафаќа. Допира далечен фркот на ветер. Илија се заслушува. Се вкочанува. Ама ветерот одминува. Очевидно тој доаѓа од разни правци и беснее на разни места. Сега Илија директно му се обраќа на Чопела: – Не ви се чини ли опасно, професоре? Чопела воопшто не сака да му одговори. Тој се проѕева. Потоа пак пие. Илија го зафаќа исконски страв. – Може да се вовлече некој! – му зборува на Чопела кој не го слуша. – Го чиниш безопасен, а ваму може в грб да ти забие нож! Пак неочекувано, без најава, зафрчува ветер. Краток фркот, ама ужасно силен. Како да профучува шрапнела. Илија инстинктивно клекнува, се свиткува во клопче. Стои така свиткан, без да смее да се помрдне, сè додека не се уверува дека опасноста одминала. Тогаш брзо станува, ама не се исправува сосема, туку поднаведнат, за да не биде изненаден од ненадеен удар, доаѓа до вратата која, пак, се отворила, за да ја затвори. – Каде е клучот? – нервозно прашува, вика. Никој не му обрнува внимание. Како на сите да им се познати овие негови настапи на страв, навикнале на нив и не ги земаат сериозно. – Еј ти! – грубо ѝ се обраќа тој на Мара. – Каде е клучот од вратата? – Немам никакви клучеви – му одговара Мара. – Како можеш да немаш клучеви?! Лажеш!! – Знаеш дека немам. – Мора да имаш! Кој човек нема клучеви!! Илија го зафаќа очај. Речиси плачливо му се обраќа на Чопела: – Професоре, што правиме? Таа вели дека нема клуч! Таа не сака да го даде! – Еве ти калауз – му вели Чопела. – Преѓеска испадна од џебот на крадецот додека ти го тепаше. – Дај! – му вели Илија и му го грабнува од раката. Откога ја заклучува вратата и откога ја проверува дали е добро заклучена, тој доаѓа на себе, здивнува, се успокојува. Дури добива и расположение. – Ете, така! – си вели и ги трие задоволно рацете. Погледот му паѓа врз заспаната Благородна. Уште неа да ја покрие. Бара покривка. Мара станува. Животните околу неа сега се заспани. Илија ја покрива Благородна, а Мара Величко. – Ете, така! – пак вели Илија, задоволен што ја сврши и таа работа. Го вели тоа и одеднаш чувствува премаленост и една несопирлива желба за сон. Пред да легне ја зафаќа со поглед собата за да се увери дека од никаде не дебне опасност. Тогаш во еден од аглите на собата – во најмрачниот, каде зраците од свеќата најслабо допираат, го забележува Секула, исправен, со прекрстени раце на градите. Тој како да го чека токму неговото заспивање. Илија цврсто решава да не спие или да заспие последен. Ама во тој момент му паѓа погледот врз кучето Марко, стуткано покрај нозете на Мара, па и него го зафаќа несопирлива желба и тој да се стутка така покрај нозете на Благородна, па и да задреме, ама на штрек, е секојпат буден за опасностите. И, еве, се спушта тој покрај нозете на Благородна и заспива веднаш и длабоко. Фуртуната надвор беснее. На моменти се запира како да збира сили за нов напад. И пак почнува. Фиу! Фиу! – се нижат залповите еден по друг. Некој на прозорецот чука. Мара се заслушува. Чукањето се повторува: Так-так-так! Тоа е некој очајник што бара спас. Мара го отвора прозорецот. Влегуваат две чавки, измрзнати и накострешени. Надвор е страшно време. На небото сонцето одвај се познава. Тоа е бледо и извалкано. Прави очајнички маневри. Се бори на живот и смрт. А ветерот како само тоа да го чекал, – да се отвори прозорецот, да ја подаде некој главата – и ненадејно испраќа едно подруго неколку брзи залпови. Мара покосена паѓа на подот. Илија станува, прави сомнамбулистички движења по собата, но набргу и тој, покосен од еден залп на ветерот, паѓа покрај нозете на Благородна. Оваа е заспана длабоко и ништо не чувствува. Животните пак се вознемируваат. Кучето болно стенка. Мачката мјаука. Стариот штрк плаче како човек. Мара собира сили, станува и бестрашно се впушта во борба со ветерот. Тој ѝ задава страшни удари, многумина би подлегнале – ама таа не се дава, небаре е илјадалетен даб со длабоки корења во земјата. На крајот успева да го затвори прозорецот. Ја спушта завесата. Залповите на ветерот продолжуваат со несмалена жестокост. Нивната главна цел очевидно е станот на Мара. На него се удира од сите страни. Дури по едно време ветерот нешто папсува; дали во недостиг на сили или можеби е предизвикан на некое друго место. Во собата сега завладува тишина. Топло е, дури пријатно; особено пријатно за спиење. – Секуле! – се слуша среде тишината рапавиот глас на Чопела Џганов, но ослабен и полн со фалцети. Секула не му се одѕива. Тој е во негова непосредна близина, тука веднаш зад него во мрачниот агол, со рацете скрстени на градите, решен да остане буден, по секоја цена да му одолее на сонот. Како да чека сите да заспијат, па да преземе нешто, да стори нешто. – Секуле! – пак го довикнува Чопела кој, испружен на фотелјата, му зборува без да го гледа. Секула пак не му одговара. – Кога би засвирил некоја заспивна песна со твојата усна хармоника! По едно време на Чопела му се причинува дека тој започнува да свири. Тоа всушност не свири Секула, туку ветрот кој, сега скротен, испушта угодни заспивни тонови. Таа музика е дополнета и со чисти звуци што Илија, длабоко заспан, ги испушта преку устата. А и мачката, стуткана под една маса, преди. Топло е во собата и пријатно за спиење. Чопела е во полусон. – Дали, Секуле, ти има паднато в очи дека Ангелина, сопругата на стариот фармацеут Лука, има малечка црна бенка на местото кое се вика мускулус примус. Тоа Чопела Џганов го прашува Секула кого не го гледа, но го чувствува зад себе. Тоа, всушност, Чопела никого не прашува, туку си зборува сам со себе. Не чакајќи на одговор, продолжува со многу слаб глас, глас на истоштен човек: Те молам, Секула, кога утре ќе ѝ закажеш состанок во мое име, нека не биде тоа повеќе во оној ќош зад кантите за ѓубре. Па таму смрди! Таму носачите се поганат; исто и разни пијаници и неранимајковци од околните крчми! А и самиот Лука! Го зафаќа нервен плач, но некако бессилен, безизразен, како да му даоѓа од некој заспан дел на неговата свест: – А ние со Ангелина ќе треба да газиме таму, да газиме! Ветрот талентирано свири, Илија го следи, мачката им басира. – Секуле! – нервно викнува Чопела. Секула никако да му се одѕве. – Тука ли си? Знам дека си тука! О, Секуле! – Пссст! – строго го замолчува Секула. – Не баботи, стара пенушко фрлена в оган! Чопела замолчува. Не се јавува за подолго време. Се чини дека е заспан. Ама не е. Него пак го зафаќа нервна криза. Нешто го мачи и не му дава безгрижно да му се пропушти на сонот. – Ами оној белег на нејзиниот богат мускулус секундус? Чека извесно време на одговор или можеби се занесува, па, откога доаѓа на себе, продолжува да блада: – Таа ме уверува дека тоа е трага од мојата волшебна страст. А јас си велам: Да не е тоа, случајно, Чопела Џганов, ситна пакосна одмазда на стариот аптекар кој сака да те нервира? – Не! – си одговара плачливо, со глас на стар, немоќен и понижен човек. – Не! Фармацеутот Лука нема толку силни заби. Тој впрочем и нема заби. Тоа кај него се остатоци од заби, ситни шилести делови што можат само да нервираат. А Ангелина обожава големи, силни заби!... Тој си разговара така сам со себе уште извесно време: па на крајот заспива. Сега заспани се сите, освен Мара и Секула. Мара е потпрена на ѕидот меѓу двата прозорци. Тука е останата по борбата со ветерот. Секула е во мрачниот агол. Мара не го испушта од очи. Таа е опфатена од идејата да го заспие него на својот скут. Само не знае како да го прелаже. А мора да го заспие. Таа е уверена дека тој има намери спрема Благородна и дека сега нејзината будност се јавува као пречка тие да бидат остварени. Мара ја отфла помислата дека може да се работи за нивна заедничка спогодба. Според неа, тоа е идеја на Секула, предизвикана од ова пеколно невреме кое некои луѓе ги тера на пакост и зло. Таа смета дека Секула им припаѓа токму на таквите луѓе. А и Благородна не би одолеала. Тој би ја предизвикал. И тоа токму сега кога нејзините благородни сили, како што Мара очекуваше, на пат се да однесат решителна победа над страстите што беснеат во неа како пред малку стихијата над градот. Во бракот со Илија таа сигурно би се смирила и би доживеала препород. А и Илија со неа. Затоа треба сè да стори за да не се оствари порочниот план што очевидно го сковал Секула. Овој неколкупати омразно ја погледнува како да ги чита нејзините мисли. – Секуле! – го довикнува таа нежно, со шепот. Тој ја погледнува со одвратност. Таа не се обезнадежува. Упорна е. Сè така нежно продолжува да му се обраќа: – Зар нема малку и ти да прилегнеш? Тој молчи. Вилиците му играат од лутина. Го фрла во бес нејзината преправена, лисичја љубезност и нежност. Мара се подместува поблизу до него. – Заспи! – му шепоти со кроток гласец. – Одмори се! Ова невреме те умори. Секула ја погледнува право в очи при што ги напрегнува изразните сили на своето лице за да ѝ каже дека му е крајно омразна и одвратна. – Зошто? – го прашува таа нажалено. – Јас сум била секојпат добра спрема тебе. – Токму поради тоа! – грубо ѝ вели тој заради одмазда. Таа му враќа со благ збор: – Нервозен си, – му вели – уморен. Тебе ти е нужен сон. Луњата те вознемири. Ти подејствува на нервите. – Да! – ѝ вели пакосно тој. – Ми подејствува, ама благопријатно! ... Остави ме намира! Сакам да бидам сам. – Не! – му се спротивставува таа решително, ама се така со кроток глас и со шепот. – Не! – пак му вели и се дополнува: – Ти ќе легнеш на мојот скут! Секула е фрлен во бес. – Ти си луда! Мара не отстапува. – Ќе ти рецитирам стихови – му вели. – Тие благопријатно ќе ти подејствуваат на нервите. – Не ми е до стихови! – бесно и возвраќа Секула. – Сакам да бидам сам! Разбираш ли? Имам потреба да бидам сам! – Не! – упорно му се противи таа, ама со нежен глас. – Ти мора да се одмориш! Ти мора да легнеш на мојот скут! – Зошто на твојот скут?! Во својот бес, Секула се удира в чело. – Ти си луда! –ѝ викнува гласно. – Од тебе зборува некоја скриена еротска желба спрема мене. Зошто да легнам на твојот скут?! Зошто? Последниот збор изречен нервозно, одекнува во собата. Илија рипнува во сонот. Ѕвери со очите наоколу. Ги здогледува Секула и Мара. – А, значи, така?! – им вели. – Се договарате! Ковате заговор! Го бара во џебот боксот. – Не! Не! – строго му забранува Мара како хипнотизер кој има власт над својот медиум. Илија ѝ се покорува. – Заспи! Заспи! – сугестивно му зборува Мара. – И не плаши се! Не плаши се! Благородна е до тебе. Никој нема да посегне по неа. Таа ќе биде твоја верна сопруга! Таа ќе биде мајка на твоите деца!... Ти веќе спиеш! Ти веќе спиеш! Илија ѝ се покорува. Се наведнува и кротко си легнува покрај нозете на Благородна. Заспива. Набргу почнува длабоко да дише и, вдишувајќи го воздухот, да произнесува со устата пријатен свиреж. Мачката има престанато да преде, а и ветерот надвор да дува. Во собата владее длабока тишина. Пријатниот свиреж на Илија уште повеќе ја одразува. Мара ја угаснува свеќата. Во собата настанува мрак. „Сестрата тишина го соблазнува брат ѝ мракот!" – минува една мисла низ умот на Секула. Мара во мракот посега по фотелјата, ја ноаѓа и седнува на неа, угодно се наместува истурајќи го напред скутот. – Ајде! – го довикува Секула. Тој не ја гледа во мракот. Ѝ го слуша само гласот. Ама добро си ја претставува како е навапена. – Ти си маѓесница! – ѝ вели. – Ти си злосторница! Вчера и ја исцели болната уста на мачката, а таа денес изеде ластовиче. Ти си виновна за неговата смрт. Требаше да ја оставиш мачката да пцовиса. Што се мешаш во работите на природата? Тоа што е за пцовисување нека пцовиса! Пцовисај и ти! Ќе се спаси светот од една маѓосница и злосторница! Ти си виновна и за смртта на мојата Разделинка. Си посакала во мислите да умре, и таа умре. Сите злини на овој век доаѓаат од тебе! Твојот дом е ковачница на злото! Денешниот обид да се угасне сонцето е твое дело и на твоите сестри и браќа!! Обраќајќи ѝ се во мракот, Секула силно вика, ѝ се заканува. Ама што корист? Може да вика колку што сака! Неговиот отпор е веќе скршен. тој е совладан. – Легни на мојот скут! – благо го поканува Мара. Тоа всушност не е покана, тоа е заповед. Секула истиот момент послушно се упатува кон неа. Ја бара во мракот. Неговата рака наидува на нејзината. Таа благо го повлекува кон себе. Тој првин се спушта на колена, потоа ја навалува главата на нејзиниот скут. – Заспи! Заспи! – му шепоти Мара и му ја милува главата. На Секула му оптежнуваат клепките и заспива. Мара е задоволна. На усните ѝ игра насмевка. Ама се чувствува и уморна. Чувствува како и неа ја навалува сонот. Оддалеку некаде допира песна на мома. Надвор ветерот сосема престанал. А и Илија спие кротко. Не се слуша дури дека дише. Од никаде никаков шум. Над огромното пространство завладеала длабока тишина. И среде тишината песната на момата. Мара помислува: „Боже. од каде ли доаѓа оваа песна? Да не ја слушам, насоне? Не. Не сум заспана. Во близината има кафеана, но овој глас што протестира не доаѓа оттаму. Тој доаѓа оддалеку, од некое поле. Некоја жетварка пее. Ама ова не е песна! – си мисли Мара. – Тоа е остар грлен глас, преполн со болка, што го пара небото!" Мара не сака да заспие, ама никако не може да му одолее на сонот. „Добро е што ја спасив Благородна од порокот. Ја зачував за Илија. А и него за неа." Тоа е последната мисла што ѝ минува пред да заспие. Заспива со насмевка. ЕПИЛОГ Секула се разбудува. Тој знае дека спиеше кратко. Ама сè е доцна. Веднаш знае дека е измамен, дека се сите измамени. Него всушност измамата што се случи и што сè уште се случува го разбуди. Скокнува. Ја зафаќа со поглед собата. Внатре сега може да се гледа, зашто преку теснатинките од завесата продира силна светлина. Благородна ја нема на нејзиното место. Го нема ни Величко. Точно како што претпоставуваше. Сите други спијат во длабок сон. Внатре е загушливо. Воздухот е смрдлив и влажен од здивовите и испарувањето на животните кои, онака заспани, оддаваат впечаток како да се заклани. Илија се превртил на плеќи и ги раширил рацете. Еден бел зрак чиј извор не може да се одреди, остро и вертикално паѓа на неговото грло и длабоко се забива во него. Чопела во сонот прилега на мртовец, со отворена уста и со небаре од гавран ископани очи. Мара силно ги стегнала устите. По нивните краеви има пена. Остава впечаток на отруена овца. Благородна и Величко ги нема. Нивните места се празни; но се чини дека сè уште се топли. Изгледа скоро ги имаат напуштено. Секула брзо се упатува кон претсобјето. Ама ја наоѓа вратата заклучена. Претпоставува дека одземен му е калаузот на Илија и дека вратата е заклучена однадвор. Со еден силен но мек удар со рамото тој ја отвора вратата и веднаш се наоѓа во претсобјето. Се заслушува. Од тоалетот допираат шумови. Секула погледнува низ клучалката. И ги забележува внатре двајцата: Благородна и Величко. Изгледа дека штотуку се влезени. Секула се враќа да го разбуди Чопела Џганов. Настанува тревога. Разбуден е и известен и Илија. Нешто подоцна и Мара. Ама сè се прави така да не се предизвика врева. Разбудени се и сите животни, птици и инсекти, вознемирени се, ама и тие не вреват. Се живо е на нога. Се знае дека нешто треба да се преземе. Ама што? Илија е збркан. Тој не знае што треба во оваа ситуација да прави. Чопела го зема под рака како погоден од несреќа и го поведува во претсобјето. Илија му се покорува. Чопела сака да ја поведе и Мара, ама таа одбива. Мара останува во собата сама, со животните. Од претсобјето не доаѓа никаков шум. А таму нешто се случува. Како да се изведува некој обред во потполна тишина. Некој може да плаче, дури и неутешно, но не смее гласно за да не ја наруши тишината. Надвор е сега необично светло и јасно. Сонцето има победено. Виделината што доаѓа од него блескотно и топло продира преку цепнатинките од завесите. Времето минува. Се слуша како минува, како бавно тече. Пополека се отвора вратата и внатре влегува Чопела. Со бавни чекори, би се рекло свечено, тој ѝ се приближува на Мара. Таа стои исправена среде одаја, потоната во себе. Многу од нејзините животни ја имаат заобиколено. Ушко ѝ е чучнат до сам нозете. Правдата ќе биде задоволена! – ѝ вели Чопела. Мара не му обрнува внимание. Таа тони во себе. Таа живее со својата тага и горчина. – Можете да ги фатите на дело! – продолжува Чопела. – Со свидетели. Тие се пикнати в нужник. Илија не го симнува окото од клучалката. И неутешно плаче. Одвај ми позволи за кратко да ѕирнам и јас. Прегледот е одличен! Можете да сметате на мене како на свидетел. Чопела ѝ се поклонува на Мара и се повлекува. Пак настанува тишина. Времето си врви. Бавно си врви, бесшумно. Мара почнува да доаѓа на себе, да надникнува плашливо од своите дамари. Нејзиниот повраток ги радува животните. Петелко кукурикнува од радост. Малечкиот Ушко скока. Мара го опфаќа со нежен поглед. Ама тој сака да ѝ изнуди и насмевка. За таа цел се превртува преку глава, мрда смешно со ушите и прави други смешни движења. Мара не може да не го задоволи. Нејзиното лице грејнува со насмевка. Тоа сосема ги развеселува животните. Сега Мара ги тргнува завесите и ги отвора прозорците. Надвор е тивко, свежо и пријатно. Пладнето одминало. Сонцето завртило зад еден солитер. Сите животни, птици и инсекти преку прозорците излегуваат в градина. Нивните движења се бодри, радосни. Некои од нив – пчелите, на пример, или бумбарите ги зафаќа луда радост, па не знаат како да се изналетаат. Петелко се качува на оградата и пее. И Мара решава уште веднаш да излезе в градина. Фуртуната оставила последици – испокутнати садови со цвеќиња, испокршени гранки, испопаднати лисја. Треба градината да се донесе в ред. Излегува. Во претсобјето наидува на тишина. Како на бојно поле по битка. До вратата од тоалетот го забележува клекнат Илија – како ранет војник, слеп, што проси милост пред црква. Вратата од тоалетот е отворена. Внатре нема никој. И во претсобјето нема друг, освен Илија и кучето до него. Тој ја има испружено раката, подадена спрема нешто што му побегнало. Замислен е, зафатен со своите големи грижи, со својата несреќа, со својата беда. Мара поминува, покрај него, се наведнува, му ја фаќа раката и, без нешто да му проговори, кратко му ја милува и одминува. По тој допир на Мара, Илија, како да доаѓа на себе, си ја прибира раката. Потоа станува и излегува. Кучето го следи. По скалите ечи одмаздничката смеа на секретарот на Куќниот совет, Ситниџиев. Таа негова смеа Илија воопшто не го засегнува. Тој излегува на улица. Марко верно го следи. Пред влезот го пресретнува Методија кој длабоко му се поклонува. Илија ниту го забележува. Тој оди по тротоарот кој е преполн со луѓе. Оди така без да знае каде. Кучето го следи. Оди така кога одеднаш пред него излегува млада жена. Таа потресно викнува: Брате!! Потрчува кон него и го прегрнува цврсто. Плаче. И Илија ја гушка нежно. Таа го зема потоа под рака и двајцата заминуваат нагоре по тротоарот. Кучето не ги следи. Тоа со разнежен поглед и со најдобри желби ги испраќа братот и сестрата. Од гурелавите очи му капнува по некоја бистра солза. Потоа се завртува и, мушкајќи се меѓу луѓето, се враќа назад. Како што наидува од една споредна улица во силен трк, еден снажен млад човек се судира со Илија. Тоа е Величко. Кога констатира дека се судрил со оној од кого бега, надава грозен вик, се свртува и, во намера што побргу да побегне, а од збунетост не можејќи правилно да се ориентира, силно удира в ѕид; главата му ѕвекнува, паѓа, ама веднаш станува и побегнува назад. Тој деноноќно ќе трча така по улиците на градот обѕрнувајќи се наназад, додека не го приберат в лудница или додека не го згазне некое моторно возило. Благородна е веќе во близината на хотелот „Слобода". Таа сè уште е во занес. Како убиец опијанет од крв. Подоцна ќе ја зафатат ужасни душевни страдања. Сега душата ѝ е глува и нема. Чекори мирно, лесно, достоинствено. Како и секојпат. Ништо не прави намерно за на околината да ѝ ја наметне својата женственост. Но таа ѝ се чувствува на големо растојание. На чекор зад неа оди Чопела Џганов. Од Секула нема ниту трага. Не се знае каде е. Бидејќи тој нема ниту мајка ниту сестра, кој ќе се заинтересира каде е? Дали ќе го побара воопшто некој? Секако, Мара. Таа ќе го пушти кучето Марко да го бара. А бидејќи Марко има силно развиен слух, ќе ја чуе свирката на неговата усна хармоника. И сè додека кучето ќе го бара, таа ќе одгледува надеж дека ќе го пронајде жив и здрав. Писателот Чуле со тефтерот под мишка брза кон домот на Мара. Брза како што брза полициски инспектор на лице место од некое злосторство за да ја затекне положбата непроменета Патем, на едно место сепак е принуден да застане за со другите луѓе затечени таму да му оддаде последна почит на некој граѓанин што станал жртва на фуртуната. Обично тоа се стари и изнемоштени луѓе кои ветерот ги удрил во некој ѕид или пак самите се засолнале во некој ќош и таму умреле. Сега се откриваат по градот и со мртовечки коли им се разнесуваат на нивните домашни. Кога Чуле доаѓа во домот на Мара, веднаш се дава на работа. Ги иследува сите соби, ама најмногу се задржува во тоалетната просторија. Овдека го душка со носот воздухот. Прозорчето е отворено, дувка ветерче и внесува свежина, ама уште мириса на парфем и уште долго ќе мириса. Чуле длабоко го вдишува со носот тој мирис и пишува во тефтерот. Каков е тој опоен мирис да ја наоѓа својата инспирација. Перото од неговото стило како птичји клун се подотворува и со огнено јазиче ја жари хартијата. На некои места испушта мали пламенчиња кои лесно можат да вивнат во пожар и да ја изгорат хартијата со сè она што е напишано на неа. Ама тоа сепак не се случува. Има вода Чуле и не дава да изгори жетвата. Инаку, работата му е очигледно многу тешка. Со силата на својот талент тој сака да продре во тајната смисла на животот. Прави ужасни гримаси. Води борба и со времето. Оптоварен е со идеи. Идеи! Идеи! Постојано се плаши да не му побегнат, да не не ги забележи такви какви што му болснуваат во главата; да не не им ја дофати длабината; да не не им ја дофати врската со другите идеи, како и со општата, главната идеја – онаа што му е ѕвезда водилка. Незадоволен е и од изразната сила на зборовите кои никојпат најточно и најцелосно не му го изразуваат она што му го содржи мислата. Ветрето однекаде носи песна. Тоа Мара пее, следена од некој величествен хор. Чуле погледнува преку прозорчето. Ја забележува како ги засукала ракавите и ја уредува градината. Ѝ помагаат животните, птиците и инсектите. Околу неа едно сосема малечко голо дете со кадрава коса си игра со јагнето што утрово беше заклано во градината. Детенцето е уште неродениот син на Мара што е зачнат во неа и што допрва треба да се роди. Над градината летаат гулаби и духови на луѓе, на животни и на птици. Некои од гулабите слегуваат на рамената од Мара. Некои од духовите свират на харфи и на гитари. Сите заеднички пеат. Пеат некоја величествена свадбена химна. Од сите гласови се изделува ѕвечливиот глас на Мара кој се шири по вселената. Така писателот гледа. А не е така. Во градината нема духови. Ниту голо дете со руса кадрава коса кое си игра со јагне. Ниту животните, пак, ѝ помагаат на Мара во работата. Ниту гулаби ѝ слетуваат на рамена. Ниту се слуша некоја величествена свадбена химна. Ништо од сето тоа! Во градината е мирно. Мара ги отстранува последиците од луњата и тивко си пее: – Лет, лет, лет од цвет на цвет, со лесни крила пчеличке мила! Во овој радосен свет собирај, собирај мед! Тоа е. Ама писателот Чуле гледа поинаку. И не со злоба. Тој не е лош човек. Она што го гледа уверен е дека е единствената вистина. И пишува дали пишува!